Се прашувам, не разбирам, се вознемирувам. Се прашувам, не разбирам, се вознемирувам, како може добро дело, со чиста мисла во умот и срцето на едни да биде соблазна за други? Дали има нешто “гнило”во туѓото оденесување! Или. Или навистина моите чисти дејанија и искрени желби некого го соблазнуваат, или пак некои страдаат од болеста на зависта? Бидејќи одговор немам, се чудам дали можеби и Господ допушта такви дејанија за да види колку ќе издржам, дали ќе ги фрлам плодовите кои со години ги собирав или пак ќе ги задржам во кутијата. Нели во слабоста ни помага Божјата сила за да искуша колку сме силни во слабоста. Во моментите на трпеливото собирање плодови, радосен сум и не чувствувам никаков товар. Тежината доаѓа на крајот, дури тогаш кога итам кон мигот за наслада од плодовите, наидувам на бездна. Можеби судено ми е.
И повторно искушение.
Да прескокнам - широко е.
Да слезам – длабоко е.
Да го оставам трудот – не можам.. Зарем трудот е за фрлање, а не за создавање?
Во мене се крши човекот, мачниот честит и работлив човек. Какво ли решение да донесам?
Молскавучно мислење ми помага како да ја преминам пречката и за да го продолжам, од Бога зададениот пат. А патем се појавуваа неволји, или пак ѓаволи се? Тие повторно, напаѓаат се повеќе и повеќе. А јас, човекот, треба да се борам и со нив, и со потребата да ги заштитам плодовите, кои долго ги собирав.
Непознатото што татне во мојата глава прашува што понатаму?
Напред? Долу? Назад?
Разумот ме учи дека не можам да продолжам, не можам да го продолжам од Бога зададениот пат.
Назад. Да, назад е решението.
Што друго да чинам освен да се вратам назад и повторно да почнам од почеток. Веројатно Господ забележал незавршена задача која ми ја поставил, па побарува да се вратам, да ја завршам, па потоа да продолжам. Единствено тоа ми останува!
И така почнувајќи од почеток, сега повеќе размислувам како да се одбранам од завидливците кои постојано го пресретнуваат мојот пат. Разамислам, колку ли се радуваат верувајќи во сопствената лага, дека ме победиле! Немајќи друга работа, кутрите тие пресретнуваат туѓи патишта, напаѓаат, грабаат, ја кршат вратата на срцето. Грабаат туѓ труд, не за себе, туку да отрчаат и, кутрите некадарни, да се пофалат пред својот господар дека сработиле нешто, за да бидат широкоградо пофалени. Тоа ли е среќа? Да те пофалат за уништување на туѓо дело? Туѓ живот? Туѓа иднина? И да се сладиш со тоа?
Не тоа е само ѓаволската наслада.
Но, ние сме Божји чеда. Нашата наслада е трудот, упорноста, вербата во Божјата патека.
Решив, се враќам.
Да можеше лесно да се дојде до смирение, сите лагодно ќе ја преминеме таа бездна на патот. Да беше лесно, само ќе прелетавме во нашата смиреност и ете не, стасавме од другата страна, стасавме до Великиот.
И решив уште нешто. Да молчам. Оти ако премногу зборувам додека ги собирам животните плодови, се плашам дека ќе дојдат пак оние, некадарните, ќе ме слушнат, ќе ми запишат некоја набрзина изустена мисла. И, кога ќе треба да ми го нарушат смирението, веднаш ќе ја извадат обвинителната мисла.
Одговори сега не барам, веројатно сум недоволно подготвен за да го добијам или разберам. Можеби треба да почекам. Имам уште многу работа, ме чекаат уште многу падови, а кога ќе дојде време, моќта на знаењето ќе ме зајакне и мудро ќе ме води низ лавиринтите на животот.
Тогаш мојот крст не ќе биде толку тежок!
Тогаш мојот крст ќе биде помоќен!
Тогаш мојот крст ќе ме спаси,
затоа што од тежината на мислата ќе ме смири, и ќе ми помогне да ја поминам бездната, правејќи си мост и со него, со МОЈОТ КРСТ, со верба во ХРИСТА ќе се СПАСАМ од некадарните!
Од ризницата на животот извадено... недовршено!
No comments:
Post a Comment