Friday, March 6, 2015

Уви мне, рају мој!



22 Февруари, 2015
Во неделата на изгонувањето
на Адам од рајот.







Колку пати стигна до прагот на вратата каде што пишува: “Само вистината постои,” Но не ја грабна храброста за да влезеш во неа. Не си го чини животот да ти биде стоење пред затворени порти. Дојде по слобода, а сега? Желаеш ли да влезеш во затвор?
И овој пат ќе ја отворам вратата на срцето зашто тоа не може повеќе да трпи. Гледам дека често ѕидот се продупчува, а солзите се впуштаат во излевање. Зар тие ќе ги променат нештата во животот, размислувам во себе. Не можам да погодувам, односно не сакам зашто може да се судрам со погрешен одговор. Ние луѓето честопати избрзуваме во своите одговори и заклучоци. Отклучуваме погрешни двери и го соочуваме со непријатни моменти.
Кој ќе го слушне гласот на моите лелеци за барем ако не друго, да ме излаже дека се е добро, а всушност не е? Не знам дали си играм со своите чувства, или пак тие лудуваат во мене. Не знам. Севишниот тоа го знае. Сакам само за запре тоа лудување. Тоа е се што ми треба во овој момент, а и за понатаму. Не, не сакам да ме напаѓаат таквите помисли, зашто се лукави. Мислам дека солзите треба да продолжат да течат. Нека течат и сега додека го пополнувам овој лист. Нека се испразни вирот од солзи за да видам до кој степен и извалкано дното. Само тогаш ќе можам да го исчистам се до следното излевање. Таква е браната на животот: ќе се прелее и ќе се испразни, и пак ќе се наполни.
Солзите не болат, но зошто пак горчат? Како ова да си го одгатнам, а да не згрешам? Ќе започнам од некаде, а ако сторам престап, нека ми прости Бог зашто прикован сум во слабоста своја. Горчат солзите затоа што животните бранови се такви. Честопати горчливи се. Рају, сладок мој рају! Ќе се докоснам ли и јас до портите твои за да нема повеќе солзи од грижи? Уви мне, рају мој! Во овој ден, вечер и во овој свет храм на момент насетив дека сум избркан од рајот. Да избркан. А зошто? Избркан затоа што едни човечки битија ги љубам повеќе, а други помалку. Затоа што кога некој ќе ме удри со навреда, наместо да му благодарам, јас се срдам. И уште избркан зашто станав роб на робот на овој свет и се додека останам таков ќе бидам осудуван на робија. Денес Адам е клекнат на своите колена и плаче заради изгубениот рај. Тука сум и јас, покрај него. Стојам и плачам за таа изгубеност која што многу ми недостига. Таму, во тие пазуви е безбедно зашто нема ништо земно-страдално кое што допира до таму, туку блаженство исткаено со љубов. А љубовта? Патот до љубовта е подарок, предавање, доверување, жртва…
Се уште барам начин за како да му внушнам на срцето да се откаже од земното и да мисли на небесното, неопиливото, онаму каде што зборот човечки не се слушнал. Навистина душите на праведните немаат скудности во ништо зашто нештото во овој свет во сметаа за нешто и така се изборија за нераспадливиот венец. Ете зошто се уште извикувам од болка за рајот. Старозаветниот и славен цар ерусалимски, тој еклисијаст, напишал дека ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг. Ете како и јас се вртам наоколку без да влезам во рајот. Како да чекам некој да ме турне за да кинисам. И друго нешто: та нели имам слободоумие? Никој не ме зауздил или пак заробил. Но што дека имам кога пак не знам да го барам суштинското, она вечното.
Тешко ми е, но зар потребно е да се жалам? Мојата Via Dolorosa сигурно не е повеќе болна и потешка од онаа на Синот Човечки. Затоа го пренебрегнувам рајот заради своите изветоперени дејствија и умувам тврдоглаво. Еве зошто е горчлив животот. Живееме на земјата, ама сме жители на небесата, златоустовиот Јован поучуваше. Уви мне, рају сладок. Не ме оставај  да плачам пред твоите порти.
Уви мне, рају мој!





No comments:

Post a Comment