Wednesday, December 3, 2014

Препораки за како еден православен христијанин да се исповеда за да му бидат простени гревовите





         Главна цел на сите пости е повторно соединување со Бога, од кого што бевме разделени заради нашите гревови. Постиме, се воздржуваме и се молиме со голема вера за со Божја помош да создадеме во себе духовни услови кои што водат до корисно и искрено покајание. Освен тоа, целосниот факт дека сме дошле на исповед, не ни гарантира дека автоматски ќе се очистиме од своите гревови. За потполно очистување од гревовите треба целосно и правилно покајание. Имајќи ги на ум овие факти, за правилна исповед треба да ги следиме следните препораки:

      Православниот христијанин, пред да пристапи на исповед, треба да се сети на гревовите кои што ги има направено, намерно или ненамерно. Истиот мора внимателно да го преиспита својот живот за да се сети не само на оние гревови кои што ги сторил од последната исповед, туку и оние кои што од заборавеност до сега ги нема исповедано. Потоа, со умиление и смирено срце да пристапи кон светиот Крст и Евангелието [на местото каде што се исповеда стои Крст и Евангелие] и да ги исповеда своите гревови.

        1. Исповедај ги своите гревови искрено, имајќи на ум дека не ги исповедаш пред човек, туку пред Самиот Господ. Господ веќе ги знае твоите гревови, и сака ти да ги признаеш и да се каеш за истите. Не треба да се срамиш пред твојот духовен отец: и тој е човек како и ти. Тој ја знае човековата слабост и човековата тенденција кон гревот. Заради оваа причина, духовниот отец не може да биде страотен судија на исповедта. Зар причината од која се срамиш  е заради тоа што се плашиш да не го изгубиш доброто мислење на духовниот отец за тебе? Напротив, кога духовниот отец ќе види дека ти си отворен и искрено ги исповедаш сите сторени гревови, тогаш тој уште повеќе ќе има љубов кон тебе. Згора на тоа, доколку се плашиш да ги кажеш своите гревови пред духовниот отец, како ќе го надминеш срамот кога ќе застанеш пред Христа, на Страшниот Суд? Таму, сите твои гревови кои што не си ги исповедал, ќе се откријат пред Самиот Господ, ангелите и пред сите луѓе.

        2. Биде конкретен кога се исповедаш со тоа што поединечно ќе ги кажеш твоите гревови. Свети Јован Златоуст вели: Не треба само да речеш: згрешив отче, или грешен сум, туку треба да го наведеш секој вид на грев. Откривањето на гревовите, вели св. Василиј Велики, е предмет на истиот принцип како објавување на некоја телесна болест. Грешникот е духовно болен и духовниот отец е негов лекар [исцелител на духовната болест]. Ова ја кажува причината дека православниот христијанин мора да се исповеда, или пак да ги каже гревовите на исти начин како што тоа го прави кога е телесно болен. Под ова се подразбира дека треба да ги сиповедаме нашите гревови на ист начин како што ги опишуваме симптомите на болеста на лекарот. Истото се случува и со духовниот отец на исповед. Истото се случува и со духовниот отец на исповед.

       3. Не спомнувај некој друг за време на исповедта, односно немој да се жалиш од некој со спомнување на имиња. Ако правиш така, тогаш каков вид на исповед е тоа? Тоа не е исповед, туку осудување – додавање на уште еден нов грев.

       4. Не се обидувај да се оправдуваш на било кој начин за време на исповедта; фрлајќи ја вината на твоите слабости, навики и сл. Колку повеќе се оправдуваш, помалку ќе бидеш оправдан од Бога. Колку повеќе се самоизобличуваш, обвинуваш и осудуваш себе си, толку повеќе ќе бидеш оправдан пред очите на Бога.

     5. Кога ќе бидеш запрашуван од духовниот отец нешто, не вели: “не можам да се сетам, можеби го направив тој грев.” Господ ни заповеда секогаш да ги памтиме своите гревови. За да не се оправдуваме себе си дека не се сеќаваме на некои гревови, мораме колку што можеме почесто да ги исповедаме своите гревови. Оние, кои заради нивната неодговорност се исповедаат и се причестуваат ретко, и заради ова ги забораваат своите гревови, не можат никого да обвинуваат, туку самите себе. Оние кои што не се исповедаат, нека не се надеваат на простување на гревовите. Според тоа, неопходно е да се трудиме да ги памтиме своите гревови. Кога некој ни должи нешто, тогаш со сигурност памтиме. Дури и нашите долгови пред Бога ги забораваме. Зар ова не го открива крајното отсуство на грижа за нашата душа од наша страна?

      6. Не набројувај гревови или работи кои што не си ги направил, ако не си запрашан од духовниот отец. Ако кажуваш работи кои не си ги направил, наликуваш како фарисејот од Евангелието. Во тој случај, ти не ги исповедаш гревовите, туку се фалиш и така си ја зголемуваш осудата.


Не е совршен оној кој што започнува добро.
Совршен е оној кој што ќе заврши добро
и кој што е прифатен во лицето на Бога.



     7. Гревовите треба да ги исповедаме со тага и со покајно срце со кое што го нажаливме Бога. Не е добро тоа што многумина ги исповедаат своите гревови прозаично и без вистинско покајание и грижа на совеста. Зборуваат на исповед како да се вмешани во некој секојдневен разговор. Што е уште полошо, некои од нив си дозволуваат да се смеат за време на исповедта. Ова се знаци на непокајание. Исповедувајќи се на овој начин, не се очистуваме од своите гревови, туку повеќе [си] ги зголемуваме.

     8. На крај, исповедај ги своите гревови со вера во Исус Христос и со надеж во Неговата милост. Само со верата и со надежта во Исуса Христа можеме да добиеме простување на гревовите. Како пример за ова е Јуда предавникот кој што беше потиштен и се чувствуваше виновен за она кое што го направи, но немаше вера во Христос, ниту пак надеж во Неговата милост, и така го заврши својот живот [се обеси].
Вака треба да се исповедаме за да добиеме простување на своите гревови од нашиот Господ Бог. “Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен за да ни ги прости истите и да нè очисти од секаква неправда” (1 Јов. 1:9).






Преведено од Џорданвилскиот православен молитвеник.

Не е дозволено никакво препечатување или објавување без дозвола на преведувачот.

No comments:

Post a Comment