Јануари
11, 2017
Тахо,
далеку од светот, високо на планините
каде
што снегот спокојство дава.
“Во
животот треба да знаеш кога да ја грабнеш
златната можност и кога да ја игнорираш
краткотрајната и минлива баналност...
Секој од нас е непознат патник. Патувањето
трае во текот на нашиот живот. Колку
подалеку патуваме во земјата на нашиот
внатрешен свет, толку повеќе учиме за
непознатиот патник во нас. Не прашувај
“кој сум?” запрашај: “Во каков вид на
цвет сум за да се развивам?” Рене
Готони.
Животот
е долга авантура. За мене е уште поголема
кога низ истата го откривам создаденото
од Создателот, таа земна убавина. Мудро
напишал Достоевски дека “убавината ќе
го спаси светот.” Често размисувам
вака: кога на земјата, на оваа привремена
почва, гледаме толку убавини, се
насладуваме од сета природа, тогаш колку
ли уште поубав е рајот и неговите убавини?
Како човек созерцавам, но не можам тоа
да го разберам зашто тешко е за мојот
ум. Од друга страна, оваа убавина, високо
на овие планини, украсена со слаткото
езеро, овде на Тахо, ми ги открива тајните
на убавините кои Севишниот ги создаде.
Еднаш слушнав човечки битија како се
жалат зошто постојат пустини, планини,
толку голем океан, каде што невозможно
е да се живее. Денес, кога се потсетувам
на овие нивни забелешки, јас додавам:
подобро планини, отколку големи градови
во кои се задушуваме од нечистотија,
неморал, бучава…
Онаму,
во местото на тишината, каде што душата
го наоѓа својот мир, таа од ништо не може
да биде загадена. Таа ширна градината
без ограда е полна со свежи плодови кои
наситуваат. Животот е кус, но моментот
е голем. Зима е и истата ќе ја паметам
занавек. Го прославивме Рождеството
Христово, и дојдовме во прекрасниот
Тахо. Планините се покриени од снег, а
снег во изобилие. Чудесна е зимата!
Таинствени се нејзините денови, и секој
нејзин ден ја одмора душата.
Ако
дувањето на ветрот умее да заплашува,
паѓањето на снегот носи мирно чувство,
како да сака да ти каже: “не грижи се,
биди спокоен.” Ова е една од причините
за која што сакам да пешачам во вечерните
часови кога тивно снегот паѓа, а неговата
белина ти го осветлува патот. Неопишива
светлост беспределна, распослана со
нејзиниот сјај. Тие ноќи се прекрасни
за мене! Се наоколу е тивко и бело. Ете
уште една зимска убавина која со пари
не се купува. Само со срце се разбира, а
срцето се насладува.
Таа
е една од многуте убавини кои Бог ни ги
даде да се насладуваме. Кога бев помлад,
имав навика да се жалам на времето зашто
слеп бев да ја видам природната убавина.
Сега, жалам што бев таков. Знам дека
гревовите ќе продолжат да се нижат во
мене, но оваа таховска снежна убавина
ме учи дека никогаш не е доцна да се
очисти срцето. Јас ќе заминам од овде и
ќе се вратам во градот, но во тешките
моменти, дните поминати овде ќе ми бидат
потсетик кој треба да бидам: чувар на
белото во срцето, бело како снег.
Се
радувам со детска радост за времето кое
Ти ми го даде во ова мирно место, зимска
радост која ќе продолжи да ме теши во
Вечното Пладне од белите планини. Убаво
е да се биде и на ова место, кое Ти си го создал,
на планините на Тахо!
No comments:
Post a Comment