Thursday, June 26, 2014

Бог ми е сведок, слушнав звук на кадење!



За слава на големиот чудотворец од нашите времиња, милиот Св. Јован, Архиепископот Шангајски и Сан Франциски; по повод дваесетгодинишниот јубилеј од неговата канонизацијата (1994-2014), а со благослов на свештеникот кој свештенодејствува во храмот кај светијовановите нетлени мошти, се осмелувам да го објавам ова чудо и споделам со сите Вас, кои многу Ве љубам:




       Јас, грешниот, по милоста на Бога и на свети Јован Шангајски и Сан Франциски, големиот чудотворец на нашето време, кого навистина многу го љубам, бев удостоен со следното:
Вечерта по Рождеството Христово слетав во Сан Франциско на поклононение на моштите на свети Јован. Се трудам барем еднаш во годината да одам кај свети Јован. Така и оваа година дојдов на поклонение. Кога одам на поклонение кај свети Јован, обично оставувам една недела и за време на таа недела се трудам да бидам покрај него со читање на неговиот акатист пред нетлените мошти, посетување на местата каде што служел, живеел и сл.




       Додека бев таму, разбрав дека на 13 Јануари (2013) вечерта во 22 часот ќе има бдение во чест на свети Василиј Велики во свети Тихон Задонски, куќата каде што живееше свети Јован. Планирав и јас да одам на тоа бдение. Траеше од 22 до 1 и 30 наутро. Литургијата ја водеше архиепископот Сан Франциски и Западно Американски, Кирил, а епископот Теодосиј ја водеше певницата. Бдението беше прекрасно. Јас, стоејќи за време на службата, во главата ми поминуваа мисли дека пред неколку десетолетија и свети Јован овде, во овој храм служеше секој ден литургија, чекореше во оваа куќа...
        Се причестив со Христовите дарови. По литургијата сите слегоа на долниот спрат во салата да јадат. Јас не слегов долу, туку си реков во себе “сега имам можност да се помолам во ќелијата на свети Јован”. И додека сите беа долу и јадеа, јас отидов во ќелијата на свети Јован за да се помолам. Читав акатист на Пресвета Богородица и на светиот Владика Јован1. Додека читав акатист на Пресвета Богородица, три-четири пати слушнав како некој кади со кадилница. Бидејќи читав акатист, се трудев да бидам сконцетриран на молитвата, само помислив дека можеби некој од чтеците ги пакува одеждите на владиката, но и си помислив дека не е ниту, пак, можно толку силно да се слуша. Згора на тоа сите беа долу во салата и јадеа. Повеќе од ова не се ни осмелував да мислам на нешто друго, најмалку пак дека тоа може да биде свети Јован.
И така ги прочитав двата акатиста и бидејќи бев изморен, седнав на фотелјата во ќелијата да се одморам. Сакам да заспијам, но не можев2. Така седев околку еден час. По два часа откако заврши бдението, како што реков седев на фотелјата, влезе отец Антониј, монах кој живее во таа куќа. Седна на столот во ќелијата и разговаравме. Јас, доколку сретнам некој човек кој лично го знаел свети Јован, или има повеќе информации за неговиот живот, веднаш го молам да ми го раскаже неговото искуство со свети Јован. Отец Антониј лично не го познавал свети Јован, но живее во таа куќа. Јас имам слушнато дека тие луѓе кои живеат таму, понекогаш слушаат или имаа слушнато како некој излегува и доаѓа по скалите, нормално свети Јован, па си реков ќе го прашам дали тој лично слушнал такво нешто. За звукот со кадењето не ни помислив да го прашам затоа што си реков “кој сум, пак, јас да слушнам такво нешто”, второ за плашев да не отидам во прелест.






Го прашав отец Антониј дали има слушнато некој звук или слично во оваа куќа. Тој ми рече дека звук на чекорење по скалите не слушнал, но понекогаш слуша кадење во куќата. Во истиот момент кога ми го рече тоа, морници ми го облија телото, се штрекнав и солзи почнаа да ми течат по лицето. Сето тоа се случи наеднаш и му реков на отец Антониј: “отец јас пред еден час, додека читав Акатист на Пресвета Богородица, слушнав три-четири пати кадење. Бог ми е сведок, слушнав звук на кадење!” Нешто силно гореше во мене во тој момент. Како се чувствував тогаш, не можам овде да го опишам. Просто не можев да верувам што се случува, плачев, но и многу се радував. Интересно беше тоа што, јас не му реков прв на отец Антониј дека слушнав кадење, па дури и кога слушнав не обратив внимание кој кади или сл., туку го прашував дали слушнал звук на чекори по скалите, а тој ми рече дека имал слушнато кадење. Додека го читав Акатистот на Пресвета Богородица, духовно многу се радував, особено затоа имав прилика да бидам сам и да се молам во ќелијата на свети Јован. А и силна благодат чувствував!
       Бидејќи не сакав да отидам во прелест, решив и да разговарам во епископот Теодосиј зашто тој живее во свети Тихон Задонски и е добро запознаен со овие работи. По два дена му го раскажав сето ова и тој ми рече дека голема можност е тоа да бил свети Јован зашто тој често служел во таа црква и ми рече дека доколку некој е близок (духовно) и го сака свети Јован, тогаш голема е можноста да го слушне тоа, (служењето на светителот во куќата свети Тихон Задонски).
Ова го пишувам како сведоштво, кое јас, лично, го доживеав и го слушнав, за мое смирение, а за слава на свети Јован кој и до денес нè не остава со своите молитви. Тој и денес е жив, како што и самиот пред да се упокои рекол: “иако умрев, сепак сум жив.” Особено во Сан Франциско, во куќата каде што живееше, тоа чувство, неговото присуство е многу силно. Јас многу го сакам свети Јован. Особено кога дојдов во САД, да учам, мојата љубов кон него расте се повеќе и повеќе. И што е најинтересно, секоја година се нешто ново доживувам, или добивам од свети Јован. Оваа е втора година како одам на поклонение на неговите мошти. Минатата година добив нешто друго, за кое овде нема да пишувам, а оваа година свети Јован ме удостои да го слушнам неговото кадење.
Слава на Единосушната Троица, на Мајката Божја, сега особено на свети Јован за милоста со која ме удостои. Таа вечер, таа благодат во неговата ќелија, посебно тоа кадење засекогаш не останат во моето срце и од благословот од милиот свети Јован, ќе се радувам!
            Посебен е домот каде што живееше свети Јован...
РАДУВАЈ СЕ СВЕТИТЕЛУ ЈОВАНЕ, БРЗ ПОМОШНИКУ ВО БЕДИТЕ!




Стојанче Андов од Македонија.
Семинарист на трети курс во Светотроитската Семинарија
во Џорданвил, Њујорк.
Напишано во Јануари, 16 во 22:30, Калифорнија, САД.
Лето Господово, 2013


1Помило ми е кога го наредувам “владика Јован”. Така многумина го нарекуваа додека беше жив, а и јас така го чувствувам по близок. Денес, оние кои се уште се живи и го познаваа св. Јован, така му се обраќаат.
2Секогаш кога имам прилика да одам во ќелијата на свети Јован, доколку имам повеќе време да останам таму, се трудам и малку да заспијам на неговата фотелја, но никогаш не можам да заспијам. Или пак малку за заспијам и веднаш се будам. Истото се случи и минатата година кога бев на поклонение во Сан Франциско на свети Јован.









No comments:

Post a Comment