Декември 11ти, 2014
од личниот дневник
Во сеќавање,
Манаско Ѓоргиев
1949 - 2014
Блажен
е патот по кој што денес врвиш душо,
зашто таму ти е приготвена вечна почивка.
Животот
е полн со изненадувања. Ние луѓето треба
за сè да бидеме подготвени. Кога ни е
убаво, тогаш немаме грижи и се препуштаме
на задоволствата. Во такви ситуации често
забораваме на Бога и забораваме да Му
благодараме за убавото и пријатното
кое што го имаме. А пак, многумина од
нас, кога ќе не снајде неволја, или некој
од своите ќе ни се упокои, роптаме против
Бога. Всушност овде се гледа нашата вера
и тоа колку сме силни.
По
полноќ, во дванаесет и триесет, Господ
посака да ја земе душата на дедо. Се
упокои на шеесет и пет годишна возраст.
Имаше проблеми со срцето. Се слушнавме
пред недела ипол. Знаеше дека на крајот
на овој месец ќе си дојдам во Македонија
и ми рече: “ќе те чекам.” Од дома, не
секогаш ми кажуваа за неговата состојба
за да не ме полнат со грижа. Баба често
ќе кажеше: “ти само учи, дедо ти е добар.”
Оваа година состојбата на моите двајца
дедовци им се влоши, и во срцето чувствував
дека некој од нив ќе замине, а јас нема
да бидам таму. Ете, денес тоа се случи
со едниот од дедовците, на мојата мајка,
татко. Не тагувам толку за неговата смрт
колку што заради тоа што сум далеку.
Далечината боли!
Утрата,
кога стануваме од постела често ни носат
добро, но понекогаш истите знаат да ни донесат и лоши вести. Беше празник на
чудотворната икона на Мама, Курско–Коренска и се подготвував за света
Причест. Ова утро, мајка ми ми напиша
порака на интернет: “ Е сине, баба ти ми
рече да ти кажам дека нема да го видиш
дедо ти. Јас вечер имам авион и молам Бога
да го видам жив, оти готов е.” На прво
читање, овие зборови малку ме стресоа.
Го оставив солзите да течат зашто човечки
е да жалиме за љубените. Веднаш застанав
до иконите и реков нека биде волјата на
Бога, но барем да се причести. Слава на
Бога, локалниот свештеник отиде во
болница и го причести. Срцето ми се
радува што и двајцата се причестивме
на празникот на оваа чудотворна икона.
Сè се случува
со Божја промисла. Блажено е кога човек ќе се упокои причестен. Затоа се радувам за дедо!
Вчера,
додека се уште беше помеѓу живите и
лежеше во постела, го видов преку интернет
и малку зборував со него. Срцето ми се
кинеше кога го гледав како се мачи, но
беше силен. Мајка ми, која што дојде од
Виена, и доцнеше авионот, но дедо издржа и чекаше да ја види, па да замине
од овој свет. Колку само душите чувствуваат
пред да се одделат од телото! Мистични
се тие нешта за нас луѓето. Всушност, кога
и ние ќе издивнеме, верувам и нашите
души ќе го чувствуваат истото.
Денес,
кога зборував со неговиот син, а мој
вујко, ми кажа дека по нашиот краток разговор со дедо преку интернет, тој заплакал и рекол:
“најкриво ќе ми биде што нема да можам
да начекам да дипломира.”
Повеќе
тагував и плачев тогаш, отколку откако
се упокои, зашто знам дека душата не
умира, туку се враќа при Создателот.
Еден
монах од овде, по повод неговото упокоение
ми пиш вака: “држи го споменот твој од
него во твоето срце.” Понатаму ги додаде
и следните слова: “помини време со
Богородица [пред Нејзината икона].
Таа ќе ти ги избрише солзите.” Благи се
овие зборови за душата. Утехата е само
во Христа и во Неговата Пречиста Мајка.
Околностите
не ми дозволија да отидам во Македонија,
но затоа решив да напишам неколку зборови
за истите да бидат прочитани пред вечната
почивка на дедо, пред да го спуштат неговото тело во гробот. Мојата намера му ја
кажав на свештеникот кој што го отслужи
опелото и истиот го стори тоа.
Еве
го она кое го составив:
“Возљубено
мое семејство,
денес
тагувате Вие, но тагувам и јас. Денес,
се проштевате од дедо, но се проштевам
и јас. Созлите Ваши се и мои. Далечината
боли, зар не? Не тагувам толку колку што
заради тоа што не сум таму, со Вас. Но
ете, така сакал Бог и да не заборавиме
дека без Него ништо во нашите животи
ништо не се случува. Имајте на ум дека
Бог нè зима пред
време, туку во свое време. Од сите Вас
очекувам да не тагувате многу, односно
со мерка, зашто ако премногу тагуваме
и лелекаме, тогаш и правиме полошо на
душата. Не и помагаме, туку и одмагаме.
Ние сме православни христијани и веруваме
дека со смртта не завршува животот на
земјата. Смртта не е страшна, туку таа
е премин на душата од овој привремен
свет во духовниот – вечниот. Животот
на човекот не завршува со напуштањето
на душата од овој свет, туку таа е премин
од привременото во вечното. Еднаш, на
едно место ги прочитав следните зборови:
Темни
манастирски ѕидови, налик на гроб во
кој кога ќе легнеме во него, ни го отвара
патот кон царството и не буди свртени
кон Истокот, кон вечноста. Мислам
дека го разбравте ова. Гробот ни го
отвара патот за до Бога зашто никој не
може да го види Бога во тело. Истокот е
Царството Небесно. Ќе Ви кажам мал
пример: за некој род да порасне, прво мора семето да се посади во земја. Со
други зборови за да порасне, треба да
се закопа во земја. Истото го вели Христос
за луѓето. Сите ние треба да ги оставиме
своите тела во земја, за да воскреснеме
на Второто и Славно Христово доаѓање.
Телото е создадено од
земја и во земја ќе се врати, но духот е
тој кој што не умира. Сложете го ова во
Вашите срца!
Јас
се радувам за дедо зашто тој се причести,
а тоа е главната цел на еден православен
христијанин. Нема поблажено од тоа човек
да се упокои причестен, затоа благодарете
Му на Бога за тоа. И уште нешто да Ви
кажам: тој ден (среда) беше празник на
една чудотворна икона на Пресвета
Богородица, Курско-Коренска, Знамение,
и воедно голем празник на Руската Црква
каде што во моментот студирам. Големата
икона кога Ви подарив пред две години,
и сега виси на ѕидот во ходникот, е копија
од таа чудотворна икона на Богородица.
Има уште нешто за ова да Ви кажам: на тој
ден се причестивме и двајцата, дедо и
јас. Јас многу ја сакам и почитувам таа
Чудотворна Икона, а ете, Мама (Богородица)
сакаше и двајцата да ги примите Светите
Тело и Крв Христови. Нажалена бабо, вујче
и мајко, нема ништо случајно, зар не?
Сите
сме гости на овој свет. Колку повеќе
растам, со своето искуство во верата,
учам да не тагувам многу зашто знам дека
овде се е привремено. Зар треба да
дозволиме да го изгубиме рајот заради
земните работи? Зар треба да се препуштам
на земните наслади, уживања и чинење на
лоши работи, а да го изгубам животот
вечен? Не. Не мили мои. Можеби е тешко
ова да го разберете, но еве, малку ќе ги
упростам зборовите: знајте дека овој
свет е привремен и сите ние треба да се
стремиме кон Царството Небесно, каде
што постојано ќе бидеме со Бога. При
зачнувањето на детето, уште од утробата
Бог му дава душа. Значи душата ни е од
Бога дадена и при Бога се враќа. Ние,
како луѓе нормално е да тагуваме. Тагуваме
од љубов. Тагуваме зашто сме ги љубеле
ближните, но да не дозволиме таа наша
тага да не однесе во очајание. Што сакам
да Ви кажам со ова: кај нашиот народ има
лош обичај кога некој ќе се упокои, сите
почнуваат да плачат со зборовите: “зошто
отиде, врати се, каде ќе одиш...” и што
уште не. Од овие работи треба да се чуваме
и така да не правиме, зашто ако го чиниме
тоа, и наштетуваме на душата на умрениот.
Тагувајте, но умерено. Верувам сите ме
разбравте што сакав да Ви кажам со ова.
На душата на дедо, а и на сите новоупокоени,
не им треба плач, туку им требаат молитви. Сега сите треба да се молиме за душата
на дедо со зборовите: “Господи Исусе
Христе, упокој ја душата на Манаско.”
Вака сите треба да правиме.
Затоа, сега, во овој момент Ве замолувам кога ќе фрлите земја, речете вака: “Господи Исусе Христе, упокој ја душата на Манаско.” Истите зборови кажувајте ги секоја вечер до 40тиот ден, а ако можете и понатаму. Бабо, вујче, мајко, Тане, вујно и сите роднини, ова не го заборавајте. Ако вака се молите, ќе бидете од голема полза за душата на дедо. Сега ова најмногу му треба. Немојте да си терате свој неправилен обичај или како што велат кај нас: “сите така прават, па и ние” Прават зашто не знаат. Треба да ја слушаат Црквата, свештеникот. Послушајте ме и правете го тоа.
Затоа, сега, во овој момент Ве замолувам кога ќе фрлите земја, речете вака: “Господи Исусе Христе, упокој ја душата на Манаско.” Истите зборови кажувајте ги секоја вечер до 40тиот ден, а ако можете и понатаму. Бабо, вујче, мајко, Тане, вујно и сите роднини, ова не го заборавајте. Ако вака се молите, ќе бидете од голема полза за душата на дедо. Сега ова најмногу му треба. Немојте да си терате свој неправилен обичај или како што велат кај нас: “сите така прават, па и ние” Прават зашто не знаат. Треба да ја слушаат Црквата, свештеникот. Послушајте ме и правете го тоа.
Драг
дедо, дозволи ми и тебе да ти се обратам
и да изустам неколку слова:
Очекував
дека ќе те видам кога ќе се вратам во
Македонија за две недели, но тоа не се
случи. Имав чувство дека еден од вас
дедовците ќе замине додека јас сум во
САД. Но не тагувам многу зашто знам дека
во другиот живот ќе се видиме. Таму е
блаженството. Таму е радоста. Бог сака
таму сите да се населиме.
Кога се упокои, веста за твојата смрт
ја споделив на интернет и една моја
духовна сестра Андријана која што ја
запозна кога беше дома, го напиша
следното: “Стојанче, ти со своите дела
направи дедо Манаско да биде горд и
среќен човек. Го видов тоа и го почувствував
во црквата Св. Ѓорѓи во Кочани во летото
2013 кога ги донесе Светите Мошти. Кога
ќе те погледнеше, неодолива насмевка
блескаше од неговото лице. Биди среќен
поради тоа. Далечината боли, но ти моли
се за неговата душа...” Се надевам дека
барем нешто малку направив за да се
радуваш на мене. Верувам во нејзините
зборови, зашто знам колку ти се радуваше
на мене и, ќе се осмелам да се пофалам,
на моите успеси кои што само со Божја
помош ги чинам. Морам да признаам дека
ти секогаш го разбираше мојот начин на
живеење и учење. Останатите наоколу,
не навистина го гледаа тоа што го учам
како начин на живеење, туку како професија.
Бог ми даде многу радости. Ти го знаеше
тоа. Без Неговата промисла и помош,
немаше да бидам тоа што сум денес, но
сакам да ти кажам нешто: срцето постојано
ми плаче кога никој од нашите не оди на
литургија секоја недела, и не се
воцрковува. Не велам дека се неверни,
туку не сакам да бидат традиционални
верници, туку сакам да бидат живи верници,
како што Господ ни заповеда. Но Бог е
милостив и Тој сака сите да се спасат.
Ти
во твојот живот имаше на многу да се
радуваш. Прво, на внуците, како што и
самиот често ќе ми речеше. Сите ние треба
од тебе и од баба да учиме за како се
живее сложно, и покрај животните
искушенија и проблеми, да се подржувате
меѓу себе и да се љубите. Денес, живееме
во време кога се губат вистинските
вредности на вистинскиот брак. Денес,
малкумина се таквите кои до својата
смрт остануваат верни еден на друг. Но
што да се прави, на луѓето им е помило
да лудуваат, уживаат и да се не грижат
за моралните вредности.
Мислам
дека многу зборував. Сега легни во
гробот, во местото на твојата почивка
и спиј до Второто Доаѓање Христово. Јас
постојано ќе се молам за твојата душа,
а се надевам дека кога ќе го напуштам
овој живот, Бог ќе ме удостои да станам
наследник на Неговото Царство, па да се
видиме кај Бога.
Вечен
ти спомен, драг дедо...
Господи
Исусе Христе, Сине Божји, упокои ја
душата на твојот новопретставен слуга,
Манаско! Упокој ја, Господи! Амин! “
No comments:
Post a Comment