9ти Јуни, 2015
Нашите срца се збунети. Магливи се!
“Ah, how good it feels! The hand of an old friend” (Ах, колку убаво чувство! Раката на стариот пријател) Хенри Вадсворд Лонгфелоу.
Пред некој ден еден мој собрат ме проколна со зборовите: "да даде Господ се најлошо да ти се случи во животот." Неговите зборови доволно ме ранија, особено имајќи го на ум фактот се она кое што чинев за него низ годините. Мислите не ме оставија да мирувам. Речено е да не очекуваме "благодарам" од синовите човечки, иако честопати, по својата слабост, тоа го очекуваме. Вчера, додека читав една книга, во објаснувањето на делот од литургијата "да се сакаме еден со друг...", го прочитав следното: "љубете ги оние кои Ве колнат, правете им добро на оние кои ве мразат" (Мат. 5.44).
Многупати е тешко за нас, озлобените, да сториме зборовите на устите наши и помислите на срцето да ни бидат чисти, и благоугодни. Некој, изгорен во животот, но и полн со покајание, напишал: Денес, на момент насетив дека сум избркан од рајот - избркан зашто едни браќа љубам повеќе, а други помалку; зашто на навредите, наместо да благодарам, јас се срдам. Само една ѓаволска помисла може да фрли во пеколот, а во исто време пак, само едно мало внимание на грижа и љубов кон ближниот, може да го исплете венецот на вечниот живот.
Научив дека љубовта е силна како смрт. А сега, пишувајќи и за љубовта, за унијата со неа, традицијата на Светата Црква како и биографијата, го говори следниот настан за светиот евангелист Јован Богослов. Кога овој апостол и евангелист достигнал до длабоките години од својот живот, не можел да проповеда повеќе на христијаните како што тоа го чинел порано. Сега, тој се придружувал на верските христијански собири, само доколку се држел до некого. Така, присуствувајќи на тие собири, наместо да проповедал, тој им ги говорел на христијаните следните зборови: "чеда мои, љубете се еден со друг... љубете се еден со друг." Така, овој свет и возљубен Јован продолжил да ги говори овие зборови сѐ до денот на неговата смрт, зашто "оној кој љуби, тој ги следи Господовите заповеди."
Јас, за својот брат, кој што ме проколна, не можам да говорам, но за мене… научи ме Господи уште повеќе да љубам, зашто ако знаев доволно да љубам, тогаш неговата клетва за мене ќе беше радост, а не нажалување.
Јас се уште ќе го љубам срцето на стариот пријател...
No comments:
Post a Comment