Tuesday, October 7, 2014

Христијански Етос!

Октомври 6, 2014
Лични записи од часот по Етичко Богословие
Духовна Семинарија и Манастир “Света Троица,”
Џорданвил, Њујорк
...за да бидеме синови на нашиот Отец Небесен (Мат. 5. 45)


(живот)

         Отец Георги Драгос. Кога бев прва година ми предаваше патристичко богословие, а оваа година, етика. Секогаш кога ќе ме виде, ќе се насмее и ќе ме прегрне. Понекогаш ќе отвори тема за Балканот каде што нема воопшто да го спомне името на мојата земја, но мене тоа навистина воопшто не ми пречи. Тоа не значи дека не си го сакам своето (како што некои би рекле), туку на прво место гледам да бидам Христов, а потоа Македонец. Не сакам да чекорам обратно, зашто ќе завршам во “ќор сокак. Патем, на крајот на краиштата, отец Георги ми покажува љубов и ќе ме поздрави со татковска прегратка. Зар е потребно нешто повеќе од тоа? Пред Бога ќе бидам оправдан за тоа ако прво сум Христов следбеник, а потоа влјубеник во својата нација. Но, како и да е, многу да не должам. Сега незнам многу за неговиот живот. Можам само да кажам дека е многу образован и во неговите предавања е практичен, односно нѝ дава животни примери. Па нели така најдобро се учи!
       Нѝ предава Христијанска Етика. Самиот збор “етика” (ethics, ethos) нѝ објаснува дека тоа е наука за моралот. Во овој случај зборуваме за црковниот етос1. Денес на неговото предавање нѝ говореше дека современиот свет ја отфрла етиката, но истата му се враќа назад. Што значи ова? Во светот толку многу злосторства и лоши работи се случуваат, што општествата се приморани да носат низа разни закони кои всушност се етички. Еден ден, поради одредени причини, на професорот Драгос му се јавиле од ФБА. Истите, наводно, правеле анкета од професорите по етика во САД и го прашале следново: Отец Драгос, дали подржувате демократска или пак комунистичка етика? Тој им го одговорил следново: Ниедна од нив. Јас ја подржувам Христијанската етика која што е човечка. Човекот кој што зборувал со отецот се збунил на овој негов одговор, но му заблагодарил и го завршиле разговорот.
Етосот е нешто што се занимава со животите, односно моралниот живот кој што сите ние треба да го имаме. Говорејќи за Христијанскиот етос, според отец Георги, има три степени на христијански живот: практичен, теоретски и визуелен. Сите три имаат свое значење и тој нѝ ги објасни на многу интересен начин. Јас истите ги најдов многу полезни за себе си.
       1. Првиот – практичен2 – значи да се размислува. Под практичен влегува слободната волја која може да се подели на два дела: гревот (evil, развратот; на грчки какон) и добар (доблеста; калон). Под гревот, или развратот, отец Георги конкретно зборуваше за блудните страсти, како блудот и сл. Кога нешто кое го чиниме ни станува навика, тогаш станува страст3. На пример, блудот многумина го гледаат како задоволство, а не како што Бог одредил – размножување на родот. Истите кои го гледаат како задоволство, уживаат во таа страст и не сакаат, ниту пак размислуваат да се отргнат од неа.
       Добрината или доблеста е она кон кое треба да се стремиме во нашите животи. Тоа се Божјите заповеди. Всушност, тие заповеди се етосот кој што сите треба да го следиме. Во Стариот Завет кога Мојсеј слегол од Синајската Гора со Заповедите, народот не бил подготвен да ги прими (почнале да принесуваат идолски жртви) и едната се скршила, па Бог му даде друга.
Додека отец Георги зборуваше за ова, ја отворивме темата околу војните, односно дали е дозволено да се убива во војна. Ова прашање, барем за мене, е дискутабилно. Она кое професорот Драгос го рече беше следното: Кога за прв пат вселенскиот патријарх Вартоломеј дојде во посета во САД, одржа превадање во хеленистичкиот теолошки факлутет во Бостон и му поставија три прашања: првото беше “што мислите за оние кои одат во војна и убиваат: Дозволено ли е тоа, или пак не?” Тој им одговори: “Во Стариот Завет Бог рече: 'милост сакам, а не жртви.' Тоа е волјата на Бога – да бидеме милостиви. Така што одговорот е не.” Исто така кога Салимскот Цар Мелхиседек, кој што е Праобраз на Христа, кога дојде Авраам кај него, го пречека со леб и вино.
Второто прашање кое му беше поставено беше: “кога ќе имаме нова литургија?” со тоа прашање сакаа да кажат кога ќе се смени древната литургија во модерен стил. И знаете патријархот што им одговори? “Дајте ми светители како Јован Златоуст и Василиј Велики, а јас ќе ви дадaм нова литургија.”

         Христијанскиот морал е многу важен за децата, кои што треба да растат во духот на верата и да ја чуваат традицијата. Кумот на отец Георги речиси секоја недела ќе го земеше од дома и го носеше на Божествена Литургијата. Му зборуваше дека треба често да се причестува, а еднаш пред да пристапи кај путирот, дури му рече: сакаш да дојдам со тебе напред? До тој степен се грижеше за своето кумашинче. Често го нарекуваше мое мало дете4. Кога отец Георги наполни осумнаесет години, замина да учи богословија, понатаму, факлутет и подоцна во својот живот стана свештеник. Кога ќе можеше, му праќаше разгледници на својот кум, како внимание за неговата љубов. Додека живееше во САД, неговата мајка му се јави да го извести дека неговиот кум е на умирање. Отец Георги му телефонираше на својот кум Спиридон. Во разговорот неговиот кум му рече: Мое мало духовно дете: Не знаев многу разботи за да те учам, но секогаш се обидував да те носам во црква. Тоа е мојата радост5. Сега јас го напуштаm овој живот и сакам да ми простиш6 и однесеш кај Христа. Кратко по нивниот разговор, неговиот кум се упокои.

      Вториот дел за кој што отец Драгос ни зборуваше беше Теоретскиот – Причина. Истиот подлежи на два дела: очистување или обожување (теосис) и неприродно или против природно (логизмос). Мислам дека јасно е што значи очистување или обожение. За тоа јас не се осмелувам да зборувам зашто далеку сум од тој степен, а не знам дали некогаш ќе го достигнам зашто гревовите ја надвишија главата моја и секој ден како тешко бреме ме притискаат. Можам да пишувам за противприродното зашто подложен сум на гревот. Всушност ќе го пишувам она кое денес го слушнав и научив од професорот, отец Драгос за она кое не е природно - гревот. Нам луѓето чесно помило ни е да го чините она кое не ни е дозволено или пак од толку што сме заслепени во гревот, не гледаме дека сме паднати. А откако ќе паднеме, чеда сме на кнезот земски. Ми се допадна поентата која што отец Драгос ја изнесе кога рече: Ние луѓето имаме погрешна замисла7 (како на пример за сексот), заради погрешните постапки8. Доколку еден човек му дава простор на гревот за ова, тогаш истиот човек е заплеткан во него (во гревот).
        Зборувајќи за развратот, се задржавме на хомосексуалноста. Професорот нѝ даде многу добар пример со еден адвокат во Оксфорд во Англија. Во една прилика требаше да одам во Оксфорд за да одржам предавање. Таму пристигнав во вечерните часови и собата требаше да ја делам со уште еден човек. Истиот човек беше адвокат, доста образован и познат во Оксфорд. Неодамна станал православен христијанин кој што бил покрстен од митрополитот Калистос. За да се подготвам за предавањето за следниот ден, отидов во библиотеката. На заминување, му реков на адвокатот да не ме чека, туку слободно да си легне, а јас кога ќе се вратам, ќе гледам да не тропам многу и ќе си легнам. Во библиотеката останав до доцна, можеби до два часот наутро. На враќање кон собата, видов дека светлото беше се уште запалено. Влегов внатре и човекот беше се уште буден. Го запрашав зошто не спие на што тој ми рече дека ме чекал мене зашто сакал да се исповеда. Истиот човек, женет и со две деца, бил во тајна врска со маж. Утредента, на литургијата на која требаше да служи митрополитот Калистос, тој сакаше да се причести, и ме молеше да му прочитам разрешителна молитва. Прво не можев да верувам дека слушам вакво нешто. Го прашав дали ова го има исповедано на митрополитот на што ми рече дека нема. Му реков дека ќе му прочитам разрешителна молитва само доколку вети дека повеќе нема тоа да го прави. Тој ми рече дека не може да се откаже од тоа. “Не можеш затоа што дозволуваш страста да те контролира, а не ти неа.” Дури на колена ме молеше да му дадам разрешување, но јас му реков дека тоа не можам да го сторам. Свештеникот треба да биде подготвен на разни ситуации, на пример како оваа.
Кога човек е навлезен во гревот, тој тоа не го гледа како безаконие зашто се насладува од него. Денешниот човек е обземен од световното, како телесните страсти, материјалното... Како резултат на тоа го губат Бога, го губат својот живот. Светите Отци не поучуваат дека страстите се како платно (врвка) кое го ставаш околку себе. Ако еднаш паднеш во грев, ќе го скршиш9. Ако продолжиш да грешиш, на себе си врзуваш второ платно, трето итн. Тогаш сиот си врзан и не можеш да се ослободиш, па ти треба помош од надвор. Таа помош, се разбира, е во Христа, во Црквата. Најдобар пример за етосот можеме да научиме од светиите. Тие имаа беспорочен живот.

        Третиот степен на моралниот христијански живот е погледот (vision), видувањето на нештата. Уште можеме да го наречеме Теосис. За да ги гледаме работите со разумот, треба да го користиме срцето – молитвата со разумот или уште наречена молитва со срцето. Овде се мисли на исихазмот. Некои православни христијани ќе речат дека тоа е само за монасите, а не за обичните мирјани, но тоа не е точно. Зборот Исихиа значи тихување или молитва со умот. Тоа е нешто кое сите треба да се трудиме да го чиниме.
Кога веќе зборуваме за манастир, треба да се знае дека манастирите се училишта за христијански живот. Оние кои се добри христијани со желание одат во манастир затоа што многу учат од таму. Луѓето во светот зборуваат за сè и сешто, но не зборуваат за духовен живот.
Ние не сме приврзани за царот или за претседателот во нашата земја, туку сме приврзани за Христа. Работите треба да ги гледаме од оваа перспектива. Блаженоспомнуваниот, отец Гаврил Светогорец мудро го изусти следново: Многу луѓе во светот имаат сè, но имаа и тага зашто им недостасува Христос.
       Ние верните мериме со мерка на верата, а останатите мерат со мерка на разумот.
Уште еден поучен и жив пример ни раскажа отец Драгос за тоа каков треба да биде човекот. Некој човек од Бостон, кој што се упокоил минатата сабота, бил бизнисмен. Истиот дошол во САД како емигрант, отворил бизнис за лустери и бил меѓу најдобрите и успешен во околината. На големо изнанадување на сите, пред да се упокои, својот бизнис го оставил на своите работници. Значи не го остави на својата сопруга или ќерка, туку на работниците. Назначил еден од своите работници, по потекло Мексиканец, да го продолжи бизнисот. Донеле адвокат каде што тој потпишал пред неговата сопруга и работниците и рекол: Вие ми бевте верни, сега јас сакам да ви бидам верен. Малку луѓе со ваков човечки етос се наоѓаат денес. За современиот и световен човек ова ќе звучи безумно и лудо, но за нас православните христијани овој човек го заврши овој живот со вистински етичко – христијански вредности.
Ова е отприлика она кое јас го слушнав денес од устата на овој драг професор. Законот на покајанието е законот на спасението10. Овој духовно – морален етос треба да го следиме, а и оној другиот (световниот) да не го изоставаме.
        Православието не се состои од разбирање на верата, туку тоа е жива вера. А за да ја живееме таа жива вера која Христос ни ја остави во наследство, неопходно е да ги чуваме и исполнуваме Божјите заповеди од кои две од нив се најголеми и тие ќе не однесат до вратите на спасението: Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум и возљуби го својот ближен како себе си (Мат. 22.37-39). Кога барем овие две заповеди би ги следеле, ќе можеме целосно да го следиме православниот христијански Етос зашто така Христос ни заповеда!






Нека ми прости Бог ако нешто погрешно напишав.
Ова беше само почеток на работите за етосот.
Имам уште многу да учам, но исто така,
и многу од овие нешта треба да почнам да ги чинам.
Сè да е за слава на Бога!
Ипоѓакон Стојан Андов

1Етос или Етика – однесување засновано врз моралните вредности на еден поединец или заедница.
2Practical – to do.
3“When something becomes habit, it becomes passion.”
4My little son.
5I didn't know many thing to teach you, but I was trying to take you to church. That's my pride.
6Да му прочита разрешителна молитва.
7Мислење
8We have wrong thought (like for the sex) because of the wrong actions.
9Преку покајание и исповед.

10The law of repentance is the law of salvation.   

No comments:

Post a Comment