Tuesday, November 4, 2014

Средба со монахот!

Октомври 31, 2014
раѓањето на неговиот живот!








      
           На возраст од 95 години мирно се упокои проигуменот Галактион Симонопетриски, татко по тело а старицата Никодима, игуманија на најголемиот женски манастир во Грција – Ормилија, и на еромонахот Атанасиј Симонопетриски – химнограф на Великата Христова Црква, чичко на епистатот, еромонах Ероним Симонопетриски, како и дедо на повеќе монаси и монахињи. Овој црноризец, стар во годините, молитвите, солзите, прими монашки подвиг пред 40 години.
Новоста за неговото упокоение ме нажали, но оваа моја жалост беше измешана со радост, па затоа таев радост во себе. И благодарам на Игуманијата Атонска, Царицата Небесна, Мајката на сите мајка, Преблагословената и Славна Владичица Богородица, за сподобувањето да го запознаам овој монах и доживеам благопоучно дејство со него.
Еве што се случи:
Во летото 2013то бев на св. Гора по втор пат. При оваа моја поклоничка посета во оваа Богородична градина, решив да останам во еден или два манастири на неколку дена за да го видам и впијам секојдневниот монашки живот. Благословено беше да останам во Ватопед и таму бев пет дена. Имав во план да отидам и во Симонопетра, но ми рекоа дека за таму потребно е да се закаже неколку мецеси однапред. Додека бев во Ватопед, еден од монасите кој што го познавам и ми е близок, па го прашав дали тој ќе може да праша во Симонопетра ако имаат едно место за мене, макар и на еден ден. Отецот го стори тоа, на што позитивно му одговорија и дадоа благослов да останам два дена. Всушнос, денот во кој што требаше да бидам таму, беше празникот на св. Марија Магдалена. За оваа Светогорска манастирска обител беше големо празнување. Таму се наоѓа раката на св. Марија која до денес има човечка температува- топла е. По повод овој празник, секоја година имаат бдение. Сè се случи со Божја промисла и со благослов на Игуманијата Атонска, Богородица, зашто јас не знаев дека на тој ден ќе имаат бдение и се случи токму и јас да бидам таму и бдејнодејствувам со останатите црнорисци.
Тоа беше бдение кое ќе го паметам низ сиот мој живот. Беше радост која не се опишува, благодат врз благодат,
химни врз химни...
Се торжествуваше! Се чувствуваше таков дух што времето како за момент да изчезна. Застана. Таа благодат ја засенуваше ноќта за време на тоа сеноќно и долго бдение. Никој не се брзаше за ништо и службата како да пловеше по мирна вода во океанот.
Бдението започна во осум часот вечер, а заврши во осум наутро. Такво бдение до тогаш немав доживеано. Војував против телото за да не заспијам, ниту пак да им дадам дремка на очите мои.
За време на бдението се случи нешто необично кое го доживеав со еден црноризец. Отец Галактион. Тој беше. Стар монах кој што кога ќе го погледнеш, ќе ја разбереш неговата полна посветеност на Христа. Очите неговите говорат за тоа колку солзи на покајание, овој монах леел и се молел за тебе, за мене...за сиот свет. Патем си реков на себе си: “Оваа ноќ, го виде Христа. Виде што значи служение на Бога. Виде што е љубов. Сега, кога веќе виде, почни да се уподобуваш на ваквите црнорисци, зашто само така ќе го очистиш срцето од прегрешенија.
Додека траеја литијните стихири во средниот дел од храмот, јас стоев во предниот и тогаш искористив можност да приседнам малку. Ми се чини беше откако јас седнав, дојде отец Галактион со придружба на еден млад монах му потпомагаше во одењето, и седна до мене. Наликуваше како детенце, како нешто невино, слатко. Не знам како поинаку да го опишам. Не можам.
Јас седев, и рацете ги ставив одозгора на столчето. Додека рацете ми стоеја така, отец Гакактион ја потпре својата глава на мојата лева рака и истата му беше како возглавница, наместо на дрвото, зашто не беше удобно директно на него. Ја потпре својата глава на мојата рака и ги затвори очите. Одвреме навреме ги отвараше, и ќе ме погледнеше со насмевка. Во еден момент ми ја зема раката и почна да ја целива. Јас се почувствувам непријатно и сакав да ја тргнам, но тој ја држеше, па не знаејќи што да правам, и јас ја земав неговата рака и ја целивав. Почна да ми зборува, но јас не говорам грчки и не го разбирав. Знаев само да му кажам како ми е името и од каде сум. Потоа пак ја стави главата на мојата рака и ги затвори очите. Се трогнав од постапката негова, и додека неговата глава беше потпрена на мојата рака, почнав да плачам. Не знаев ни самиот зошто плачев. Внатрешноста побара жед за плач. Едноставно го гледав наведнат со главата надолу, потпрен на раката моја и плачев. Се што можам да изустам е плачев зашто во срцето чувствував како се облива со љубов, како да имаше амвон од каде што се пренесуваше допир со трансцедентното.
Не знам, кога би го кажал ова некому, како ќе ме разбере, или пак можеби ќе рече: “се напил слатко вино и вака зборува.” Мислам дека кога со срцето читаме, тогаш потполно ќе разбереме. Од отец Галактион се чувствуваше полно љубов, радост, благодат... Јас треперев и не можев да се соземам. Монахувањето негово кое наликуваше на новородено младенче, ја привлекуваше мојата душа и ѝ покажуваше колку и јас треба да се уподобувам на него, зашто само чистите како него ќе го видат Бога.
По извесно време, отец Галактион замина со младиот монах, а јас останав на своето место и се обидував да восприимам што сѐ се случи. Се случи една средба со монахот кој ми покажа што е љубов, со неговата љубов.
Ми покажа што е смирение, со неговото смирение,
и ми покажа како да се уподобувам на невините младенци за да го видам Бога.

Возљубен оче Галактионе, ти благодарам што ми покажа каде да го барам Христа!
                                       За ова го молев да ми открие додека бев на Атон...



   

No comments:

Post a Comment