Sunday, June 21, 2015

Жива рана


Фебруари 6, 2015



     Пак ли да пишувам за својата си човечка природа во која секогаш паѓам? Не знам дали некогаш ќе се излечам од гревот, и страстите кои што одамна се вкотвени во мене. Одговор немам, а и не сакам веќе да догодувам зашто секој пак кога мислам дека сум подобар, следниот ден ќе паднам. Буквално секој пак тоа ми се случува. Се чувствувам како посрамен, идиот кој што самиот бега од Бога и не сака да битисува со Него. Зошто така се случува? Зар искушенијата се посилни од нашите сили, па не можеме да ги скршиме? Овде има само еден одговор: не се посилни од нас, туку ние им се насладуваме и уживаме во нив. Овде мислам на страстите од кои што сите ние страдаме. Големата човечка рана, ќе остане да гние во човекот и колку и да се лекува, само го подзабавува процесот на распаѓање. Следствено на тоа, со мирисот на живата рана човекот го живее својот век.
Јас умирањето не го разбирам само кога човекот ќе ги затвори очите, ќе ја изгуби сета сила во своето тело, и ќе го изпушти последниот воздух, туку и умирање од слепост на своите гревови. Да, ова умирање е пострашно од она природното, зашто ова со телото е умирање за воскресение, додека пак она другото е за побигел. Дали ќе си ги спасуваме душите, или телата, тоа нам Бог ни го остава да избереме. Неодамна, прочитав дека за душата која Бог ја создал, луѓето подзаборавила, а си измислија некаква си своја. Точно. Еве уште една болна и заслепена реалност денес. За ова, дотука ќе пишувам.
Големиот германски философ Кант рекол дека човекот е чуден. А што, зар не е? Не честопати, туку многупати, ние самите си го изветоперуваме својот живот и го замрзнуваме она кое Бог ни го дава. Завеани сме од пороците а како резлутат од тие ни доаѓаат страдањата. Ете ја живата рана која не јаде! Мислиме дека подоцна во животот ќе го одмрзнеме и ќе се ползуваме (од благодатта, талантите), но тоа е кристална заблуда. Дојде време кога почнавме да се пазаруваме со Бога, па уште и услови да му даваме. И зар не сме полоши и од скотовите? Барем тие го зимаат она кое им е дадено и живеат според тоа.
А љубовта? Зар не е таа јазик зборуван од сите, но разбран само со срцето? Ох, Господи, зар потребни ми се слова, ако во нив не живее љубовта? Сум со желание, а и време е, да почнам да го барам изгубеното, она од кое се оддалечив. Да го пополнам празното во мене, за болката гревовна да ја тргнам, тој воденички камен кој ми е обесен на вратот и ме потопува во морето. Не се плашам ако потонам, туку заради што ќе тонам. Заради живата рана, заради тоа невреме! Матност ја покри душата. И не само тоа, туку таа рана ја испревртува сликата на внатрешното и надворешноста смрди и уште што не почнала да гние. Ги сакам тунелите. Тие се симбол на надежта. Некогаш повторно ќе биде светло, освен ако веќе е ноќ. Имам потреба за правилно да ги подредам нештата. Кон никого не покажувам прст, но за себе си ќе речам и ќе си речам: кога би одел по Христа не со заврзани очи, туку со разумност и вистинско познание на Познатиот, тогаш мислам дека преобразбата од стариот (грешен) во нов човек ќе започне. За сега немам со што да се пофалам, освен со гревовите кои ги влечам по мене. Имам потреба за правилно да ги подредам нештата.

Вистински поучен настан!


Пастирот на мегацрква, преоблечен во бездомник, ја посетил својата црква.

(Извадок од руски сајт)


Пасторот Јеремија, кој што требал за отиде во својата нова црква се преоблекол во бездомник. Тој, облечен како бездомник, отишол во црквата 30 мин.порано. Таму имало над 1000 луѓе кои подготвувале посебна церемонија за пречек на новиот пастор. "Бездомникот" Јеремија влегол во црквата и речиси сите го избегнувале. Тој побарал од неколкумина железни пари за да купи оброк, но никој не му дал, дури му рекле да отиде на задните места, гледајќи на него со потсмев.
Главниот, кој ја водел церемонијата, отишол на бината и го објавил на сите името на новиот пастор Јеремија Степека. Сите со радост го очекувале. Тогаш "бездомникот" станал од своето последно место и отишол на бината. Сите го свртеле вниманието кон него. Го земал микрофонот, ја отворил Библијата и почнал да ги чита следните стихови:
"Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот!
Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте;
бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’
Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме?
Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме?
Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе?
А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’
Тогаш ќе им рече и на оние од левата страна: ‘Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели!
Зашто огладнев и не ми дадовте да јадам; ожеднев и не Ми дадовте да пијам,
бев странец и не Ме примивте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и во темница и не Ме посетивте.’
Тогаш тие ќе одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден или како странец, или гол или болен или во темница, и не Те послуживме?’
Тогаш ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку не му направивте на еден од овие најмали, ни Мене не Ми направивте!’
И овие ќе отидат во вечна мака, а праведниците во вечен живот.”
Откако го прочитал ова, тој погледнал на паствата и им раскажал што се во тоа утро тој испитал...Многумина почнале да плачат, други ги наведнале своите глави и се молеле. Тогаш тој им кажал: " ДЕНЕС ЈАС ГЛЕДАМ СОБРАНИЕ НА ЛУЃЕ, А НЕ ЦРКВА НА ИСУСА ХРИСТА. ВО СВЕТОТ ИМА ДОВОЛНО ЛУЃЕ, НО НЕДОВОЛНО УЧЕНИЦИ...КОГА ВИЕ ЌЕ СЕ РЕШИТЕ ДА СТАНЕТЕ УЧЕНИЦИ? По ова тој го распуштол собранието до следната недела.

Да се биде христијанин - е повеќе од она што го велат. Ова е она што го живееме и делиме со другите!

Saturday, June 20, 2015

Љубов Отечка

Септември 27, 2014
на Крстовден
Величај го душо моја пречесниот Крст Господов


       Имаме многу причини за да се радуваме на животот. Преку телото и отвараме пат на душата за да го бара она кое е полезно - спасително. Да го бара спасението. Тогаш ќе се радуваме на денот, на природата, на луѓето...Едноставно на сè.
     Колку повеќе се оддалечував од Бога, се потивко и потивко го слушав звукот ѕвоното кое ја повикува секоја душа за да влезе и да вечера со Господарот. На таква вечера сме повикани. Таму се јаде, но не се огладнува. Се пие, но не се ожеднува. Се оддалечив зашто претходно често се причестував, а сега...  му давав зелено светло на лошиот за да ме напаѓа и да ме искушува. Тука самиот сум си виновен. Јас дозволив, никој друг. А милостивиот... Колку пак Тој беше трпелив и смирен кон мене. Ја виде мојата пргавост и ме остави да види до каде ќе стигнам. Стигнав до ќор сокак. До таму стигнав. Но, Му благодарам Нему што ми ги отвори очите за да ја видам раната која што беше на својот пат на проширување, па реагирав. Зборувам за Телото и Крвта Христови. Денес, на празникот Воздигнување на Честниот Крст Господов, го примив Христа. Дури сега видов дека ова ми негостигаше. Ова рана требаше уште одамна да почнам да ја лечам. Во своето искуство на животните бури сум имал слично искушение. Доколку на одредено време не се причестев или пак на неколку недели, почнуваа големите искушенија. Да, сите имаме искушенија, но за себе ќе речам дека ова беше некој друг вид на искушение, односно искушенија.
    Кога не се причестував, на божествената литургија, свештеникот ќе го изнесеше светиот путир, изустувајќи со страв Божји, вера и љубов пристапете. Каде да пристапам јас. Даровите ќе ме изгорат. Тоа е меч со две острици. Погибелната страна на мечот немаше да ми избега. Срцето ми се разделуваше од болка што не можев да пристапам. Тие моменти болеа. Навистина не можеме да му служиме на Бога и на Мамона. Ако ни е помило вечното, тогаш сиот живот на Христа треба да Му го предадам. Ако пак го љубам земното, повеќе од духовното, тогаш роб сум на Мамона.

Твоето слово е вистина, Господи. Бескрајно Ти благодарам за денешната Литургиско-Евхаристичка радост! Не престанувај да излеваш милост кон мене. Ми требаш!

Monday, June 15, 2015

За друг татко јас не знам



Сеќавања на Николај Масенков за
свети Јован Шангајски и Сан Франциски, Чудотворец





( Сите права се задржани од преведувачот.
 Без негова дозвола не смее да се копира или објавува на друго место овој текст! )








       Во 1988, на бината на главниот олимписки стадион во Сеул (Кореа) се појави да пее руски пеач. Гласот на Николај Масенков беше слушнат од светски спортски ѕвезди и од публика на број до девет илјади, и на многу телевизиски преноси низ целиот свет. Заедно со својот ансанбл, Масенков бил поканет да ја претстваи руската култура. Во 2007, Николај беше награден со лаворов венец на Првиот интернационален Руски фестивал на Песни во Москва. Згора на тоа, неговиот животен пат од Русија, заврши во Шангај, каде што живеел и пораснал во детскиот дом “Свети Тихон Задонски,” и потоа во Сан Франциско. Во далечната 1940 год., кога голем бран на руси емигрираа во Кина, Бог ја зема судбината во Свои раце на малиот Николај, како и на многумина такви како него, со тоа што им го прати Неговиот слуга и нивен духовен отец, Свети Јован Шангајски и Сан Франциски чудотворец.
Николај Иванович ги чува своите спомени од човекот кој што му даде можност да чекори од “Шангајските улици, на бината на Олимпискиот стадион.” Во куќата на Николај, во салонот, има пијано, а на него стои фотографија од свети Јован Шангајски и Сан Франциски и книга, составена од протоереј Петар Перекрестов. На неговиот домашен иконостас, исто така, стои икона од свети Јован, веднаш до иконата на Богородица и до Исус Христос. Секое утро, Николај Иванович оди таму за да добие благослов од овој светител, наоѓајќи утеха дека “Владика е секогаш овде.”

Николај Иванович, како дојдовте во домот “Свети Тихон Задонски” во Шангај?

Николај Масенков: Моите родители, Марија Масенкова и Иван Романов емигрирале од Русија во Тјанцзин (Кина) во почеткот на 40тите. Татко ми го изгубив многу рано, и мојата мајка, обична руска жена, без образование, беше оставена само со три деца. Во Тјанцзин имаше поплава и се преселивме во Шангај. Мојата мајка немаше сили да не чува. Немаше каде да живееме. Се сеќавам како спиев на бетон под отворено небо. И така, мојот прв брат Борис со нашата сестра Тамара и јас завршивме во домот. Тогаш јас имав две години. Домот беше преполн и немаше место и мајка ми долго му пишуваше на Владика за да не земе во домот. Кога мајка ми не донесе во дом, мене не можеа да ме одделат од нејзините алишта, но на крајот, малку по малку се навикнав. Еднаш избегав од домот и ја најдов мајка ми на улица зашто немаше каде да живее. Така што, со тоа што Владика ме зема во домот, навистина ме спаси од живеење по Шангајските улици.

Кои се Вашите рани детски сеќавања од свети Јован?

Николај Масенков: Прво нешто кое ми доаѓа на ум е Катедралната црква во Шангај: раната неделна литургија, две редици на деца – девојчињата од десно, а машките од лево, трите олтари во црквата, а Владика стоеше од десната страна кај малиот олтар. Во едната рака ја држеше својата архиерејска патерица, а во другата рака книга. Тој е торжествен, вдахновен...
Црквата и домот беа нашиот цел свет. Службите, молитвите, постите – сето ова беше природно за нас. И ние чувствувавме дека Владика беше глава на сето ова.

Беше Владика строг?

Николај Масенков: Тој бараше да има дисциплина и ред во црква. Никогаш не зборуваше за време на служба. Доколку некој се однесуваше лошо, можеше да добие малку ќотек, но од воспитувачите, не од Владика. Еднаш, бев повикан за да ме тепаат, но им беше жал за мене и ме оставија. Мислам дека Владика се заложи за мене и ме оставија.

Николај Иванович, Вие прислужувавте со Владика во олтар. Што чувствувавте во тие моменти?

Николај Масенков: Јас бев многу мал кога Владика ме одбра за да прислужувам. За мене тоа беше благослов и голема радост. Чувствував блискост кон тоа таинство кое што се случуваше во олтар. Владика служеше торжествено, со благодат. Секој негов возглас и молитва беа вдахновени и се сеќавам на внатрешното чувство на духовна радост. Одеднаш се случи нешто непријатно со мене: Често мене ми се паѓаше да го облекувам Владика. Јас немав искуство од тоа и кога ги видов сите копчиња од одеждите, омофорот, станав нервовен и сè испомешав. Згора на тоа, за работата да ја направам уште по сложна, бев низок и неможев да достигнам до рамењата на Владика. Во меѓувреме, службата беше во процес а Владика не сакаше да зборува за време на служба. Најмногу што ќе направеше, само ќе климнеше со глава за да ти го даде своето внимание за нешто. Најпосле, некој од прислужниците дојде и ми помогна. Фала Му на Бога беше литургија за време на работен ден преку неделата, па немаше многу луѓе и не го забележаа доцнењето на службата.

Вие исто така пеевте во црковниот хор?

Николај Масенков: Владика ги проверуваше сите за да види кој може да пее во хорот и ме одбра и мене. Ова беше најголем благослов за мене. Во пеењето во црковниот хор, се појави љубов во мене кон пеењето. Владика имаше свои очекувања од нас. Тој не очекуваше толку многу од помалите деца, но јас и брат ми бевме во поголемата група каде што ги учевме црковните песнопенија и тропари. Пред служба, Владика се јавуваше во домот и проверуваше дали сите пејачи во хорот го знаат правилно гласот на тој ден или недела, како и тропарите на светителите.

А какви беа проповедите на Владика? Вистина ли е дека било тешко да се разбере?

Николај Масенков: Во неговите проповеди, Владика секогаш опширно го толкуваше читањето на апостолот на тој ден. После службата, за време на ручекот, тој ќе дојдеше кај нас и ќе не запрашаше: “Николај, ќе ни раскажеш ли за денешното читање од апостолот?” Тој не проверуваше. Сакаше сè да знаеме. Да, понекогаш Владика беше тешко да се разбере, но за мене неговата нејасност не беше многу важна. Во крајна линија, човек може да разбере италијанска опера без да го знае јазикот. Неговото говорење... беше свој вид на духовна музика кој што човек може да ја разбере преку гласот, настроението и вибрациите. И тоа беше доволно за да ја разбереме смислата и значењето на сè – на православието, богослуженијата, црковните празници. Кога го слушаш срцето и душата, го разбираш она кое е главно. Затоа проповедите на Владика беа така силни, убедителни и не оставаа никакви сомненија за нас, децата, туку истите беа многу ефективни за нас. Ова е голема реткост.

Имаше ли Владика Јован особен пристап кога доаѓаше кај децата?

Николај Масенков: Се сеќавам на неговото благо лице и на неговите очи, полни со љубов. Владика секогаш ни пристапуваше со насмевка, со хумор. Тој знаеше да каже на некој: “ Денес нема да одиш на игранка. Треба да одиш во црква.” Но тој ова ќе го кажеше со насмевка, шегувајќи се и на добронамерен начин.
Во црква беше строг и торжествен, а со децата беше сосема друга личност. И покрај тоа што Владика секогаш беше облечен во мантија и носеше клобук [пана-камилавка] и архиерејска патерица, тој беше поинаков. Со својот карактер, знаеше да не плени, да ги освои нашите срца и да не насмее. Ние уживавме во тоа. Ја чувствувавме неговата радост и таа радост беше како инфекција. Односот на Владика кон нас беше како на родител со свое дете. Тој ни даде љубов, која нам, децата од домот, очајно ни недостигаше.
Децата кои прислужуваа во олтар, можеа да го посетуваат Владика во неговата ќелија. Прво, кога ќе влезеше во ќелијата, Владика, после службата, паѓаше на колена пред иконите и се молеше. Потоа, за нас од својот џеб ќе извадеше некоја паричка или ќе земеше подарок и ни даваше. Ние се чувствувавме збогатени со тоа што бевме покрај него. Секогаш околу Владика се чувствуваше радост и љубов.

Кои беа Вашите нај-јасни моменти од Владика?

Николај Масенков: Во време на тие тешки денови, кога немаше доволно храна, Владика секогаш се молеше на колена и ќе стореше сè што можеше за децата да бидат најадени. Нашиот доручек беше минимален, парче леб и чај. Подоцна добивме овес [вид на житарници] и рибино масло. Некои од децата растеа со слабо здравје. Јас бев таков. И еднаш се најдов во еден дом за деца со слабо здравје.
Сите заедно јадевме во трпезаријата, седејќи на една голема маса која стоеше на средина. Долг период имавме кулич (вид на руски благ леб). За време на ноќта, едно од децата кришум зема еден кулич и го изеде целиот. Подоцна се откри дека тоа било девојка која го стори тоа, но отпрвин ме наместија мене. Јас почнав да одрекувам, но една од воспитачките ме однесе во бањата, ја пушти водата и ми рече: “признај или ќе те удавам.” Јас, секако ја земав вината на себе. Понатаму, Владика дојде и воспитачите му се жалеа од мене. Владика ме погледна смирено, без да ме искара или да ми рече нешто. Тој знаеше дека тоа беше време на глад и не можеше да се обвинуваат децата, дури и доколку тајно изеле цел кулич. Владика секогаш ги разбираше децата.

Подоцна Вие живеевте со Владика во Сан Франциско, во домот “Свети Тихон Задонски,” лоциран на 15та Авенија. Како ќе го опишете овој период?

Николај Масенков: По евакуацијата од Шангај, две години живеевме на Филипинскиот остров Тубабао и од таму, Владика зема со него околу триесет деца во Сан Франциско. Јас имав единаесет години кога дојдов во Сан Франциско. Кога пораснав поголем, почнав да одам на балови. Еднаш, кога се вратив дома доцна, по полноќ, го видов Владика како се моли на колена во црквата во домот. Се почувствував непријатно и лазејќи, тивко почнав да се качувам нагоре од задните скали. Подоцна, тој секогаш доаѓаше во нашите соби и не благословуваше.
Моите спомени со Владика се кога тој седеше на масата, работејќи на машината за пишување, или молејќи се на колена пред иконите. Не помина долго време, Владика замина за Европа, и потоа остана таму.
Јас живеев во домот на 15та Авенија сè до 1961 год. Обично, по завршувањето на школо, децата го напуштаа домот, но мене ми дозволија да останам зашто јас го водев хорот во таа црква.

Николај Иванович, Вие имате постигнато многу во Вашиот живот. Имавте изведба на сцената во Карнегиската сала, на Станфордскиот университет како и на главниот Олимписки стадион во Сеул. Ќе речете ли дека Вашата судбина и успех се должи на Архиепископ Јован?

Николај Масенков: Благодарение на Владика, јас почнав да пејам во црковниот хор и оттогаш почнав да добивам чувство за музика. Еднаш, Владика дојде кај нас горе во соба (во домот “Свети Тихон Задонски), и не праша што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме. “Пејач,” - јас му одговорив, а на ова Владика се насмевна и ништо не рече. Кога почнав да учам музика, Владика веќе беше во Европа. По моето завршување на универзитетот, требаше да изведам соло рецитал, нешто како мал концерт. Истиот беше објавен во весник, и веројатно Владика го прочитал тоа. Ми напиша писмо, во кое што ми честиташе за мојата изведба. До денес го чувам тоа писмо. Неодамна, го водев водев хорот во црквата свети Јован Крстител во Бркли. Таму има две жени кои пејат во хорот, Зоја Мигал и Шура Аненкова. Истите се штитеници од домот на Владика Јован. Ние се трудиме да го следиме она на кое што тој не научи – да не ја забораваме црквата.
Владика ја надмина земјата. Тој имаше таква длабока вера и љубов! Јас не сум му благодарен само за тоа колку добар стана мојот живот. Јас сум негов син. За друг татко јас не знам.


Sunday, June 14, 2015

Свети Јован и Гуља



напишано од Тамара Н. Захарек и Лидија Н. Јонин

(посветено на децата во светот)


( Сите права се задржани од преведувачот.
 Без негова дозвола, не смее да се копира или објавува овој текст на друго место! )



Свети Јован беше роден во 1896 во село Адамовка, Харковкса провинција, во Русија од познато благородно семејство Максимовичи. Тој беше крстен со името Михаил. Како момче, ја сакаше Црквата. Често останатите студенти го прашуваа Михаил да се моли за нив. Кога Михаил порасна, заврши воено училиште во Полтава. Потоа, учеше за да биде адвокат, но неговото срце не беше во тоа. Тој, навистина, повеќе сакаше да биде поблиску до Бога, Кого што Го љубеше. И така, се запиша богословија и своето слободно време го поминуваше во читање на житијата на светиите.
Во 1929 до 1934, јеромонах Јован предаваше во богословијата во Битола каде што помеѓу луѓето беше познат како голем аскет и свет човек. Во 1934, јеромонах Јован беше хиротонисан во епископ и беше испратен во Шангај, Кина. Таму, тој го посвети сиот свој живот на неговото паство кои што емигрираа заради комунинистите во Русија. Во Шангај, Владика Јован основа детски дом – дом за деца без родители – каде што раснеа деца од Русија и Кина.
Тој беше подвижник неговиот живот не беше лесен зашто постојано постеше, се молеше и никогаш не спиеше на кревет. Ова го чинеше за време на сиот негов живот, откако стана монах. Креветот на Владика Јован беше покриен со писма од разни луѓе, барајќи од него помош и да се моли за нив.
Имаше периоди кога немаше доволно храна за децата во домот и ситуацијата беше застрашувачка. За сите тие гладни усти нужно беше да бидат нахранети, а јадење немаше! Оние кои што помагаа во домот се прашуваа што да прават.
Еден ден, една од жените која што помагаше и се грижеше за децата, се осмели да му рече на Владика: “ Зошто носиш уште повеќе деца од улиците во домот кога и за овие немаме доволно храна за да ги нахраниме?” Владика Јован не и одговори ниту еден збор, туку отиде во неговата ќелија, падна на нозе и почна да се моли на Бога долго време. Го молеше Бога да им помогне и да им прати пченица и каша за гладните деца. Слава на Бога, уште следниот ден некој силно затропа на вратата од домот. Еден човек донесе многу брашно и житарници и ги донираше за децата во домот. Јадење имаше за сите деца. Чудо!
Доколку беше дете од домот, твојот именден (чии име на некој одреден светител го носиш), ќе беше многу голем и извонреден ден. На денот на твојот именден, по Божествената Литургија, ќе отидеш во ќелијата на Владика. Пред да влезеш, ќе ја кажеш молитвата: “Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!” (Сите деца од домот му се обраќаа на свети Јован со зборот “Владика”). Откако Владика ќе одговореше “Амин,” тогаш можеше да влезеш. Во неговата ќелија ќе видеше икони насекаде по ѕидот, запалено кандило и фотографии од луѓе. Исто така, во неговата ќелија ќе видеше цели полици со книги и писма. Често, кога ќе влезеше кај Владика, ќе требаше да седнеш тивко, зашто тој одговараше на телефонски повици. Понекогаш, Владика беше толку многу уморен, што телефонот ќе му паднеше од рака, ќе ја наведнеше главата и заспиваше. Но од сето тоа, се уште некако продолжуваше со разговорот на телефон. Потоа, ќе седнеше со тебе на земја со такво внимание и љубов и ќе ти посветеше посебно гостољубие. Ќе тргнеше настрана тегла со слатко, само за тебе! Откако ќе те нагостеше, ќе имаше убав разговор со тебе, а ти: ќе го слушаш и уживаш во неговото гостоприимство, додека пак Владика работеше во својата ќелија.
Кога беше именденот на Владика Јован, сите деца од домот му пееја:
Многу поздрави Владика,
на денот на твојот именден.
Господ да ти помогне за да ги издржиш сите твои товари,
со смирено и тивко срце.
Многу сме ти благодарни за твојата грижа кон нас,
бедните деца.
О, Владико! Твојот благословен лик ќе биде засекогаш
во нашите срца.
(Напишано на руски од мајка Серафима, 1937)

Наскоро, дојдоа комунистите и во Кина. Владика Јован требаше да ги премести децата од домот на друго место за да ги заштити. Така, тој одлучи да ги пресели на Филипинските острови. Во 1949, штитениците од домот, заедно до околу пет илјади руски бегалци, побегнаа на островот Самар на Филипините. Животот на островот беше многу тежок. Живеејќи во шатори или во бараки, сите требаше да чекаат во долг ред за да добијат храна. Храната беше скудна. Сонцето беше многу силно, со силни дождови и ветрови и постојано имаше закана од тајфуни. Змии, огромни гуштери и големи мравки, имаше насекаде.
Секоја вечер, свети Јован се молеше на Господ Исус Христос и го прекрстуваше островот со знакот на Крстот од сите четири страни: Север, Југ, Запад и Исток. Островот не беше зафатен од невремиња, но после заминувањето на луѓето во Америка, голем тајфун го погоди тој мал остров.
По речиси две години живеење на островот, некои од бегалците заминаа во Австралија, а некои во Јужна Америка. Останатите, конечно можеа да одат во Америка со свети Јован. Во Сан Франциско, Калифорнија, едни љубезни луѓе купија убава куќа за децата од домот. Овој нов дестки дом се нарекуваше дом “Свети Тихон Задонски.” Многу деца, кои што Владика ги донесе со него од Самарскиот остров, живееја во домот Свети Тихон. Таму имаа храна, облека, љубов и духовно раководство. Владика ги знаеше силите и слабостите на сите деца. Тој знаеше за секое дете колку може да носи на себе и не очекуваше многу од нив. Наскоро откако домот се основа во Сан Франциско, свети Јован мораше да замине далеку од Америка. Во 1951 стана Архиепископ Бриселски и Западно Европски. Во Европа, Владика ја засилуваше верата на луѓето. Помогна за да се изградат училишта и домови на многумина кои беа бегалци во таа област. Владика Јован служеше во Европа многу години. Понатаму, во 1963, Владика Јован беше назначен за Архиепископ на Сан Франциско. Тој дојде и живееше со децата во домот, во свети Тихон. На децата им беше многу мило да бидат повторно со Владика.


Во тоа време, Владика имаше гулаб, начечен Гуља. Гуља живееше зад прозорецот на кујната во домот “Свети Тихон.” Владика јадеше еднаш во денот и тоа пред полноќ. Тој јадеше во кујна, користејќи иста лажица за супа и за десерт. По јадењето, Владика седеше на маса, додека пак Марија Александровна Шахматова ја чистеше масата и ги миеше садовите. Таа беше како мајка на сите деца во домот “Свети Тихон” и, исто така помагаше во раководењето на домот. Гуља ќа застанеше на рамото на Владика и стоеше така, гледајќи го. По јадењето, Владика се повлекуваше во својата ќелија. Истата беше една мала соба каде што тој се молеше, одговараше на секое писмо кои му го праќаа. Гуља ќе долеташе покрај прозорецот од неговата ќелија и го гледаше. Владика секогаш стануваше рано наутро и Гуља го дочекуваше. Владика пешачеше до Катедралната црква на улицата Гери, каде што служеше Божествена Литургија. Како што Владика одеше, Гуља леташе над него и така го придружуваше до црквата. Гуља беше негов другар.
Често, Архиепископ Јован остануваше во домот свети Тихон, каде што служеше литургија, пееше, читаше и служеше. Понекогаш луѓето гледаа блескава светлина над главата на свети Јован додека служеше. По службата, Владика често одеше по болници, затвори, гробишта, по руските училишта, по домови, каде што секогаш беше добредојден со радост. Владика љубеше да ги посетува болните. Доколку некој човек боледуваше тешко, тој ќе отидеше кај него во секое време од денот или вечерта и се молеше покрај неговиот кревет. Имаше случаеви која некои пациенти ќе почнеа да викаат по Владика Јован во средината на ноќта од болничкиот кревет и од другата страна на градот, Владика ќе дојдеше. Многу чуда се случуваа по молитвите на Владика. Луѓе кои живееја на сите страни на светот кои имаа сериозни болести, беа излекувани. Кога докторите не можеа да ги излекуваат болните, пријателите на болните ќе се јавеа или пак ќе напишеа писмо на свети Јован, барајќи од него да ги излекува. Тој секогаш одговараше. Понекогаш тој се појавуваше како личност, иако се знаеше дека беше далеку од тоа место. На чудесен начин, многумина оздравуваа.
Со помош и по молитвите на свети Јован, луѓето успееја да изградат голема и прекрасна катедрална црква. Еден ден, многу луѓе се собраа околку катедралната црква за да земат учество при благословувањето на новите куполи. Синото небо цел ден беше покриено со густи облаци, недозволуваќи им на сончевите зраци да ја топлат земјата. Само што куполите беа осветени од Владика Јован, небото се отвори над црквата од густите облаци и сончевите зраци се појавија на земјата. Кога луѓето погледнаа нагоре, видоа како еден гулаб кружеше над куполите на црквата. Тоа беше прекрасен знак.
Во последниот ден на Владика во Сан Франциско, во шест часот наутро, тој служеше Божествена Литургија во домот свети Тихон. Служеше сам и како и обично, босоног, носејќи го на себе белиот шал кој што негопвата мајка му го дала многу години наназад. По службата, владика Нектариј дојде за да го земе и вози Владика во Сиетл, Вашингтон. Со себе ја носеа чудотворната икона на Мајката Божја, Курско-Коренска во Сиетл за благослов на верниците кои што живееја таму. Кога Владика излезе од домот, пред да влезе во кола, наеднаш се врати повторно во домот. Ја најде иконата на свети апостол Јуда и ја постави на средината на аналојот. Владика повторно ги благослови штитениците и замина за Сиетл. Таму, во Сиетл, тој ја служеше последната Божествена Литургија на земјата и се упокои молејќи се пред чудотворната Курско-Коренска икона. Кога Владика ја постави иконата од свети апостол Јуда на аналојот, тој го претскажа денот на своето упокоение. Се упокои на денот на свети апостол Јуда (19ти Јуни/2ри Јули, 1966).
Кога Владика Јован се упокои во Сиетл, неговиот гулаб Гуља леташе насекаде во домот свети Тихон во Сан Франциско. Леташе нагоре – надолу во ходникот каде што е ќелијата на Владика. Свети Јован имаше посебна особина со која ги привлекуваше луѓето при себе. Секој сакаше да биде во близина на овој свет човек. По тој ден, Гуља одлета и никогаш повеќе не се врати.
Архиепископ Јован се уште прави чува, дури секој ден. Свети Јован беше канонизиран за светител од Руската Задгранична Црква на 19/2ри Јули, 1994. Неговите нетлени мошти се во Катедралната црква на улицата Гери, во Сан Франциско.

Светителу оче Јоване, моли го Бога за нас!



 Забелешка од преведувачот: Авторот на оваа мини книга, двете сестри Тамара и Лидија беа едни од децата од домот кои живееја со Владика Јован и голем дел од својот живот го поминаа со него.



Friday, June 12, 2015

Во него беше Божјата благодат



Живи спомени на Петар Јовович и Лидија Николаевна за
Свети Јован Шангајски и Сан Франциски, Чудотворец


( Сите права се задржани од преведувачот.
 Без негова дозвола, не смее да се копира или објавува овој текст на друго место! )



      Денес, три генерации на семејството Јонин се трудат и се грижат за домот и црквата “Свети Тихон Задонски” во Сан Франциско. На најстарата генерација од Јонини, Петар Јонович и Лидија Николаевна, оваа црква им служела како нивни дом. Тие беа едни од сирачињата кои свети Јован ги донесе од Шангај во Сан Франциско и живееја во оваа куќа заедно до него. Петар Јонович и Лидија Николаевна се запознале кога имале петнаесет години, во домот каде што и двајцата живееле. Лидија Николаевна дошла во домот во Шангај како дете, заедно со нејзината сестра. Кога нејзините родители не можеле повеќе да се грижат за нив заради нивната болест, татко им напишал писмо на св. Јован, барајќи помош од него. Петар Иванович бил донесен во дом од неговиот татко, Јона Серафимович, кинески офицер за одбрана против разузнавање, по потекло од кинесна православна фамилија. Јона Серафимович бил целосно посветен на свети Јован и се грижел за неговата безбедност за време додека свети Јован служел како владика во катедралната црква во Шангај. Тоа било време кога животот на св. Јован бил во опасност заради тоа што тој одбил да соработува со Советските власти. Јона Серафимович примил Грамота од Синодот на Руската Загранична Црква.
Петар Јонович, уште на прв поглед знаел дека Лидија Николаевна ќе биде негова сопруга. Двајцата заедно, ги преживеале сите тешкотии, преместувања и сиромаштво кои се случиле на штитениците на домот во Шангај и во 1957 се венчаа во Сан Франциско. Нивниот дом во Сан Франциско е полн со спомени од нивниот духовен татко, свети Јован, и од се внатре произлегува љубов и благодарност за овој голем светител.

Лидија Николаевна и Петар Јонович, кои се вашите нај-живи спомени од Владика?

Лидија Николаевна: Мислам дека Владика беше ангел, и беше несекојдневна личност. Ние трчавме наоколу, сакавме да јадеме, а тој не. Во домот во Шангај, девојчињата ги учеа како да готват, и јас ќе му го однесев јадењето на Владика. Кога ќе дојдев до неговата ќелија, тој седеше крај неговата работна маса и одговараше на телефонски повици, додека пак, момчињата лежеа на подот во неговата ќелија и си играа. Владика ќе ме седнеше и ќе ми речеше: “Јади, “ и јас не аргументирав, туку седнував на земја и го јадев неговиот ручек. Во меѓувреме, тој правеше чуда преку телефон. Се сеќавам, во тоа време некој рече дека едно момче имало менингитис и Владика се молеше преку телефон и момчето оздраве.
Моето второ сеќавање е мојот именден. Јас и мојата другарка (исто Лидија), отидовме во катедралната црква и Владика ми прошепоти: “Остани,” но јас не сакав да му досадувам на Владика и по службата, заминавме со мојата другарка да ја посетиме нејзината мајка која што подготви нешто за нас. Така, следниот ден, Владика дојде во домот “Свети Тихон Задонски за да ми го даде подарокот. Ете колку внимателен беше Владика кон нас децата. Тој никогаш не забораваше на нас. И кога станавме полнолетни и возрасни, тој продолжи да се грижи за нас. А уште и се сеќавам како на празникот на светите Петар и Павле, доаѓаа од домот за да му честитаат именден на Петар.
Петар Јонович: Во тоа време, бевме многу деца и беше многу бучно, но исто така и забавно. Владика ќе дојдеше, ќе седнеше и сите ќе се смиреа. Тогаш, тој ќе прашаше: “Зошто сите станавме тивки?” Потоа, седејќи, не гледаше и тивко се насмевнуваше.

Беше строг Владика?
Петар Јонович: Само за работи во врска со црковните служби, но со нас децата често се шегуваше и смееше...
Лидија Николаевна: Да, воопшто не беше строг, освен кога се работеше за црковна дисциплина и традиција. Инаку, тој секогаш беше насмеан и можевме да почувствуваме дека тој многу не љубеше. Јас никогаш не се сеќавам на него да бил лут на нас. Доколку слушнеме од некого “okay” на англиски, можеше да рече: “сто метании,” но тоа го велеше на шега. Секако дека тој не стоеше таму и да брои сто метании.

Владика не зборуваше англиски? Како успеа да го спроведе она за кое што беше во Вашингтон?

Лидија Николаевна: Владика Јован течно зборуваше Француски, но англиски знаеше само неколку зборови. Владика во Вашингтон имаше свој познаник, генерал, кој што му помагаше во тоа да владата даде дозвола на руските емигранти да дојдат во Америка. Ние немавме пасоши и според законите, требаше да чекаме до десет години. Владика, дури и без да говори англиски успеа да се избори за да влеземе во Америка. Истиот генерал му рекол на Владика дека за време на војната, тој издал наредба да се бомбардира Шангај, но пилотите го прелетале градот без да пуштат и една бомба. По запознавањето на генералот со Владика, тој рекол: “сега знам зошто пилотите не го бомбардирале градот. Таму живеел молитвеник.”

На какви подробности се сеќавате од животот на Владика во Сан Франциско?

Лидија Николаевна: Се сеќавам на судењето. Нам ни беше многу жал што луѓето така се однесуваа и го третираа Владика. Генерално зборувано, Владика често беше третиран бедно, а тој сето тоа го издржуваше со насмевка. На сето тоа кое му го чинеа, тој ќе речеше дека сè се случува од лукавиот и никогаш да не осудуваме никого и да не држиме зло и завист во себе. Луѓето кои беа против него и кои го судеа, потоа тешко заболеа, а тој ги посетуваше во болниците. Истите тие бараа прошка од него и се каеја за тоа.
Исто така, се сеќавам кога Владика причестуваше во старата катедрална црква во Сан Франциско, каде што стотици луѓе пристапуваа за да се причестат. Сето тоа траеше два до три часа. Јас доаѓав доцна до домот “Свети Тихон Задонски,” откако децата ќе си легнеа и ќе зготвев нешто за да јаде Владика. Луѓето седеа по скалите, кој на земја, на клупи, чекајќи за да зборуваат со Владика. Тој се ослободуваше дури после дванаесет по полноќ. Јас ќе им кажев: “Луѓе, вие денес трипати јадевте и трипати пиевте чај, а Владика се уште не јадел. Доколку тој сега не јаде, воопшто ќе остане без јадење.” И така, секоја вечер се собираа луѓе.
Владика не спиеше на кревет, додека пак неговиот кревет беше полн со книги и писма. Тој задремуваше малку кога се молеше на колена на подот. Тој беше човек со крепко здравје. Ми смета тоа кога луѓето зборуваат дека Владика бил болежлив и куц. Не! Тој имаше многу цврсти раце од правење на метании и тој секогаш брзо одеше и трчаше. Како што ја достигаше својата возраст, нозете почнаа да му отекуваат, па така му купивме кауч за да може да ги протегне нозете. Но општо, тој беше здрав и силен. И (како што некои зборуваат) за неговата јуродивост, е исто така невистина. Тој ќе ја измиеше својата коса и можеби немаше да ја изчешла, но дали тоа го правеше јуродив? Тој понекогаш пелтечеше, особено кога беше изморен, но секогаш можев многу убаво да го разберам.
Петар Јонович: Што се однесува до мене, јас понекогаш имав тешкотии да го разберам...
Лидија Николаевна: Често, Владика го праќаа на разни патувања и кога тој заминуваше, ние плачевме. Тој често доцнеше и еднаш задоцни и го испушти авионот. Подоцна, дознавме дека тој авион се урнал.



Каков се однесуваше Владика кон Вашите деца?

Лидија Николаевна: Нашите деца често доаѓаа во ќелијата на Владика. Тој секогаш ги пречекуваше со насмевка. Тие не можеа правилно да изговорат “просфорка,” и велеа “фофовка.” Владика веднаш ќе ги прашаше: “Ну, сакате да ви дадам фофовка?”

Се сеќавате ли на последните денови од Владика?

Лидија Николаевна: Се сеќавам кога пред Владика да замине за Сиетл, ми кажа да дојдам во црква во шест часот наутро. Јас дојдов до Марија Александровна Шахматовој. Владика почна да ја служи литургијата: одеше бос, кадеше, читаше, возгласуваше ектении... Потоа дојдоа две сестри – Олга и Елена Лукијанови, во меѓувреме уште некој дојде и тој ги облече своите сандали (пред нас одеше бос). Кога заврши службата, тој се збогуваше со сите и слегна надолу. Надвор стоеше автомобил кој што го чекаше и владика Нектариј требаше да го вози за Сиетл. Одеднаш, Владика брзо се врати назад во црква и застана, гледајќи во иконите. Симна од ѕидот една од иконите, ја постави на аналој и излезе надвор. Пред да замине, ја благослови Марија Александровна и мене и ни даде таква голема проштална насмевка! Откако замина, јас ја прашав Марија Александровна: “Зошто Владика ги стави тие икони таму?” Една од иконите е на свети апостол Јуда, празник кој што се празнува на денот кога Владика Јован се упокои. Другата беше икона на Мајката Божја, празник на кој што Владика беше погребан.

Вие присуствувавте на погребот на Владика?

Лидија Николаевна: Се сеќавам кога ги допрев покојните раце на Владика и истите беа како живи. Неговото тело така и остана, нетрулежно, и покрај тоа што беше топло од многуте свеќи кои што гореа. Опелото траеше многу долго, а со мене беа моите три деца и морав порано да заминам. Петар остана до крајот и ми донесе цвеќиња од Владиковиот ковчег кои што ги ставив до иконите. Веднаш до нив, имав и други цвеќиња во вода. По една недела од погребот, кога дојде отец Владимир од Џорданвил за да отслужи панихида, забележав дека цвеќињата кои што стоеја во вода веќе беа овенати, додека пак оние кои Петар ми ги донесе беа како живи. За сето тоа време, имав неспокојство во себе заради тоа што не можев да останам до крај на опелото на Владика. Кога ги видов тие цвеќиња какви беа по една недела од погребението, почувствував дека Владика не ми е лут заради тоа.
Кога се упокои Владика, Америка поминуваше низ авионски бојкот (штрајк) и невозможно беше да се лета до Сан Франциско. Една жена од Њујорк навистина многу сакаше да дојде и да присуствува на погребот на Владика и по некое чудо успеа да се качи во авион и да долета. Од аеродромот, таа веднаш дојде во Катедралниот храм. Марија Александровна Шахматова, која што ја познаваше, ја донесе до домот “Свети Тихон Задонски.” Кога и двете дојдоа, виделе како гулабот Гуља гракал како луд и летал во ходникот нагоре и надолу пред ќелијата на Владика Јован. Тој чувствувал што Владика веќе беше погребан.
Петар Јонович: Колку што се сеќавам, сите кои го носеа ковчегот на Владика, беа момчиња од домот.

Кога беше причината за создавање на фондот “Владика Јован?”

Лидија Николаевна: Целта на фондот е да им се помогне на бедните. Фондот го основаа Георги Александрович Скарјатин и неговата жена и Владика Јован ги благослови за тоа. Владика рече дека оние кои биле назначени за членови на оваа мисија, ќе бидат членови до нивната смрт. И така, ние веќе работиме со години. Сега Петар е претседател на овој фонд. Ние сме веќе стари и сакаме оваа работа да ја предадеме на помладите. Барања за помош доаѓаат од цел свет: тајфун на Филипините, црква изгорела, потребни се средства за операција и така натаму.



Раскажете ни повеќе за црквата свети Тихон Задонски?

Петар Јонович: Тоа беше домашна црква за детскиот дом. Потоа, сите пораснаа, добија образование и излегоа од домот. Постепено, домот престана да функционира како таков.
Лидија Николаевна: Владика навистина сакаше сите деца во домот да добијат образование. Кога ние само што пристигнавме во Сан Франциско, некои од жените кои што го водеа домот, предложија за девојчињата да работат како чистачки по куќи за да заработат пари, но Владика рече: “Моите девојчиња нема тоа да го работат.” Најпосле, сите завршија школо и добија работа, додека пак многумина од момчињата отидоа во војска. Петар служеше во Германија.
Петар Јонович: Кога дојдовме во Америка, државата даваше парична помош за секое дете околу шеесет долари месечно. Но после осумнаесет години, таа парична помош се укинуваше и едноставно домот не можеше да не издржува сите. И така сите ние момчињата, освен оние кои беа болни, отидовме во војска и ова овозможи да домот продолжи да го подржува образованието на децата со помош на GI Bill (закон за law providing benefits to returning services men). По смртта на Марија Александровна Шахматова, управител на домот стана Вера Сергеевна Кател. Кога таа и отец Митрофан за разболеа, јас и Петар го помагавме домот колку што можевме, но средствата за одржување не беа доволни и што понатаму? Според законот, тој дом ни припаѓаше нам [на штитениците], како што Владика Јован самиот плати за него пет илјади долари. Но на состанокот, сите ние едногласно решивме да го дадеме на епархијата за да се зачува, но со услов да црквата и ќелијата на Владика останат наши.

Каква улога игра Владика Јован во Вашите животи?

Лидија Николаевна: Тој, со својот живот, ни покажа многу примери: што е православната вера, како да живееме во црквата, како да љубиме, како да простуваме. Ние се трудиме. Му се молиме. И доколку за нешто му се обратам на Владика, тој веднаш ми помага. Јас намерно ја чувам неговата икона на малиот кабинет за да моите внуци секогаш ја гледаат.

Во што беше внатрешниот извор на извонредната сила на Владика?


 Лидија Николаевна: Ми се чини дека тој така се роди. Во него беше Божјата благодат уште од почетокот. Тој сакал да се моли уште од своето детство. И луѓето секогаш го љубеа и сакаа да го следат неговиот животен пример.






Wednesday, June 10, 2015

Клетва

9ти Јуни, 2015
Нашите срца се збунети. Магливи се!






“Ah, how good it feels! The hand of an old friend”  (Ах, колку убаво чувство! Раката на стариот пријател) Хенри Вадсворд Лонгфелоу.

Пред некој ден еден мој собрат ме проколна со зборовите: "да даде Господ се најлошо да ти се случи во животот." Неговите зборови доволно ме ранија, особено имајќи го на ум фактот се она кое што чинев за него низ годините. Мислите не ме оставија да мирувам. Речено е да не очекуваме "благодарам" од синовите човечки, иако честопати, по својата слабост, тоа го очекуваме. Вчера, додека читав една книга, во објаснувањето на делот од литургијата "да се сакаме еден со друг...", го прочитав следното: "љубете ги оние кои Ве колнат, правете им добро на оние кои ве мразат" (Мат. 5.44).
Многупати е тешко за нас, озлобените, да сториме зборовите на устите наши и помислите на срцето да ни бидат чисти, и благоугодни. Некој, изгорен во животот, но и полн со покајание, напишал: Денес, на момент насетив дека сум избркан од рајот - избркан зашто едни браќа љубам повеќе, а други помалку; зашто на навредите, наместо да благодарам, јас се срдам. Само една ѓаволска помисла може да фрли во пеколот, а во исто време пак, само едно мало внимание на грижа и љубов кон ближниот, може да го исплете венецот на вечниот живот.
Научив дека љубовта е силна како смрт. А сега, пишувајќи и за љубовта, за унијата со неа, традицијата на Светата Црква како и биографијата, го говори следниот настан за светиот евангелист Јован Богослов. Кога овој апостол и евангелист достигнал до длабоките години од својот живот, не можел да проповеда повеќе на христијаните како што тоа го чинел порано. Сега, тој се придружувал на верските христијански собири, само доколку се држел до некого. Така, присуствувајќи на тие собири, наместо да проповедал, тој им ги говорел на христијаните следните зборови: "чеда мои, љубете се еден со друг... љубете се еден со друг." Така, овој свет и возљубен Јован продолжил да ги говори овие зборови сѐ до денот на неговата смрт, зашто "оној кој љуби, тој ги следи Господовите заповеди."
  Јас, за својот брат, кој што ме проколна, не можам да говорам, но за мене… научи ме Господи уште повеќе да љубам, зашто ако знаев доволно да љубам, тогаш неговата клетва за мене ќе беше радост, а не нажалување.
Јас се уште ќе го љубам срцето на стариот пријател...






Monday, June 8, 2015

Јас сум најсреќниот човек на светот!


25 Мај, 2015
крај на едно достигнување во животот


Е па драги мои, со многу радост и возбуда Ве известувам дека вчера, по пет годишно школување во Семинаријата "Св. Троица," во Џорданвил, на 24 Мај, 2015, на празникот Св. Кирил и Методиј, дипломирав. Навистината се уште не можам да поверувам дека ја држев во свои раце дипломата. Многу сум радосен, но и малку тажен заради разделбата од овде.
Радувајте се со мене!




Не знам од каде да започнам и со каква експресија да ја опишам радоста која се случи вчера. Зад превезот на зборовите се криеше вистината, оној чист бисер кој што долго стоеше во срцето, а денес ја покажа својата убавина. Да покажувам надменост, немам намера, но морам нешто да нанижам и да ја исполнам оваа празна белина која што чекаше пет години за да се пополни со слова. Од денес, чувствувам дека невидливите крилја, кои низ овие пет години на бура и дожд, на сонце и ветар, ја избркаа омарнината, или по едноставно речено, ми потврдија дека дојдов до едно достигнување во својот живот. Ова достигнување, не ми е со интенција за да се вообразувам, туку уште повеќе смирувам и ревнувам за Оној на Кого решив да Му служам. Навистина зборот “благодарам” не е доволен за да Му се оддаде признателност кон Бога, особено за овие пет години додека учев факлутет. Денес, морам да признаам, дека се чувствувам дражест кај Добриот зашто многу радости излеваше на мене. Живот медномислен, сладок живот, живот во кој духовно пораснав, преминав од детското во возрасен и каде што, научив ако паднам, треба веднаш да станам. Нели така малечките учат да одат?
Потребата за знаење не престанува во животот. Кога една индивидуа доаѓа во туѓа земја, помеѓу народ со друга традиција, непозната за него, истата се чуствува како fish out of water (како риба надвор од водата). Таков бев и јас. Бев странец во непозната земја со непознати и задгранични луѓе, но сепак имавме нешто заедничко. Тоа беше Бога, Црквата, верата. Јас бев еден од неколкумината во историјата на Семинаријата “Света Троица,” кој што дојде без познавање на англискиот. Доаѓајќи зад границите и преку Атланскиот океан, на друга почва, без познавањето на домашниот јазик, си реков во себе:
  • Ќе стигнеш ли до петта година? Мислам дека тоа се случи, зар не?
    Навистински, блажен е оној кој се принудува себе си  и до крај го чекори патот од каде што започнал, бидејќи еден ден духовно ќе се гордее на плодовите. Животот ме научи храбро да се борам и да не се плашам од неизвесностите. Следствено на тоа, во 2010то Лето Господово се качив во авион од Скопје и дојдов во Њујорк. Патував во автобус од тој град, мравјалник од луѓе, за Сираќуз, каде што отец Бранко (наш македонски свештеник) ме пречека. Некое неопишливо чувство помина низ моето тело. Зјапајќи преку прозорецот на автобусот во природата, се прашував: “Какво е во Џорданвил?” Денес, по пет поминати години таму, ниту самиот не знам како ја издржав таа прва година. Кога бев во американската амбасада во Скопје на интервју за виза, бев одбиен во образложение дека не зборувам англиски. Ќе се вратам малку назад во историјата од својот живот: Англиски учев со години во Македонија, но едноставно не бев заинтересиран и го учев само колку за да добијам оценка и тоа беше се. Да го зборувам? Ма никако. Тоа не доаѓаше во обзир. И така додека бев студент во средно богословија, си реков:
  • Стојан, бесмислено е за тебе да учиш англиски. Ти си глупав за тоа. Ти никогаш нема да го научиш англискиот.
    Ги прифатив овие мисли како реалност, како едно помирување на нештата во животот и така продолжив да го живеам својот живот. Но, нешто кое сите го знаеме е Господ промислува за сите нас. Јас никогаш не се надевав, нику пак сум предвидувал дека еден ден ќе отидам во САД, а уште повеќе да се образовам во колеџ каде што предавањата се на англиски. Чудесни се патиштата на Бога! Непознати се за нас, земните. Вака започна мојот почеток овде, или со други зборови, мојата адолесценција од едно скалило на друго.

    Во животот сакам да се радувам, смеам а и да ги задевам моите блиски. Каков би бил животот без насмевка и благодарење? Во својот живот, сакам да патувам, да запознавам нови места и нови пријатели. Мислам дека многу е важно да се поседува дарот на создавање вистински пријатели, да се има шарм во зборувањето. Дел од своите детски и тинејџерски години ги поминав во дом, и мислам дека причината за мојата екстравертност е резултат на тоа. Му благодарам на Бога за можноста да бидам таков. Убаво е и ме исполнува. Кога дојдов овде, не очекував да тече мед и млеко. Без свесен дека ќе наидам на разни искушенија со кои што ќе треба да војувам. Сега се присетувам на мојата прва средба со мојот исповедник и игумен на Светотроитскиот манастир и Ректор на Семинаријата, отец Лука. Еден ден, при крајот од месецот август, во 2010 год., тргнав да се прошетам до гробиштата, недалеку од манастирот. На враќање, отец Лука помина со својот автомобил. Застана на патот, ми даде една јаболка и круша и ми се насмевна. Веројатно знаеше дека јас не зборував англиски и немаше потреба нешто посебно да ми зборува. До денес, немав обиди да го протолкувам тој негов гест а и нема потреба од тоа. Најважно за мене беше што тој негов гест на татковска љубов остана во моето срце. На нашата прва средба со него како ректор, отец Лука ни рече од сите искушенија во Џорданвил, најмногу а потребно да се чуваме и бидеме трезвени од едно: тоа е од ѓаволот на клеветата. Овие зборови ги задржав во својот ум и како што минуваа годините, се покажа дека навистина имаше многу искушенија од овој вид.
    Дефинитивно, оваа Семинаријата се разликува многу од останатите затоа што е дел од манастирот и ние студентите, на некој начин живееме манастирски живот. Не секој може да се адаптира на ваков живот. Не е лесно, но е благословено. Јас уживав во ова. Пред да дојдам овде, имав мал страв во себе, но знаејќи дека одам во манастир, се охрабрував. Знаев дека доколку би имал искушенија, во секое време би отишол во црква и плачејќи би го молел Бога да ме избави. Згора на тоа, кога бев прва година, моето послушание беше да ја чистам црквата. Прекрасно беше. Секој ден по два часа го чистиш восокот на земја, ги бришеш иконите на светителите, го чистиш светиот олтар...
     Во оваа Светотроитска Семинарија и манастир научив многу. Начив што значи манастирски живот, но повеќе за мене важно е тоа што научив да се смирувам. Исто така, барем малку научив да барам прошка од останатите зашто порано бев полош. Кога родителите го прекоруваат и го караат своето чедо, тој им се лути не согледувајќи дека тоа му го чинат од љубов. Таков на почетокот бев и јас. Кога ме караа, се лутев, но како што поминуваа годините и јас растев, почнав да согледувам дека тоа ми го чинеа од љубов, за да ме научат да бидам добар православен христијанин и богослов. Реагирав бујно затоа што бев горд, себичен, егоистичен… И знаете што? Од сега натаму јас пак ќе бидам горд, себичен и егоистичен, но барем со своето живеење и студирање овде, научив како да се борам против овие страсти. Овде, во оваа Семинарија, покрај тоа што учев, растев под духовното раководство на отец Лука. Често, кога ќе ме видеше, наместо да ме прашеше “како си?” тој вака говореше: “Как спасаешсја?” (како се спасуваш?). Слатки беа да се слушнат тие негови зборови.

     Вчера, по петгодишно школување во оваа семинарија ја примив во свои раце дипломата. Се уште ми е чудно дека ова се случи. Невозможно беше да се сокрие возбудата. Тоа утро, се разбудив многу рано и никако не можев да заспијам. Во седум решив да излезам и да прошетам нив шумата, додека мојот другар Борислав се уште спиеше. Сакав да бидам малку сам и да контемплирам за Бога и за “што понатаму?” Кога се вратив назад, Борислав ме поздрави со зборовите: “Good morning, graduate!” (добро утро за момчето кое што ќе дипломира). Неговите зборови уште еднаш ме потсетија и потврдија дека јас навистина дипломирам и за неколку часа ќе ја држам во рака дипломата. Во девет и триесет започна Божествената Литургија на која чиноначалствуваше поранешниот поглавар на Американската православна црква, господин Јона. На крајот од литургијата, митрополитот произнесе проповед за тоа како да го познаеме и искусиме Бога. Тој рече дека вечниот живот започнува овде и сега, со доживување на љубовта Божја овде на земјата. Единственото место за да се најдеме вистински себе си и да бидеме надвор од нашето его е да учествуваме во живиот опит на Неговата благодат. Понатаму, тој ги повика лаиците да постанат садови на Светиот Дух и да ја шират љубовта која што може да биде најдена само во православната црква.
Официјално во два часот попладне, церемонијата со дипломирањето на 67та генерација започна со литија составена од сите професори и студенти од манастирскиот конак во храмот. Таму се одржа Благодарствен Молебен на кој молитвено зедоа учество професорите, студентите и гостите. По молебниот, повторно со литија сите заминавме во салата на семинаријата каде што се одржа целата церемонија на дипломирање. Ректорот, Отец Лука, со свое кратко слово ја прогласи за отворена 67та церемонија на дипломирање за оваа 2015 год. Митрополитот Јона произнесе свое слово во кое што нагласи колку е важно да се стекне Божјата благодат и да се работи на своето спасение. На нам, новите дипломци, ни порача да секогаш го читаме Светото Писмо и секогаш кога ќе се појавуваат проблеми во Црквата и ние како идни пастири кога ќе треба да ги решаваме, да се повикуваме на Светите Отци на Црквата.
Сега сакам да напишам неколку детали додека учев. Нешто, кое што не го сакав беше пишување на есеи. Додека не дојдов да студирам овде, немав пишувано, а згора на тоа има премногу правила. Да, американскиот стил на пишување есеи содржи многу правила кои мора да се следат, но кога еднаш ќе се научат, понатаму ќе биде лесно. Како и да е, не бев оставен сам на себе. Оваа семинарија има добри професори кои што ќе потрошат некое време со студентите за да им помогнат да научат. Еден од нив беше отец Андреј. Тој не само што ми помагаше, туку неколку пати ми рече да дојдам во неговата куќа со своите материјали за да ми го објасни она кое ми беше тешко да го разберам. Да одиш во домот на својот професор за да учиш? Тоа е навистина грижа за своите студенти! Имам неколку карактеристики по кои што засекогаш ќе ја паметам оваа Семинарија:
  • Практичните работи кои што ги научив: литургика со тоа што активно бев инволвиран на црковните богослуженија.
  • Разните послушанија кои што ги работев и истите ми помогнаа да стекнам црковна дисциплина работејќи со монасите, да изградам пријателство со нив.
  • Честите исповеди кои што ми помогнаа да пораснам духовно.
  • Пастирските часеви на отец Григориј, каде што тој често ни раскажуваше примери од своето лично искуство како свештеник.
  • Часевите на отец Лука на кои ни предаваше Патрологија. Ах, колку само ќе ми недостигаат неговите предавања!
Додека работев и го пишував својот дипломски труд, на тема “Жива историја,” еден од отците ми го кажа следново:
Земи го сето она кое ти е дадено, храни го она кое веќе го имаш. Ќе можеш ли повторно да се вратиш овде? Она кое го прими и научи овде, кој знае дали ќе го добиеш на други места. Јас го гледам ова место и да, не е исто како порано што беше - тие луѓе тогаш беа вистински аскети, молитвеници и работници - ова исто така го имаме и денес овде. Јас ја чувствувам благодатта, ја добијам на литургијата. Овде е, дури ме грабнува понекогаш. Ние мораме да живееме со Бога и да веруваме во Него. Верувам дека Тој се грижи за сѐ. Не го губи срцето. Зошто страдаше Господ? Згора на тоа Тој беше Бог. Тој не се откажа. Не ги уништи со вода и со оган оние кои што го распнаа. Затоа биде силен. Сиот твој труд те прави да бидеш силен. Господ ќе го награди твојот труд. Без Него ни домот Божји не го напуштај.


    Заради големата дистанца на оддалеченост, мојот владика не можеше да биде на моето дипломирање за кое што многу сакав, но затоа по своја должност ќе наредам неколку слова и на него. Пред да дојдам да студирам овде, тој ми рече:
  • Стојан, теологијата е нешто кое што се учи низ целиот твој живот. Во Џорданвил посвети повеќе внимание на јазиците зашто подоцна, во твојот живот ќе ти бидат потребни.
    Не можам, а да не пишувам и за отец Кипријан, кој што е декан и воспитувач на студентите. Тој беше со нас буквално 24/7. Секогаш кога ќе се разболев, ќе затропав на неговата врата и тој ме снабдуваше со медицина. По потекло е грк, но јас, во овие пет години, еден проблем со тоа немав со него. Ниту еден. Отец Кипријан е прекрасна личност, монах, и за нас студентите татко и брат. Таквите, со срце отворено за сите, се ретки.
Уште пред да дипломирам, мојот дедо ми вети дека кога ќе се вратам назад, ќе направи скара за мене и ќе се радуваме на моето дипломирање. Тоа не се случи зашто тој се упокои неколку месеци пред денот на моето дипломирање. Уверен сум дека тој вчера се радуваше на врачувањето на мојата диплома.

Низ годините научив, барем малку, да бидам прозрачен во своите животни расужденија и да прозрам низ ансамблот на животните игри кои катадневно го менуваа ритамот на играњето. Јас, немајќи избор, морав да се прилагодувам, без обзир на тоа колку бев зачмаен со животните грижи. Честопати без обојуван со духовна борба каде што имаше периоди кога мислев дека ќе потонам во понорот на земјата. Со лаги сугуби многупати се залажував, но тоа ми помогна да научам дека без Бога не можам ништо да направам. Навистина ништо. Еднаш некаде напишав, и сега пак ќе го сторам тоа: словата на еден мој љубен монах “Во младоста живееме од подвизи, а во староста од спомените,” ми покажуваат да размислувам дека за се во животот треба пот и труд. Лебот треба да се заработи за да се јаде. И уште нешто. Каков живот му принесувам на Бога?
       Го молам Бога за да ми даде Божествено созерцание зашто само така ќе растам во верата и ќе се уподобувам на Него. Понекогаш, потребно е ние луѓето да принесуваме покајание како Ниневјаните, за безаконијата да ни бидат избришани.
Морам да признаам дека многу солзи се лееја по своето лице тој ден, за време на божествената литургија. Без радосен и Му благодарев на Бога за тоа што ме удостои да дојдам до крајот на своето школување. Јас навистина сум најсреќниот човек на светот зашто го имам Бога. Го имам Оној Кој во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.

     До тука го напишав она низ кои поминував овие пет години. Од денес го започнувам животот на една скала погоре. Таа ќе биде потешка, но се додека го имам Бога, истата ќе сјае со неимерно блаженство.

      Патот кој води во живот без тага... таму насочувај ме, мил мој Христе!