8ми Март, 2015
Недела
Ќе создадеш радост каде што утрото се раѓа
и вечерта заоѓа.
I дел
Да сакаш значи да ја примиш во себе како своја радоста и тагата на саканиот.
Каков благословен неделен ден!
Какво благословено попладне!
Ми се чини дека во неделата сè е благословено, почнувајќи од првиот удар на црковните ѕвона, па до зајдувањето на сонцето, кога повторно ќе удрат ѕвоната за Вечерна. Сè се радува, па дури и природата одмара и го прославува Бога за сè што создал во овој свет. Сонцето. Тоа пак денес така убаво грееше. Сè уште е зимен период, што значи ладно е, но тоа се пробиваше низ ладниот воздух и на човековото тело му го топлеше телото. Воскресение е секоја недела. Литургиско заедничарење, агапи.
Овој ден, недела, го прави посебен и друго нешто. Да се чинат добри дела, да се посетуваат болни, да се подаде рака на беден, старци во старските домови… Пред неколку минути се вратив од град, од посетата на матушка Надежда која што е живее во домот. Стара е, веќе не може да се движи, ама силна со духот и во верата. Тоа се забележува на нејзиното лице, очи, и се слушаше преку нејзините зборови од кои што Бога често го споменуваше. Сè почна вака: денес мене ми беше редот за да готвам во кујна, овде во Троитскиот манастир. Кога се работи таму, во кујна, потоа телото бара одмор. Се готви за монасите, семинаристите, богомолците. Не е лесно послушание, но благословено е. Зар има поубаво од тоа кога им служиме на ближните? Кога готвиме со ревност и љубов, тогаш Бог го гледа тоа и излева благодат. По манастирскиот ручек, Елизабет, православно покрстена американка која што живее недалеку од манастирот, ми рече дека е со намера да оди да ја посети матушка Надежда во домот и ме праша дали сакам и јас да дојдам со неа. Неколку дена пред ова, со неа зборувавме за свети Јован Шангајски и таа ми рече дека матушка Надежда го познавала и имала неколку средби со него. Зар можев да останам рамнодушен на ова? И реков во прва прилика кога ќе оди кај неа, да ми каже. Денес дојде тој ден. Елизабет знаеше дека сум во кујна и дека ќе бидам уморен, па ми рече ако сакам, можам некој друг ден да одам. И реков дека ќе дојдам и се договоривме во два попладне да ме земе.
Отидов во соба, прилегнав малку, ама подобро ќе беше да не легнував воошто. Кога човек е уморен, и се разбуди по не цел час спиење, сè наоколу му се чини изпревртено. Барем таков бев јас кога ми ѕвонеше алармот. Да, бев уморен Толку ми е спиеше, што бев со мисла да и напишам порака на Елизабет да одложиме за друг ден. Во тој момент и друга мисла ми дојде во умот. Си реков: ” Зар заради една желба да поспијам повеќе нема да отидам да ја посетам матушката во домот? Зар во овој благословен неделен ден ќе бидам себичен и нема да го подарам своето внимание на една душа која што е желна да поразговара со некого? Можеш и вечер да спиеш, а сега оди и посети ја.” По овие мисли станав. По десет минути, откако станав, таа пристигна и тргнавме.
Многу се радувам што отидов. А колку само се израдува матушка Надежда. Истата лежеше во својот кревет, покриена со ќебе. До нејзините раце лежеше свето евангелие и молитвеник. Од нејзината десна страна имаше икона од Богородица, а од спротивната страна, на ѕидот, беше обесена не мала икона од истата Царица Небесна, посветена на Радост на сите Ожалостени. Нејзиното старо лице говореше за животното искуство на кое таа, со својот батушка, поминала. Ех старост! Знае да биде тешка и мачна, ама полна е со мудрост.
Старите ги гледаме ослабати, исушени, но тие поминале низ многу голготи за да бидат онакви какви што се денес. Секој мал гест, љубов и внимание од нас помладите е богатство за нив. Ним не им требаат пари, бесни коли, удобства. Им треба љубов. Сакаат да бидат љубени. Ние, помладите, го забораваме суштинското, ова највредното - љубовта. Наместо тоа, жеднееме на земска слава, задоволства и што уште не. Што е уште по жално, не си доаѓаме на себе за да разбереме кон што треба да се стремиме, се додека не дојдеме во одминати години и не легнеме во постела зашто откако ќе легнеме, тогаш не ни се слатни парите, задоволствата... Таа фаличност или ние ја следиме, или пак таа не следи. Му благодарам на Бога што ја дал староста на луѓето. Само така истите ќе си дојдат на себе си и ќе видат дека земните задоволства не го чинат човекот среќен. Го чинат доблестите, позитивната особина, непорочноста, да ги љубиш останатите повеќе од себе си.
Сега да напишам нешто од денешната средба со матушка Надежда. Ја отворивме темата за свети Јован Шангајски и Сан Франциски.
- Јас собирам материјали од живи сведоштва за овој голем чудотворец, па заради тоа дозволете ми да Ве прашам да ми раскажете повеќе за свети Јован. Слушнав дека тој ви претскажал дека Вашата куќа ќе изгори.
- За тоа мислам дека не, не се сеќавам - почна да говори матушката- но има други работи кои што ни се случија. Прв пат го запознавме свети Јован во Џорданвил, во делот каде што беше печатницата. Мојот сопруг, отец Всеволод, му пристапи да му земе благослов и светителот го праша од каде е. Тој му одговори дека е од Харков, и дека до неодамна живеевме во Аргентина. Свети Јован му рече дека тој е по потекло од таму. Потоа не праша дали имаме деца. Му одговориме дека имаме две мали. Денес, имаме седум деца, но тогаш беа само Николај и Марија. Во тој момент, истите беа надвор, во кола. Свети Јован се заврте во правец каде што беа децата, и крстовидно благослови.
- Но свети Јован не знаеше каде беа Вашите деца, ја прашав?
- Не, не знаеше. Му ги кажавме имињата, а тој само се заврте во правец каде што беа и благослови. Тоа беше првиот пат кога го сретнавме. Вториот пат, кога дојде, нашата средба беше во црквата. Откако излезе од таму, отиде зад олтарот во усипалницата да го целива гробот на еден од упокоените Митрополити. Неколку луѓе тргнаа по него и го чекаа да излезе за да му земат благослов. И јас земав храброст и тргнав. Кога тој излезе од усипалницата, луѓето му пристапија да земат благослов, и јас по нив. Тој благословуваше одозгора па до долу. Ме виде, и ме праша: “како се Никола и Марија?” Јас се штрекнав на неговото прашање. Не очекував дека ги запаметил нивните имиња. Прво, имајќи во предвид колку е зафатен, кој би помислил дека ќе ме праша “како се Никола и Марија.”
- Ех, Владика Јован, и возвратив.
- Да, колку само љубов имаше во него. Немаше да не знае за некој болен, а да не отиде во болница и да го посети.
- За него до утре да зборуваме, мислам дека нема да биде доволно. Чудесен светител е свети Јован, и проговорив.
На крајот од нашата посета кај матушка Надежда, во старскиот дом во Херкимер, и предложив да испееме неколку химни. Мислам дека блесна од радост. Испеавме неколку химни на Пресветата, тропарот на Чесниот и Животворен Крст како и на свети Јован Шангајски и Сан Франциски. Со ова заврши нашата посета. И рековме дека во следна прилика повторно ќе ја посетиме. И посакавме да остане во радоста на Христа и многу сила во нејзината духовна борба против кнезот на овој свет.
Се вративме од старскиот дом. Додека се враќавме назад, во автомобилот, сè уште се восхитував за она кое само што го доживеав со матушка Надежда. Се восхитував на нејзиниот животен ентузијазам кој што го имаше на нејзините години. Разделбата од овој свет се ближи за неа, но таа сè уште е бодра со духот. Црквата и е приоритет, наоружана е со евангелие и молитвеник, икончина на ѕидовите… што уште и треба? Мислам дека таквите како оваа матушка не стравуваат од смртта зашто знаат дека вечноста за нив а на прагот. Го чекаат тој ден за да започнат нов живот каде што секој ден ќе им биде недела и воскресение.
Спомни си Господи за старите во старските домови, а нам не ни давај да ги заборавиме, туку да ги посетуваме и да ги љубиме!
II дел
Дедо
Додека ја гледав матушката, размислував на мојот дедо кој што исто така живее во старски дом. Осаменоста ги јаде тие стари души. Секој пат кога ќе влезам во домот каде што е дедо, прво ме пресретнуваат деетиците погледи на старите кои што седнати зјапаат во мене како некој странец. Зјапаат тие, но ги гледам и јас и им се насмевнувам. Понатаму, има една жена, која ми се чини дека е глувонема, и секој пак кога ќе ме виде, ќе извикне:
- Еве, дојде внуков на С.
Или пак некогаш ќе ме праша:
- Имаш ли девојку?
- Немам, ќе и одговорам со насмевка.
Додека да стигнам до собата на дедо, разни сцени ќе видам. Некоја стара бабичка не престанува да вреска, друга заради својата неподвижност постојано лежи и сè и е креветот.
Додека бев во посета кај него, не можев да ги запрам солзите. Повеќе беше заради неговата болест на заборавеност. Зар не боли кога го гледаш својот сакан дедо, разговараш со него а тој не знае кој си, односно во неговиот ум си некој младич кој дошол кај него? Зар не боли кога својот дедо ти говори дека има внук кој што студира во САД и дека се надева некој ден на внукот да дојде и да го посети? Не само што боли, туку пече. Со солзи во очите го пишувам ова, но што можам јас да сторам? Го молам Севишниот да го чува. Го прегрнав и плачев на неговите рамења. Патем, не знаејќи што да му одговорам, му реков:
- Јас сум другар на С. Тој не можеше да си дојде, ама рече да те поздравам, секогаш мисли на тебе и рече да ти кажам дека многу те сака.
- Благодарам, ми одговори дедо. И вие поздравете го, па кога може нека дојде.
Не знам колку само моето срце тагуваше кога му го говорев сето ова, но немав избор. Ми се чини дека болката моја допираше до небесата. Во тој момент утехата ја барав во солзите.
Во тој дом има е една слепа бабичка која многу ја љубам. Се вика Стојна, Има деведесет и пет години а изгледа како седумдесет. Со неа се запознав на необичен начин. Кога прв пат отидов во домот кај дедо имав единаесет години. Татко ми беше на пат, а јас сам се качив во автобус и отидов во Куманово. Домот е веднаш зад автобската. Лесно е да се дојде до него. Кога влегов во домот, барајќи ја собата на дедо, случајно влегов кај оваа слепа баба Стојна. Оттогаш се запознавме и до ден денес таа многу ме сака а и јас неа. При секоја моја посета на дедо, не ја одминувам нејзината соба. А таа. Колку е само гостољубива! Ручекот ќе го чува за мене, а ако пак веќе го земале, тогаш ќе го отвори својот ладилник, ќе извади што има и ќе ме нагости. Всушност и дедо правеше така. Тој пак, собираше паштети и кога ќе отидев кај него, ми ги даваше. Дедо и оваа слепа баба ме носат при секоја моја можност во тој дом. Ми недостигаат прегратките од баба Стојна.
Последната мој посета кај дедо беше емоционална за мене. Дел од истата веќе напишав. Додек бев во Македонија, очигледно јас бев негов чест гостин. Убаво ми беше кога одев кај него, особено во зимските периоди. По божествената литургија во Скопје ќе се качев во автобус за Куманово. Телесно се закрепнував кај него со што дал Бог. Потоа ќе дремнев неколку часа а тој си седеше на својот стол и чекаше да се разбудам.
Мислам дека доволно пишував за дедо зашто ако продолжам, срцето ќе ми се разгори и тага ќе ме обземе. Тешка беше мојата последна разделба со него. Му реков “довидување” и стоев на вратата. Потоа скришум со гледав како седи на својот кревет и со тага излегов од домот. Таа разделба до овој момент ја носам во себе, а тогаш додека скришно го гледав изустив:
- Те оставам во мир и љубов Божја!
Последната средба со дедо. Големот дедо Стојан со малиот Стојан.
No comments:
Post a Comment