Monday, April 18, 2016

Од ропство до Очистување во слобода - втор дел

Март 2ри, 2016
Кармел, Калифорнија



Втор дел







Ајде уште нешто да дополнам, да си ја отворам душичката зашто потребно и е тоа. Јас, разделбата од овој свет, ја гледам како општа чаша која мора да се испие, па и доколку би бил против тоа. Течноста во неа дали ќе биде горчлива или пак блага, тоа зависи од мојата животна река. Секој човек си има по некоја бубачка во себе - демон, и никој не може да биде одминат од него. Тешка е таа борба, но победителна е. Често знам да бидам брз и недомислив во постапките свои. Тоа ти е кога старите ни велеа “не скокај како магаре.” Веќе го поминав патот на детството и на прагот сум да го поминам истиот како маж. Каков ли е патот на маж во младоста негова? Без самоувереност во себе, се уште со остатоци од она детинското, понекогаш неодговорен... Оној Слаткиот најубаво ја знае мојата непромисленост, моето слепило и безполезност, но ги знае и страданијата на мојата душа. Затоа Ти крени ме мене, неподвижниот, од гревови и со моленијата на старец Софрониј, “и до последното издихание мое не оставај ме да заскитам од светлината на Твоите повеленија.” Велат, понекогаш зад превезот на зборовите се крие вистината. Точно ли е? Јас ќе речам да зашто пишувањето за одредени маки кои ме мачат ми носи ослободување. Знам и да бидам неразбирлив во некои текстови, барем така ми рече мојата драга пријателка кога ми ги прегледува истите. Кога омарница ќе го опфати моето тело, односно повеќе недопирливото - душата, тогаш знам да бидам таков и барам начин да се плиснам.


Каде е сега радоста? Среќен сум Севишни зашто Те имам и како што многупати Те молев пак ќе побарам од тебе: не ми давај да се оддалечам од Тебе, и покрај тоа колку пати Те нажалувам. Тешко е да се живее во светот без Тебе. Јас без Тебе не можам и ако Ти ме заборавиш, се плашам да помислам што ќе бидам. Сега се исповедам на Тебе и пред овој ширни океан. Неговиот силен звук не дозволува никој друг да ме слушне, освен Ти! Научи ме уште повеќе да ревнувам. Ме сакаш и ваков каков што сум: грешен и ме трпиш.
 Измамен сум од својата горделива ревност и затоа нека течат горчливите солзи од топлото срце за да се очисти во слобода!



No comments:

Post a Comment