Wednesday, June 28, 2017

Болка и исцеление!


О, човеку, речено ти е што е добро,
и што бара од тебе Господ;
да работиш правично,
да сакаш милосрдни дела
и смирено да врвиш пред твојот Бог.”
Михеј 6.8

Кармел, Калифорнија, Јуни 2017





Сите сме добри, само нашиот стремеж да чиниме зло и да се оддаваме на страстите, не прави да бидеме лоши, а честопати и непослушни. Господ стои веднаш до нас, на нашата страна, но ние му го вртиме грбот и одиме по друг - свој пат. Така одејќи, наликуваме, или со потешки слова, стануваме како избраниот народ во пустината. Зошто за влезот до Ветената Земја им беа потребни четириесет дена? Таа Земја буквално им беше пред “нос.” Заради неверноста, непослушноста и тврдоглавоста кон Бога, Он ги свртуваше на другата страна од пустината.
И пак, човекот не е лош по природа. Кога некој ќе ни попречи во нешто, во нашите замисли, инстинктивно како суштествени паднати битија почнуваме да го убиваме во помислите. Да не даде Бог, тоа во тело да се случи! “Убиваме” зашто избрзуваме. Некако или заради нешто, тоа избрзување ни е континуација при секој нов судир. Ќе се одвикнеме ли од ова? Тоа не знам, но знам дека доколку продреме во срцето на тоа битие, кристално ќе видиме дека истиот носи во себе доброта, но слабоста негова (а истата е и наша), го сопнува да падне и да биде запленет од “другарот на лошото.”
Зошто седнав ова да го пишувам? Всушност започнав да пишувам во телефон, во моите notes, но денес го завршувам. Дојдов со вакво размислување и донекаде заклучот денес (моите notes покажуваат дека го запишав на 11ти Април), додека зборував со еден другар. Ја споделуваше со мене тежината на животот. И јас, како битие со слабости и тежненија, му реков дека такви периоди не го досегнуваат само него, туку сите нас. Кога таква тежина ќе затропа на мојата врата, и јас размислувам како мојот другар: “зошто само мене ми се случува ова?” Но не, не е така. Прво, во животот не тече мед и млеко. Второ, подобро е и што не тече зашто инаку нема да научиме што е борба и како да се браниме. Без Голгота, нема Воскресение. Овие слова често ги изговарам, а и ги пишувам во своите текстови. И ќе продолжам зашто вистина е. Голготата е потребна за сите нас зашто само така ќе се спасиме. Крстот не е потежок од нас. Како луѓе “кукаме” дека е тежок ама не е потежок од нас. Издржлив е. Образецот на Издржителот на Голгота ја имаме сите. Треба истиот да го земеме и да почнеме да го имплементираме во нашиот живот. Знам, едноставно е да се напише ама не така лесно да се стори. Кога ќе почнеме со “baby steps,” ќе се постигне. Со други зборови, треба да го гледаме изворот, а не реката, почетокот, а не исходот.
Во врска со ова, старец Тадеј го има изустено ова: “Треба да се опуштиш. Не ги земај премногу грижите на овој свет на себе, туку чувај го својот мир и живеј со Бога. Нека оди како оди…”
Е па драг пријателе, немам многу години за да споделувам од својот живот но ќе ти го кажам следново: до сега, поминав низ неколку свои Голготи и кога крстот ми тежеше, тие солзи на тежина, таа омарнина, на Христос му ги принесував и барав Тој да ме утеши и знаеш што? Чувството на таа утеха е беспределно, блажено и чудесно. Кога ќе бидеш во тие тегоби, побарај го Него и ќе се одмориш од бремето.
И уште нешто за кое на почетокот не сакав да верувам дека е вистина, но е:  Да се живее во полнотата на Христос, треба да се страда. Тоа го вкуси Тој на овој свет и ни покажа како да го правиме секој чекор кон тоа страдање кое е украсено со Воскресение.
Господи, научи не да исцелуваме, а не да рануваме!



No comments:

Post a Comment