Monday, March 5, 2018

Откровение



4ти Март, 2018 недела
Недела е - ден за Господа. Истиот Нему ќе Му го посветам
Затоа што пред 27 год. Тој ми подари ден кој врви до денес.


Ете го мојот ден, ете ги моите години, еве сум јас, се уште живо битие! И денес ги отворив очите. Се разбудив и денес за да се прекрстам пред почетокот на денот. Малку е различен од останатите заради новата животна година во која зачекорувам. По својата традиција, пак ќе нанижам неколку слова. Многупати, односно често, тие повеќе откриваат отколку устата. На овој ден тие нека говорат. Ако утре кажат да напишеш нешто на празната страна која годината ја носи, помисли ли што ќе напишеш? Не ја прави празна во годината и во земниот живот.
Што да кажам, постигнав ли нешто? Не, само уште повеќе ја видов и ја гледам својата падната природа. Катадневно ги гледам и нижам своите прегрешенија. Умирањето не е страшно. Страшно е да застанам пред Бога затоа што се откриваат гревовите. Што да изнесам пред себе за да се пофалам? За она ли за кое Те нажалував, а Ти со љубов го покриваше тоа.
Го “славам” во туѓа земја во која што не се родив но зар тоа е важно. Всушност каде и да сум во овој свет, туѓина е секаде. Кај Бога сме дома. Само во храмот Божји силно чувствувам дека сум дома. Од таму извира топлина, радост, љубов...
Распнатиот Христос не покрива сите. Богородица, нашата Мајка, ги слуша нашите лелеци и мајко-љубовно не храбри. Светиите, ќе кажев “нашите браќа и сестри,” но далеку сум од тоа јас заради многуте безаконија - тие наши застапници го молат Бога за нас.
И така душо моја возљубена и многу пожелна, радост моја и венец, биди мирис направен од кипар сладок и жртва пријатна за на Бога благоугодна да бидеш. Умножи го дарот на љубовта и насмевката во твоја полза. Стори го секој збор да биде зачнат со сол на божествената благодат.
Затоа, според словата на една моја сестра, голем да растеш во верата. Љубовта да ти биде неограничена кон сите и за сѐ! - Подај Господи и благослови!










Saturday, February 3, 2018

Живи се изедовме!




Поттикнат од љубовта кон своите корени,
Онаму каде што се родив, каде што пораснав,
Каде што се раѓав во верата православна,
Поттикнат од љубовта кон своите браќа и сестри од кои што
По тело сум далеку, ама по дух сум помеѓу нив.

Вечерва, шетајќи низ новостите на интернет, налетав на неколку грчки статии каде што со омраза пишуваат за нас, македонците. Да бидам по јасен, мој поранешен професор додека студирав во Њујорк, грк по националност, објавил видео со наслов: “Дали ќе дозволиме македонците да ни ја земат историјата.” Јасно е за што станува збор. Искрено, во политика не се мешам ама имам право да се искажам и да бранам кога некој сака да руши. Вака му пишав во коментар: "И секако, вие грците заборавивте дека во раните дваесети ги убивавте македонците, им ги палевте куќите и ги бркавте, нели? И сега ние треба вам да ви се поклонуваме за се што ќе речете. Каков срам! Уште поголем срам што клириците, оние кои треба да го водат народот во љубовта Христова, ги охрабруваат да мразат. Браво, секоја чест!"
Многу историја не знам, не ми одеше памтење на дати, но мали детали знам. Не е толку името колку што има длабоки рани од минатото, како оваа што ја пишав. Кога си надвор од овие две земји, мојата и нивната, работите од сосема друга перспектива се гледаат. За нас како македонци, не смееме да ги сечиме корењата од кои што никнавме зашто ќе се само-убиеме. Можеби мене ми сметаат некои работи кај нас, ама што, да плукам по своето? Значи како свои од едно јадро живи се јадеме. НАЈСТАШНОТО Е КОГА БРАТ СО БРАТ СЕ ЈАДЕ!  Не го пишувам ова за да се правам паметен, да делам памет или да заземмв политички ставови, ама го пишувам за да кажам дека видов и го гледам тој "канибализам" помеѓу нас. Дозволивме да дојдеме до степенот и идејата на Макијавели кој што промовираше дека "целта ги оправдува средствата." Ајде, ќе се јадеме, односно своите ќе ги јадеме за да се издигнеме. Виновни ќе бидеме пред својата совест а и пред Бога за тоа што за наш луксуз, за наша “подобра иднина,” го рушиме она кое е пречка за некој друг од надвор, е не за нас. Кога сме уште бебиња, мајките наши ни нишаат, но сега сме големи. Немаме потреба од нишање. Возрасни сме, зар не?
На друго место слушнав дека ќе се смени името, и вратите ќе се отворат за Европа. Ќе дојде мајката на либерализмот, на таа “слобода” кога дефинитивно води во колапс. Еве, во Калифорнија сум. Прекрасно парче земја ама...Кој не бил тука не знае: од толку слобода, од толку “прави што сакаш” не им е доволно и уште нови нечовечки “традиции” измислуваат и практикуваат.
Точно, ќе сториме се за нечии интереси и за да се отворат нашите врати. Ќе се отварат и ќе умреме со грижа на совест зошто дозволивме да се отвори вратата.
Ако имате план да аргументирате на мојот текст, уште од почеток ќе ви речам, не се мешам во политика, ама ќе го бранам коренот на дрвото. Јас и ти не го посеавме за да го сечеме. Што толку ние им имаме згрешено на грците или на некои други за да менуваме? За тоа што ни ги убиваа своите? Го тага го пишував зборот "убивање" зашто по вера исти сме. Живи се изедовме, се продадовме, се раскаравме, се замразивме, се поделивме...се станавме, како свои не останавме.
Да не се јадеме, ајде да се љубиме!
Господи, спаси нѐ!



 Стојан (че) Андов,
ваш брат македонец




Фебруари, 2018, Кармел Калифорнија


Monday, November 27, 2017

Friendship; Другарство

It happened in Detroit, 2015




You taught me that I need to see things through the heart, not with my mouth. That day when we were walking around the city, on the way back home, I left my sunglasses in her car. The next day, when she brought them back to me, there was a message on a piece of paper that said: "the language of friendship is not words but meaning."
At the end of the day, she said to me: "Thank you for being my friend!"
O Lord, teach me to speak the language of the true friendship, the one that she spoke for it is real.
Teach me!


Ме научи дека нештата треба да ги гледам со срцето а не со устата. Денот кога шетавме низ град, на враќање ги заборавив наочарите во нејзиниот автомобил. Утредента, кога ми ги донесе, имаше порака на хартија на која што пишуваше: "the language of friendship is not words but meaning." [Јазикот на другарството не е во зборови, туку во значење]
На крајот од денот, таа ми рече: "Ти благодарам што си мој другар!"
Господи, научи ме да го зборувам јазикот на вистинското другарување...на оној на кој што таа го зборува зашто е вистински!

Научи ме!




Tuesday, November 7, 2017

Нема љубов без Твојата љубов


10.28.2017 Кармел




Страшно е да се биде далеку од Тебе. Тоа не е живот, не е цел ниту пак смисла. Зошто да барам да Те видам кога Те носам? Јас сум тој кој што бега од Тебе а Ти не ми даваш да побегнам. О, какво безумие во мене тече! Каква темнина ме покрива. Подобро нека се отворат горите овде и да ме проголтаат отколку јас да се оддалечам од Тебе. Ако Ти не ми беше светлината на мојот живот, одамна ќе потонев во калта. Не го одвраќај лицето Твое од мене. Нема живот без Тебе. Нема љубов без Твојата љубов. Кога Те имам Тебе, имам се. Ти си моето се!
Јас како едемист, имам желание да ја воспевам Твојата вечна убавина која почива во Тебе, а која истата Ти ја всади во тие непристапни предели во секое човечко тело. Ах, така силно жеднеам - апсириран по Светлината, да созерцавам за Тебе, Животворната и Неразделна Троица Света! Ако во водата се погребува гревот, тогаш со моите солзи очисти ме и во бањата на покајанието оддели го гревот од телото за да бидам бел како снег. Сонцето го знае својот запад, а јас катадневно го промашувам патот по кој што треба да чекорам за да останам чист пред Тебе. Просам од Тебе да ме направиш стремлив, посакувано битие кое е жедно да се обожува во Светлината која вечно свети. Зашто дури и во воздухот се чувствува присуството Твое. Низ секој здив срцето го топли со таа Светлина, а духот и телото како живи битија сведочат дека Ти ме создаде по Твојот образ и подобие.
Колку само посакувам целосно и чисто да го подарам моето срце на Тебе. Всушност, да се дадам себе си. Тоа само знае колку Те љуби и покрај сите пакости и прегрешенија, на крај пак кон Тебе ќе повика. Многупати посакувам да Те прегрнам. Говорам како човек. Но знам дека пред Твоето Лице јас сум Твое создание и сум во Твоите прегратки. Како човек, заробен во своите страсти не можам а да не копнеам по тоа. Ете, така Те чувствувам поблиску до себе. Ти го остави Крстот Твој за нас, за да не турка кон вечноста. Преку него ќе продолжам да се утешувам на своите гради.
И пак, не ја одземај Твојата љубов од мене! Нека остане, нека пребива во мене за осветен преку неа да продолжам во овој свет и во вечноста да Те љубам зашто нема љубов без Твојата љубов!

Friday, July 21, 2017

Слово на матурски ручек од матурантите - 42 генерација


Од личната архива



     Ова утро поминував низ своите архиви и дојдов до овој матурски текст од нашата генерација кога дипломиравме во 2010 год., во Македонската православна богословија во Скопје. Како спомен, решив да го споделам текстот како и неколку фотографии. Истиот текст го напишавме јас и мојот соученик Александар при што го запечативме со останатите соученици. Беше прочитан од нас на официјалниот матурски ручек.


Слово
      Бог е љубов. Благодарение на љубовта и архипастирските молитви на нашите епархиски архиереи, синаповото зрно-вера која беше во нас кога се запишавме во Богословијата израсна во дрво, под чија сенка ќе се засолнуваат сите души кои што ќе чекорат по спасоносниот пат.
Овде научивме да љубиме, да другаруваме, да се жртвуваме, да плачеме со расплаканите и да се радуваме со радосните. Ја видовме вистинската светлина, го примивме Духот небесен. Ја најдовме верата вистинска, на Неразделната Троица и се поклонуваме, зашто таа не спаси нас. Научивме Која е вистинската Светлина, Која никогаш не заоѓа – Троичниот Бог: Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Нема да ги заборавиме и светиите, по чии молитви се спасуваме. Читајќи ги житијата, од нивниот пример научивме како да бидеме силни во верата, да се бориме за неа од еретиците и да ја чуваме Црквата од разни напасти.
Ваше блаженство, со длабока метанија ја изразуваме нашата благодарност за Вашите молитви архипастирски. Како што Вие и Вашите браќа архиереи сте столбовите на Црквата наша Македонска, така ќе ја изразиме нашата благодарност кон Вас за сè што имате направено, така што ќе бидеме последователи на Светиклиментовото слово. Со науката која овде ја примивме полесно ќе се справуваме со искушенијата и бремето на нашата паства.
Нашиот отец, неговото високопреосвештенство г. Агатангел со многу жртви, поттикнати од неговата родителска љубов придонесе за непречено образување на нашата вера и за тоа ќе му бидеме секогаш благодарни.
Го поздравуваме и Наставничкиот совет при оваа духовно научна институција и кон нив искажуваме ГОЛЕМА благодараност за науката која ни ја предадоа.
Нашата благодарност ја искажуваме кон нашиот класен раководител, проф. Момчило Павловиќ, како и до пратеникот, Неговото високопреподобие г. Нектариј.
Но нашето дело не завршува овде. Ветуваме дека со нашите сили ќе се надоградуваме во спасоностаната наука и ќе се покажеме достојни служители пред престолот Христов, каде достојно ќе ги подигнеме Светите дарови и ќе благодариме од од сите и за сè!
Благодарејќи Му на Бога за сè што ни дал да Му се обратиме со оваа молитва:
Боже,
направи да бидеме едно семејство
што живее во едно срце,
со една љубов,
како еден човек,
по предвечната Твоја промисла за првородениот Адам!
и

никогаш да не заборавиме дека нашиот брат е нашиот живот!


Monday, July 17, 2017

До сите Вас, Возљубени!


Драги мои возљубени,


     Ви пишувам јас, Стојан кој што го познавате и кој што секогаш ќе остане истиот. Со една искрена молба од срце која што тлее во мене и ме гори и сакам да ја пренесам таа љубов зашта со неа ќе најдеме милост пред Бога. Како и да е, да не должам многу. Денес длабоко размислував како да го почнам овој текст, оваа моја прозба, и дојдов до заклучот дека најдобро е тоа да го сторам јавно. И онака многумина кои што ќе го читаат овој тект, ме познаваат, така да нека биде вака.
        Ќе се потрудам да бидам краток. За мене лично, прекрасно е чувството кога помагаме на оние на кои што им е потребна нашата помош. Да Му служиме на Бога и да им помагаме на бедните е радост, блаженство… Сакам со Ваша помош да основаме (нека почне со движење – movement) организација под името “Свети Јован Шангајски и Сан Франциски,” во која што ќе придонесуваме и помагаме на оние на кои што им е потребна помош. Подетално, се работи за следново: Јас веќе, според своите сили подржувам неколку семејства (заради нивната нужда се осмелувам да нагласам дека “јас” им помагам), но јас не сум во Македонија и лично не можам да учествувам. Заради тоа, сакам Вас да Ве поврзам во ова. Конкретно, сум фокусиран на неколку семејства со дечиња. Мојата идеја е, за почеток, некои од Вас да почнат да се грижат за тие дечиња и семејства. Како? Еднаш во месецот да се прошетаат, да ги однесат на ручек, одвреме-навреме да им купак некои работи, да ги носат на Божествена литургија и сл. Да бидам јасен: Јас од Вас НЕ барам материјални средства како пари и сл, туку како така јас ќе се снаоѓам да снабдувам за оваа намена. Од Вас она кое го просам е Вашето време, пожртвуваност, волја и љубов. Сакам некој да биде со тие деца и семејства, да ги прегрне, да им каже дека не се сами, да стојат зад нив, да плачат во тагата нивна и да се радуваат на нивната радост.
         Многумина знаете дека јас пораснав во дом. Ќе Ви кажам нешто: таму имавме се материјално, но сепак имаше празнина во нас. Личната љубов, дали од родител или ближен беше отсутна, а на децата всушност тоа најмногу им е потребно. Им треба љубов, за да се почувствуваат љубени, а ќе научат кога постарите ќе им покажат љубов. Таа љубов на многумина таму им недостигаше. 
Со ова кажано, сакам Вие, моите ближни (кој е во можност), да застанеме зад нив и да им покажеме колку ги љубиме. Неодамна размислував за Св. Јован Шангајски и Сан Францисцки како тој основа детски дом и се грижеше за сираците и напуштените. Имало настани кога наоѓал бебиња во отпад на улиците и ги зимал при себе. Домот толку се полнел со сираци што оние кои му помагале негодувале да тој престане да носи деца зашто не можат да ги прехранат. Што правел тој? Се качувал на вториот спрат во својата ќелија, и како што ми раскажа еднаш една жена која порасна таму, “слушавме неколку пати бум, бум… Се молеше на Бога со метании да помогне и утредента помош пристигнуваше.” Неколку од нив кои бев сподобен да ги запознаам, буквално пораснаа со Св. Јован и како што тие ми велеа, тој им бил мајка и татко. 
       Возљубени познаници, само Бог знае колкаво желание таам во себе за оваа намера, да навистина дадеме сè од себе и да им подариме љубов на оние на кои им недостига.
        На крај, уште еднаш ќе напишам, Ви се обраќам на сите но Вие ги знаете своите сили. Доколку не можете, барам од Вас да се молите да Бог отвори пат и да успееме оваа идеја да стане реалност. Оние кои што се спремни за ова дело, Ви се обраќам да ми пишете приватно на Facebook, или на email. Понатаму јас ќе создадам приватна група каде што оние кои ќе учествуваат во ова, да бидат членови во истата и таму ќе развиваме идеи и начини како да им помагаме и љубиме.
          Се надевам дека правилно ќе бидам разбран од сите Вас!
                 Со многу љубов од далечната Калифорнија,
                                           Стојан Андов
                                        Кармел, Јули 2017


Email: Stojance91@yahoo.com


Wednesday, June 28, 2017

Болка и исцеление!


О, човеку, речено ти е што е добро,
и што бара од тебе Господ;
да работиш правично,
да сакаш милосрдни дела
и смирено да врвиш пред твојот Бог.”
Михеј 6.8

Кармел, Калифорнија, Јуни 2017





Сите сме добри, само нашиот стремеж да чиниме зло и да се оддаваме на страстите, не прави да бидеме лоши, а честопати и непослушни. Господ стои веднаш до нас, на нашата страна, но ние му го вртиме грбот и одиме по друг - свој пат. Така одејќи, наликуваме, или со потешки слова, стануваме како избраниот народ во пустината. Зошто за влезот до Ветената Земја им беа потребни четириесет дена? Таа Земја буквално им беше пред “нос.” Заради неверноста, непослушноста и тврдоглавоста кон Бога, Он ги свртуваше на другата страна од пустината.
И пак, човекот не е лош по природа. Кога некој ќе ни попречи во нешто, во нашите замисли, инстинктивно како суштествени паднати битија почнуваме да го убиваме во помислите. Да не даде Бог, тоа во тело да се случи! “Убиваме” зашто избрзуваме. Некако или заради нешто, тоа избрзување ни е континуација при секој нов судир. Ќе се одвикнеме ли од ова? Тоа не знам, но знам дека доколку продреме во срцето на тоа битие, кристално ќе видиме дека истиот носи во себе доброта, но слабоста негова (а истата е и наша), го сопнува да падне и да биде запленет од “другарот на лошото.”
Зошто седнав ова да го пишувам? Всушност започнав да пишувам во телефон, во моите notes, но денес го завршувам. Дојдов со вакво размислување и донекаде заклучот денес (моите notes покажуваат дека го запишав на 11ти Април), додека зборував со еден другар. Ја споделуваше со мене тежината на животот. И јас, како битие со слабости и тежненија, му реков дека такви периоди не го досегнуваат само него, туку сите нас. Кога таква тежина ќе затропа на мојата врата, и јас размислувам како мојот другар: “зошто само мене ми се случува ова?” Но не, не е така. Прво, во животот не тече мед и млеко. Второ, подобро е и што не тече зашто инаку нема да научиме што е борба и како да се браниме. Без Голгота, нема Воскресение. Овие слова често ги изговарам, а и ги пишувам во своите текстови. И ќе продолжам зашто вистина е. Голготата е потребна за сите нас зашто само така ќе се спасиме. Крстот не е потежок од нас. Како луѓе “кукаме” дека е тежок ама не е потежок од нас. Издржлив е. Образецот на Издржителот на Голгота ја имаме сите. Треба истиот да го земеме и да почнеме да го имплементираме во нашиот живот. Знам, едноставно е да се напише ама не така лесно да се стори. Кога ќе почнеме со “baby steps,” ќе се постигне. Со други зборови, треба да го гледаме изворот, а не реката, почетокот, а не исходот.
Во врска со ова, старец Тадеј го има изустено ова: “Треба да се опуштиш. Не ги земај премногу грижите на овој свет на себе, туку чувај го својот мир и живеј со Бога. Нека оди како оди…”
Е па драг пријателе, немам многу години за да споделувам од својот живот но ќе ти го кажам следново: до сега, поминав низ неколку свои Голготи и кога крстот ми тежеше, тие солзи на тежина, таа омарнина, на Христос му ги принесував и барав Тој да ме утеши и знаеш што? Чувството на таа утеха е беспределно, блажено и чудесно. Кога ќе бидеш во тие тегоби, побарај го Него и ќе се одмориш од бремето.
И уште нешто за кое на почетокот не сакав да верувам дека е вистина, но е:  Да се живее во полнотата на Христос, треба да се страда. Тоа го вкуси Тој на овој свет и ни покажа како да го правиме секој чекор кон тоа страдање кое е украсено со Воскресение.
Господи, научи не да исцелуваме, а не да рануваме!