Monday, December 1, 2014

Царски манастир

Ноември 20, 2014
Манастир Св. Сава Освештен
Лични записи
Темни манастирски ѕидови, налик на гроб
во кој кога ќе легнеме во него, ни го отвара патот
кон царството и не буди свртени кон Истокот,
кон вечноста.






ПОКОИШТЕ НА ЦРНОРИСЦИТЕ








Што е она што ние го нарекуваме осаменост? Не може да биде едноставно само отсуството на другите, може човек да биде сам, а воопшто да не биде осамен, а може и да биде меѓу луѓе, а сепак да биде осамен, што е тоа?
           За многу нешта во животот бараме одговор од Бога. Му се молиме, се умилуваме, и пак не добиваме. Он знае што е најдобро за нас, и ни дава одговор во свое време. Речиси цела недела бев во манастирот Св. Сава Освешени во Детроит, каде што настојател е о. Пахомиј, монах кој што има уметничко срце. За манастирот, што да кажам? Чиниш во древното руско кралство си. Отец Пахомиј многу се трудел, а кога човека дава се од себе, и од таа пот која што ја наквасува земјата, почнува да никнува по нешто. Пред некој ден, тој ми раскажуваше кога Митрополитот Иларион бил во манастирот, воодушевуајќи се од глетката и сè она што е внатре, му рекол: “овде треба монаси со најголеми професии: музичари, уметници, богослови...”

Настојател и Архимандрит, о. Пахомиј

         Отец Пахомиј е интересна и странољубива личност. На градбата ќе гради, каменот ќе  го претвори во хрисолид, храмот Божји ќе го благоукраси, но човечкото око, кое е завидливо сака да растура онаму каде што не се трудело. И овој монах е опколен од овој тип на проблеми. Ми говореше како пред неколку години, неколкумина од клирот им забранувале на лаиците да одат во овој манастир. Но и тој род Божји не е од вчера, па си рекле: “да одиме и да видиме што е тоа за што ни говорат да не одиме таму.” Дошле, го виделе манастирот и сè она кое дејствува во него и никогаш не се вратија назад во своите парохиски цркви. Почнале да бидат редовни на манастирсите служби.
Ние, острастените, што сме лоши, лоши сме. Зависта која ја носиме, некако не ни се искоренува, туку пријатна ни е. Блазе им на оние кои ја надминале! Такви созданија суштествуваат. Господ да ни помага во борбата против оваа страст.
       Пред некој ден, додека седевме на ручек, зборувавме на разни теми, и о. Пахомиј нагласи една запоставеност од која што ме потикна да размислувам. Станува збор за почитта на Светите Апостоли, при што овој монах ни рече дека кога е празник на некој светител кој што е почитуван многу во една земја (како национален или локален светител), како св. Сергеј во Русија, или св. Сава во Србија, тогаш каква ли не прослава се чини на тој ден. Следствено на тоа, кога пак, е празник на некој од Светите Апостоли, едвај и празнична служба се служи, но се служи проста служба. Неговата поента беше многу вистинита. Нема поделба кај светиите, но во право беше кога рече кога се слави некој велик светител од својата ни земја, тогаш каква ли не уште празнична служба чиниме, а за Апостолите? По Христа, тие го сееја Евангелието низ светот. Ми се чини дека по малку го подзабораваме нивниот спомен. И јас се бројам помеѓу подзаборавените.



         Во моментот во овој манастир има двајца монаси и еден искушеник. Искушеникот, брат Романос, кој што има завршено музичко, плени со својот глас. Другиот монах, отец Зозим, исто така, ми остави силен впечаток. Ќелијата, во која што бев сместен, беше следна до неговата. Неколку пати варевме чај именуван како “Цар Николај втори.” До тој момент не знаев дека постои чај со такво име. Како и да е, има убав вкус. Не сум некој голем љубимец на чајот зашто не поднесувам топло, а истиот кога го пијам, ми се чини сета пот од телото ми ја вади. Во зимскиот период пијам, но на лето...како што би рекле турците: ма јок.” Пиевме и разговаравме. Секогаш си чекам да “подистине,” па ќе се впуштам во празнење на чајната чашка.
Отец Зосима


        Отец Зосима, по земното потекло, е американец. За небесното нема потреба да пишувам, зашто се подразбира дека е Христов. Во постари години е. Во тој наш разговор, дојдов до една потврда за себе, која што ја барав од Бога. За што всушност станува збор? Оваа година ми е последна на факлутет, и често тонам во размислувања од типот каде да се запишам. Со своите идеи и размислувања отидов толку далеку, што на ум ми дојдоа Оксфорд, Кембриџ... Тоа е она човечкото, секогаш да бидеме најдобри и да имаме дипломи од највисоките, според денешниот свет, и прочуени образовани институции. Ех, што сме ние луѓето!
         Сега да се вратам назад на разговорот со отец Зозима. Тој ми раскажуваше дека работел во Хартфорд дваесет и шест години, и јас веднаш го прашав каков е системот во истиот, зашто следејќи ги светските степени, тој е еден од најдобрите. Одговорот на отец Зосима ми го отвори умот за мудро да размислувам и да ги расудувам нештата. Прво ми рече дека е бесполезно. Понатаму рече дека кога во првата година студентите ќе се запишат, доаѓаат како многу важни а некои од нив и арогантни. Се образуваат во тие неколку години, и на крај, откако ќе ја земат дипломата во раце, повторно стануваат какви што беа пред неколкуте години: важни и арогантни. Ќе ја земат дипломата и ќе се вработат во некоја компанија, а тие бараат луѓе кои имаат завршено во вакви университети. Не оти работат кој знае колку, но за компанијата е важно да имаат работници кои завршиле во Хартфорд. Нормално, ова не се однесува за сите, но говорејќи генерално, ова се случува. Некои ќе противречат на овие монахови зборови, но отец Зосим работел таму дваесет и шест години, набљудувал, видел многу работи, па зборуваше за тоа. На крајот на краиштата, ова и да не е вистина, јас најдов голема поука од ова.


         Денес, како и секој воскресен ден, во манастирот отец Пахомиј служеше божествена литургија. Проповедаше веднаш по Евангелието. Тонот со кој што зборуваше беше прилично висок и строг. На почетокот малку се чудев зошто со таков висок тон говори, но имаше причина, а таа е следна: Четвртокот беше американскиот празник “ден на благодарноста,” кога семејството се собира на ручек и благодарат на Бога за сè. Тој ден, во манастирот се служеше Благодарствен Молебен. Неколку луѓе дојдоа, но веројатно поголемиот дел од оние кои отец Пахомиј ги знае, не дојдоа. Денес, во проповедта, отецот спомна и за тој ден на благодарноста и за тоа колку благодариме на Бога и рече: “колкумина од вас, дојдоа во четвртокот на Молебен за да Му благодарат на Бога за сè што ни дава?” Прво се чудев зошто, како што велат кај нас, “го крева гласот,” но имаше причина за тоа. По литургијата, му го кажав ова и тој ми рече: “Можеби во Русија, или во Македонија  нормално да зборуваш ќе те разберат, зашто се православни земји со традиција, но не и овде во Америка. Овде мора така, за да се разбудат луѓето, инаку ќе станат мрзеливи во верата. Прво, општеството овде често ги прави луѓето да бидат такви.” За некои како мене, кои не слушнале некој да проповеда така гласно, ќе почне да осудува, или да си говори во себе: “што се случува со него?” но овде нема ништо лошо. По ова се сетив на Златоустовите проповеди. Мислам дека Св. Јован со уште повисок тон проповедал и укорувал. Денес, доколку сакаме да бидеме вистински пастири, а и вистински православни христијани, не смееме да се плашиме да ја зборуваме вистината, туку да бидеме бестрашни  Христа ради.





        На крајот од Божествена Литургија, отец Пахомиј пред лаиците сподели нешто со кое се потврдија неговите строги зборови од проповедта. Еве што рече:
Сакам да споделам нешто со вас, кое се случи оваа недела, пред денот на благодарноста. Пред шест месеци, Михаил, еден од нашите побожни верници доби удар од кој што му се парализира левиот дел од неговото тело. Заради оваа парализа, тој лежеше во кревет, давајќи се од себе за да се опорави со физикална терапија и се молеше да повторно почне да се движи, а не да остане во кревет до крајот на својот живот и да им биде на товар на другите. Наоѓајки се во таква состојба, тој посака да дојде во црква. Терапистот го донесе во манастирот и беше голем шок и чудење да се види за прв пат како тој сам од капијата, со неговите помагала, изоди до храмот. Додека беше во болница, имаше изодено само неколку чекори од кревотот во неговара соба, и откако го стори тоа, рече дека сака да го стават во автомобил и да го однесат до манастирот, каде што ќе може да Му принесе благодарност на Бога за тоа што му ја поврати силата за да се движи. Дојде за да рече:“Ти благодарам Господи”!
Мислам дека никој од присутните не остана рамнодушен, ниту пак јас. Каква вера гледаме во овие души! Колку е само полно нивното срце со љубов кон Христа! Блажени се таквите! Михаил со ревност Му служеше на Бога, со тоа што прислужуваше, чинеше и помагаше во храмот, а сега Бог му возвраќа според верата. Покрај ова, денес ги слушнав на дело исполнети зборовите од Господа каде вели: нека ти биде според верата и уште добри и верен слуго, во малку си бил верен, во многу ќе те наградам. Нема збор во Евангелието кој што е напишан, а да не се исполнува во нашите животи. Како што растам низ години, читајќи ја таа Вистина, повеќе осознавам колку се само живи тие зборови, зашто сето тоа кое го читаме во Новиот Завет, ни се случува во нашите животи. Затоа и се вели дека Евангелието е жива Вистина.



         Бог ми даде можност да пребивам во многу манастири кои што имаат различни типици, односно правила. Денес, често луѓето ги слушам како ги делат манастирите, односно зборуваат: “овде е рај и сè внатре е прекрасно.” Втори говорат: “овде не служат утрена, и нема убав духовен живот,” а пак трети: “овој манастир а најдобар и е поубав од другиот.” Една важна работа треба да разбереме: сите манастири имаат своја своја убавина, своја традиција, свој типик. Бог не дава повеќе благодат на едниот, а помалку на другиот, тука Тој ја дава еднакво, но колку монасите внатре ќе ја зачуваат, тоа останува на нив. Секој манастир има своја карактеристика. Доаѓаш во Џорданвил, гледаш една градба на манастирот со свој монашки живот и монашко-семинарско устројство. Ќе дојдеш овде, во св. Сава, ќе видиш дека е поинаку со свој манастирски дух. Во Аризона, во манастирот св. Антониј, ја следат традицијата на Исусовата молитва. Манастиот св. Герман Аљаскински во Платина тихува во срцето на тие големи планини. Во Бигорски, Лесново, или пак Зрзе се раководат по друг типик. Благодатта е една, зашто Бог е Еден. Нема поделба во манастирите зашто кога правиме вакви поделби, тогаш го делиме Христа. Додека бев во Македонија, често слушав (па и јас понекогаш правев така) како сите се делат на “бигорчани,” “наумовци,” “лесновци,” “зрзевци,” и се гледаше натпревар, борба помеѓу верните чиј манастир е поубав. Тоа е дело, стапица на кнезот земски зашто тој жеднее за да раздели. Бог собира, а тој разделува. Така овој лош кнез ги раздели Адам и Ева од рајот со цел да ги оддалечи од Бога и од рајската хармонија. Многу треба да се чуваме од ова!
  Секој кој што оди во манастир со намера да го најде Христа и да се спасува, ќе го најде тој бисер, а оној кој што оди таму за да бара само убавина, скапи и позлатени икони, мермерни подови, или грандиозни иконостаси, нема да најде мир во себе и често ќе биде веан од евроклидон.
       Денес, научив дека манастирот е манастир дека секоја планина има своја убавина, и следствено на тоа, секој манастир е украсен од разни подвизи кои црнорисците таму ги чинат. Да не го заборавеме тоа, и да не ги делите манастирите на убав и неубав.
Во овие свети места одиме за да бараме покоиште и да береме плодови, зашто тие дрва не раѓаат сезонски, туку едностојно. 











No comments:

Post a Comment