20
Ноември, 2014
Џорданвил,
Њујорк
Лични
записи кои јадовно ги пишував.
(“расколник” од Македонија)
Го чекам тој ден да милоста и вистината
се сретнат, и правдата и мирот да
се целиваат.
(Пс. 84. 10).
Зошто
бијат камбаните? Му се радуваат на
животот? Зошто тогаш ги нема постојано,
а само некогаш се јавуваат? Ако бијат
без престан, ние ќе престанеме да ги
слушаме. Ете, затоа само понекогаш се
огласуваат, за да нè потсетат дека треба
да се радуваме.
Долго размислував и
одлучив да напишам
нешто за товарот кој што СПЦ ни
го прикачува и сее
немир.
Сега
не сум ниту во Македонија, ниту,
пак, во Србија и
полесно ми е да си го отворам срцето и
да напишам што јас досега видов во
“Православниот Балкан.” Всушност, СПЦ
како помесна и афтокефална Црква не го
прави
тоа, туку одредени “митри”,
кои што управуваат со неа.
Секако, тоа
не е дело на целата СПЦ, туку на неколку
поединци. Поради
тоа, денес погрешно
ги разбираме работите,
па така - ако еден
згреши, таа грешка не ја препишуваме на
личноста, тука на сета институција. Така
е во СПЦ, така и е во МПЦ.
Како и да е, пред неколку
месеци влегов во петтата година од
своето живеење, односно школување во
САД. Кога човек ќе излезе од својата
земја, навистина од друга перспектива
ги гледа работите, ќе се осмелам да
речам, од повисока,
зашто не е опкружен од својот народ, и
му се дава можност да види
што мислат другите
православци за нас, а истовремено
да види - како тие Бога
Го исповедаат.
Да кажам нешто за себе,
односно за земната Црква од која што
дојдов и во која што припаѓам.
Откако
дојдов да живеам во Скопје, од својата
дванаесет годишна возраст, во домот за
деца беа родители “11ти Октомври,”
почнав редовно да одам во црква. Тогаш
сè ме интересираше, бев љубопитен и бев
храбар да направам напор
за да дознаам повеќе. Со таа детска
храброст го запознав нашиот Архиепископ,
Стефан. Учејќи за верата од своите
духовни мајки во црквата, слушнав за
зборот “владика,” и ги прашав: “Која
е таа владика?” Во македонската граматика,
зборот “владика” е во женски род, но
се однесува на машкиот пол, односно е
поим за архиереј. Понатаму, истите ми
објаснија кој е тој владика, односно за
неговото блаженство, и реков: “Сакам
да го запознаам.” Отидов во нашата
архиепископија и таму го
запознав. Понатаму, на една од литургиите
во храмот „Свети Димитрија“
во Скопје, на која
Архиепископот
чиноначалствуваше, присутен
бев и јас. Беше почетокот на
литургијата, тој ме виде, ми даде знак
да дојдам и ми го даде архиерејскиот
жезол да го држам. Оттогаш,
често прислужував со него, а во осмо
одделение, во јануари на
празникот Собор на Св.
Јован Крстител ме произведе во чин чтец.
Сето тоа беше Божја промисла, зашто јас
не знаев за тоа. Едноставно отидов на
литургија и тоа утро дознав за намерата
на Архиепископот. Се
сеќавам како немаше света литургија, а
по ручекот да не ме прашаше: Ручаше?
Ако не, веднаш да јадеш, и гледен да не
си одиш. А кога бев, седмо или осмо
одделение, на Велики Петок, кога се пеат
статиите – Оплакувањето Христово, бев
во Соборниот храм во
олтар. Службата заврши
доцна, можеби веќе беше десет навечер.
Тогаш, дедо Стефан, знаејќи дека според
годините не сум голем, и во тоа време
не е добра идеја да си одам пешки,
настојуваше неговиот возач да ме однесе
до домот. Тогаш си реков:
Тој е
архиепископ, па
зарем сега и јас да го замарам
да ме носи со неговата кола...? Патем,
бев срамежлив и барав
илјада начини ова да го избегнам, па
мислам дека некој од свештениците се
најде и ме однесе до домот. Дедо Стефан
го познавам од своите дванаесет години.
Според моето набљудување
за него, кога некој од
верниците ќе му се обратеше, тој не
оставаше некого а да не го ислуша
да му или помогне. Еднаш,
додека се служеше, мислам дека беше,
вечерна, тој стоеше на архиерејскиот
трон во Соборниот храм, а јас како
прислужник до него. Едно семејство му
пристапи да земе благосов и крато нешто
му зборуваа. Откако заминаа, дедо Стефан
ме повика, издави од својот џеб пари, ми
ги даде ми рече: Појди
кај што продаваат свеќи, купи два крсни
приврзоци и дај им ги на тие луѓе. Така
и сторив, а кога отидов да му го вратам
остатокот од парите, ми рече: почести
се сладолед. И уште едно нешто ќе
напишам кое што не знам зошто, но до ден
денес ми е врежано во својата глава. На
тој Велики Петок, кога и јас бев во
олтарот, во еден период додека се пееја
статиите, дедо Стефан стоеше од десната
страна на престолот, молитвено, со
наведната глава, духовно...Едноставно
таа сцена не знам како поинаку да ја
опишам, освен како “светост.” Всушност
тоа треба да бидат архиереите: да се
осветуваат во Христа и своите чеда да
ги упатуваат кон таа
светост.
На некој начин, јас растев под духовната
закрила на Архиепископот
и, виновен ќе се чувствувам ако не кажам,
дека тој ми беше како
духовен татко при кого што растев. Што
сакам да кажам со сето ова? На
моите браќа Срби,
(а и на некои Македонци,
кои судат со затворени очи),
но и на сите оние, за
кои јас и мојот народ сме “расколници”
и кои говорат дека не
постои (македонска) Црква во Македонија,
сакам да им го
кажам следново: Јас
бев роден, крстен, духовно напојуван и
образован во Црквата во Македонија,
која за другите е расколничка. Во 2010
година, кога дојдов на
факлутет во САД, кој
што е под Руската Задгранична Црква,
јас не дојдов како младенец кој што пие
млеко, или како некое новороденче, туку
дојдов со духовна подлога што ја црпев
во својата “расколничка” Црква. Имав
ситуации во кои неколкумина се
обидоа да речат дека нема
црква во Македонија. – А, јас што сум,
од каде сум? - ги прашував.
Пред вас стои личност,
која е од Македонија и од
Црквата во Македонија.
Или, пак,
сега ќе одиме на тоа - “играј
како што ќе ти кажат?” Реалноста тоа го
покажува.
Има
и една друга работа, што за
мене лично е апсурд, која што толку многу
ми пречеше, но на крајот
на краиштата морав да ја прифатам и да
си работам за своето спасение. За што
зборувам? Овде, во Џорданвил, бев топло
примен и немав и сега немам, никакви
искушенија од типот на тоа што доаѓам
од “расколничка” црква. Се
причестувам редовно, се воцрковувам и
сл. Сето ова е во ред се додека сум овде,
во оваа (Руска Задгранична) црква. А кога
ќе се вратам во Македонија, тогаш ќе
бидам раколник. Според тоа,
во оваа црква, а и во било која
друга има благодат, а кога ќе се вратам
дома, ќе немам благодат. Имаше еден нивни
владика кој што во сите изјави ги подржува
српските архиереи, и следствено на тоа,
во неговите очи бев расколник, но заради
тоа што Рускиот Патријарх благословил
да се причестуваме, ок.е со тоа. Не сакав
да мудрувам со него со својата безумност.
На Бога оставив.
Но, од сето
тоа мое искуство заклучив дека сите,
буквално сите многу добро го знаат ова,
односно знаат дека немаат основа да
спорат за благодат, канонски проблеми
и сл., туку за да не дојдат во спор во
другите, ќе си застанат на другата
страна. До некаде работата излегува
дека - целта ги оправдува
средствата. Ова за мене
е вистина која што боли, но јас,
сигурно, ништо
не можам да сменам.
Често
ги следам црковните новости и изјави
на некои архиереи на СПЦ и не можам да
разберам - од каде толку
гнев во нивните срца кон нас? Тоа е или
гнев, или пак тврдокорност. Трето овде
не постои. Кога видов како српскиот
епископ Иринеј јавно се осмели да ја
навредува МПЦ, морам да кажам се засрамив.
Се засрамив од тоа што моите уши слушнаа
од еден православен епископ,
чија должност е да Го следи
Христа и да биде ревнител
во верата пред своите
чеда, поттикнува омраза
кон друга праволавна црква.
Таквите, не го валкаат угледот
на “Стефан,” или на“Стојан,”
но на Црквата. Зар брзо
забораваат дека секоја власт доаѓа
одозгора? Зар заборавија дека тоа
е со благослов на Бога. Кога ќе
застанеме пред Него, зар
Тој ќе не прашува за проблемот МПЦ-СПЦ?
Расудувајќи со својот
човечки ум, не би рекол, туку ќе не праша
(и српските, македонските и другите
архиереи) за тоа - “колку
души внесовте во бродот
- во Црквата.” Денес, јасно
е, дека повеќе се изнесува, отколку
внесува. Јас ова не го пишувам сам од
себе, туку од реакцитте кои што ги слушам
од двата народа кои велат: “Кога
тие се караат, зошто јас да одам во
црква.” Во овие навреди, драги архиереи
на српската црква, му давате на народот
уште еден повод
да не оди во црква и да почне да Го
следи Христа.
Немам никакви предрасуди
кон српскиот народ. Напротив, го сакам.
Навистина ги љубам луѓето, зашто се мои
и јас сум нивни, односно Христови сме.
Затоа, оставете го македонскиот народ
да се љуби со српскиот, да братоствуваат,
а не да се братоубиваат заради тоа што
едниот е од Македонија, а другиот од
Србија. Доволно војни се војуваа,
кои секогаш резултираа
со црнила и гробови.
Доволно крв се пролеваше на Балканот!
Доволно се ширеше омраза!
Доволни беа пропагандите!
Ни треба мир, ни треба ЉУБОВ!
Нема да станете помали доколку ја
признаете МПЦ како Црква на
македонскиот народ. Тешко
е кога, како што вели нашиот народ, некој
ќе се отсели од себе. Јас ќе дополнам
дека тешко нам кога ќе Го
отселиме Творецот од душите на луѓето,
а притоа правејќи и пакост на Црквата.
Луѓето го гледаат сето тоа и се
соблазнуваат.
Морам
да признаам дека до неодамна бев полн
со закоравени мислења,
заради тоа што неколкумина во Српската
црква и нанаесуваат зло
на нашата Црква, а со тоа и на
народот, во мене се појавуваше омраза
кон сиот српски народ. Бев
заслепен
со вакво размислување, а
Бог нека ми прости за тоа. Да не дозволиме
такви сваќања да се вселат
во нашите умови, зашто
тоа е дело на лукавиот. Згора на тоа,
Светите Отци не поучуваат да го мразиме
и презираме гревот во во
човекот, а не самиот човек.
Православието
само по себе е чисто
и свето, но луѓето
внатре ги креираат апсурдите и нечистите
работи. Доста Му
нанесувавме рани на Христа и на
Неговата Света Црква!
И
една друга работа до некои “умни глави”
на СПЦ: Зошто не почнете да го учите
народот да биде Христов, а
не Србин,
или,
пак,
да престанете
со тие национални
пропаганди:
“српска нова година,” “српски Божик,”
итн.? Истото ќе им
го речам и на
Македонците,
зашто и ние сме до некаде задоени
со тој национализам,
како и останатиот православен свет.
Слушам
дека меѓу нас (православните),
имало кавги. Ех, колку ми е тешко дека
морам ова да го признаам... Апостол Павле
забележал
еден проблем во Коринт и веднаш им го
напишал
следното: Секој од вас
вели: јас сум Павлов, јас сум Аполосов,
јас сум на
Кифа, јас пак
Христов. Па зар Христос е разделен? Зарем
Павле беше распнат за вас? Или во името
Павлово бевте крстени? (1
Кор. 1:12-13). Еве го
истото денес! Што постанавме денес за
Христос? Кога дојдов овде, во САД, секој
втор кого што ќе го запознаев, на моето
прашање што е по верување, ми одговараше:
“Србин
-
православен, Грк
-
православен, Македонец
-
православен, Русин
-
православен.” Зар
Христос е разделен на националности?
Зарем Србија, Грција, Русија или,
пак,
Македонија беа распнати за сиот свет?
Во името на овие ли земји се крстивме?
Денес, ова се случува и на Балканот,
помеѓу сите нас. Се удираме во градите
и со гордост декларираме од каде сме, а
забораваме кому припаѓаме. Затоа силата
на Крстот
се губи, а со него, исто така, се губи и
Православието во нашите животи.
Со
страв и тага го пишувам ова...
Спасуваме или погубуваме? Охристовуваме
или и останатите
ги водиме
на погибел?
Со напишаново,
јас сигурно нема да го сменам срцето на
српскиот патријарх
Иринеј, или на оние
кои, нека ми прости Бог,
што,
се осмелувам да кажам, немаат влакно
на јазикот и попалуваат
оган. Истото се однесува и за нашите.
Ни
пак кај нив нема
да ја сменам
тврдокорноста.
Но, едно
ќе изустам и подвлечам: Тагува Христос
кога го гледа својот народ разделен
од „повисоките“
од нас заради своите интереси,
зашто тој народ, тој избран сад,
Тој скапо го откупи со Својата крв.
Денес
го поделивме Христа. Кој Христос го
проповедаме? Националниот или вистинскиот?
Е па, мили мои, не можеме
да им служиме на двајца господари.
Сепак,
јас, минувајќи низ сите искушенија и
провокации како член на
“расколничката” Црква во Македонија,
сакам на моите луѓе од Македонија едно
да им кажам: Да не забораваме дека глава
на Црквата е Христос. А ако Христос ја
основал со Својата крв, тогаш тој нема
да дозволи да се растури. Светиот Дух е
Оној,
Кој
ја држи Црквата и ја исполнува со
благодат.
Да
покажеме достојни дела пред Бога,
а тоа значи - да ги љубиме
оние кои ни посакуваат зло
и да не го запоставуваме
духовниот живот преку Божествената
Литургија, која е центар на сé во
Христовата Црква. Да бидам по експлицитен:
да не дозволиме и ние како православни
христијани да бидеме дел од таа “болест
на православието”. Да не се
чукаме в гради, велејќи:
“Јас сум Македонец”,
а на Христос да му речеме: “Чекај,
Ти си на второ место”.
Наместо тоа, да му
кажеме на остатиот православен свет -
дека ние сме православни
христијани, но
дека прво сме ХРИСТОВИ а потоа
Македонци!
Овде,
во САД, исто така, наидував на проблемот
со Јован. И за него ќе напишам кратко.
Често слушав како луѓето го бранат, но
кога ќе речат дека тој е “маченик”,
е тоа навистина не можев и се уште
не можам да го разберам. Маченик е затоа
што неговото затворање
и така убаво инсценирано
од Српската црква, што го
воздигнува на степен на
маченик. Лично не се согласувам што
тој е во затвор, зашто тоа не е решение,
а што е уште полошо, колку подолго е во
затвор, толку полошо тое се одразува на
нашата Црква. За жал,
топката нам ни ја префлуваат.
За
однесувањето и агресивноста на
приврзаниците на Јован се плашам и да
пишувам. Како можат истите тие да си го
земаат правото да сквернават
по своето и да зборуваат дека млекото
од кое се хранеа за да пораснат не е
вистинско? Ова, тие нека
си го одговорат. Патем, се прашувам -
зошто никој не зборува за тоа кога
пред неколку години (не знам како прават
денес), оние кои што одеа
кај нив на литургија во една барака во
Драчево, со нафората им даваа на луѓето
по 500 денари. Досега не
сум кажал дека некој од
нив, пред три години, се
обиде да не компроитира
мене и мојот колега од
Македонија пред деканот
во оваа Светотроитска семинарија.
Имено, за празникот на св. Климент
Охридски, организирав прием за студентите
и за монасите, каде што дел од храната
јас ја зготвив. Истиот настан како
информација беше објавен во црковниот
сајт “Премин.”
Претпоставувам, некој од поголемите
следбеници на Јован, ја видел објавата,
ја нашол електронската пошта
(имејлот) на нашиот
декан и неколку дена по
приемот му пишал. Еве што му напишаа:
“Отец благословете, дали знаете дека
во вашиот манастир и семинарија имате
двајца студенти кои што се од расколничката
МПЦ? И дали може со љубов да им кажете
дека за нив нема спасение во таа црква?”
Кога го прочитав ова, се насмеав. Кога
тие си го зимаат правото да кажуваат во
која црква има благодат и кој ќе се
спаси, тогаш нема да коментрирам за
истото. Самата содржина на тој меил
говори кои се следбениците на Јован.
Можеби со тоа сакаа да кажат дека ние,
“расколниците”,
треба нив да ги следиме, наместо Христа,
зашто од нив зависи спасението. Можеби,
кој знае!
Често
мојот колега од Македонија ќе дојдеше
кај мене во соба и често дискутиравме
на оваа тема. Понекогаш толку длабоко
ќе навлезевме, што доаѓавме со низа идеи
за тоа како да го решиме
проблемот. Еднаш му реков: “Доста
е! Јас веќе сум уморен од овие проблеми.
Јас сигурно нема да го решам, а и немам
никаква власт. Таа работа е за епископите
во двата синода. Јас
доволно имам свои слабости и гревови
за кои треба да се каам и да работам за
своето спасение.” Живоста на Црквата
се покажува во нашите животи, во нашиот
православно- христијански
литургиски живот. На
Божествената Литургија, за време на
осветувањето на Светите Дарови, ги
кажувам следните зборови:
Ти
благодарам за сите Твои добрини,
Господи, кон мене што ги
направи и што постојано ги правиш.
Трпението Твое ме направи
ревносен за Твојата
вистина. Нека Ти
е слава Спасителу наш,
сега и во сите
векови. Амин!
Мислам дека кога ние,
православните христијани,
би го оставиле тој проблем настрана,
подалеку од нашите животи, и Му
благодариме на Бога за сите Негови
добрини, тогаш лесно ќе го најдеме патот
кој што води кон Бога, кон вечноста.
Потребно е да го
насочиме нашиот живот кон православната
црковна молитва (ги имам
во предвид сите), која
напојува, воедно е боготрагателна и
топла, и е исполнета со продлабочени
потсетувања - дека
целта ни е охристовувањето
и стремежот кон
контемплативниот духовен живот.
Многу ми е тешко кога гледам
како некои архиереи, па и ереи и богослови
на Српската црква,
како се полни со омраза
кон нас. Бог знае колку патам од тоа!
Свети Марко подвижник,
смирен и кроток свет отец од петтиот
век, советува вака: Доколку
човекот целосно не се предаде на Крстот,
не може да биде вистински христијанин
[Христов].
Мечтаам за српскиот и
македонскиот верник да се предадат на
Крстот (собитијно на Христа).
Мечтаам за српските и
македонските свештеници да се љубат.
Мечтаам за српските и
македонските богослови братски да си
подадат рака.
Мечтаам за српската и
македонската бела капа еден ден да
застанат пред светиот престол, братски
да се прегрнат со умилните зборови
“Христос помеѓу нас,” и да го примат
телото и крвта Христови од заеднички
путир.
Цврстата одлука води до
целта, а добрата волја со љубовта Христа
ради, може да направи кај српските
епископи да речат: “Да се возљубиме
еден со друг и со една мисла Христа да
Го исповедаме.”
Браќа, време е за мир, време
е за заедништво зашто така Христос
заповеда.
Зошто
бијат камбаните? Бијат за националниот
Христос, Кого
што денес Го проповедаме!
Господи,
направи да светиот Иринеј и блаженејшиот
Стефан застанат пред славата на Твојот
свет жртвеник и да Ти пренесуваат должно
поклонение и славословие...
За жал повторно почнавме
да ги впиваме мирисите на времињата
кога сестринските цркви ја уништуваа
Охридската архиепископија, а “простата
раја” ја тераа да игра како што тие им
свиреа. Православниот Балкан. Немам
смелост да кажам дека остана православен.
О, Господи, што, што ќе ни
се нам, навидум православни,
зборови, ако во нив не живее љубовта и
ако со Твоето Евангелие шириме омраза?
Дозволивме повторно да ги живееме
времињата, кога наместо луѓето да се
учат дека се Твои, тие учеа дека се Срби,
Грци, Бугари...
сè само не Христови!
Болката, со која гледам како
епископите од Српската,
Грчката, а и некои други
свети цркви,
живи сакаат да не проголтат, уште повеќе
ме гори. Докрајчува. Но,
ова ми дава да размислувам во друг
правец, не одмазднички, туку да го оставам
вулканот нека тече по
својот пат.
No comments:
Post a Comment