16.1.2015
Во вечерната доба во една ќелија
во Бигорски
Времето е река што тече неповратно во еден правец. Понекогаш е убаво од длабочината на таа река да извадиме некои спомени, повторно да се радуваме на нив, но и да пливаме кон иднината. Каде и да се закотвиме во животот, да не заборавиме да Му благодариме на Бога. Да ја запознаеме и стекнеме чистотата на она кое Чистиот ја создаде и да грабаме од неа зашто Он за нас ја создаде.
И денес ќе пишувам за нешто необично кое го доживеав вечерва. Кога зборувам за необично, мислам на она кое со срцето го доживувам, восприемам. Понекогаш навистина е тешко да се опишат случувањата во срцето, во душата... Чувствата како радост и тага секој посебно ги доживува и искажува. Затоа тешко се опишуваат, ама лесно се забележуваат на лицето човеково. Како и да е, имаме зборови за да се пишува, па следствено на тоа вечерва ќе пишувам.
Денес имав необично чувство, необично зашто денес, по долго време го видов својот духовен отец. Во моментите додека седев со него, додека тивко минутите се ситнеа покрај нас, ми дојде на ум настанот за лаикот кој што го посетил св. Антониј. Имено, група на луѓе стигнале кај св. Антониј Велики и нормално секој користел прилика за нешто да го праша овој голем светител. Св. Антониј забележал дека едниот од нив ништо не го прашал, па тој му рекол: “Сакаш нешто да прашаш?” Овој му одговорил: “Доволно ми е што те гледам, оче!” Овој лаик изодел долг пат, а за што? Само за да се нахранува од тоа што ќе го гледа и слуша св. Антониј.
Така
и јас се радував на неговото присуство.
Вечерва многу не зборувавме
со отецот и тој ме праша: “Друго што ќе
ми кажеш?” Немав многу што да зборувам,
ама затоа пак топлината на чувствата
ме облеваа со радост. Тоа е онаа топлина
која ја топлат душата на чедата помилувани
од таткото.
Следното
нешто што ме обзеде беше средбата со
четворицата црнорисци кои влегоа кај
отецот за да земат благослов пред да се
повлечат. Додека тие му пристапуваа,
отецот им говореше: “Ве сакам!” Само
две мали зборчиња. Само две плус пет
мали букви. А во нив океан од чувства.
Зар има нешто помило од овие седум букви
и овие два збора? Очигледно беше дека
звукот на тие зборови беа изглаголани
со чистата љубов на Отецот.
Попладнево
лукавиот малку си поигра со мене. Кога
пристигнав во Бигорскиот
манастир, не побрзав
веднаш да го видам отецот, за
потоа да го чујам гласот на еден од
монасите: „Подоцна ќе те
прими отецот.” Се упатив кон
својата ќелија, но веднаш
почнаа да ме напаѓаат помислите дека
овде сум туѓинец. Зар да
дозволам навистина така да размислувам?
Всушност да, туѓинец сум бидејќи
самиот се заробив од своите помисли.
Дозволив да прифаќам се што влегува во
умот: чисто и нечисто. Имам
многу работа на себе,
морам да се борам против ваквата
моќ на лукавиот. Но сепак, вистината ме
потсетува дека откако заминав да студирам
далеку од мојата земја, телесно се
одалечив од духовниот отец и Бигорскиот
манастир, но тоа не значи дека со тоа
згасна нашата духовна блискост. Ние
луѓето сме многу чувствителни, што
заради едно туѓо изустување го рушиме
мостот со ближните, дури и со духовниците.
Ако е така, ние сме дозволиле оној лошиот
да удри и да растури нечие чувство. А
ние пак, човечки обликувани со маани и
доблести, во својата заслепеност го
гледаме злото, ама дури и го оправдуваме
во нашите помисли говорејќи: “Да, така
е, тој веќе не ни посветува внимание”.
Тогаш не просветлува Тој, и ни кажува
дека ова е чиста заслепеност, ништо
друго.
Пред
пет години, при моето заминување на
студии во САД, дојдов во манастирот за
да се поздравам со духовниот отец. Иако
беше прилично зафатен, најде време да
ме прегрне и да ми рече: “Јас секогаш
ќе те носам во срцето и ние духовно ќе
бидеме заедно.” Ништо повеќе не ме
водеше како ѕвезда низ темнината, како
лек низ болеста. Времето на дело ги
покажа духовниковите зборови. Далечината
е далечина, да ја смените не можеме, но
она кое го носиме во срцето, кај и да
сме, чувството на блискост е со нас.
Вечерва целосно потонав во
неговите зборови кажани пред години, а
се уште свежи. Во текот на нашата средба
ја почувствував неговата љубов, го видов
отечкото во него, она грижливото за
своите чеда, за мене. Потребни ми беа
пет години да ја сфатам длабочината на
зборот на мојот духовен отец, но Му
благодарам на Бога што вечерва во целост
ја разбрав. Научив и нешто ново, за мене
ново, што сакам да го споделам. Да не им
робуваме на помислите и заради нив да
не градиме став за она што е лажно, тажно,
мрачно, мачно. Секундата и минутата не
смеат да ни ја растргнат душата. Духовникот
не не примил веднаш, не зошто не сме му
блиски на душата. Да не роптаме во себе
и да не се измачуваме зошто овој или
оној постапил вакa или така. Сè се случува
со Божја промисла и во тој правец треба
да ги гледаме работите. За себе пишувам,
ама со моето искуство сакам и на други
да помогнам. И кога би имале прилика да
бидеме во присуство на својот духовник,
доволно е само да го гледаме, да го
слушаме, да си речеме: “Доволно ми беше
твоето присуство, оче!”
Оваа
вечер, по речиси две години, го видов
својот духовен отец. Не зборувавме
многу, но имав можност да бидам со него,
да го гледам неговото лице, да го чујат
изустеното од него и да се насладувам.
Имаше уште нешто: При земањето благослов
за повлекување во ќелија, старецот
изусти: “Те сакам, сонце мое!”
No comments:
Post a Comment