Monday, December 8, 2014

Отецот кој кој ги сака бедните од њујоршките улици





      Њујорк! Голем град. Чиниш мравјалник од луѓе. Ги анализирам, ги гледам луѓето кои чекорат угоре и удолу по улиците брзајќи. Кој по бизнис, кој на работа, кој само шета, а многумина со торби на грбот чепкаат од канта во канта за да најдат некое парче леб. Или, некој друг остаток од храна кој некој „среќен“ го фрлил. Има и такви кои напишале на хамер дека немаат дом и просат милост од луѓето. Но, луѓето богато облечени и најадени, катадневно поминуваат покрај бедните без да ги забележат.
Вакво е секојдневието по њујоршките улици. Оние кои не биле да го видат овој град, заради некоја си причина, копнеат да го видат. Меѓу тие и јас така го перцепирав.
Многумина кога ќе стапнат во „големото јаболко“ некако се разочаруваат од неговиот трулеж, зашто очекувале да го видат во поинаква благодатна светлина. Реалноста е сурова.
За среќа има добри луѓе кои ќе фрлат по некоја “ситна железна паричка за тие души, а некој и со оброк ги нагостува. За бедните тоа е празник. А пак, Бог, Тој не ги остава.
      Отец Мартин Краус. Овој отец е свештеник под Американската православна црква и служи во Њујорк. Секој четврток, отец Мартин оди на посебна локација и им дели супа и сендвич на бедните.
Неодамна тој одржа предавање во Теолошката Академија (Факлутет) “Свети Владимир” во Њујорк на тема „Храната како средство на благодатта,” каде што го сподели своето мисионерско искуство со студентите.
Отец Мартин израснал во неправославно семејство. Тој ни раскажа дека кога со своите другари бил излезен често “налетувал” на некој сиромав, но не можел да разбере зошто има бедни луѓе. Кога се запишал на колеџ се запознал со својата идна матушка (попадија) која била православен верник. Во една прилика тој отишол со неа на Божествена литургија во Руската црква каде што таа одела. Ја почувствувал благодатта и посакал да стане дел од православата црква. Се покрстил, а потоа и се запишал на Теолошки факлутет, кој што одлично го завршил.
Потоа, отец Мартин бил ракоположен за свештеник, а денес е парохиски свештеник во храмот Света Троица во Long Island, една од населбите во Њујорк. Претходниот свештеник при тој храм, отец Давид Кирк имал основано организација за храна на бедните која се викала Emmaus House. Откако тој починал, отец Мартин го следел примерот на овој ревносен свештеник.
Прво, отец Мартин инсистирал да направи мала кујна во црквата каде што ќе може да се готви. Разбирање нашол помеѓу своите парохјани кои го поддржуваат финансиски за ова богоугодно дело. Така, овој отец со неколку волонтери готват супа и прават сендвичи, а секој четврток со мини комбе одат на Менхетен и делат супа и сендвичи на бедни луѓе кои живеат на улица.
Голем и благословен е овој подвиг! Овој кој што нахранува сиромав, го нахранува Христа.
Отец Мартин во своето предавање објасни подробно што значи да помагаш на сиромаси. Тој ни рече дека треба да се молиме за сиромасите, но ако само се молиме, а не им помагаме не правиме ништо. Храна на сите ни треба, особено на оние кои живеат на улица. Всушност тоа е она што најмногу им треба. Не можеме на таквите да им го проповедаме Евангелието на збор, туку само на дело, а тоа е преку храната зашто храната во овој случај е средство на благодатта со која ќе им се приближиме и помогнеме на овие луѓе. За сиромасите, храната е вратата преку која оној кој помага може да влезе во нивниот живот.
Отец Мартин, од свое искуство, ни рече дека таквите луѓе се чувствуваат како невидливи за општеството, а ние сме тие кои треба од “невидливи” да ги направиме “видливи”. Неговите зборови одекнуваа: Кога ним им даваш храна, потруди се да бидеш како еден од нив, па доколку треба и јади со нив”. Потоа ни раскажа еден настан кој тој го доживеал со една жена која живеела на улица. Кога тој и пристапил, таа ладно му одговарала, но по некое време таа го прашала дали ќе се моли за неа. Отец Мартин и одговорил дека “секако ќе се молам за вакво убаво човечко создание Божјо”. Таа го праша: “навистина сум убава?”- на што тој и рекол секако дека е убава. Потоа, таа му раскажала како била силувана од својот татко како мала и неможејќи да го издржи сиот притисок дома, избегала и веќе неколку години улиците се нејзин дом. На крајот таа му рекла: “ Кога ќе отидеш дома, кажи им на твоите деца колку ги сакаш и кажи им дека вечерва запозна жена која не и беше дадена вистинска љубов од своите родители”. Ова се само неколку настани кои отец Мартин ги сподели. Уверен сум дека во неговото искуство се бројни.
       Голем и благословен е овој подвиг! Овој кој што нахранува сиромав, го нахранува Христа.
Денес, ретки се таквите кои го прават овој подвиг. Но, слава на Бога што се уште ги има. Ние од страна ги гледаме бедните, но кога ќе почнеме да разговараме со нив, заклучуваме дека многумина од нив имаат чисти срца, но животните врвици ги оставиле на улица.
Она кое јас го видов во очите на отец Мартин е големата љубов со која зборуваше за бедните луѓе, а очите на неколку пати му се полнеа со солзи.

      Вака јас го доживеав отец Мартин Краус, свештеникот кој секој четврток оди на Менхетен и им дели супа и сендвичи на луѓето кои живеат на улица. 



No comments:

Post a Comment