Wednesday, July 1, 2015

ТОГАШ И ЈАС ЌЕ ОДАМ СО НИВ ВО КУЈНА!

Јули 27, 2014
во салата на Катедралната Црква
“Радост на сите ожалостени”



( Сите права се задржани од преведувачот и авторот.
 Без негова дозвола не смее да се копира или објавува на друго место овој текст! )





Сеќавања на Николај Лукијанов за
Свети Јован Шангајски и Сан Франциски







Како владика Петар, така и неговиот постар брат, Николај Лукијанов биле удостоени да го познаваат св. Јован и да црпи поученија од неговиот свет живот. Летото 2014то, додека бев во Сан Франциско, се сретнував со живите сведоци на св. Јован. На 21 Јули, 2014 Бог отвори пат да отидам во манастирот Св. Герман Аљаскикнски во Платина, каде што е гробот на отец Серафим Роуз. Претходно, имав силно желание да отидам, но немав можност затоа што дистанцата од Сан Франциско е голема. Отец Петар, кој што е свештеник во Катедралната црква посветена на Пресвета Богородица-Радост на Сите Ожалостени, знаеше за мојата желба. Во неделата на 20ти Јули, свештенодејствуваше божествена литургија со еден свештеник од Русија, отец Андреј, кој беше дојден да се поклони на светијовановите нетлени мошти. По литургијата, отец Петар се обрати кон народот и праша дали некој е со план да оди во Платина, или пак благоизволува, да го однесе гостинот од Русија на еден ден за да го посети манастирот и да се поклони на гробот на отец Серафим. Јас кога го слушнав ова, му реков на отец Петар доколку не најдат некого, можеме да рентаме автомобил и јас ќе го однесам. Истиот ден, попладне, отец Петар ми кажа дека Николај Лукијанов ќе го однесе и доколку сакам да одам со нив, да го прашам. Со нетрпение поитав во храмот, долу во салата каде што Николај се наоѓаше. Тогаш за прв пат го запознав и го прашав дали може и јас со нив да отидам. Добив потврден одговор.
Утредента, пред да тргнеме, додека се уште бев во соба, помислив дали тој го познавал св. Јован зашто отец Петар ми кажа дека тој му е брат на владика Петар кој што пак му беше ќелијник на св. Јован одредено време. Пред да тргнеме, го прашав на што тој ми рече: “О да, многу добро го познавав св. Јован.” Многу се израдував и му реков дека сакам да ми раскаже повеќе за своето искуство со владиката. Патем и отец Андреј му го постави истото прашаше и додека патувавме во автомобилот, со часеви тој ни раскажуваше за големиот чудотворец од нашите времиња, св. Јован.
Николај Лукијанов потекнува од семејство кое многу добро го познаваа св. Јован уште од Шангај и потоа во Сан Франциско. По падот на царска Русија и со завладувањето на комунизмот, неговите родители биле принудени да имигригаат во Шангај каде што беше создадена бројна руска колонија на емигранти. Роден е во Шангај, а кога неговото семејство се пресели од таму во Сан Франциско, тој беше на возраст од 5 години а кога св. Јован се упокои, Николај имал 26 години. Во Сан Франциско дошол со неговото семејство во неговата шест годишна возраст. Тој и неговото семејство беа една од групите кои не живееле на Тубабао, туку веднаш дошле во САД. Оние кои не можеле да дојдат, мораа да се евакуираат на Тубабао.
Тоа 2014 Лето Господови, по раната литургија1 се спуштивме долу, во салата каде што тој несебично одвои од своето време за да ги сподели своите спомени и сеќавања од владика Јован со македонскиот народ. Разговаравме долго и од неговата уста слушнав многу лични доживувања. Овие се дел од оние кои сметав дека треба да бидат објавени.
Долги години тој бил староста2 во катедралниот храм како и денес и тогаш, за време на неговата позиција во храмот, секоја недела пристигнувале многу писма, адресирани за св. Јован, за истите да бидат ставени под неговиот кивот. Едно од нив било од еден осуденик од затвор од Аризона:
Николај: Пред десет години примивме писмо во црквата, адресирано за св. Јован. Всушност, секоја недела стигнуваа многу писма, дваесет до триесет, дури и денес. Кога јас бев староста, доколку писмото беше адресирано до црквата, јас го отварав и го читав, а ако пак писмото беше адресирано до св. Јован, го отварав затоа што понекогаш луѓето испраќаат пари или имиња за молебен или за на проскомидија и ги вадам од плико. Но доколку во нив имаше лист со писмо, никогаш не го читав, туку го ставав под кивотот со моштите. Знаеш, долу под кивотот има простор каде што луѓето останаат записички3 и писма.
Едно писмо кое што пристигна, беше адресирано до владика Јован, така да не го читав, но што задржав беше пликото затоа што адресата од каде што беше испратено беше од затворот од Аризона со името на затвореникот и затворскиот број и ознака која означуваше дека тој затвореник наскоро ќе биде осуден на смрт. Сè беше во зависност кога ќе одлучат во судот. Понекогаш тој процес е дваесет до триесет години, барем во Калифорнија, колку што знам. Подоцна го прашав својот син да го побара тој затвореник на интернет и да види што се случува. Овој човек бил осуден за многу страшно злосторство: едно во Лос Анџелес и друго во Аризона каде што наводно се нашол виновен за измачување на две деца, машко и женско. Не знам точни детали. И потоа кога следниот пат повторно гледавме на интернет, неговиот случај бил обновен затоа што се појавиле нови докази од сведоци дека тој бил на некое друго место кога се случило злосторството. Очигледно кога ќе го најдат виновникот, многу луѓе се задоволни затоа што правдата е задоволена, но во овој случај ова се случи. Понатаму не знам.
Тој е православен – го прашав.
Николај: “Не, колку што знам не е православен, но напиша и испрати писмо на св. Јован.
Понатаму, кога се возевме со владика во автомобил, или го возевме, често му поставувавме различни прашања. Едно од нив кое го прашувавме повеќе пати беше: каква е иднината на Русија. Значи зборувам во времето 1955-1960, шеесет години наназад. До денес многу јасно ги паметам неговите зборови: 'Доколку Русија се покае и се врати кон православните корени, таа ќе востане во поголема слава од што била'.
Јас лично не сум го видел да седне и да чита весник или да гледа телевизија, но секогаш знаеше што се случува. Не велам дека не читал. Веројатно читал понекогаш, кога имал време, но јас го немав видено. Не се сеќавам да сум го видел надвор од црквата, освен да се моли, да посетува болни, на состаноци, или да биде со луѓе луѓе кои доаѓаа да го посетат. Овие се пет работи кои тој ги чинеше. Не се сеќавам да отишол на Russian River4 да одмори на неколку дена и сл.
С.А: Кога зборувавме, во автомобилот, вие рековте дека Св. Јован се упокои на седумдесет годишна возраст. До тогаш, никогаш не сум го виделе да одмара и сл?
Николај: Тоа е апсолутно вистина. Понекогаш сакам и јас да одморам, напијам една чашка вино, да се опуштам, гледам телевизија. Јас никогаш не го видов едно од овие нешта да ги прави. Дури е секој ден со состаноци, примање луѓе, јас би бил екстремно изморен. Нешто малку кога правам овде, се уморувам. Сето тоа за него беше човечка издржливост5, за она што можеше да го прави, дури и не спиеше во кревет. Поинаку не знам како кажам. Тоа е нeприродно- да се откажеш од тоа, да се победи себе си6 и да рече: 'ќе го сторам тоа'.
С.А: Неколку пати слушнав од луѓе кои зборуваат дека св. Јован со тоа што не носел обувки, бил јуродив, што тоа не е вистина. Вашиот брат, епископот Петар минатата година во Западна Вирџинија во манастирот на Светиот Крст го потврди истото. Прво, Св. Јован никогаш не спиел на кревет и заради тоа му се појавија проблеми на нозете, а не затоа што намеруваше да биде јуродив.
Николај: Апсолутно не. Тој како владика навистина го задржа својот ранг високо. Тој го почитуваше тој ранг и очекуваше останатите исто така да го почитуваат. Не се работеше на лично “јас”, туку за архиерејскиот ранг. Понекогаш луѓето тоа не го разбираат. Владика беше долу на земјата, обичен, едноставен7, и никогаш не прашуваше или бараше нешто посебно да јаде и сл. Едно нешто на кое се сеќавам, специјално кое што Владика побара беше топол чај. Ова е нешто кое не можев да го разберам: ќе побараше голема чашка чај, и беше премногу топол8. Но никогаш не рече 'сакам ова или сакам она'. Никогаш.
С.А: Вие прислужувавте во олтар со св. Јован често. Тој по литургија не зборувал веднаш, туку подоцна, по некое време. Може ли повеќе да ми кажете за ова?
Николај: Тој беше како во пламен. Му требаше да се смири, да се олади, ако може така да се изразам. Буквално cool off. Тој беше така многу во постојана молитва како...знаеш како малите деца кои седат во некој агол и не гледаат никого наоколу, занесени во својата детинетост. Исто беше со Владика. Кога тој се молеше, беше неверојатно да го видиш, но по литургијата, особено на крајот, му требаше време да се “олади” пред да го продолжи денот. Знаеш дека по литургијата не му приоѓаш и да го прашаш нешто. Ние кои прислужувавме, тоа го знаевме. Тоа беше неговиот начин на соземање9. Потатаму ќе се поклони и целива различни икони и по десет – петнаесет минути ќе го видиш како е, најдобро да се опише, “оладен”. Тој беше толку фокусиран и оддаден на литургијата, што отпосле му требаше време.
С.А: Потполно верувам во ова. Исто така, како прислужник во олтар, еднаш ми кажавте една интересна ситуација за време на ручеците по литургијата кога Св. Јован нема да седне се додека за вас не направат место.
Николај: О да, кога и да одевме на некој престолен празник10 во некој храм, ние како прислужници го придружувавме, како на пример во Сакраменто, Лос Анџелес, каде и да одеше. Три -четворица од нас одевме со него и типично на крајот на литургијата имаше пријом11 и секако, масите беа наместени и владиката пред да седне ќе прашаше и ќе погледнеше кое место беше за нас. Обично за нас немаше место и тој ќе стоеше сè додека некој не го прашеше: 'зошто не седнете? Тогаш владика ќе прашаше:' 'каде се јадат моите прислужници?'. Тие ќе му одговореа 'во кујна, во кујна.' Тој ќе им речеше: 'Тогаш и јас ќе одам со нив во кујна'. Ние уживавме во тоа и се правевме малку важни пред останатите. Тогаш сите ќе се растрчеа и ќе направеа место и за нас.
С.А: Владика, навистина немало за некој за кој што не се грижел. Исто така, дали знаете некоја посебна причина зошто св. Јован кога проповедал, секогаш прислужниците стоеле околу него?
Николај: За да го слушаат и бидат внимателни. Инаку ќе зборуваат во олтар и нема да се фокусираат на проповедта.
Исто така и Владика беше човек. Тој ја разбираше нашата младост и ни дозволуваше да се забавуваме. Многу пати во куќата св. Тихон каде што беше пријутот12 си правевме вечеринки. Дури Владика ни даваше негови пари за да купиме чипс и кока кола. Тој знаеше дека имавме игранка, но се додека беше петок, никако во саботи. Во сабота треба да бидеш во црква на бдение, или доколку во сабота беше некој празник, секако во петок бевме во црква. Но во обични петоци, знаеше дека долу имаше музика а тој беше горе. Нормално гледавме музиката да не биде гласна.
Владика сакаше да зборува со луѓето, но никогаш не сакаше да слушне озборувања на еден против друг. Доколку некој ќе дојдеше кај него и ќе му речеше што тој рекол против другиот и другиот против него, тогаш нема да те сослуша, туку и двајцата во исто време. Затоа што му кажуваш што ти си сторил и што другиот. Значи никако озборување.”





Работи добро, ова е моја соба!
Неодамна му кажував на еден од моите добри пријатели, со кој ги правевме оние училници под Соборот, за Усипалницата13. Усипалницата требаше да биде магацинска просторија. Знаеш каде се наоѓа, во најпоследното и најдолното место од храмот. Дури и личи на соба за магацин. Јас требаше од овде14, да срушам дел од ѕидот за да направам тунел каде што ќе може воздух да оди во таа просторија. Беше сабота и јас работев, рушејќи го ѕидот за да однесам воздух долу, во таа просторија. Целиот бев валкан и прашлив од рушењето на ѕидот, испотен и каков уште не. Значи, светло таму немаше, може ние донесовме едно за да се гледа додека работев. Владика дојде долу и...можеш да замислиш во каква состојба бев: испотен, темно, задушливо, уморен- сето ова и тој доаѓа. Значи, за да го разбереш Владика, мораш да се навикнеш зашто кога зборува, доколку не го следиш внимателно, не можеш се да го разбереш.
Владика дојде долу, и ми рече: 'Работи добро, ова е моја соба!' Прво, бев валкан, уморен, прашлив и веројатно жеднеев за вода и знаеш, Владика ми го кажува ова. Но тоа беше она кое го слушнал од него: 'Работај хорошо, ета моја комната.' “ Тоа беше истата година кога Владика се упокои. Послем тоа дојдов дома и ѝ реков на сопругата: 'не знам што ми рече Владика, т.е. што сакаше да каже со тоа.'
Сан Франциско нема гробишта. Не може да се погребуваат луѓе во градот. Последните гробишта беа, знаеш на Гери, надолу кога одиш кон центар. Денес таму е изградено мини трговски центар. Целиот тој дел беше гробишта наоколку. Се сеќавам кога останките на упокоените ги вадеа. Тогаш имав десет години. Тоа беше во 1950, отприлика тој период. Беше една од последните гробишта во Сан Франциско, од каде што ги вадеа останките. По ова, се градеа куќи и овие големи продавници. Целиот тој регион наоколу беше гробишта. По ова, веќе нема погребување во Сан Франциско.
Владика се упокои во сабота и во недела го донесовме овде. Во понеделникот и вторникот го сменивме државниот закон на Калифорнија и законот на градот. Значи законот на две: на државата и на градот што незамисливо и невидено е такво нешто да се направи за два дена. Едноставно невозможно е, но успеавме тоа да го направиме. Така телото на Владика беше во ковчег, а тој ковчег беше положен во тој “магацин” во бетонска кутија (ложа или саркофак). Тоа денес што го гледаш долу е бетонска кутија, а ковчегот беше положен во него. Но чудото е што две, државниот и градскиот, во два дена, закон беше сменет што е... сум работел на проекти и за да ми го одобрат ми одземало понекогаш две до три години. Јас завршив инжинерство и Владика ме стави да бидам дел од строителството15 на овој храм.”
С.А: Можете ли да ми раскажете за настанот кога пред да се упокои св. Јован и се јави на вашата сопруга?
Николај: “О да, секако. Беше петок вечер, 1ви Јули. Ние живееме околу еден час возење со автомобил од градот. Тој петок навечер, Владика се јави по телефон, не знам точно во колку часот. Да речеме беше околу шест попладне. Требаше да одиме некаде и малку доцневме со времето. Јас одговорив на телефон и прв зборував со Владика околу две до три минути и тој побара да зборува со мојата сопруга. Тој навистина многу ја љубеше мојата сопруга. Таа зборуваше со него и јас продолжив да и давам знаци дека треба да одиме. 'ајде завршувај, мора да одиме, доцниме.' Таа зборуваше со него околу шест, седум, може осум минути, не се сеќавам точно. Но убаво се сеќавам дека и давав знаци дека доцниме и треба да одиме. Следниот ден, тој се упокои. Тоа беше период кога мојата сопруга имаше некои болесни искушенија. Владика секогаш се интересираше за луѓето.
О да, друга работа која сакав да ти кажам е кога Владика Јован ќе дојдеше во руското училиште, особено на испитите по предметот “Закон Божји” [катихизис]. Она кое тој го очекуваше на испитите беше секој да го знае житието на својот покровител. Ако јас сум Николај, требаше да го знам житието на св. Николај Мирликијски, или мојата сопруга Валентина-житието на нејзината покровителка. Не беше толку заинтересиран за испитот, колку за децата да го знаат житието на својот заштитник. За Владика беше важно да знаеш по кој светител ти беше именуван и зошто тој е светител.”
С.А: Кога св. Јован се упокои, вие имавте дваесет и шест години. Дали тој Ве венчаше?
Николај: Тој го благослови нашиот брак, но не не венча. Пред да се венчаме, бевме кај него во канцеларија, т.е. во неговата ќелија во св. Тихон каде што прво чекавме во ред до еден на полноќ од толку многу луѓе, па не прими и разговаравме. Следниот ден мојата сопруга требаше да стане рано за на работа, а ние додека да си дојдеме дома беше многу доцна, но вредеше тоа што чекавме до доцна. Чекаш ли чекаш со часеви и гледаш десет луѓе пред тебе, но кога еднаш ќе дојдеш на ред и ќе влезеш кај него, поинаку се чувствуваш. Владика го крсти мојот најстар син, Петар. Познавам и други кои тој ги има крстено, како Миша Бордиков, Борис Масенкоф, синот на мојот најстар брат. Овие се четворица за кои знам, а уверен сум дека има уште многу други кои ги крстил. Владика секогаш се грижеше, особено за децата.
За ова јас не сум сведок, но ми имаат кажано, во Шангај, за време на бомбандирањето, Владика ќе оди во црква и луѓето ќе му кажат: 'Владика, опасно е да одиш во црква, има бомбандирање.' Владика одговори: 'Никој и никогаш не умрел одејќи во црква'16. Бомби ќе паѓаат, а тој ќе оди во црква. За него, беше толку јасно и немаше прашање 'има ли Господ', 'има ли светител'. Беше надвор од сето тоа. Дури и со својот личен пример, ти знаеше, ние знаевме, сите ние знаевме, не само јас дека тој беше светител. Немаше потреба да ти кажам дека ќе одиш да сретнеш светител17 додека се уште беше жив. Ќе дојдеш овде, ние ќе седиме овде и Владика. И знаеш дека со светител си овде – ете, така ти би рекол или некој друг доколку би се нашол во неговото присуство. Сите тоа го знаеја. Но, како што реков претходно, имаше и луѓе кои беа против него. Последното собрание кои го имавме за време на градењето на црквата, имавме доста проблеми. Денес, кога имаме годишно собрание, обично сме околу педесетина. Тогаш моравме да рентаме сала која е недалеку од црквата или подоцна во училиштето “Џорџ Вашингтон” каде што завршив средно. Имавме седумстотини до осумстотини луѓе кои дојдоа на тоа годишно собрание. Значи тоа беше време кога се појавија проблемите со градбата на храмот и луѓето се поделија на две групи. Тогаш сите ние ги броевме колкумина беа од наша страна, а колкумина беа од другата и беа против. Еден од нас ќе речеше: 'колкумина имаме? О, 350, а другите имаат 400. Значи мораме да најдеме повеќе.' Значи имаше толку многу луѓе, што моравме да го рентаме тој аудиториум. И последниот пат кога Владика дојде, некогаш не сум го видел да неговите раце му се тресат. Тој беше толку многу вознемирен (растревожен) од сето тоа што се случуваше и што луѓето го чинеа, што неговите раце му се тресеа. Никогаш го немав видено во таква состојба. Тоа беше последно собрание кои го имавме.
Во тој период, тој беше под голем притисок од овие проблеми, дури беше даден на суд. Но она кое сакав да го кажав овде е што повеќе луѓе го подржуваа до крајот на сиот спор. Имаше група која беше против него. Како што реков, ние дури ќе броевме колку луѓе се од спротивната страна и колкумина се на наша страна. Значи толку голем проблем се беше појавил.

С.А: Во една прилика спомнавте кога во Шангај било бомбандирањето, ниту една бомба не падна врз еден од храмовите или врз него.
Николај: Значи Шангај беше бомбандиран, но ниедна од тие бомби не падна врз него. Наоколку секаде ќе беше бомбандирано, на пример од спротивната страна на катедралната црква. Владика не стравуваше да оди од еден крај на друг, дури и покрај тоа што бомби паѓаа насекаде.
С.А: Децата од сиропиталиштето св. Тихон често доаѓаа во вашиот дом?
Николај: О да, тогаш ние живеевме на два блока од црквата, а детскиот дом беше на 15та авенија на улицата Балбоа. Тие често доаѓаа, спиеја и јадеа кај нас и ние како деца одевме таму. Владика, еднаш во месецот или на два месеци ќе дојдеше кај нас и ќе имаше вечера со моите родители.
Понатаму, кога некоја жена ќе дојдеше нашминкана во црква, Владика нема да и се развика, туку со љубов ќе ја поучи. На пример, на Велики Петок кога се изнесува плаштаницата, ние ќе застаневме од страна со салфетки, делејќи им пред да пристапат, или на причастие. Прво, со тоа не покажуваат респект и дел од карминот ќе им остане на лажицата со која причестуваат свештенослужителите. Понекогаш, тој ќе излезе од олтарот за време на службата и ќе им каже на хорот: 'пеете премногу оперски. Тоа не е начинот на кој што треба да се чини.' Или, како што мојот брат научи од него: пред Евхаристија, кога ќе излезе на амвонот до дикири и трикири18 и луѓето се уште палат свеќи, зборуваат и ќе им рече: 'сега не се палат свеќи, не треба да се движите низ храмот'. Значи ќе им објасни 'сега е најважниот момент.' Владика сакаше дисциплина во храмот, особено за време на службите, но кога така ќе излезеше немаше ништо персонално против некого. На пример, гледаш пет или десет луѓе се движат низ храмот и тој нема да рече 'еј, ти!', туку сеопфатно (генерално) ќе проговори: 'Ова не е време за да се чекори наоколу'19. Никогаш не беше лично кон некого. Кога го прекина хорот, не беше заради тоа што не му се допаѓаше диригентот туку заради тоа што начинот на кој што пееја не беше правилен. Овие настани за кои зборувам, беа во старата катедрална црква. Се сеќавам, луѓето малку ќе се зачудеа од тоа негово реагирање. Но друга работа беше тоа што Владика знаеше, тој беше авторитет на службите, за тоа како службите треба да се служат. Сите знаеја дека тој беше експерт за ова, вклучувајќи ги и архиереите. Доколку Владика кажеше дека ова или тоа не е правилно, Митрополитот знаеше дека тоа навистина не е правилно, или треба да се измени. Значи уште еднаш, немаше ништо 'јас.' Во олтар никако не смееше да се зборува или да се шета од едно место на друго. Сето тоа беше со со љубов. Многу пати, по крајот на службата, ќе не тапнеше (потчукне, допре) со својот посок20 и со љубов ќе ни укажеше на грешките кои сме ги сториле на служата: 'ти ова, ти тоа', но ти знаеше дека не треба следен пат така да правиш.

Секој, кој што го познаваше Владика, има различни искуства. Од моја перспектива, јас го паметам Владика од моите детски години, за време на мојот растеж. Тој имаше респект дури и кон најмладите и тој се грижеше за луѓето. Затоа Владика беше способен да стори и придонесе многу зашто направи многу за другите. Дали тој ќе ја посети твојата сопруга во болница, или ќе му постави прашање на твојот син во училиште, ти како родител го гледаш и чувствуваш како тој се грижи за нив. На еден начин или на друг, тој помогна на многу луѓе што кога тој ќе побараше или прашаше нешто, луѓето беа подготвени21 да сторат сè за него. Можеш да вообразиш (претставиш): болници, црковни активности, детски дом, сè - тој се грижеше за сè. Доколку ти имаш добра причина во САД, на пример да изградиш добротворен дом, или да почнеш некое богоугодно дело за луѓето од Македонија кои живеат овде, и имаш шест, седум луѓе кои ќе ти помагаат во работата, тој ќе дојде со тебе, дали еднаш во месецот или колку што ќе биде потребно. Ќе седне заедно со тебе и ти рече: 'што се случува? Како се се одвива? Зошто ова не го промениш. Ајде да се помолиме за ова'. Значи тој се грижеше за тебе и тоа те поттикнуваше да и ти помогнеш во нешто кога тој ќе побара и да направиш сè за него. Тоа е она што јас мислам. Тој беше необичен.22 Еднаш кога ќе го запознаеш, знаеше дека тој беше посебен.



1 Во Катедралниот храм каде што се нетлените мошти на св. Јован, во неделите и на дванаесетте Господови празници се служат две божествени литургии: рана и доцна. Раната започнува во осум часот наутро, а доцната во десет каде што речиси секоја недела чиноначалствува архиепископот Сан Франциски и Западно-Американски, Кирил.
2 Руското слово “староста” значи човек кој што е главен на одборот во еден храм. Тоа значи значи тој се грижи за административните работи на храмот и гледа редот дипциплината да бидат во свој ред.
3 Листови со имиња на луѓе за спомнување за нивно здравје, успех...
4Russian River е место кое се наоѓа помеѓу Сан Францисо и Сакраменто. Повеќе од 100 години е како едно посакувано место за овие градови. Таму се наоѓаат неколку винарии, и е на брегот на Пацификот. Природата на ова место плени со својата величественост.
5Human endurance
6To break himself and say “I will”
7 “He was plain”
8Boiling hot tea
9Cooling down
10Престолен празник е кога некој храм го празнува денот на светителот чиј храм е посветен.
11Ручек
12Детскиот дом за деца без родители
13Усипалницата е просторија која се наоѓа во најдолниот дел во храмот, зад него. Кога се упокои св. Јован, беше погребан таму во истата просторија беше создаден параклис кој што постои до денес.
14Разговорот ни беше под Катедралниот храм, во салата.
15Изградбата
16“Nobody ever dies going to church”
17Овде реферира на св. Јован
18Се мисли на делот кога архиерејот возгласува “благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух да биде со сите вас.”
19 “This is not a time to go around”
20Архиерејска патерица
21“They were willing.”

22“He was something special.”

No comments:

Post a Comment