Thursday, January 29, 2015

Запис од една радосна вечер! Record of one joyful night!

23 Јануари, 2015то Лето Господово, 
во Катедралната црква на Скопје, 
Рождество на Пресвета Богородица.

January 23th, 2015. 
In the Cathedral Church in Skopje,
  Nativity of the Theotkos





The English text is below the Macedonian





      Во оваа благословена вечер Пресветата Богородица, Наша Мајка ги прегрна своите чеда. Таква радост,топлина во градите, треперење на срцето, очи полни со солзи од умиление, повик, покајание, плач на дете кое ја бара мајчинската прегратка за да се утеши, да побара засолниште, и ја доживува..... Чудо... велеа многумина, но зар е чудо Мајка да Го земе своето чедо во прегратка и да Го благослови со својата љубов. Во оваа вечер сите ние го примивме Мајчинскиот благослов. Се радува Небото, се радува Црквата, се радуваат многу срца."

                 Ах, каква милост од Царицата Небесна!

    Се отслужи Мало Повечерие со Акатист кон Пресветата наша Мајка Богородица. Копија од мироточивата Иверско-Хавајска Икона беше донесена пред која што се славословуваше Акатистот, а на крај сиот народ беше помазан од миро од мироточивата Икона.

    Не можам навистина да напишам нешто за Богородица со свои зборови зашто има многу стихири кои што се напишани од нашите возљубени Свети Отци на Црквата. Можам само да изустам дека оваа вечер нешто необично се случуваше. Навистина Небесната Мајка никогаш не нè остава. Сега се присетувам за настанот со еден монах кој што беше одведен од ангел до небесата. Таму, тој видел многу светии, но не ја видел Богородица и го запрашал ангелот: “Ги видов светиите, но не ја видов Мајката Божја. Каде е Таа?” Ангелот му одговорил: “Повеќе од времето Таа го поминува на земјата, помагајќи им на луѓето.” Оваа вечер, моето срце почуствува дека Таа беше со верниците во црквата. Иконата беше само копија од Иверско-Хавајската, и уште, имаше многу луѓе кои што чекаа во редицата за да се поклонат на иконата. И не само тоа, но на многумина очите им беа полни со солзи. Да, истите плачеа. Ох Ти, наша Мајко, Богородице! Нè не оставај нас, кои Те молиме, туку продолжи да не покриваш со Твојот омофор. Ни треба Твоето застапништво пред Твојот Син!
                          Те сакам многу!


English version

         In this blessed evening, the Most Holy Theotokos, our Mother, has embraced Her children. Such joy, warmth on the soul, trembling with the hearts, eyes full of tears and full of compunction, call, repentance, cry of a child who is thirsty for motherly embrace for consolation, to find refuge, all of us felt this evening. It's a miracle – many of the present have said. But is it a miracle for a mother to take her child in her arms and hug him with her love? This evening, all of us had received the Motherly blessing from the Holy One. The heaven rejoices, the Church rejoices, many hearts rejoice.
        Ah, what a great mercy from the Heavenly Queen!

     This evening, January 23th, 2015, in the church of the Nativity of the Theotokos in Skopje, a copy of myrrh-streaming Iveron-Hawaiian Icon of Theotokos has been brought. On that occasion, Small Compline with the Akathist to the Theotokos was served where at the end of the service, the faithful were anointed with the myrrh of the myrrh-streaming Hawaiian Icon. This Icon was made by the guardian of the Icon (ikonophoros) br. Nectary. We are greatly thankful to br. Nectary for this opportunity, to have copy of this icon and the myrrh that close to two hundred people were anointed. 
 
      I can not really write something for Theotokos with my own words because there is so much stichiras written by our beloved Holy Fathers of the Church. I can only say that this evening something unusual was happening. Indeed our Heavenly Mama never leaves us. Now I recall again the story of one monk when he was taken by the angel to heaven. There he saw many of the Saints, but he did not see the Theotokos and he asked the angel: “I saw the Saints, but I did not see the Mother of God. Where is She?” The angel answered to him: “most of the time She is down on the earth, helping people.” My heart felt this evening She was with all the faithful in the church. It was only a copy of the Iveron-Hawaiian Icon, and yet there were lots of people waiting in line to venerate the icon. And not only that, but with fear and their eyes were full of tears. Yes, they were crying. Ah You, our Theotokos, do not turn away from us and we beseech you, continue to cover us with Your omophorion. We need your intercession before Your Son!
                    I love You very much!



     Some of the text (the Macedonian) is written by people who were there and their impressions from that joyful night.


  А сега нека глаголат фотографиите...
Now, let the pictures speak...


     “To the Theotokos let us run now most earnestly, we sinners all and wretched ones, and fall down, in repentance calling from the depths of our souls; hasten thou for we are lost in a throng of transgressions. Turn not thy servants away with empty hands, for thee alone do we have as our hope.”










The presence of the Mother of God through the abundant grace gave birth through heavenly happiness.
Countless hearts joined in a prayer of thanksgiving, countless eyes staring at the table, where amidst a tapestry of flowers symbolically lies that Iveron-Hawaiian, the Queen Mother, Everything is painted with heavenly splendor and glory to the Queen Mother.
D. B



Кон Богородица со љубов сега да пријдеме ние грешните и смирени, да паднеме во покајание викајки од длабочината на душата: Владичице, помагај ни милувајќи не,
побрзај пропаѓаме од множтвото грешки. Не одбивај ги напразно твоите служители зашто те имаме како единствена надеж (2 пати)



         Присуството на Мајката Божја преку обилната благодат раѓаше небесна радост.Безброј срца слеани во една благодарствена молитва, безброј погледи свртени кон трпезата, каде што среде сплетот од цвеќе симболично лежи Онаа,Иверско-Хавајска,Царицата Мајка,Сѐ е обоено со небесниот сјај и славата на Царицата Мајка.
                                                                                                      Д.Б













     


       Секој има рамо на кое се потпира кога теретот од секојдневието е потежок од сопствените сили,секој има рамо за плачење, рамо за утеха, прегратка полна со љубов во која ја излева својата тага и својата радост,секој има НЕКОЈ во својот живот со кој ги споделува изгрејсонцето и заогањето на денот,во душата на НЕКОЈ, мојата душа наоѓа прибежиште, дом, соба за спокој, постела за одмор на истрошеното и уморно тело, извор на вода со која ја гаснам својата жед,топол оган да го загрее моето вкочането срце,тенџере полно со слатка чорба од духовни плодови со кои го заситувам гладот на празната утроба......Мојата душа го најде својот НЕКОЈ...нашата Мајка Богородица......денес повторно мојата душа беше во Нејзината прегратка. — во Во храмот посветен на Пресвета Богородица.
                                                                                                    Т.Ј

        Тропар Гл. 2.
Топло молење и неразрушива карпа, извор на милоста, 
засолниште на светот, сесрдно ти пееме: 
Богородице Владичице која си единствена брза посредничка, побрзај и избави не од бедата.







 “We have none other help, we have none other hope then thee, O Lady. Do thou help us. On thee do we set our hope, do we glory. Let us never be confounded, for we are thy servants.”




Фотографии од оригиналната Иверско-Хавајска Мироточива
Икона на Богородица со нејзиниот хранител, брат Нектариј.

Pictures of the original Iveron-Hawaiian Myrrh Streaming Icon
of Thetokos with her guardian, br. Nectary.













 Хранителот на Миротоливата Икона,
брат Нектариј




Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите....
Тебе, Вистинската Богородица, Те величаме!

More honorable than the Cherubim, and beyond compete more glorious than the Seraphim... 
the very Theotokos, thee do we magnify!




Tuesday, January 20, 2015

Туѓинец или љубеник во манастир

16.1.2015
Во вечерната доба во една ќелија
во Бигорски



      
     Времето е река што тече неповратно во еден правец. Понекогаш е убаво од длабочината на таа река да извадиме некои спомени, повторно да се радуваме на нив, но и да пливаме кон иднината. Каде и да се закотвиме во животот, да не заборавиме да Му благодариме на Бога. Да ја запознаеме и стекнеме чистотата на она кое Чистиот ја создаде и да грабаме од неа зашто Он за нас ја создаде. 
     И денес ќе пишувам за нешто необично кое го доживеав вечерва. Кога зборувам за необично, мислам на она кое со срцето го доживувам, восприемам. Понекогаш навистина е тешко да се опишат случувањата во срцето, во душата... Чувствата како радост и тага секој посебно ги доживува и искажува. Затоа тешко се опишуваат, ама лесно се забележуваат на лицето човеково. Како и да е, имаме зборови за да се пишува, па следствено на тоа вечерва ќе пишувам.
      Денес имав необично чувство, необично зашто денес, по долго време го видов својот духовен отец. Во моментите додека седев со него, додека тивко минутите се ситнеа покрај нас, ми дојде на ум настанот за лаикот кој што го посетил св. Антониј. Имено, група на луѓе стигнале кај св. Антониј Велики и нормално секој користел прилика за нешто да го праша овој голем светител. Св. Антониј забележал дека едниот од нив ништо не го прашал, па тој му рекол: “Сакаш нешто да прашаш?” Овој му одговорил: “Доволно ми е што те гледам, оче!” Овој лаик изодел долг пат, а за што? Само за да се нахранува од тоа што ќе го гледа и слуша св. Антониј.
Така и јас се радував на неговото присуство. Вечерва многу не зборувавме со отецот и тој ме праша: “Друго што ќе ми кажеш?” Немав многу што да зборувам, ама затоа пак топлината на чувствата ме облеваа со радост. Тоа е онаа топлина која ја топлат душата на чедата помилувани од таткото.
      Следното нешто што ме обзеде беше средбата со четворицата црнорисци кои влегоа кај отецот за да земат благослов пред да се повлечат. Додека тие му пристапуваа, отецот им говореше: “Ве сакам!” Само две мали зборчиња. Само две плус пет мали букви. А во нив океан од чувства. Зар има нешто помило од овие седум букви и овие два збора? Очигледно беше дека звукот на тие зборови беа изглаголани со чистата љубов на Отецот.
Попладнево лукавиот малку си поигра со мене. Кога пристигнав во Бигорскиот манастир, не побрзав веднаш да го видам отецот, за потоа да го чујам гласот на еден од монасите: „Подоцна ќе те прими отецот.” Се упатив кон својата ќелија, но веднаш почнаа да ме напаѓаат помислите дека овде сум туѓинец. Зар да дозволам навистина така да размислувам? Всушност да, туѓинец сум бидејќи самиот се заробив од своите помисли. Дозволив да прифаќам се што влегува во умот: чисто и нечисто. Имам многу работа на себе, морам да се борам против ваквата моќ на лукавиот. Но сепак, вистината ме потсетува дека откако заминав да студирам далеку од мојата земја, телесно се одалечив од духовниот отец и Бигорскиот манастир, но тоа не значи дека со тоа згасна нашата духовна блискост. Ние луѓето сме многу чувствителни, што заради едно туѓо изустување го рушиме мостот со ближните, дури и со духовниците. Ако е така, ние сме дозволиле оној лошиот да удри и да растури нечие чувство. А ние пак, човечки обликувани со маани и доблести, во својата заслепеност го гледаме злото, ама дури и го оправдуваме во нашите помисли говорејќи: “Да, така е, тој веќе не ни посветува внимание”. Тогаш не просветлува Тој, и ни кажува дека ова е чиста заслепеност, ништо друго.
     Пред пет години, при моето заминување на студии во САД, дојдов во манастирот за да се поздравам со духовниот отец. Иако беше прилично зафатен, најде време да ме прегрне и да ми рече: “Јас секогаш ќе те носам во срцето и ние духовно ќе бидеме заедно.” Ништо повеќе не ме водеше како ѕвезда низ темнината, како лек низ болеста. Времето на дело ги покажа духовниковите зборови. Далечината е далечина, да ја смените не можеме, но она кое го носиме во срцето, кај и да сме, чувството на блискост е со нас.
Вечерва целосно потонав во неговите зборови кажани пред години, а се уште свежи. Во текот на нашата средба ја почувствував неговата љубов, го видов отечкото во него, она грижливото за своите чеда, за мене. Потребни ми беа пет години да ја сфатам длабочината на зборот на мојот духовен отец, но Му благодарам на Бога што вечерва во целост ја разбрав. Научив и нешто ново, за мене ново, што сакам да го споделам. Да не им робуваме на помислите и заради нив да не градиме став за она што е лажно, тажно, мрачно, мачно. Секундата и минутата не смеат да ни ја растргнат душата. Духовникот не не примил веднаш, не зошто не сме му блиски на душата. Да не роптаме во себе и да не се измачуваме зошто овој или оној постапил вакa или така. Сè се случува со Божја промисла и во тој правец треба да ги гледаме работите. За себе пишувам, ама со моето искуство сакам и на други да помогнам. И кога би имале прилика да бидеме во присуство на својот духовник, доволно е само да го гледаме, да го слушаме, да си речеме: “Доволно ми беше твоето присуство, оче!”
    Оваа вечер, по речиси две години, го видов својот духовен отец. Не зборувавме многу, но имав можност да бидам со него, да го гледам неговото лице, да го чујат изустеното од него и да се насладувам. Имаше уште нешто: При земањето благослов за повлекување во ќелија, старецот изусти: “Те сакам, сонце мое!”










Friday, January 16, 2015

Качете се на планината, донесете дрвја и градете го храмот на Бога



Порака од свети Јован Шангајски и Сан Франциски чудотворец


       2ри Јули, 2014 навршуваат 20 год.од канонизацијата на Св. Јован. По повод овој јубилеј, ја објавуваме оваа статија која што е извадок од едно послание на Владика Јован до своето паство од Сан Франциско, Калифорнија. Додека се градеше Катедралниот храм во овој храм,се беа појавиле големи недоразбрања и проблеми. Истите дојдоа до степен да луѓето се поделат ба две групи и дојдат да суд. Така, зборовите на Владика Јован се релевантни денес како во тоа време кога тој ги напиша истите.

       Црквата е осветено место; свето место во кое благодатта Божја е присутна постојано. За време на осветувањето на Соломоновиот храм, славата на Бога, која што се појави во вид на облак, го исполни Домот на Господа. Ова се појави во старозаветниот храм. Колку само повеќе благодатта на Бога дејствува во Новозаветите храмови, во кои се дава вистинско очистување на гревовите, во кои ние се причестуваме константно со Телото и Крвта Христова и за време на литургијата Светиот Дух слегува долу и ги осветува предложените Свети Дарови и исто така на сите луѓе кои што се присутни. Вистина е дека секој може да се моли било каде и Господ ги слуша нашите молитви од секаде. Уште повеќе, многу е полесно за еден да се моли во црква каде што сè внатре не поттикнува да се молиме. Оттука е тоа дека нашите молитви одат до Бога и ја повикуваме да дојде Божјата милост врз нас.
Градењето на црква е жртва за Бога; изготвување парче земја за богослужење, донирање од оној кој што може, но најважно е да Му принесуваме од себе љубов, и лични трудови. Црквите била изградувани под различни околности: во време на радост и во време на жалост. Тие беа создадени како свеќи понудени од сите луѓе, кои што се издигнуваат на површината на нивната родна земја.
      Еднаш, Митрополитот на Киев, св. Петар посетил мал град во Москва и му рекол на принцот Јован Калита да изгради “дом на Мајката Божја.” Некои би рекле денес: “Која е користа од нова црква?” Дури и без оваа нова градба, и онака веќе има доволно цркви во Москва. Повеќето од нив беа изградени од татко му на Калита, праведниот принц св. Даниел, но принцот Јован, без двоумење почна со изградбата на Катедрална црква посветена на Успение на Пресвета Богородица. Храмот беше едвај завршен, кога Москва почна да се зајакнува и нејзините принцови се обединија заедно на руската земја.
      Црквите не Му се потребни на Бога, чијшто трон е небесата и чиешто подножје е земјата. Нам ни требаат црквите. Ние сме тие кои што имаме придобивка кога донираме за црквите. Освен тоа, Господ не ја прифаќа толку многу материјата која што е дадена толку колку што нашиот ентузијазам, одушевување и ревност. Христос го нагласи добриот прилог на вдовицата, укажувајќи дека таа пушти повеќе од останатите, зашто богатите пуштија од својот вишок, додека пак таа пушти сè што имаше, сета нејзина издршка. Нашите жртвувања, или откажувања од одредени работи, во името на Бога се прифатени од Самиот Бог. Нашите дарови духовно поминуваат до Божествениот ковчег, од каде што никој не може да ги затвори.
Ова е начинот на кој што стариот побожен руски народ го виде, и истиот ја даде последната лепта на “вујко Власиј” кој што одеше наоколу и собираше средства за градење на црква. На секоја божествената литургија, ктиторите [донаторите] на тој свет храм се спомнуваат.
     Со градењето на цркви, овде на земјата, ние си градиме за себе вечно живеалиште на небесата. Децениите ќе поминат, нашите тела ќе се распаднат и ништо нема да остане од нас, дури и од нашите коски. Меѓутоа нашите души ќе живеат вечно. Колку убаво ќе биде за оние кои што си имаат подготвено живеалиште во небесниот дом! Макар и доколку оние изградени цркви на земјата ќе бидат разурнати, името на градетелите и донаторите ќе бидат запишани во вечната Божествена Книга и молитвите кои што биле принесувани во тие цркви ќе бидат спомнувани постојано.
      Така вели Господ Саваот: “Преиспитајте ги своите патишта!” Качете се на планината, донесете дрвја и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам...
Јас сум со вас, вели Господ. (пророк Агеј, 1).





Преведено од англиски од списанието “Православен Живот”




Sunday, January 4, 2015

Благодатта на тивката ноќ!

Октомври 24, 2013
6 наутро







          Таа ноќ! Толку многу се трудев, но до доцна во ноќта, не можев. Нешто во мене вриеше, нешто необјасниво, нешто што ниту самиот неможев да го разберам. А во исто време, пак, сакав да останам буден за лукавиот да не почне да ме искушува. Ноќта, понекогаш знае да биде многу сурова зашто силата на кнезот земски е во ноќнота доба. Силно држејќи го крстот в раце, одвај потонав во сон.
        Утрото се разбудив со необично чувство, не чувство на страв, ниту пак чувство на слабост. Тоа беше необјасниво чувство кое горев од желба пред иконата да Му го пренесам и да му благодарам на Бога за сè. Мислите на благодарност беа за сподобувањето Божјо кон мене да се сочувам од грев. Добните ноќи, понекогаш, знаат да бидат тешки, но утрата, пак, покајнички.
Ова утро беше поинакво, различно од останатите!
Битијно чувствував радост и копнеж за благодарност на Севишниот, зашто Нему Му припаѓа сета слава, чест и поклонение. Преголема возбуда не е на арно, зашто тогаш лесно се губи она кое со солзи е собирано. И јас бев меѓу тие кои долго собирав и се уште собирам.
Јас да молчам не знам. Дали тоа е одраз на мојата релативно распламтена младост, Бог знае. Доколку пак е, јас ќе си го оправдам тоа како сопствен период на созревање. А знам дека нема човек кој не поминал низ тоа, начинувајќи од чедата на Адам да сè до денес, во време низ кое јас чекорам.
Сонцето, на тој плод во оваа моја младост, му дава светлина и топлина за да не овене и умре, ветерот му носи свежина, земјата го храни за да станам посилен. Мистичен не знам да бидам зашто простотата е во тоа нештата да ги искажувам онака како што ги чувствувам. Се молам, да не ми даде Бог да се гордеам, туку со смирено срце, за сите Негови добрини, да Му благодарам зашто Господова е земјата и сè што е на неа.
Оваа моја “чудна” и блажена ноќ ми дозволи за миг да почувствувам дека кнезот земски од овој свет има власт, но онаа душа која љуби на Бога да Му служи, војската ангелска ја штити за тие во благодатта на тивката ноќ да тихуваат.


Friday, January 2, 2015

Националниот Христос

20 Ноември, 2014
Џорданвил, Њујорк
Лични записи кои јадовно ги пишував.


(“расколник” од Македонија)


Го чекам тој ден да милоста и вистината
се сретнат, и правдата и мирот да се целиваат.
(Пс. 84. 10).

       Зошто бијат камбаните? Му се радуваат на животот? Зошто тогаш ги нема постојано, а само некогаш се јавуваат? Ако бијат без престан, ние ќе престанеме да ги слушаме. Ете, затоа само понекогаш се огласуваат, за да нè потсетат дека треба да се радуваме.
Долго размислував и одлучив да напишам нешто за товарот кој што СПЦ ни го прикачува и сее немир. Сега не сум ниту во Македонија, ниту, пак, во Србија и полесно ми е да си го отворам срцето и да напишам што јас досега видов во “Православниот Балкан.” Всушност, СПЦ како помесна и афтокефална Црква не го прави тоа, туку одредени “митри”, кои што управуваат со неа. Секако, тоа не е дело на целата СПЦ, туку на неколку поединци. Поради тоа, денес погрешно ги разбираме работите, па така - ако еден згреши, таа грешка не ја препишуваме на личноста, тука на сета институција. Така е во СПЦ, така и е во МПЦ.
Како и да е, пред неколку месеци влегов во петтата година од своето живеење, односно школување во САД. Кога човек ќе излезе од својата земја, навистина од друга перспектива ги гледа работите, ќе се осмелам да речам, од повисока, зашто не е опкружен од својот народ, и му се дава можност да види што мислат другите православци за нас, а истовремено да види - како тие Бога Го исповедаат.
Да кажам нешто за себе, односно за земната Црква од која што дојдов и во која што припаѓам.
Откако дојдов да живеам во Скопје, од својата дванаесет годишна возраст, во домот за деца беа родители “11ти Октомври,” почнав редовно да одам во црква. Тогаш сè ме интересираше, бев љубопитен и бев храбар да направам напор за да дознаам повеќе. Со таа детска храброст го запознав нашиот Архиепископ, Стефан. Учејќи за верата од своите духовни мајки во црквата, слушнав за зборот “владика,” и ги прашав: “Која е таа владика?” Во македонската граматика, зборот “владика” е во женски род, но се однесува на машкиот пол, односно е поим за архиереј. Понатаму, истите ми објаснија кој е тој владика, односно за неговото блаженство, и реков: “Сакам да го запознаам.” Отидов во нашата архиепископија и таму го запознав. Понатаму, на една од литургиите во храмот „Свети Димитрија во Скопје, на која Архиепископот чиноначалствуваше, присутен бев и јас. Беше почетокот на литургијата, тој ме виде, ми даде знак да дојдам и ми го даде архиерејскиот жезол да го држам. Оттогаш, често прислужував со него, а во осмо одделение, во јануари на празникот Собор на Св. Јован Крстител ме произведе во чин чтец. Сето тоа беше Божја промисла, зашто јас не знаев за тоа. Едноставно отидов на литургија и тоа утро дознав за намерата на Архиепископот. Се сеќавам како немаше света литургија, а по ручекот да не ме прашаше: Ручаше? Ако не, веднаш да јадеш, и гледен да не си одиш. А кога бев, седмо или осмо одделение, на Велики Петок, кога се пеат статиите – Оплакувањето Христово, бев во Соборниот храм во олтар. Службата заврши доцна, можеби веќе беше десет навечер. Тогаш, дедо Стефан, знаејќи дека според годините не сум голем, и во тоа време не е добра идеја да си одам пешки, настојуваше неговиот возач да ме однесе до домот. Тогаш си реков: Тој е архиепископ, па зарем сега и јас да го замарам да ме носи со неговата кола...? Патем, бев срамежлив и барав илјада начини ова да го избегнам, па мислам дека некој од свештениците се најде и ме однесе до домот. Дедо Стефан го познавам од своите дванаесет години. Според моето набљудување за него, кога некој од верниците ќе му се обратеше, тој не оставаше некого а да не го ислуша да му или помогне. Еднаш, додека се служеше, мислам дека беше, вечерна, тој стоеше на архиерејскиот трон во Соборниот храм, а јас како прислужник до него. Едно семејство му пристапи да земе благосов и крато нешто му зборуваа. Откако заминаа, дедо Стефан ме повика, издави од својот џеб пари, ми ги даде ми рече: Појди кај што продаваат свеќи, купи два крсни приврзоци и дај им ги на тие луѓе. Така и сторив, а кога отидов да му го вратам остатокот од парите, ми рече: почести се сладолед. И уште едно нешто ќе напишам кое што не знам зошто, но до ден денес ми е врежано во својата глава. На тој Велики Петок, кога и јас бев во олтарот, во еден период додека се пееја статиите, дедо Стефан стоеше од десната страна на престолот, молитвено, со наведната глава, духовно...Едноставно таа сцена не знам како поинаку да ја опишам, освен како “светост.” Всушност тоа треба да бидат архиереите: да се осветуваат во Христа и своите чеда да ги упатуваат кон таа светост.
На некој начин, јас растев под духовната закрила на Архиепископот и, виновен ќе се чувствувам ако не кажам, дека тој ми беше како духовен татко при кого што растев. Што сакам да кажам со сето ова? На моите браќа Срби, (а и на некои Македонци, кои судат со затворени очи), но и на сите оние, за кои јас и мојот народ сме “расколници” и кои говорат дека не постои (македонска) Црква во Македонија, сакам да им го кажам следново: Јас бев роден, крстен, духовно напојуван и образован во Црквата во Македонија, која за другите е расколничка. Во 2010 година, кога дојдов на факлутет во САД, кој што е под Руската Задгранична Црква, јас не дојдов како младенец кој што пие млеко, или како некое новороденче, туку дојдов со духовна подлога што ја црпев во својата “расколничка” Црква. Имав ситуации во кои неколкумина се обидоа да речат дека нема црква во Македонија. – А, јас што сум, од каде сум? - ги прашував. Пред вас стои личност, која е од Македонија и од Црквата во Македонија. Или, пак, сега ќе одиме на тоа - “играј како што ќе ти кажат?” Реалноста тоа го покажува.
Има и една друга работа, што за мене лично е апсурд, која што толку многу ми пречеше, но на крајот на краиштата морав да ја прифатам и да си работам за своето спасение. За што зборувам? Овде, во Џорданвил, бев топло примен и немав и сега немам, никакви искушенија од типот на тоа што доаѓам од “расколничка” црква. Се причестувам редовно, се воцрковувам и сл. Сето ова е во ред се додека сум овде, во оваа (Руска Задгранична) црква. А кога ќе се вратам во Македонија, тогаш ќе бидам раколник. Според тоа, во оваа црква, а и во било која друга има благодат, а кога ќе се вратам дома, ќе немам благодат. Имаше еден нивни владика кој што во сите изјави ги подржува српските архиереи, и следствено на тоа, во неговите очи бев расколник, но заради тоа што Рускиот Патријарх благословил да се причестуваме, ок.е со тоа. Не сакав да мудрувам со него со својата безумност. На Бога оставив.
Но, од сето тоа мое искуство заклучив дека сите, буквално сите многу добро го знаат ова, односно знаат дека немаат основа да спорат за благодат, канонски проблеми и сл., туку за да не дојдат во спор во другите, ќе си застанат на другата страна. До некаде работата излегува дека - целта ги оправдува средствата. Ова за мене е вистина која што боли, но јас, сигурно, ништо не можам да сменам.
     Често ги следам црковните новости и изјави на некои архиереи на СПЦ и не можам да разберам - од каде толку гнев во нивните срца кон нас? Тоа е или гнев, или пак тврдокорност. Трето овде не постои. Кога видов како српскиот епископ Иринеј јавно се осмели да ја навредува МПЦ, морам да кажам се засрамив. Се засрамив од тоа што моите уши слушнаа од еден православен епископ, чија должност е да Го следи Христа и да биде ревнител во верата пред своите чеда, поттикнува омраза кон друга праволавна црква. Таквите, не го валкаат угледот на “Стефан,” или на“Стојан,” но на Црквата. Зар брзо забораваат дека секоја власт доаѓа одозгора? Зар заборавија дека тоа е со благослов на Бога. Кога ќе застанеме пред Него, зар Тој ќе не прашува за проблемот МПЦ-СПЦ? Расудувајќи со својот човечки ум, не би рекол, туку ќе не праша (и српските, македонските и другите архиереи) за тоа - “колку души внесовте во бродот - во Црквата.” Денес, јасно е, дека повеќе се изнесува, отколку внесува. Јас ова не го пишувам сам од себе, туку од реакцитте кои што ги слушам од двата народа кои велат: “Кога тие се караат, зошто јас да одам во црква.” Во овие навреди, драги архиереи на српската црква, му давате на народот уште еден повод да не оди во црква и да почне да Го следи Христа.
Немам никакви предрасуди кон српскиот народ. Напротив, го сакам. Навистина ги љубам луѓето, зашто се мои и јас сум нивни, односно Христови сме. Затоа, оставете го македонскиот народ да се љуби со српскиот, да братоствуваат, а не да се братоубиваат заради тоа што едниот е од Македонија, а другиот од Србија. Доволно војни се војуваа, кои секогаш резултираа со црнила и гробови. Доволно крв се пролеваше на Балканот! Доволно се ширеше омраза! Доволни беа пропагандите! Ни треба мир, ни треба ЉУБОВ! Нема да станете помали доколку ја признаете МПЦ како Црква на македонскиот народ. Тешко е кога, како што вели нашиот народ, некој ќе се отсели од себе. Јас ќе дополнам дека тешко нам кога ќе Го отселиме Творецот од душите на луѓето, а притоа правејќи и пакост на Црквата. Луѓето го гледаат сето тоа и се соблазнуваат.
        Морам да признаам дека до неодамна бев полн со закоравени мислења, заради тоа што неколкумина во Српската црква и нанаесуваат зло на нашата Црква, а со тоа и на народот, во мене се појавуваше омраза кон сиот српски народ. Бев заслепен со вакво размислување, а Бог нека ми прости за тоа. Да не дозволиме такви сваќања да се вселат во нашите умови, зашто тоа е дело на лукавиот. Згора на тоа, Светите Отци не поучуваат да го мразиме и презираме гревот во во човекот, а не самиот човек.
       Православието само по себе е чисто и свето, но луѓето внатре ги креираат апсурдите и нечистите работи. Доста Му нанесувавме рани на Христа и на Неговата Света Црква!
И една друга работа до некои “умни глави” на СПЦ: Зошто не почнете да го учите народот да биде Христов, а не Србин, или, пак, да престанете со тие национални пропаганди: “српска нова година,” “српски Божик,” итн.? Истото ќе им го речам и на Македонците, зашто и ние сме до некаде задоени со тој национализам, како и останатиот православен свет. Слушам дека меѓу нас (православните), имало кавги. Ех, колку ми е тешко дека морам ова да го признаам... Апостол Павле забележал еден проблем во Коринт и веднаш им го напишал следното: Секој од вас вели: јас сум Павлов, јас сум Аполосов, јас сум на Кифа, јас пак Христов. Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас? Или во името Павлово бевте крстени? (1 Кор. 1:12-13). Еве го истото денес! Што постанавме денес за Христос? Кога дојдов овде, во САД, секој втор кого што ќе го запознаев, на моето прашање што е по верување, ми одговараше: “Србин - православен, Грк - православен, Македонец - православен, Русин - православен.” Зар Христос е разделен на националности? Зарем Србија, Грција, Русија или, пак, Македонија беа распнати за сиот свет? Во името на овие ли земји се крстивме? Денес, ова се случува и на Балканот, помеѓу сите нас. Се удираме во градите и со гордост декларираме од каде сме, а забораваме кому припаѓаме. Затоа силата на Крстот се губи, а со него, исто така, се губи и Православието во нашите животи. Со страв и тага го пишувам ова... Спасуваме или погубуваме? Охристовуваме или и останатите ги водиме на погибел?
Со напишаново, јас сигурно нема да го сменам срцето на српскиот патријарх Иринеј, или на оние кои, нека ми прости Бог, што, се осмелувам да кажам, немаат влакно на јазикот и попалуваат оган. Истото се однесува и за нашите. Ни пак кај нив нема да ја сменам тврдокорноста. Но, едно ќе изустам и подвлечам: Тагува Христос кога го гледа својот народ разделен од „повисоките“ од нас заради своите интереси, зашто тој народ, тој избран сад, Тој скапо го откупи со Својата крв.
Денес го поделивме Христа. Кој Христос го проповедаме? Националниот или вистинскиот? Е па, мили мои, не можеме да им служиме на двајца господари.
Сепак, јас, минувајќи низ сите искушенија и провокации како член на “расколничката” Црква во Македонија, сакам на моите луѓе од Македонија едно да им кажам: Да не забораваме дека глава на Црквата е Христос. А ако Христос ја основал со Својата крв, тогаш тој нема да дозволи да се растури. Светиот Дух е Оној, Кој ја држи Црквата и ја исполнува со благодат.
Да покажеме достојни дела пред Бога, а тоа значи - да ги љубиме оние кои ни посакуваат зло и да не го запоставуваме духовниот живот преку Божествената Литургија, која е центар на сé во Христовата Црква. Да бидам по експлицитен: да не дозволиме и ние како православни христијани да бидеме дел од таа “болест на православието”. Да не се чукаме в гради, велејќи:Јас сум Македонец”, а на Христос да му речеме: “Чекај, Ти си на второ место”. Наместо тоа, да му кажеме на остатиот православен свет - дека ние сме православни христијани, но дека прво сме ХРИСТОВИ а потоа Македонци!
      Овде, во САД, исто така, наидував на проблемот со Јован. И за него ќе напишам кратко. Често слушав како луѓето го бранат, но кога ќе речат дека тој е “маченик”, е тоа навистина не можев и се уште не можам да го разберам. Маченик е затоа што неговото затворање и така убаво инсценирано од Српската црква, што го воздигнува на степен на маченик. Лично не се согласувам што тој е во затвор, зашто тоа не е решение, а што е уште полошо, колку подолго е во затвор, толку полошо тое се одразува на нашата Црква. За жал, топката нам ни ја префлуваат.
        За однесувањето и агресивноста на приврзаниците на Јован се плашам и да пишувам. Како можат истите тие да си го земаат правото да сквернават по своето и да зборуваат дека млекото од кое се хранеа за да пораснат не е вистинско? Ова, тие нека си го одговорат. Патем, се прашувам - зошто никој не зборува за тоа кога пред неколку години (не знам како прават денес), оние кои што одеа кај нив на литургија во една барака во Драчево, со нафората им даваа на луѓето по 500 денари. Досега не сум кажал дека некој од нив, пред три години, се обиде да не компроитира мене и мојот колега од Македонија пред деканот во оваа Светотроитска семинарија. Имено, за празникот на св. Климент Охридски, организирав прием за студентите и за монасите, каде што дел од храната јас ја зготвив. Истиот настан како информација беше објавен во црковниот сајт “Премин.” Претпоставувам, некој од поголемите следбеници на Јован, ја видел објавата, ја нашол електронската пошта (имејлот) на нашиот декан и неколку дена по приемот му пишал. Еве што му напишаа: “Отец благословете, дали знаете дека во вашиот манастир и семинарија имате двајца студенти кои што се од расколничката МПЦ? И дали може со љубов да им кажете дека за нив нема спасение во таа црква?” Кога го прочитав ова, се насмеав. Кога тие си го зимаат правото да кажуваат во која црква има благодат и кој ќе се спаси, тогаш нема да коментрирам за истото. Самата содржина на тој меил говори кои се следбениците на Јован. Можеби со тоа сакаа да кажат дека ние, “расколниците”, треба нив да ги следиме, наместо Христа, зашто од нив зависи спасението. Можеби, кој знае!
Често мојот колега од Македонија ќе дојдеше кај мене во соба и често дискутиравме на оваа тема. Понекогаш толку длабоко ќе навлезевме, што доаѓавме со низа идеи за тоа како да го решиме проблемот. Еднаш му реков: “Доста е! Јас веќе сум уморен од овие проблеми. Јас сигурно нема да го решам, а и немам никаква власт. Таа работа е за епископите во двата синода. Јас доволно имам свои слабости и гревови за кои треба да се каам и да работам за своето спасение.” Живоста на Црквата се покажува во нашите животи, во нашиот православно- христијански литургиски живот. На Божествената Литургија, за време на осветувањето на Светите Дарови, ги кажувам следните зборови:
     Ти благодарам за сите Твои добрини, Господи, кон мене што ги направи и што постојано ги правиш. Трпението Твое ме направи ревносен за Твојата вистина. Нека Ти е слава Спасителу наш, сега и во сите векови. Амин!
Мислам дека кога ние, православните христијани, би го оставиле тој проблем настрана, подалеку од нашите животи, и Му благодариме на Бога за сите Негови добрини, тогаш лесно ќе го најдеме патот кој што води кон Бога, кон вечноста. Потребно е да го насочиме нашиот живот кон православната црковна молитва (ги имам во предвид сите), која напојува, воедно е боготрагателна и топла, и е исполнета со продлабочени потсетувања - дека целта ни е охристовувањето и стремежот кон контемплативниот духовен живот.
Многу ми е тешко кога гледам како некои архиереи, па и ереи и богослови на Српската црква, како се полни со омраза кон нас. Бог знае колку патам од тоа! Свети Марко подвижник, смирен и кроток свет отец од петтиот век, советува вака: Доколку човекот целосно не се предаде на Крстот, не може да биде вистински христијанин [Христов].
Мечтаам за српскиот и македонскиот верник да се предадат на Крстот (собитијно на Христа).
Мечтаам за српските и македонските свештеници да се љубат.
Мечтаам за српските и македонските богослови братски да си подадат рака.
Мечтаам за српската и македонската бела капа еден ден да застанат пред светиот престол, братски да се прегрнат со умилните зборови “Христос помеѓу нас,” и да го примат телото и крвта Христови од заеднички путир.
Цврстата одлука води до целта, а добрата волја со љубовта Христа ради, може да направи кај српските епископи да речат: “Да се возљубиме еден со друг и со една мисла Христа да Го исповедаме.”
Браќа, време е за мир, време е за заедништво зашто така Христос заповеда.
Зошто бијат камбаните? Бијат за националниот Христос, Кого што денес Го проповедаме!
Господи, направи да светиот Иринеј и блаженејшиот Стефан застанат пред славата на Твојот свет жртвеник и да Ти пренесуваат должно поклонение и славословие...
За жал повторно почнавме да ги впиваме мирисите на времињата кога сестринските цркви ја уништуваа Охридската архиепископија, а “простата раја” ја тераа да игра како што тие им свиреа. Православниот Балкан. Немам смелост да кажам дека остана православен. О, Господи, што, што ќе ни се нам, навидум православни, зборови, ако во нив не живее љубовта и ако со Твоето Евангелие шириме омраза? Дозволивме повторно да ги живееме времињата, кога наместо луѓето да се учат дека се Твои, тие учеа дека се Срби, Грци, Бугари... сè само не Христови!
Болката, со која гледам како епископите од Српската, Грчката, а и некои други свети цркви, живи сакаат да не проголтат, уште повеќе ме гори. Докрајчува. Но, ова ми дава да размислувам во друг правец, не одмазднички, туку да го оставам вулканот нека тече по својот пат.