Friday, March 30, 2018

Кај Тебе одам, Пречиста!


25 Март 2018, завршено на 30ти
Кармел, Калифорнија
Викендот кога не посети Пресветата, Пречиста,
Преблагословена, Славна Владичица наша
Богородица и секогаш Дева Марија
Со Својата мироточива Иверско-Хавајска
Света Икона






Радувај се, Царице небесна, Која како пурпурен зрак блескаш, како јасна и полна месечина сè осветлуваш; Те молам, дај ми мене грешниот секогаш да Ти вознесувам благодарствени молитви, и ништо друго да не сакам, само Твоите мајчински очи никогаш да не ги тргнеш од мене (Богородична песна).
Тешко е да се нижат слова кога се работи за Мајката Божја, но јас Неа многу ја љубам и ќе го отворам срцето. Тоа не умее да крие. Еве, сега живеам во Кармел, Калифорнија, малку поблиску до Хаваи за разлика од Њујорк за време на моите факлутетски денови. Животот не знаеме каде ќе не однесе, но знаеме дека кога Бога го имаме пред себе, Тој не носи и закотвува на места каде каде Тој благоизволил да се спасуваме.  За се имаме причини во животот. Имам и јас за која што посакав, (но не се надевав дека тоа ќе се случи) да бидам овде, во Калифорнија, уште помалку во Кармел. Недалеку сум од св. Јован, од Сан Франциско, точно два часа. И друго: од Иверско-Хавајската мироточива Света Икона сум малку подалеку, но кога Таа лета од Хаваи на континентот, слетува во Калифорнија.
Овој викенд, четвртата недела од Великиот Пост, овде во Монтереј ни дојде на гости Царицата Небесна, Мајката ни наша миличка.
Секој пак која се удостојувам да ја видам, доживувам ново блажено искуство со Неа. Напоменав погоре, ги нижам своите живи настани со Неа.
Ваква радост не се крие. Се радувам како мало детенце. Причина за радост има и треба да се радувам. Со возбуда чекав да стигне. Саботата работев цел ден. Бев во неизвесност дали ќе ме пуштат да заминам порано за да отидам на служба. Беше облачно и по малку се молев да врне цел ден зашто кога врне порано си одам. Истиот ден имавме работа и не успеав порано да излезам. Се борев го себе да се помирам со реалноста дека нема да одам на служба во таа сабота ама тешко беше. Не можев да замислам да не бидам во црква да ја пречекам Светата Икона на Царицата Небесна. Мојот соработник знаеше за сето ова но не ми дозволи да си заминам порано. Со телото не плачев но со срцето рикав. Тоа е реалноста овде во САД: кога си на работа немаш многу избор. Станав грусен а тоа го забележа мојот тој, соработникот. Еден час подоцна заврна и тој ми рече:”ајде оди и вози внимателно!” Трчав кон автомобилот и заминав во мојот храм на св. Серафим Саровски. Службата беше во тек. Прекрасно беше повторно да ја видам Светата Икона на Царицата Небесна, да го земам Нејзиниот благослов.
Утредента, два часа пред да започне литургијата, Светата Икона беше донесена во храмот. Освен, отец Георги, ѓаконот со неговата матушка и јас, никој друг немаше во храмот. Отецот ме прати во продавница да одам да купам памук. Кога се вратив, тој ја зеде Светата Икона во олтар на престолот и ја отвори. Како и секогаш, сета беше мокра. Памукот во неа беше сиот со миро. Силниот мирис не престануваше да се шири наоколу. Отецот го извади сиот наквасен и мокар пакук со миро и стави нов. Потоа прочитавме Акатист и во десет наутро започна литургијата. На крајот, додека верниците пристапуваа да го целиваат крстот и да земат нафора, отец Георги ги помазуваше со миро. Ми рече да застанам до него и да го држам шишенцето. Како што го наквасуваше стапчето во мирото, одвреме-навреме неколку капки се излеваа и секако, јас со рацете го бришев шишенцето. Во текот на сиот ден, рацете мирисаа на миро. 
Вечерта, Светата Икона беше донесена во малиот грчки храм во Кармел. Кај нас, на овој полуостров има само две православни храмови. Отецот е од Романија, и ревносен за проповедање на словото на Вистината. Таа вечер тој уреди сеноќно бдение. Пред почетокот, и пеевме химни на разни јазици: на романски, англиски, грчки, црковнословенски, и арапски. Се беше така убаво и спокојно - сите ние собрани покрај Мама и како мали дечиња се радувавме. Се чувствувавме заштитени и надоени со Нејзината ни посета и благослов.
Пред бдението, откако прочитавме Акатист на Пресветата пред Нејзината мироточива Света Икона, отецот го замоли брат Нектариј, хранителот на Иконата, да сподели со нас слова. Смирено, скромно, со наведната глава стана,  застана до мироточивата Света Икона на Мама и почна да изустува:
Радосно е што Светата Икона на Мајката Божја дојде на овој ден овде, овој викенд. Вчера беше петок, денот кога се читаше Акатист на Богородица, денес, по новиот календар, Благовештение. Неколку пати се трудевме да ја донесеме Светата Икона овде, во Монтереј но заради разни причини тоа не се случи. Сега дојде во овој викенд на овие два дена на Нејзиниот празник. Од сите викенди, Таа благослови да дојде токму на овој. Се сеќавам на една мала икона која што ја видов од Русија, мало дете како држи цвет во рацете. Ја гледав иконата и се прашував: ‘кој е ова?’ Ми беше чудно гледајќи мало дете околу единаесет или дванаесет години како држи цвеќе во раката се додека сватив дека тоа беше Мајката Божја. Иконописецот така убаво и достојно ја нацртал како да ние сме архангелот Гаврил гледајќи во тоа мало дете и ние да и го подаваме цвеќето и како Таа да го зема во своите раце и архангелот и рече: ‘Дали прифаќаш?’ Do you? И таа одговори: ‘Да,’ додека многу други претходно рекле ‘не,’ Таа рече ‘да.’ Тоа е она кое го претставува празникот Благовештение. Мајката Божја рече ‘да, прифаќам.’ Мало младо дете ја прифаќа Божјата намера за наше спасение. Мислам дека старец Порфириј кажа дека сè се случува: ветрот дува, бебињата плачат, птиците пеат, сè  што ни беше дадено, беше дадено за Исус Христос да биде роден и да дојде во светот за да не спаси преку Воскресението. Нема ниту мало чудо да од сето создание и сиот свет дека Бог го избра ова младо девојче кое што рече ‘ДА.’ Она што е уште највпечатливо за мене е тоа што кога Христос беше на крстот и кога Му рече на возљубениот ученик, Јован ‘еве ти мајка,’ и ‘еве ти син,’ св. Јован Златоуст пишува дека Христос не зборуваше само на св. апостол Јован. Тој зборуваше за сите нас. Христос ни даде Застапничка за да ги стоплува срцата на луѓето. Да ги приведе грешниците кон покајание.
Се сеќавам кога бев многу мал, мојата мајка ми рече: ‘кога татко ти те кара, кај кого одиш?’ Јас и реков: ‘одам кај тебе.’ ‘И тогаш јас одам кај татко ти во твое име. Ова е врската на небесата. Кога одиме кај нашата Мајка, во наше име Таа оди кај Својот Син.’ Тажно е кога толку многу луѓе ја отфрлаат и велат: ‘ Ах, Таа не ни е потребна, не ни требаат светителите.’ Да се отфрли Неа и светителите е како да го отфрламе Него, Христос. Кога патувам со Иконата, секогаш сум прерадосен не само заради тоа што сум сведок на многу чуда кои што се случуваат преку Иконата, туку сум прерадосен заради фактот што нам овде ни е даруван таков голем благослов. Кога бевме во Грузија со Иконата, во православна земја со три милиони луѓе, во рок од три недели еден милион луѓе дојдоа да се поклонат на Иконата на Богородица. Во еден храм во Таблиси, во главниот град, патријархот беше присутен, претседателот, премиерот, луѓе од државата, истиот храм беше во тек на конструкција и кровот беше отворен. Немаше кров. Војската беше таму за да ја заштити Светата Иконата. После литургијата, патријархот гледаше кон мноштвото луѓе, околку двеста илјади чекајќи да се поклонат. Како што луѓето пристапуваа, немаа време да ја целиваат, туку само ја допираа и војската ги тргаше затоа што немаше време. Иконата беше таму само на дваесет часа а верниците чекаа во колони дури до осумнаесет часа за само за секунда да ја допрат Иконата. И патријархот ни  рече: ‘Вие православните во Америка сте така многу благословени! Ви се има дадено прекрасни дарови, но Господ во Неговата бескрајна мудрост ви подарил време за со овие дарови. Имате време!’ Секако, кога си во црква со двеста илјади верници, без кров, под конструкција, што се случува? Заврна. Почна да истура. Се сеќавам донесоа шатор над Иконата, но сите други беа на дождот накиснати. И гледаш луѓе во инвалидски колички, како читаат акатист и молитви. Се загледав во една жена во инвалидска количка и нејзиниот молитвеник беше сиот така накиснат што можеш да гледаш низ страниците. Истата чекаше во линија. Ја донесоа напред и просто ја допре Иконата и ја тргнаа. Таква вера во неа! Како што претходно спомна отецот, кога Христос им рече на Своите Апостоли во Гетсиманија: ‘зар никој од вас не ме чекаше? Никој од вас не остана буден? Заспаа.’ Сите ние паѓаме. Ние сме така изобилно благословени! Луѓето ќе ме прашаат ‘кое е најголемото чудо кое се има случено со Иконата?’ Сведоци сме на многу чуда, исцелување на слепи, болни од рак, демоно-опседнати. Јас мислам дека најголемото чудо е кога некој ќе дојде пред вакво нешто, пред ваква светиња и дел во него се преобразува, се трансформира. Сваќаат дека ова ни е дадено зашто Бог благоизволува да се поврзе со нас. Интимно е. Лично е. Господ вели: ‘овде Сум. Нештата се тешки, стануваат полоши или подобри, но Јас сум овде.’ Еднаш бев запрашан: ‘што е ова?’ Му одговорив: ‘ова е манифестација на Светиот Дух. И веруваме, Црквата верува, дека преку застапништвото на Мајката Божја, ова се случува. Господ дозволува и ја благослови преку мироточењето кое што е манифестација на Светиот Дух.’ 
Иконата е овде на средина, недалеку пред светиот олтар и така е правилно. Често го раскажувам настанот со една украинска бабичка. Таа ми вели: ‘ова е прекрасно, никогаш не сум видела чудо до сега.’ Јас и велам: ‘за што зборуваш? Секоја недела го гледаш најголемото чудо? Таа ме прашува: ‘Кое е тоа чудо?’ Јас и велам: Кога свештеникот се моли и кога го призива Светиот Дух да слезе и да ги претвори лебот и виното во Тело и Крв Христова - тоа е најголемото чудо.’ Не мислам да ја минимизирам оваа мироточива Икона, но тоа е најголемо чудо од било што. Тоа е она кое слободно ни е дарувано нам. И тие се поврзани. Оваа мироточивата Икона е видлива манифестација од другата - невидливата. Тоа е видлив потсетник кој што го гледаме, допираме, вкусуваме, мирисаме, чувствуваме. Тоа нè насочува кон невидливото кон нешто кое што не можеме ниту да го разбереме. Многу свештеници ќе ви кажат дека кога го презиваат Светиот Дух да слезе и да ги освети даровите, чувствуваат топлина над путирот. Го чувствуваат Господ кој што слегува. 
Преку молитвите кон Богородица, Таа не насочува кој Нејзиниот Син. Буквално и на Иконата, Таа покажува со едната рака кон Својот Син, Христос: ‘Еве овде! Ова е спасението кое дојде во светот.’ 
Се сеќавам на еден интересен настан. Едно од дечињата ме праша ‘зошто има болест?’ И реков: ‘Не знам да ти кажам, но сè што се случува во животот, СЀ, добро и лошо, СЀ, ни е дадено за да не приведе поблиску до Бога. Сè  што се случува во нашиот живот, СЀ, е за да не води по нашиот пат: добро и лошо. Да не води по патот кон Христос.’ 
Кога тоа дете ми го постави ова прашање, се сетив на еден настан кој што се случи минатата година за време на десет-годишнината од мироточењето на оваа Света Икона. Патувавме од Пенсилванија за Њујорк. Требаше да бидеме во руската црква во Бруклин во пет часот попладне. Владиката требаше да биде таму за да ја пречека Иконата на Богородица. Како што возевме, примивме телефонски повик. Не замолија да посетиме болно дете во болница во Бруклин. Возачот кој што беше ѓакон ми рече: ‘треба да бидеме во црква за служба, но како можеме ова да го реализираме?’ Јас му одговорив: ‘Не се секирај, Мајката Божја ќе направи сè  како што треба. Сè ќе биде добро. Остави на Неа и Таа ќе се погрижи за тоа.’ По телефон им реков дека треба да бидеме во црква за на служба и дали да одиме пред или по службата. Тие ми реков дека детето има терапија цел ден и дека ќе заврши во три ипол попладне. ‘Можеш ли да дојдеш?’ Ја ставивме адресата во навигаторот и покажа дека точно во три ипол ќе стигнеме пред болница. Им реков ‘да, нека биде благословено. Ќе бидеме таму.’ Стигнуваме таму, малку покасно кон три и триесет и пет. Семејството не дочека. Ја носиме Иконата горе во соба и штотуку го донесоа детето во соба од терапија, пред две минути. Кога отидовме горе, беше нешто кое што никогаш до тогаш не сум видел. Тоа беше бебе, два ипол месеци, не во инкубатор туку на кревет со цевки и жици насекаде околку него и под ламба за греење. Дишеше преку цевка. Мало бебенце. Името му е Максим. Никогаш не е лесно да се гледа луѓе кои се болни, особено мали деца, многу, многу млади дечиња кои што страдаат. Родителите негови беа во голема тага. Детето беше болно затоа што требало да го вакцинираат, но родителите не сакале. Сакале да почекаат да потпорасне и се случи детето да се разболе. Од она кое што го рекле од болница, доколку го вакцинирале, немало детето да дојде до ваква состојба, но кој знае. Не знаеме. И така, пристигнуваме таму кај болното дете Максим. Родителите страдаат. Не биле венчани во црква. Му објаснив на ѓаконот да ја извади Иконата и да ја стави над Максим и ќе се молиме. Ја поместивме ламбата и ја ставивме Иконата над Максим и почнавме да се молиме колку што можевме и умеевме. Наеднаш машините кое беа поврзани за него, се угаснаа. Медицинските сестри дотрчаа. Секако, не погледнаа со криво лице. Се тргнавме настрана и ги оставивме да прават она кое требаше да го направат. Потоа, се вративме и пак ја ставивме Светата Икона над него. Машините повторно се угаснаа и пена почна да излегува од устата на бебето Максим. Пак ја тргнавме Иконата. Дојдоа медицинските сестри и ја исчистија пената од неговата уста. Зборувавме со родителите. Еден од луѓето таму ми рече: ‘дојди, кажи им некој утешен збор.’ Не се сеќавам што им реков, но знам дека кажав ‘се што ни е дадено, ни е дадено за да не доведе поблиску до Бога, да не доведе поблиску до Црквата, поблиску до Христос.’ Пак ја положивме Иконата над неговата глава и заминавме во храмот. За време на службата, примам телефонски повик. Си помислив: ‘О Господи, се надевам ништо не му се случило на детето!’ На детето пена му излегувало од уста така што му ја издавиле цевката од уста и тоа за прв пак сам на себе почна да дише. По неколку дена беше отпуштен од болница. Родителите кои што биле крстени во црква, но никогаш не живееле како православни, ме прашаа: ‘што да правиме?’ Им реков: ‘од сега пак натаму запамтете: Господ ви дал благослов. Господ дојде кај вас и ви го подари детето. Ова дете припаѓа на Христос. Треба да го пораснете и воспитувате правилно. Треба да бидете венчани во црква. Да го крстите детето.’ Максим беше крстен, а родителите се венчаа. Сè што ни е дадено, добро и лошо, е да не води и насочува кон Христа. СЀ! Кога се чувствуваш тажен и немоќен, кога чувствуваш дека животот е борба и не можеш веќе да издржиш, запамти се што се случува сега е да те центрира, да не сосредоточи со Христос. Запамти дека нашето страдање е нашето спасение. Преку страданијата се центрираме, се сосредоточуваме и  стануваме едно со Христос. Зашто ако сè е добро...ако некој не праша: ‘како сме?’ ‘Сè е одлично,’ тогаш нешто не е во ред со нас. Ако немаме борба, не знам каде ќе одиме. Што рече Христос? ‘Светот ме замрази одамна пред вас да ве замрази.’ Ќе завршам со овие зборови. Мајката Божја дојде кај нас. Како што беше прочитано порано на службата во Евангелието: ‘како е можно ова, Мајката на мојот Господ да дојде кај мене?‘ Со други зборови, Елизевета говори: ‘како сум достојна да Ти доаѓаш во мојата куќа?’ И така е со сите нас. Од каде е тоа да Мајката на нашиот Господ да дојде кај нас? 
Знам, многумина од вас имаат миро од Иконата. Нашиот мил свештеник во Хаваи ми рече еднаш: ‘Знаеш Нектариј, кога се чувствувам тажен, паднат, го отворам мирото и сè што правам и само ќе го помирисам и се потсетувам дека Бог нè љуби.’ 
Пресвета Богородица да гледа нас сите вас. Знам многумина од вас ќе бидат овде цела вечер. Ако не можете да издржете, прилегнете овде. Тоа е во ред. Овде сте и Таа е овде со нас. 
Пресветата да продолжи да се застапува на сите вас и да бидете заштитени под Нејзиниот Омофор. Амин! “

Бдението течеше. Сè се случиваше како тивко да пловевме без да брзаме да стигнеме некаде. Некој ќе заспиеше па ќе се разбудеше, најважно Мама беше со нас. Утрото завршивме околу осум наутро. Сите заминаа а јас останав со отецот во паракликсот со Светата Икона додека го чекавме брат Нектариј да дојде. Зар требаше да бидам дома и да спијам додека Светата Икона на Мама беше во мојот град? Не само тоа, туку не можев да си заминам додека не ја испратев. Патем, секој пат кога се одделував од неа, се чувствував како мало дете кое кога ќе ме одделат од својата мајка, а јас така силно плачев!
Во девет наутро пак и испеавме химни и и посакавме довидување на Мама. 
На отецот му реков: “ Овој викенд оче, ги наполнивме батериите и сега назад во светот во духовна борба.”
Како и секогаш, брат Нектариј не ме остава бев шишенце со миро, а кога ја отвараше иконата, ќе извадеше памук, сиот наквасен со миро и ќе ми подадеше. Овој пат додека ми го даваше шишето, ми рече: “Еве едно и за Македонија.” Му реков: “Не можам да го дочекам денот да Светата Икона дојде во мојата земја!” 
Често кога објавувам нешто ново за Неа, барам од мојот народ да ја моли Пресветата да ни дојде на гости. Откако испеавме неколку химни, тоа утро пред да замине Светата Икона, брат Нектариј повторно ја отвори Светат Икона. Сета моше мокра со големи капки. Патем, тој рече: ‘Се радува Мајката Божја.’
Уште малку ќе напишам и ќе завршам: еве во три наутро го завршувам текстот. Недалеку од мене е мојот мал иконостас, домашната црква. До иконите, стои памукот затворен во зиплок. Јас пишував, а силниот мирис на мирото не престана да мириса. Како ветар поминуваше и поминува. Не можам овие радости да ги сокријам. Ќе бидам себичен ако го сторам тоа. Се радував, но уште повеќе се радувам кога моите браќа и сестри дома се радуваат зашто преку нив се спасувам. 
На заминување им мавнав со раката, се прекрстив и реков: “Мамичко, Ти благодарам што нè  посети. Многу те сакам!
                                                 Благослови, Мамо!






1 comment:

  1. Ова сведоштво го споделувам со партнерите кои страдаат во нивните врски бидејќи постои трајно решение. Мојот сопруг ме остави мене и нашите две деца за друга жена три години. Се обидов да бидам силна само за моите деца, но не можев да ја контролирам болката што го мачеше моето срце. Бев повреден и збунет. Ми требаше помош, па истражував на интернет и наидов на една страница каде што видов дека д-р Елен, која работи на правопис, може да помогне да се вратат саканите. Ја контактирав и таа ми направи посебна молитва и магии. На мое изненадување, мојот сопруг повторно се врати дома по 2 дена. Така се обединивме и имаше многу љубов, радост и мир во семејството. Можете исто така да контактирате со д-р Елен, моќен магија за решенија
    1) Врати се дечко
    2) Повторно обединете маж или жена
    3) Ако имате кошмари
    4) Исцелување на ХИВ и рак
    5) Моќен магичен прстен
    6) Магија за среќа
    7) Раскинување на опсесијата
    8) Проблеми со породувањето и бременоста
    9) среќен лотарски број
    Контакт преку е-пошта: ellenspellcaster@gmail.com Можете исто така да го Whatsapp +2349074881619

    ReplyDelete