Сеќавања на Николај Масенков за
свети Јован Шангајски и Сан Франциски, Чудотворец
( Сите права се задржани од преведувачот.
Без негова дозвола не смее да се копира или објавува на друго место овој текст! )
Во
1988, на бината на главниот олимписки
стадион во Сеул (Кореа) се појави да пее
руски пеач. Гласот на Николај Масенков
беше слушнат од светски спортски ѕвезди
и од публика на број до девет илјади, и
на многу телевизиски преноси низ целиот
свет. Заедно со својот ансанбл, Масенков
бил поканет да ја претстваи руската
култура. Во 2007, Николај беше награден
со лаворов венец на Првиот интернационален
Руски фестивал на Песни во Москва. Згора
на тоа, неговиот животен пат од Русија,
заврши во Шангај, каде што живеел и
пораснал во детскиот дом “Свети Тихон
Задонски,” и потоа во Сан Франциско. Во
далечната 1940 год., кога голем бран на
руси емигрираа во Кина, Бог ја зема
судбината во Свои раце на малиот Николај,
како и на многумина такви како него, со
тоа што им го прати Неговиот слуга и
нивен духовен отец, Свети Јован Шангајски
и Сан Франциски чудотворец.
Николај
Иванович ги чува своите спомени од
човекот кој што му даде можност да чекори
од “Шангајските улици, на бината на
Олимпискиот стадион.” Во куќата на
Николај, во салонот, има пијано, а на
него стои фотографија од свети Јован
Шангајски и Сан Франциски и книга,
составена од протоереј Петар
Перекрестов. На неговиот домашен
иконостас, исто така, стои икона од свети
Јован, веднаш до иконата на Богородица
и до Исус Христос. Секое утро,
Николај Иванович оди таму за да добие
благослов од овој светител, наоѓајќи
утеха дека “Владика е секогаш овде.”
Николај
Иванович, како дојдовте во домот “Свети
Тихон Задонски” во Шангај?
Николај
Масенков: Моите
родители, Марија Масенкова и Иван Романов
емигрирале од Русија во Тјанцзин (Кина)
во почеткот на 40тите. Татко ми го изгубив
многу рано, и мојата мајка, обична руска
жена, без образование, беше оставена
само со три деца. Во Тјанцзин имаше
поплава и се преселивме во Шангај. Мојата
мајка немаше сили да не чува. Немаше
каде да живееме. Се сеќавам како спиев
на бетон под отворено небо. И така, мојот
прв брат Борис со нашата сестра Тамара
и јас завршивме во домот. Тогаш јас имав
две години. Домот беше преполн и немаше
место и мајка ми долго му пишуваше на
Владика за да не земе во домот. Кога
мајка ми не донесе во дом, мене не можеа
да ме одделат од нејзините алишта, но
на крајот, малку по малку се навикнав.
Еднаш избегав од домот и ја најдов мајка
ми на улица зашто немаше каде да
живее. Така што, со тоа што Владика ме
зема во домот, навистина ме спаси од
живеење по Шангајските улици.
Кои
се Вашите рани детски сеќавања од свети
Јован?
Николај
Масенков: Прво
нешто кое ми доаѓа на ум е Катедралната
црква во Шангај: раната неделна литургија,
две редици на деца – девојчињата од
десно, а машките од лево, трите олтари
во црквата, а Владика стоеше од десната
страна кај малиот олтар. Во едната рака ја држеше својата архиерејска
патерица, а во другата рака книга. Тој
е торжествен, вдахновен...
Црквата и домот беа нашиот цел свет.
Службите, молитвите, постите – сето ова
беше природно за нас. И ние чувствувавме
дека Владика беше глава на сето ова.
Беше
Владика строг?
Николај
Масенков: Тој
бараше да има дисциплина и ред во црква.
Никогаш не зборуваше за време на служба.
Доколку некој се однесуваше лошо, можеше
да добие малку ќотек, но од воспитувачите,
не од Владика. Еднаш, бев повикан за да
ме тепаат, но им беше жал за мене и ме
оставија. Мислам дека Владика се заложи
за мене и ме оставија.
Николај Иванович, Вие прислужувавте
со Владика во олтар. Што чувствувавте
во тие моменти?
Николај
Масенков: Јас
бев многу мал кога Владика ме одбра за
да прислужувам. За мене тоа беше благослов
и голема радост. Чувствував блискост
кон тоа таинство кое што се случуваше
во олтар. Владика служеше торжествено,
со благодат. Секој негов возглас и
молитва беа вдахновени и се сеќавам на
внатрешното чувство на духовна
радост. Одеднаш се случи нешто непријатно со мене:
Често мене ми се паѓаше да го облекувам
Владика. Јас немав искуство од тоа и
кога ги видов сите копчиња од одеждите,
омофорот, станав нервовен и сè
испомешав. Згора на тоа, за работата да
ја направам уште по сложна, бев низок и
неможев да достигнам до рамењата на
Владика. Во меѓувреме, службата беше во
процес а Владика не сакаше да зборува
за време на служба. Најмногу што ќе
направеше, само ќе климнеше со глава за
да ти го даде своето внимание за нешто. Најпосле,
некој од прислужниците дојде и ми
помогна. Фала Му на Бога беше литургија
за време на работен ден преку неделата, па
немаше многу луѓе и не го забележаа
доцнењето на службата.
Вие исто така пеевте во црковниот хор?
Николај
Масенков: Владика
ги проверуваше сите за да види кој може
да пее во хорот и ме одбра и мене. Ова
беше најголем благослов за мене. Во
пеењето во црковниот хор, се појави
љубов во мене кон пеењето. Владика имаше
свои очекувања од нас. Тој не очекуваше
толку многу од помалите деца, но јас и
брат ми бевме во поголемата група каде
што ги учевме црковните песнопенија и
тропари. Пред служба, Владика се јавуваше
во домот и проверуваше дали сите пејачи во хорот го знаат правилно гласот на
тој ден или недела, како и тропарите на
светителите.
А какви беа проповедите на Владика?
Вистина ли е дека било тешко да се
разбере?
Николај
Масенков: Во
неговите проповеди, Владика секогаш
опширно го толкуваше читањето на
апостолот на тој ден. После службата,
за време на ручекот, тој ќе дојдеше кај
нас и ќе не запрашаше: “Николај, ќе ни
раскажеш ли за денешното читање од
апостолот?” Тој не проверуваше. Сакаше
сè
да знаеме. Да, понекогаш Владика беше тешко да
се разбере, но за мене неговата
нејасност не беше многу важна. Во крајна
линија, човек може да разбере италијанска
опера без да го знае јазикот. Неговото
говорење... беше свој вид на духовна
музика кој што човек може да ја разбере
преку гласот, настроението и вибрациите.
И тоа беше доволно за да ја разбереме
смислата и значењето на сè
– на православието, богослуженијата,
црковните празници. Кога го слушаш
срцето и душата, го разбираш она кое е
главно. Затоа проповедите на Владика
беа така силни, убедителни и не оставаа
никакви сомненија за нас, децата, туку
истите беа многу ефективни за нас. Ова
е голема реткост.
Имаше ли Владика Јован особен пристап
кога доаѓаше кај децата?
Николај
Масенков: Се
сеќавам на неговото благо лице и на
неговите очи, полни со љубов. Владика
секогаш ни пристапуваше со насмевка,
со хумор. Тој знаеше да каже на некој: “
Денес нема да одиш на игранка. Треба да
одиш во црква.” Но тој ова ќе го кажеше
со насмевка, шегувајќи се и на добронамерен
начин.
Во црква беше строг и торжествен, а со
децата беше сосема друга личност. И
покрај тоа што Владика секогаш беше
облечен во мантија и носеше клобук
[пана-камилавка] и архиерејска патерица,
тој беше поинаков. Со својот карактер,
знаеше да не плени, да ги освои нашите
срца и да не насмее. Ние уживавме во тоа.
Ја чувствувавме неговата радост и таа
радост беше како инфекција. Односот на
Владика кон нас беше како на родител со
свое дете. Тој ни даде љубов, која нам,
децата од домот, очајно ни недостигаше.
Децата кои прислужуваа во олтар, можеа
да го посетуваат Владика во неговата
ќелија. Прво, кога ќе влезеше во ќелијата, Владика, после службата, паѓаше
на колена пред иконите и се молеше.
Потоа, за нас од својот џеб ќе извадеше некоја
паричка или ќе земеше подарок и ни даваше. Ние се чувствувавме збогатени
со тоа што бевме покрај него. Секогаш
околу Владика се чувствуваше радост и
љубов.
Кои беа Вашите нај-јасни моменти од
Владика?
Николај
Масенков: Во
време на тие тешки денови, кога немаше
доволно храна, Владика секогаш се молеше
на колена и ќе стореше сè
што можеше за децата да бидат најадени.
Нашиот доручек беше минимален, парче
леб и чај. Подоцна добивме овес [вид на
житарници] и рибино масло. Некои од
децата растеа со слабо здравје. Јас бев
таков. И еднаш се најдов во еден дом за
деца со слабо здравје.
Сите заедно јадевме во трпезаријата,
седејќи на една голема маса која стоеше
на средина. Долг период имавме кулич
(вид на руски благ леб). За време на ноќта,
едно од децата кришум зема еден кулич
и го изеде целиот. Подоцна се откри дека
тоа било девојка која го стори тоа, но
отпрвин ме наместија мене. Јас почнав
да одрекувам, но една од воспитачките
ме однесе во бањата, ја пушти водата и
ми рече: “признај или ќе те удавам.”
Јас, секако ја земав вината на себе.
Понатаму, Владика дојде и воспитачите
му се жалеа од мене. Владика ме погледна
смирено, без да ме искара или да ми рече
нешто. Тој знаеше дека тоа беше време
на глад и не можеше да се обвинуваат
децата, дури и доколку тајно изеле цел
кулич. Владика секогаш ги разбираше
децата.
Подоцна Вие живеевте со Владика во
Сан Франциско, во домот “Свети Тихон
Задонски,” лоциран на 15та Авенија. Како
ќе го опишете овој период?
Николај
Масенков: По
евакуацијата од Шангај, две години
живеевме на Филипинскиот остров Тубабао
и од таму, Владика зема со него околу
триесет деца во Сан Франциско. Јас имав
единаесет години кога дојдов во Сан
Франциско. Кога пораснав поголем, почнав
да одам на балови. Еднаш, кога се вратив
дома доцна, по полноќ, го видов Владика
како се моли на колена во црквата во
домот. Се почувствував непријатно и
лазејќи, тивко почнав да се качувам
нагоре од задните скали. Подоцна, тој
секогаш доаѓаше во нашите соби и не
благословуваше.
Моите спомени со Владика се кога тој
седеше на масата, работејќи на машината
за пишување, или молејќи се на колена
пред иконите. Не помина долго време,
Владика замина за Европа, и потоа остана
таму.
Јас
живеев во домот на 15та Авенија сè
до 1961 год. Обично, по завршувањето на
школо, децата го напуштаа домот, но мене
ми дозволија да останам зашто јас го
водев хорот во таа црква.
Николај Иванович, Вие имате постигнато
многу во Вашиот живот. Имавте изведба
на сцената во Карнегиската сала, на
Станфордскиот университет како и на
главниот Олимписки стадион во Сеул. Ќе
речете ли дека Вашата судбина и успех
се должи на Архиепископ Јован?
Николај
Масенков: Благодарение
на Владика, јас почнав да пејам во
црковниот хор и оттогаш почнав да добивам
чувство за музика. Еднаш, Владика дојде
кај нас горе во соба (во домот “Свети
Тихон Задонски), и не праша што сакаме
да бидеме кога ќе пораснеме. “Пејач,”
- јас му одговорив, а на ова Владика се
насмевна и ништо не рече. Кога почнав
да учам музика, Владика веќе беше во
Европа. По моето завршување на
универзитетот, требаше да изведам соло
рецитал, нешто како мал концерт. Истиот
беше објавен во весник, и веројатно
Владика го прочитал тоа. Ми напиша писмо,
во кое што ми честиташе за мојата изведба.
До денес го чувам тоа писмо. Неодамна,
го водев водев хорот во црквата свети
Јован Крстител во Бркли. Таму има две
жени кои пејат во хорот, Зоја Мигал и
Шура Аненкова. Истите се штитеници од
домот на Владика Јован. Ние се трудиме
да го следиме она на кое што тој не научи
– да не ја забораваме црквата.
Владика ја надмина земјата. Тој имаше
таква длабока вера и љубов! Јас не сум
му благодарен само за тоа колку добар
стана мојот живот. Јас сум негов син. За
друг татко јас не знам.
No comments:
Post a Comment