Friday, January 2, 2015

Заради еден часовник

Октомври 4ти, 2014
Манастир Св. Троица, Џорданвил
Утрово се случи!




(Од личниот дневник)


       Не собирајте богатсва на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткупуваат и крадат (Мат. 6:19). Нашиот Бог е Бог кој што сака сите да се спасат. Тоа Он секој ден ни го покажува, но ние ослеплените тоа не го гледаме, односно заради своите човечки цели и идеи, си ги затвараме очните капаци. Да, така правиме.
       Каква лудост! Какво човечко безумие! Помило ни е земното, она материјалното, отколку Божјото. Од толку што сме заслепени, не го гледаме духовното, она спасоносното. Секој ден кога го читам Евангелието, добивам ново потврдување и согледувам колку е вистинито, т.е.живо сè она кое милиот Христос го говореше. Буквално сè се исполнува во животот на човечкото битие. Неопходни ни се работи за да егзистираме, не го одрекувам тоа, но ние луѓето често таа нужда ја надминуваме и истата преминува во страст. И не само тоа, туку кога ќе влеземе во нејзиниот облак, мислиме дека се е удивително (восхитувачко) додека не паднеме долу зашто тој облак поседува подножје.
      Која страст има блажен крај?
      Која страст не носи до Царот на Славата?
      Со ова сакам да ти кажам тебе, душо, не мисли само на овоземното. Истото кога-тогаш ќе заврши, ќе се распадне. Размислувај на квалитетот на нештата кои ги чиниш, а не на квантитетот. Во животот, не се доведувај до ситуација за да бидеш камен за сопнување на твоите браќа, ниту пак за себе. Благодари им на твоите пријатели кога ти зборуваат дека си гордлелива, сластољубива, себична. Да, навистина си, но тоа не смее во никој, ама буквално во никој случај да те гневи. Господ ти ги праќа таквите битија за да те освестат, за да си дојдеш при себе си и да видиш дека патот по кој што врвиш не е добар, ниту пак спасоносен. Макотрпно е, но бори се.
  Се случи нешто денес со кое мислам дека Бог сака да ме научи: да ме научи да не бидам сластољубив и да не се приврзувам кон материјалното. Материјалните нешта за окото изгледаат убави и пријатни, но за душата се оган кои горат и можат да го погубат човекот. Да продолжам понатаму. Поседувам четири рачни часовници. Еден од нив, кој што го платив само осумнаесет долари, ми дојде како најдобар и катадневно го носам. Останатите се поскапи, но и онака истите не ги ползувам дневно, и ги добив како подарок. Отец С. од Сан Франциско до сега ми подари два. Утрово се истуширав и решив едниот од нив (сребреносниот) да го носам. Додека бев на послушание (работа) во поштенската одаја, дојде семинаристот Д. Некако се загледа во часовникот и изусти дека е убав. Јас му реков дали сака да му го дадам. Го извадив од својата рака и му го подадов. Тој прво ми рече дека му е непријатно, па го извади својот, кој што беше обичен часовник, и ми го даде. Тогаш ми рече дека не сака така мојот да го земе, а јас му реков: Д., во ред е. Нема сега да се однесуваме како фарисеите со дај ми, па да ти вратам. Задржи го твојот часовник. Јас имам и друг.” Се двоумеше, но на крајот попушти и го зема. Ми се заблагодари и ми рече дека и тој сака нешто да ми даде од дома. “Уживај, нема потреба”- му возвратив. По ова Д. си замина, а јас продолжив да работам и ете, помислите почнаа да навалуваат: “зошто му го даде? Тој е скап часовник, а и подарок ти беше од отец С.” Внатре во себе нешто силно почна да ме јаде. Тоа беше сластољубието. Просто, не можев да престанам да мислам во умот зошто му го дадов часовникот на Д. Што ли се не ми поминуваше низ умот. Тогаш сфатив колку сум приврзан кон материјалното. Дојдов до таков низок степен, да тагувам зошто му го дадов часовникот.
     Денес видов колку сум сластољубив.
    Денес видов дека поважно ми е материјалното, отколку духовното.
    Денес видов дека до сега поважен ми беше Мамон, отколку Христос.
Видов дека доколку вака продолжам, не само што ќе го изгубам рајот, туку и ќе се изгубам себе си додека сум на овој космос.

    Научи ме Господи да чекорам по Твоите патишта. Не сакам да го изгубам рајот заради еден часовник!




No comments:

Post a Comment