Thursday, March 5, 2015

Чекори низ младоста

4ти Март 2015
Ти благодарам за сите Твои
добрини Господи, кон мене што
ги направи и што постојано ги правиш.
Трпението Твое  ме направи ревносен
за Твојата вистина.
Нека Ти е слава, Спасителу наш, сега
и во сите векови. Амин!



Четврт ден од овој месец

Срцето ми е исполнето со синовска благодарност кон Тебе за се што си направил за мене, недостојниот.
Што е она што нѝ го загрева срцето? Што е она што го чувствувам како душевна сенка која ме смирува? Овде е, во себе го чувствувам, а сепак не можам да го опишам. Ме гори, гори од благодат. Чудна љубов до изгор. Ми се случува мислите бесполезно да ми велат да го изгаснам огнот. Но, зарем да го гаснам она кон кое копнеам? После долготрајна борба прифатив да ги изгаснам помислите за таквата дилема, но никако благодатта. Таа ме просветлува, топли и ме следи каде и да одам. На секоја литургија, на Епиклезата... Колку многу посакувам да се осоколам, со молитвата да умувам и да го смирувам немирниот намерник кому помош му треба. Животот знае дека за тоа да го можам ќе треба да собирам дела и сила.
Еве, дојде уште еден март, четврт ден од овој месец. Си реков ќе седнам и ќе нанижам неколку слова, па нека стојат запишани на хартијата, во одајата, во овој свет. Ние православите христијани не посветуваме толку внимание на родендените колку на имендените. И има причина за тоа, но истата ќе ја прескокнам овој пат со објаснување. Сепак, јас чувствувам потреба да го истакнам овој ден зашто е ден во кој по девет месеци во утробата ми мајкина, дојдов на овој свет. Сум бил мал како и секое човечко битие. Дојдов на овој свет, а со силата на Светиот Дух без крстен се облеков во Христа. Таинство Божествено е тоа!
Зар немам должност да Му благодарам на Бога за тоа? Имам. Заради тоа, денес за овој ден ќе творам.
Господ го уреди мојот живот. На денот на крштението, ми вети дека ќе биде со мене до свршетокот на мојот живот. Но јас не сакам да бидам со Него само во овој живот. Сакам со душата да бидам дел од светиите кои се на Небесата кој со нив ќе ја пеам Трисветата песна на Пресвета Троица. Денес сум жив. Имам дихание. Сè уште пловам во водите на младоста. Таа младост ме научи дека годините не го прават човека зрел, туку животниот подвиг не учи на тоа. Поттта од челото го горчи јазикот за да каже дека без работа нема леб и беа добри дела нема спасение. Не чувствувам дека само еднаш бев посинет од Отецот, туку дека деноноќно сум посинуван. Трае. Не престанува. Така тврдам зашто така чувствувам.
Живеам во младост во која чекорите нечии ме смируваат,
на чудните нешта се насладувам без да ги одгатнувам,
ударот од брановите го истрпувам,
Заветот на Љубовта го таам,
на парталавиот на улица му се насмевнувам, зашто мила ми е неговата насмевка,
и катадневно се радувам зашто
Отечката посиновеност не престанува. Трае...


Имам уште нешто кое треба да го извадам од срцевите извори на чувства а од умот, мислите. Кои се? Еве ги. Ова е година кога навршуваат веќе пет години од своето битисување во инострана земја која океанот да двои од мојата, по плот, родна земја.
Пет прославени родендени,
Пет утра,
Пет благодарствени молитви,
Пет топли поздрави од ближните.
За мене вредноста на еден момент е радоста. Мислам дека оттука почнува сè и токму затоа животот го гледам преку радоста. Едно знам. Станувам постар, но радоста во Бога ја носам во себе. Таа ме прави млад, како младенците. Ете ја вредноста на некој момент.


И уште нешто. Што го прави овој ден посебен? Можноста што се разбудив за да му кажам на Создателот “Благодарам за сè!” Чекорам по патот на минатото, а денес повторно се раѓам. Некогаш и јас бев дете. Се раѓам.




No comments:

Post a Comment