Friday, January 20, 2017

Ти само биди добро дете!

Ноември 1ви,
во скитот на отец Пантелејмон во Мејн,
...покрај океанот!
Завршено на 19 Јануари, 2017
Во Кармел Калифорнија



Спомени со отец Пантелејмон



  Времето е река што тече неповратно во еден правец. Понекогаш е убаво од длабочината на таа река да извадиме некои спомени, повторно да се радуваме на нив, но и да пливаме кон иднината. Каде и да се закотвиме во животот, да не заборавиме да Му благодариме на Бога. Да ја запознаеме и стекнеме чистотата на она кое Чистиот ја создаде и да грабаме од неа зашто Он за нас ја создаде.
     Возев од Њујорк за Мејн. Беше облачно и врнеше. Веќе со недели е вакво времето. Дождот не престана за сето време на моето патување. Пријатно беше. И тоа е дел од она кое што Бог го создаде. Стигнав во скитот во Мејн, каде што тихуваше отец Пантелејмон. Староста го достигна а и болките со неа, па тој се повлече во скитот. Убавина и тишина. Таму бев да го посетам неколку пати. Секое мое одење таму, тоа место го исполнува моето восхитување. Океанот. Тој простран и налик бескраен кој што ги поврзува двата континенти: овој овде, Американскиот од Европскиот, таму каде што е мојата земја. Кога ја гледав немирната вода, си реков: “навистина далеку сум од својата земја, преку седум океани и реки.” Но нема потреба да нижам грижи на себе. За Бога нема ништо далеку. Затоа Тој ни даде дух и душа за преку нашите срца, нештата кои се далеку од нас, да можеме да ги чувствуваме и да ни бидат блиски. Ах, каква милост! Во ништо не не остава и се мудро Он устројува...буквало за секоја единка, за секое ситно нешто. Бог толку многу врати ни отвара во животот, што честопати истото не го воочуваме, сè додека некој не ни ги отвори очите за тоа. Но ете, такви сме. Да го молиме Бога да се научиме.

Отец Пантелејмон. Пред неколку дена се упокои. Ја достигна својата старост и се исполни времето да го остави своето тело од каде што дојде. Новоста за неговото упокоение ме нажали, но оваа моја жалост беше измешана со радост, па затоа таев радост во себе. Му благодарам на Бога за сподобувањето да го запознаам овој монах во САД и да доживеам благопоучно дејство со него. За отец Пантелејмон има многу да се зборува. Интересна и пријатна личност. Во својот живот имал сретнато многу свети луѓе, како на пример: светиот старец и отец Никола Планас од Атина, светиот старец Јеронимос Егински, старец Јосиф Исихаст, свети Јован Хозевит… Овие се оние кои јас ги знам, за кого што тој ми раскажуваше. При секое мое одење кај него, нешто ново ќе ми раскажеше, за своите искуства со овие свети луѓе. На пример, во една прилика, седевме во неговиот скит и ми раскажа за неговото искуство со свети Јован Хозевит и за тоа како подоцна, по неговото упокоение, го отвориле гробот на овој светител и телото му го нашле нераспадливо.
Неговиот манастир се наоѓа во Бостон и е посветен на Преображението Господово. Старокалендарци се. Во православниот свет се ставени во папката на расколници а зошто? Затоа што не сакале да го прифатат новиот календар кога Грчката Црква во смени со Константинопол. Само за да ги отворат вратите на екуменизмот.
Морам да кажам секој пат кога ќе појдам во тој манастир, се чувствувам убаво. Не се причестувам, за тоа сум внимателен, но затоа пак се насладувам од службите. Всушност, за некој да се причести кај нив, истиот мора да биде примен во нивната заедница и да биде повторно помазан. Дали е со свети миропомазание не сум точно сигурен.
Како се случи јас да стапам во контакт со овој манастир? Кога бев втора година во Семинаријата во Џорданвил, некој од нашите македонци ми кажа дека во Бостон има владика македонец кој што е под стариот календар. Името му е Димитриј. Јас како јас, храбро решив да го најдам тој владика и да дојдам во контакт со него. Му го најдов бројот, му се јавив и се договоривме да отидам во Бостон да го посетам. На почетокот многу внимавав да не ме откријат во Џорданвил зашто овие не ги сакаа другите. Старокалендарците до 1991 беа заедно со Руската Задгранична Црква, но заради некои си причини се одделиле. Во тоа време, пред да отидам во Бостон, во Џорданвил престојуваше еден свештеник американец Јован, кој што порано бил кај нив, па си заминал. Кутриот, уште во која црква веќе не бил. Си имаше свои идеи во главата и си живееше во свој свет. Додека овој свештеник беше во Џорданвил, неколку пати разговаравме и му кажав за македонскиот владика Димитриј на што тој ми кажа дека го знае и всушност тогаш дознав дека овој свештеник бил кај нив. Патем му кажав дека планирам да одам таму и да го посетам. Во Џорданвил, доколку имавме потреба да одиме накаде на неколку дена, требаше да напишеме “прошение” или молба, па да ни ја одобрат. Јас кога му кажав за мојата намера на свештеникот Јован, веќе имав поднесено молба за да бидам ослободен од сите активности во семинаријата тој викенд. Секако, не им кажав дека ќе одам во тој манастир, туку по лични обврски. 
Што се случи понатаму? Тој свештеник Јован отиде кај о. Кипријан, одговорниот монах за нас студентите и му кажа дека јас ќе одам во Бостон во манастирот. Отец Кипријан, по природа беше малку паничар и за мали работи, тој ќе распалеше цел оган, но има многу добра душа. Како и да е, ме повика кај него во канцеларија и ми зборуваше за моето одење во Бостон. Всушност, не се обидуваше да ме спречи, туку ми рече дека “ние не можеме да ти забраниме каде да одиш,” но очигледно не му беше мило за моето одење таму. Тогаш, се налутив за тоа што Јован се му раскажал на о. Кипријан и не знам што не му изнакажав и престанав да зборувам со него.
Отец Лука веќе знаеше зашто о. Кипријан сè му раскажал. Не знаев како тој ќе реагира на сето ова, но пред да заминам, отидов кај него во кабинет и му реков:”претпоставувам дека веќе знаете каде ќе одам...” Од она кое го очекував, се случи спротивното. Отец Лука не ме нападна зошто ќе одам таму и сл. Дури и ми кажа дека таму имаат многу мошти, и едни од нив е вилицата на старец Јосиф Исихаст и “кога ќе отидеш таму, побарај да ти ја изнесат за да се поклониш.” Додека старокалендарците биле заедно со Руската Црква, Џорданвил добил многу свети мошти од нив. Една од нив е мал дел од појасот на Пресвета Богородица. По разговорот со о. Лука, на некој начин, почувствував во себе дека добив зелено светло за да одам.
        Кога отидов таму, ми беше мило да бидам во манастир каде што се негува светогорскиот дух и типик и се пее византиски. Го сакам и руското пеење, но со византиското пораснав и тоа ми е како мајчин јазик на пеење. Богослужбите им се на полноќ, во дванаесет. Затоа и често сакав да доаѓам во манатирот, барем, си реков, малку да се насладам од овој ромејски дух. Службите им се релативно долги, но истите ни помагаат да ги наполниме духовните батерии во нас. Никој не брза во службите. Истите се како да пловиш на море, спокојно и тивко.
Го запознав и владиката Димитриј. Тогаш не знаев многу за о. Пантелејмон, речиси ништо. Само малку имав слушнато за него претходно. По неделната литургија, отец Пантелејмон ме здогледа, ми пријде и ме праша кој сум. Му се претставив, и му кажав дека сум од Македоција, а студирам во Џорданвил. Благо се насмевна и патем ми кажа дека бил во Македонија и посетил неколку манастири, од кои еден бил Бигорски кај отец Партениј како и во некои од струмичката епархија каде што се запознал со владика Наум. Ми кажа дека му се допадна Македонија и кога би имал можност, пак би отишол таму. Мојата прва средба со него ми остави силен впечаток. Тој впечаток беше неговото внимание кон мене. Како да сакаше уште и да ми каже: “отсега ти ќе бидеш мое дете и јас ќе се грижам за тебе.” Тој тоа не го рече, но низ годините подоцна, тие зборови се покажаа вистинити преку неговата љубов и дејствија кон мене.
Всушност, јас дојдов да го посетам владика Димитриј, а почнав повеќе да се зближувам со о. Пантелејмон. Некако тој владика беше ладен со своето однесување, ниту пак беше со мене таму често. Отидов таму да го видам, а на крај сам си останував. Како и да е, тој е друга историја за која што нема да го губам времето да пишувам.
Отец Пантелејмон по потекло е грк, но роден во САД, во Детроит. Некое време живеел на Света Гора во манастирот св. Пантелејмон, но не можел таму да остане заради американското државјанство. Во шеесетите, преку благородни луѓе, купил голем имот во елитен дел во Бостон, Бруклејн и започнал манастир. Куќата е огромна и во неа е сместено сè. Имаат своја црква, преведуваат многу книги, прават икони, и навистина, имаат најубав темјан. Многу го сакам нивниот темјан. Секогаш кога ќе одев таму, отец Пантелејмон знаеше дека го сакам темјанот и ми даваше кутии и кутии. Ќе ми речеше: “земи колку сакаш.” Отец Пантелејмон, за време на моето студирање во Џорданвил, многу ме подржуваше; духовно и материјално. Едно зимо, за време на мојот Божиќен одмор јас и мојот колега семинарист од грчката семинарија летавме за Сан Франциско на поклонение на св. Јован Шангајски и Сан Франциски. Летавме од Бостон, и во претходната вечер отидовме да го посетиме отец Пантелејмон. Тој ми даде парички при што ми рече: “ќе ти се најдат додека си таму.” Обично одев кај него секои три мецеси, и не ме оставаше да си одам, додека не ми дадеше триста до четиристотини долари и ќе ми кажеше: “ако нешто друго ти треба, да ми кажеш.” Јас зимав стипендија од Скопје, и за тоа многу Му благодарам на Бога и на мојот надлежен архиереј, дедо Стефан, но таа сума навистина не беше доволна за животот во САД. Помошта од отец Пантелејмон ми помогна за мојот живот додека студирав.
       Како што напишав погоре, мојата врска со отец Пантелејмон беше силна. Уште од првиот почеток кога го запознав, почувствував духовна топлина од него. Прво тој ми пријде и ми покажа големо гостољубие, и постојано ја покажуваше својата татковска љубов кон мене. Кога ќе отидев кај него, секако правев мал поклон и му ја целивав раката. Тој ќе ме прегрнеше и исто така ја бакнуваше мојата рака. На почетокот ми беше непријатно, но заради послушание, го прифатив истото. Еднаш, отидов во манастирот со еден студент од семинаријата. Тој не однесе во женскиот манастир “Рождество Христово” кој што е на пет минути со автомобил од машкиот манастир. Таму што уште не ни даде: книги, свеќи, бројаници кои што ги прават во Ерусалим... Една година, дури ми плати дел за моето школување во Џорданвил, а во летото 2014 ми даде огромна сума за да учам десет недели интезивен курс по англиски јазик во Сан Франциско. Кога ми помагаше, ми рече: “не кажувај никому, зашто не сакам да мислат другите дека јас се обидувам да те придобијам.” Често се прашував зошто толку многу ми помага отец Пантелејмон, кога не сум под неговиот манастир? Тој никогаш не побара од мене да одам под нив. Никогаш. Ќе ми речеше: “земи ги овие пари. Ти си студент, ќе ти требаат. Знам како е зашто јас бев беден студент.” Буквално, секогаш кога го посетував, не ме оставаше без ништо и еднаш му реков дека ми е непријатно зашто ова наликува дека јас доаѓам кај него само за свој интерес. Неколку пати не сакав да прифатам и ќе му речев дека тој доволно веќе има направено за мене, а тој ќе додадеше: “ти само биди добро дете.” Вакви беа неговите одговори.
      Една година, по промислата на Бога, отец Пантелејмон ми даде бројни свети мошти. Како тоа се случи? Одамна имав намера да го прашам за свети мошти, но никогаш не се осмелив зашто тој веќе многу имаше сторено за мене. При една од моите посети во скитот во Мејн, зборувавме на многу теми. Не се сеќавам како дојдовме до разговор за свети мошти, но се сеќавам кога ме праша: “сакаш мошти?” Радосно му климнав со главата. Понатаму тој продолжи: “од кои светители сакаш?” Не знаев што да му одговорам зашто ништо од ова не очекував и му реков дека не знам. Тогаш тој почна да набројува имиња на светии и ми рече да земам лист и да почнам да запишувам. Отец Пантелејмон како почна да набројува, дојде до десетина светии. Му го дадов листот и тој рече дека ќе се јави во манастир и ќе им каже да ги подготват за кога ќе одам таму да бидат спремни. Со неговиот благослов, денес имам можност да целивам свети мошти на Св. Апостол Андреј, Св. Никола, Св. Георги, Св. Пантелејмон, Св. Василиј Велики, Св. Јустин Философ, Св. Јован Кукузел, Св. Јован Руски, Св. Старец Јосиф Исихаст, старец Јероним Егински, камен од Голгота и камен од гробот на Богородица.



       Отец Пантелејмон се повлече во скитот кој што е буквално покрај океанот. Исихиа од која што секојдневно човек може да се напојува и соцерцава. Уживав да одам кај него во Мејн. Таму најмногу имав прилика да го видам. Се насладував од неговите разговори. Во секој разговор, откривав нешто ново за него, односно неговата врска со свети луѓе кои што тој ги имал сретнато. Исто така, често кога одев кај него, ме прашуваше како е владика Наум и отец Партениј. Еднаш, додека бев во неговата ќелија, го зема телефонот и сакаше да им се јави, но одговор немаше.
Во друга прилика, додека возев за кон скитот му се јавив за да му кажам кога ќе стигнам. Тој ми рече дека нема да биде таму, но јас да влезам, да се качам на вториот спрат во параклисот и да се молам. Го прочитав акатистот на Богородица а за тоа време тој дојде. Не знам зошто, но отец Пантелејмон секогаш одржуваше по една свеќа на свеќниците за сето време, дење и ноќе. Кога се врати, слегов долу. Во моментите додека седев со него, додека тивко минутите се ситнеа покрај нас, ми дојде на ум настанот за лаикот кој што го посетил св. Антониј. Имено, група на луѓе стигнале кај св. Антониј Велики и нормално секој користел прилика за нешто да го праша овој голем светител. Св. Антониј забележал дека едниот од нив ништо не го прашал, па тој му рекол: “Сакаш нешто да прашаш?” Овој му одговорил: “Доволно ми е што те гледам, оче!” Овој лаик изодел долг пат, а за што? Само за да се нахранува од тоа што ќе го гледа и слуша св. Антониј. Така и јас се радував на неговото присуство. Пријатно ми беше да бидам покрај него. Еднаш, кога отидов кај него во скитот, ме замоли да го однесам до продавница за да купи храна. Додека возевме, тој ќе го отвореше молитвеникот и читаше во себе Акатист. Секој пат кога го возев, тој ќе го отвореше молитвеникот и читаше. Кога ќе заминев од скитот, отец Пантелејмон стоеше зад автомобилот се додека не се оддалечив и за сето време додека го гледав, тој стоеше таму а додека заминував ме прекрстуваше во форма на крст.
      Додека седев со него во скитот, ми раскажуваше како во шеесетите, во грчката семинарија во Бостон, која што е на десет минути од манастирот, дале наредба да сите студенти мораат на неделните литургии за време на “Тебе Поем” да коленичат. Каноните на Православната Црква го забранува ова. Шестмина студенти одлучиле за да не покорат на оваа наредба. Како резлутат на тоа и заради тоа што постеле, биле избркани од семинаријата. Еден од тие студенти, денес е отец Исак, игумен на манастирот “Свето Преображение,” во Бостон.
Понатаму, во една прилика го прашав да ми раскаже повеќе за свети Јован Хосевит. Ми се чини дека овој настан не е така познат во православниот свет. Отец Пантелејмон за него ми раскажуваже час и половина. Секако, овде невозможно е се да напишам, но она кое сметам дека е важно за јавноста е следно: кога отец Пантелејмон заминал од Света Гора, отишол во Ерусалим. Тогаш, тој бил млад монах, на 22 години и сакал да зборува со некој монах кого што ќе го советува каде на монахува. Некој монах во Ерусалим му кажал да оди кај отец (свети) Јован Хозевит кој што живеел во пустината, во пештера. Отец Пантелејмон го нашол монахот кој што му носел храна на св. Јован Хозевит, отец Јоаникиј и го однел кај него. Додека оделе, поминувале едно место, стрмнина која што наликувала како планината да се сронила. Отец Пантелејмон го запрашал дали овде имало земјотрес. Монахот му рекол дека подоцна ќе му раскаже за ова. Кога стигнале кај свети Јован Хозевит, тој ги чекал долу од пештерата со суво грозје, смокви и малку вода. Свети Јован живеел аскетски живот. За да се дојде до неговата пештера, потребно било да се искачиш по дрвена скала на која што само еден човек можел да оди едновремено. Инаку, истата би се сронила. Свети Јован Хозевит му рекол на отец Пантелејмон дали сака да ја види неговата пештера. По зборовите на отец Пантелејмон, “јас уште од мал се плашам од височина и му реков дека доволно ми е што дојдов да те видам и да земам твој благослов. Понатаму, свети Јован ме праша уште двапати и тогаш јас сфатив дека треба да го послушам зашто можеби нешто сака да ми каже. Без да гледам надолу, се искачив до неговата пештера. Над неа, имаше и горна пештера. За да се дојде до неа, мораше да се искачуваш на јаже по карпите. Тој ме праша дали сакам да ја видам горната пештера. Јас му реков дека ова е доволно за мене, но свети Јован пак ме праша и тогаш некако се искачив во горната пештера со него. Веројатно, свети Јован сакаше да одиме погоре за оние долу да не го слушаат нашиот разговор. Таму разговаравме на различни теми. Меѓу многуте, зборувавме за светите место и ми рече дека Ерусалим е центарот на светот.Всушност ми рече дека е центар на универзумот.Тој е центарот на земјата каде што се избрши спасението како што се вели во еден псалм: 'во средината на земјата, Ти го изврши спасението.' На тоа место Христос беше распнат, погребан и воскресна од мртвите и на тоа место ѓаволот ште повеќе ги искушува луѓето.” Понатаму, отец Пантелејмон продолжи да ми раскажува кога се враќале назад, додека поминувале низ стрмнината покриена со камења, тој пак го запрашал отец Јоаникиј да му каже зошто толку камења имало таму. Отец Пантелејмон продолжи: “Отец Јоаникиј ми кажа дека навечер, отец Јован Хозевит слушал бучава од соседните пештери. На ова место имало многу пештери со исихасти кои откако се упокоиле, во нив биле погребани. Утредента, свети Јован Хозевит му кажал на отец Јоаникиј дека видел како некои луѓе кои живееле во близина доаѓале овде во пештерите со цел да најдат се што би можеле да продадат во антикварници. Но, тие нашле коски од отците кои што се упокоиле таму. Секако, не можат да продаваат коски зашто никој нема да ги купи. И така ги вратиле коските назат и ги оставале така во пештерите. Отец Јован седел таму и ги гледам сите коски кои биле најдени таму и плачел. Велел 'кој знае колку се стари овие коски и од кои векови се и гледај сега, така надвор стојат расфрлени и оставени на птиците и на дивите животни.' И свети Јован се потсетил на псалмот каде што се вели 'Господи, го разрушија светиот град. Телата на светиите ги фрлија да бидат храна на птиците небески.' И заради тоа што тој плачел, планината се поместила. Тој не и рекол на планината да се помести, но заради неговата тага, планината се поместила одозгора и со камењата ги покрила сите кости на тие упокоени отци. Под тие камења, сега тие коски се погребани. Тоа се случило заради плачот и тагата на свети отец Јован на што планината се сронила надолу. Тој беше не секојдневен човек за нашето време. Немаше ниту дожд, ниту земјотрес, туку планината сама по себе се сронила надолу.”
     Исто така, зборувавме и за екуменизмот и морам да кажам, отец Пантелејмон, многу мудро објаснуваше и потенцираше колку лош отров е истиот. На пример, со менувањето на календарот. Многумината не го прифатиле новиот, но останале да го следат стариот, дури и некои свети отци како папа Николас Планас, старец Јероним Егински, за кои што напишав погоре. Како резлутат на тоа, биле гонети од државата и малтетирани. Всушност така биле создадени старокалендарците, заради менувањето на календарот. Во еден од разговорите со него, отец Пантелејмон даде убава забелешка каде рече дека календарот бил сменет со оправдување дека доцнел со деновите и сл., а всушност зад ова оправдување стоел екуменизмот. Со тоа Константинопол сакал да ги отвори вратите за преговори со Римокатоличката црква, за да дојдат до некое си соединување.
     Отец Пантелејмон се упокои на 27 Декември, 2016. Денес јас не живеам на Источниот брег. Далеку сум од таму, во Калифорнија. Многу жалам што после две недели дознав за неговото упокоение и тоа случајно во разговор со македонски монах од Бигорски. Денес, кога размислувам на моите средби и опити со отец Пантелејмон, осознавам дека Бог благоволи да го запознаам и од неговите разговори да се поучам и разберам многу нешта за Православната Црква, духовниот живот, за животот на светите старци. Патем, Бог, кој што за секој еден од нас се грижи, преку отец Пантелејмон го помагаше моето школување. Отец Пантелејмон никогаш не ми даде услов за нешто, а пак ќе ми речеше: “кога ќе се упокојам, моли се за мене.” Ова беше неговиот услов!
Неговите спомени секогаш ќе бидат живи во мене, а дел од разговорите со него, ќе ми бидат образец за себе во моето растење во Црквата, па и ако даде Бог, образец во моето свештенодејствување. Господ се грижи за сите нас. Тој не поставува на правилни места, со правилни луѓе. Јас дојдов да студирам во САД и дојдов во контакт со отец Пантелејмон кој што широко ги отвори вратите за мене. За такви луѓе треба да Му благодариме на Бога! Бог навистина промислува! Тој ми покажа што е љубов, со неговата љубов.Ми покажа што е смирение, со неговото смирение.
      Твоето време за мене, драг оче Пантелејмоне, ме научи уште повеќе да ја гледам Божјата грижа за нас луѓето. Со причина те запознав. Секогаш ќе ги чувам спомените и разговорите со тебе и ти ветувам дека ќе се трудам да бидам “добро дете.”
Ти благодарам!









1 comment:

  1. Вечна памет на стареца! Толкова добър човек!

    ReplyDelete