Monday, May 11, 2015

Безболна шлаканица

Мај 9ти, 2015
Џорданвил



Преку своите слабости секој ден ја гледам милоста на Бога. Кога мислам дека Он се оддалечил од мене, тогаш Тој најмногу е со мене. Но колку пак далеку јас можам да размислувам со својот ум? Оној кој што е приврзан до земјата, не може повисоко да мисли од земното. Но што да се чини. Кога ќе помислам дека сум научил нешто, тогаш ќе осознаам дека не знам ништо. Како и да е, вечерва, само што започна бдението, за време на вечерната Бог ми удри шлаканица, но безболна. Тоа беше шлаканица без болка која што ме пробуде, а Он ми рече:
  • “Време е! Доста седиш во мрак. Светлината е пред тебе, само треба да ги отвориш очите!”
Во манастирот има еден монах, отец Никон, со кој што повремено пријателувам. Често се шегуваме, ќе се поттурнеме за да се насмееме еден со друг. Едноставно многу братски и пријателски се однесува кон мене. Истиот бил замонашен одамна во овој манастир, но кога еден владика, некогашен Џорданвилски монах, возобнови друг манастир во Западна Вирџинија, отец Никон замина со него. Веднаш по Пасха, ова година, тој владика замина да пастироначалствува во Австралија и отец Никон се врати во своето огниште, во матицата Светотроитска. Еден ден кога го прашав за причината за неговото враќање овде, тој вака ми одговори: “Јас овде бев замонашен и овде е моето место.”
Ете вистински монах, - реков во себе. Истовремено, се сетив на игумановите слова на отец Лука кога еднаш додека  разговарав со него за монашството, ми рече:
  • Кога некој ќе се замонаши во манастир, таму треба да остане до крајот на својот живот и таму да го остави своето тело. Во манастирот каде што се замонашил, дал завет на Бога преку игуменот, таму му е дадена благодатта и таму ќе добива најмногу сили за да се бори против кнезот на овој свет и да си ја спасува душата. Каде што ќе се замонаши, таму и треба да остане.
Отец Никон се врати назад, за да си ја спасува душата во овој манастир, каде што го примил монашкиот потсриг. Денес, безболната шлаканица која што ја добив од Бога беше преку отец Никон. Што точно се случи? Во своето искуство како православен христијанин кој што сака да си ја спаси душата, воочив дека доколку не се причестам повеќе од еден месец или пак исповедам, готово е, многу искушенија почнуваат. Всушност, се трудам да се причестувам често, но ете, овој период тоа не го сторив и започна падот. Што се не се случуваше со мене: искушенија од сите страни, и згора на тоа суровоста почна да ме вее. Во кој правец и да одев, ништо не релултираше. Зошто? Затоа што не барав сокровиште во Бога. Срцето мое не гореше за покајание, ниту пак за солзи.
Како и на секоја вечерна, и за време на оваа, игуменот исповедаше. Богомолците се подредија во линија. Отец Никон беше прв, а јас стоев во нартексот од храмот. Кога тој заврши со исповед, тргна назад за да се качи на балконот каде што секогаш стоеше за време на службите. Пред да почне да се качува, дојде до мене и ми рече:
  • Мислам дека треба да се исповедаш! И почnа да се искачува по скалите нагоре.
Во истиот момент морници го поминаа моето тело.
Што се случи? - Започнав да се прашувам.
Од каде сега токму отец Никон да ми каже вакво нешто?
Зар тоа би било коинциденција? Познавајќи се самиот себе, не би рекол дека беше. Во монасите има нешто кое што ги плени срцата на нас, мирјаните. Овде не сакам да кажам дека тие се светители, или пак пророци. И тие се луѓе како и ние, но има нешто во нив кое ги прави да бидат посебни, чудесни. Ангелскиот образ, кој што го зеле на себе, ги прави да бидат необични. Вечерва, токму еден од таквите црконосци, ангелоподобници и схимници, отец Никон, ми рече дека треба да одам на исповед.
Многу се рарувам што тоа го сторив вечерва. Веднаш застанав во линија и кога дојде мојот ред, се исповедав кај високопреподобниот игумен. А колку пак ми олесна откако излегов од исповед! Застанав на крајот од храмот зашто веќе насетував дека солзите ќе дојдат и тоа се случи. Откако завршив со исповедта, навистина почувствував како нешто тешко да фрлив од себе и тие почнаа да се леат. Дали беа покајнички, за тоа не можам да пишувам зашто не се што чувствуваме, можеме да опишеме.
Господ го чекаше моето покајание. Го чекаше со недели, но јас своеглавиот одолговлекував и чекав. А зошто чекав толку долго? За оној лошиот да ја заплени мојата душа и да ме стори роб на адот? За срам мој! Духовникот нема да ме изеде ако отидам на исповед. Тој се радува на моето покајание, и згора на тоа ми рече:
  • “Кога ќе те нападне лукавиот, веднаш да дојдеш кај мене. Не чекај!”
Такви сме ние земните. Паѓаме, стануваме и сѐ така додека не издивнеме. Но сѐ додека има вистинско покајание во нас, тогаш ќе бидеме измиени од нашите гревови. Една руска експресија вели вака: “Там хорошо где нас нет” (добро е таму, каде што нас не нема). Јас ова вака го толкувам:
“Тоа е карактеристиката на човековиот живот на земјата. Откако ја изгубил бесмртноста, тој ги собира плодовите од своето непослушание.” Кога сме во ваква состојба, лесно се плашиме од страв каде што нема страв.
Оваа вечер, Милостивиот, гледајќи ме изгубен, Тој дојде кај мене зашто виде дека јас се уште ниту чекор не направив кон Него. Ми удри шлаканица која што беше безболна за да каже дека светлината е пред мене, само јас требаше да ги отворам очите, а кога тоа го сторив, Он ми рече:

  • Погледни, Јас сум тука!

No comments:

Post a Comment