Sunday, June 21, 2015

Жива рана


Фебруари 6, 2015



     Пак ли да пишувам за својата си човечка природа во која секогаш паѓам? Не знам дали некогаш ќе се излечам од гревот, и страстите кои што одамна се вкотвени во мене. Одговор немам, а и не сакам веќе да догодувам зашто секој пак кога мислам дека сум подобар, следниот ден ќе паднам. Буквално секој пак тоа ми се случува. Се чувствувам како посрамен, идиот кој што самиот бега од Бога и не сака да битисува со Него. Зошто така се случува? Зар искушенијата се посилни од нашите сили, па не можеме да ги скршиме? Овде има само еден одговор: не се посилни од нас, туку ние им се насладуваме и уживаме во нив. Овде мислам на страстите од кои што сите ние страдаме. Големата човечка рана, ќе остане да гние во човекот и колку и да се лекува, само го подзабавува процесот на распаѓање. Следствено на тоа, со мирисот на живата рана човекот го живее својот век.
Јас умирањето не го разбирам само кога човекот ќе ги затвори очите, ќе ја изгуби сета сила во своето тело, и ќе го изпушти последниот воздух, туку и умирање од слепост на своите гревови. Да, ова умирање е пострашно од она природното, зашто ова со телото е умирање за воскресение, додека пак она другото е за побигел. Дали ќе си ги спасуваме душите, или телата, тоа нам Бог ни го остава да избереме. Неодамна, прочитав дека за душата која Бог ја создал, луѓето подзаборавила, а си измислија некаква си своја. Точно. Еве уште една болна и заслепена реалност денес. За ова, дотука ќе пишувам.
Големиот германски философ Кант рекол дека човекот е чуден. А што, зар не е? Не честопати, туку многупати, ние самите си го изветоперуваме својот живот и го замрзнуваме она кое Бог ни го дава. Завеани сме од пороците а како резлутат од тие ни доаѓаат страдањата. Ете ја живата рана која не јаде! Мислиме дека подоцна во животот ќе го одмрзнеме и ќе се ползуваме (од благодатта, талантите), но тоа е кристална заблуда. Дојде време кога почнавме да се пазаруваме со Бога, па уште и услови да му даваме. И зар не сме полоши и од скотовите? Барем тие го зимаат она кое им е дадено и живеат според тоа.
А љубовта? Зар не е таа јазик зборуван од сите, но разбран само со срцето? Ох, Господи, зар потребни ми се слова, ако во нив не живее љубовта? Сум со желание, а и време е, да почнам да го барам изгубеното, она од кое се оддалечив. Да го пополнам празното во мене, за болката гревовна да ја тргнам, тој воденички камен кој ми е обесен на вратот и ме потопува во морето. Не се плашам ако потонам, туку заради што ќе тонам. Заради живата рана, заради тоа невреме! Матност ја покри душата. И не само тоа, туку таа рана ја испревртува сликата на внатрешното и надворешноста смрди и уште што не почнала да гние. Ги сакам тунелите. Тие се симбол на надежта. Некогаш повторно ќе биде светло, освен ако веќе е ноќ. Имам потреба за правилно да ги подредам нештата. Кон никого не покажувам прст, но за себе си ќе речам и ќе си речам: кога би одел по Христа не со заврзани очи, туку со разумност и вистинско познание на Познатиот, тогаш мислам дека преобразбата од стариот (грешен) во нов човек ќе започне. За сега немам со што да се пофалам, освен со гревовите кои ги влечам по мене. Имам потреба за правилно да ги подредам нештата.

No comments:

Post a Comment