Thursday, December 18, 2014

Ќе има ли промена?




Март 3, 2014 

Не брзај чедо во твоите одлуки.

Остави ја младоста да си го тера своето,

а ти гледај срцето да ти биде чисто.

Господ ќе дојде и сè ќе уреди!







        Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што сакам, туку она што го мразам тоа го правам.Нема дупка каде што би се сокрил од гревот, ниту пак жива бездна која би ме голтнала за да ме заштити.Што би бил, јас, без Божјото милосрдие? Каде ли ќе гниев сега доколку Царицата Небесна не ме покриваше со Нејзиниот Покров?
Како дрво со многу гранки себе си се гледам, а плод достоен се уште немам. А не знам дали и еден ден ќе имам. Младоста е убава, бурна, но во исто време знае да биде пресудувачка. Ја гледам со два правци. Прво се е рамно, нема грижи и лесно се чекори, но и таа рамнина има крај каде што одлуката за следниот чекор мора да се донесе.
       Мојата младост. На прагот кон друга стаза во животот. Не ја знам иднината. Малку влева страв, зар не?Сè и е оставена на слободната волја да таа одлучи за следниот чекор. Се уште гледам како во магла. Зар треба да се прашам себе си зошто? Не мора зашто знам. Непослушноста. Додека ја следам непослушноста и немам покајание, деновите indeed ќе ми наликуваат на магла.


Што ако ветувам дека ќе бидам послушен?
Што ако ветувам дека нема да грешам?
Што ако мислам дека сум бог по благодат?

Лажливец сум пред лицето на Бога. Нема вистина во мојата уста зашто со секој изговорен збор “ветувам Господи”, само осуда си навлекувам.Беден сум пред Оној Кој ме љуби и Кој ме повикува да се вратам во радоста на својот Отец.

II

    Оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух - за духовното.Патувам низ овој свет за да најдам скончание. Се уште го носам телото со себе, но ќе дојде време кога ќе го оставам зашто на земјата и припаѓа.А тогаш што можам да земам со себе?Делата, на кои крајот им е безаконие. Ете, пак тие и само тие. Паднатиот човечки престап и со мене. Ме следи откако излегов од утробата ми мајкина зашто така бев зачнат. Како сенка ме следи во животот и до последното издихание ќе ме тегни надолу.Но ако. Јас се радувам. На што би наликувал мојот живот доколку немав тегоби? Така немаше да научам дека кнезот на овој свет не спие никогаш. Барем сега, со искушенијата знам. А еднаш кога знам, лесно бирам оружје со кое ќе се борам. Не можам да кажам дека се борам, зашто ќе бидам лажливец. Знам за тоа оружје, но не го чинам тоа со ревност..
Научив никогаш да не се сопнувам на лагата на умот кој ми вели “не мора денес, остави за утре”. А што, зар јас знам дали утре ќе бидам буден? Што ако не бидам? Ќе имам ли барем седум секунди за покајание? Е тогаш ќе биде плач и крцкање на заби. Дури тогаш како богатиот, ќе викнам од пеколот кон Авраам за да му каже на сиромавиот Лазар да го накваси прстот во вода и да ме разлади.Во моите тегоби научив уште нешто: силата Христова се покажува во нашите слабости. ЗатоаБлагословен е Христос, зашто преку трновиот венец ни покажа што е искупување,Преблагословен е Царот на Славата, зашто ни покажа дека без Голгота нема Воскресение иТриблагословен е Бог Кој со многу љубов не возљуби.
      Денес, во ова зимно утро сончевите зраци се пробиваа низ окното и завршуваа на престолот. Тоа ми зборуваше колку Создателот се грижи за мене. Не ме остави да загинам со моите безаконија, но со љубов и рече на душата: “ радувај се и на овој ден и не дозволувај сонцето да зајде во твојот гнев”.Додека се прашував себе си “ќе има ли промена во мене”, јеромонахот со издигнати раце почна да говори:Господи и Владико на мојот живот, дух на празност, униние, празнословие не ми давај…



       Понатаму оставам на срцето да говори, зашто во него има чистота. Тоа знае за промена!
      

No comments:

Post a Comment