Tuesday, May 5, 2015

Наивен за што?

Мај 5ти, 2015
заврши последниот час по
Пастирско Богословие



Дефинитивно часовите по Пастирско богословие се интересни. Отец Григориј знае како да го пренесе своето знаење, а најмногу своето пастирско искуство. Речено е додека сме живи, учиме. Е има вистина во кажаното. Кога ќе заврши “панаѓурот” во овој живот, залудно ќе биде многуговорливото, но знаењето ќе остане. Преку него стекнуваме сенс на животот. Првично преку Бог, но Тој ги излил и мудростите, знаењата, ако може така да се изразам, за ние да учиме.
Темата која што денес ја опфаќавме беше за упокоените; што се случува со душата по третиот, деветтиот и четириесеттиот ден, служење панихида и сл. Она, на кое се задржавме, беше дали треба да се молиме за инославните, оние кои не биле православни. Поточно прашањето беше дали треба да ги спомнуваме на проскомидија и на панихида. За мене нема час а да не прашам нешто. Сѐ ме интересира, а особено овие црковни работи. Додека отец Григориј зборуваше за тоа дали треба да ги спомнуваме оние упокоени, веднаш помислив на Томас. Кој е тој? Можеби ќе звучам чудно, ама тоа сум јас. Пред една година се зачмајав со истражување на хомосексуалноста, односно ме интересираше како луѓето се одлучуваат на тој пат. Истражувајќи, налетав на еден документарен филм, Bridegroom, кој што откако го изгледав, не престанав да иследувам повеќе за Томас. Името, тој младич, во 2009 год.паднал од кровот на една зграда во Лос Анџелес. Бил геј, и денес неговиот партнер направил филм во кој ја споделува својата историја. Тажен беше филмот, но фактот дека двајцата се геј, ме нажалуваше. Малку повеќе се пронајдов во карактерот на Томас, во смисла на неговата отвореност, екстравертност, насмеаност и затоа се одлучив повеќе да дознаам кој беше тој.
Сето ова ме поттикна да се молам за неговата душа, за Бог да биде милостив и да ја спаси. Сите луѓе имаат слободна волја, но често не знаат што чинат, ниту ги препознаваат страстите. Јас, откако дојдов во САД, ја видов таа голема страст на хомосексуализмот, но никако не си го зимам правото да ги осудувам. Поголем од Христос не сум, ниту пак ќе бидам. Не ги осудувам, ниту пак ги оправдувам. Кога ги читам имињата на упокоените православни христијани, кои што ги имам запишано, одвреме-навреме ќе го спомнам и Томас. Тоа не го правам на проскомидија, туку додека стојам на служба во црква, во соба или пак на панихида. Во меѓувреме, често си го поставував прашањето дали тоа што го чинам е правилно или пак не е. Не знам, но си реков Бог е милостив, па ќе го спомнувам.
Денес, на часот по Пастирско богословие, малку ми се разјаснија работите околу ова, односно дојдов до правилен одговор. Го прашав отец Григориј дали треба да ги спомнуваме инославните. Тој ми одговори дека оние кои не биле православни, не треба да се спомнуваат на проскомидија, или пак да се служи за нив панихида, што е и правилно. Прво малку реагирав, но она кое што ми го одговори, не му дозволи на срцето да оди понатаму во аргументи. Отец Григориј ми рече дека прво тие луѓе, уште додека биле на земјата, самите одлучиле да тргнат по тој пат и изборот дали сакаат да си ја спасат душата или пак не. Ако сега служиме за нив нив панихида, или ги спомнуваме на проскомидија, ние, на некој начин со сила ги правиме православни и сакаме да бидат како што сме и ние. Не можеме да третираме или пак да се однесуваме кон некоја личност како да била православна. Тоа така не оди, но затоа пак, во своите приватни молитви можеме во секое време да се молиме за нивните души, за запалиме свеќа за нив, да помагаме на сиромаси за покој на нивните души и итн. Кога се молиме за нивните души, најдобро е вака да се молиме: О Господи, нека биде Твојата волја за претставениот слуга Твој… и спомнувајќи го името на инославниот. Бог е љубов и сака сите да се спасат. За оние кои не биле православни, треба да оставиме на милоста Божја и да го молиме Него да ги спаси тие души.
По оваа дискусија, или повеќе тема за упокоените од денешниот час, научив повеќе за како да се молам за Томас и за таквите како него. Убаво е кога човек одвреме-навреме е чуден, зар не? Понекогаш знам да бидам чуден. Ќе видам, или прочитам за некој кој се упокоил, ќе ми влезе тоа име и личност во умот и повремено се молам за таа душа. Минатото лето, толку многу бев наивен, што преку интернет го најдов гробот на Томас, во Индиана, и кога бев да ја посетам тетка ми, бев решен да отидам и да испеам вечнаја памјат, но времето ми беше кратко и си реков тоа ќе го сторам во следна прилика.
Денешното Пастирско богословие ни беше последен час од оваа година, и воопшто засекогаш од оваа Семинарија, но како за последен час ќе имам по што да се сеќавам на истиот. Животот на овој свет ни завршува со сконачание и со надеж за живот вечен, а на нашиот последен час ја завршивме темата за зошто се молиме за упокоените и како треба да е молиме за нивните души. Нема ништо случајно. Од денес, поубаво научив како да молам за инославните, на Томас и за оние како него. Бог е милостив и затоа Господи, нека биде Твојата волја за претставениот слуга Твој…

Помјани и упокој!

No comments:

Post a Comment