Tuesday, April 28, 2015

Нови тегоби

Април 26, 2015
Чудни периоди


   Долго се мислев дали да седнам и да пишувам. Решив да, да пишувам зашто полошо ќе биде доколку сите тегови си ги таложам на срцево. Колку што може и тоа носи, не смеам да дозволам да се прелее и да натежне.
   Како вчера да беше кога стигнав во Америка, а веќе се приближува крајот и на ова мое петгодишно патешествие. Поминав низ многу искушенија, кои ме научија да се борам.
   Познавајќи се себе си, се изненадив кога неодамна прочитав дека и пишувале на мајка ми дека јас многу сум се променил. Само не разбрав, дали на добро или на лошо., и, не разбрав што ги засега другите мојата ваква или таква промена? Се исчудив на човековата ситнодушност од сознанието дека парите ме направиле таков. Аха, си реков, каков? Му благодарам на Ајнштајн за реченото: „Само Универзумот и човековата глупост се бесконечни. Сепак, за Универзумот не сум сигурен“.
   Се нажалив кога ја прочитав таа лажовка, и се прашував зошто ли луѓето се заморуваат со туѓи маки, а не си ги гледаат своите?
  И еве, благодарение на природата која кај мене, за разлика од некои двоножни суштества, го развила чувството на еволуција јас не сум повеќе она деветнаесетгодишно момче кое замина од Македонија за да студира во САД. Сосема е нормално да се сменам. Грев ли е да се прилагодувам на средината за да опстојам, грев ли е во земја каде што никој близок не е до мене да научам уште повеќе сам да се борам во животот? Во изминативе години научив дека животот овде знае да биде суров многу повеќе отколку оној кој го проживеав во своите рани години. А, ни тој не беше послан со нитки од рози. Само оној што не го почувствувал и не поминал низ животна голгота, може да зборува без притоа да разбере.
   Никогаш не сметав дека физичкиот изглед го краси човекот, така што и сега не придавам значење на тоа како изгледам, ама затоа пак со сигурност знам како се чувствувам. Борбата во овие пет години беше голема “да се биде или не”. Не во смисла на шекспировиот “Хамлет”, туку во смисла и духовно и телесно да пораснам и бидам свој. Таа борба беше тешка, но за мене не е завршена.
   И додека некои мои колеги со нетрпение го очекуваат 24 Мај 2015 год., бидејќи тогаш ќе ги добиеме заслужените дипломи во рака, јас не се радувам. Јас се јадам бидејќи знам дека уште потешки периоди ќе го навјасаат моето кревко битие. И наместо олеснување што треба да го донесе дипломата во рака, мене ме чека уште потрнлива животна врвица, небаре до сега ми било лесно. Последниве два месеца многу ме тиштеше чудно сознание, кое што во досегашните мои дваесет и четири години не сум го осознал. Би го опишал како градација и постапност, во неколку недоумици. Веќе завршувам факултет, но што и каде по дипломирањето? Прашањево ме удри многу и, како и секој што е на раскрсница, се изгубив. За жал, се уште не научив да ја полагам сета моја надеж на Бога. Факт е дека Тој до сега не ме остави, и верувам дека и понатаму нема, но ете, со својата маловерност паѓам. Секогаш е истото и истото.
   Ако првата година од моето школување овде беше тешка поради невладеењето на англискиот јазик, оваа петтата, е габаритна заради многуте грижи кои ме надвладееја. Овде не говорам за очајание. Да не даде Господ такво нешто. Повеќе јас ова го гледам како стрес, што и е. Но пак, треба да поминам и низ ова зашто само така ќе го научам суштинското во животот и ќе знам да ги ценам нештата.
   Друг проблем кој ме мачи беше опаѓањето на косата, а во врска со тоа неколку пати разговарав со мајка ми на скајп. Како секој кој сака да ми каже дека физичкиот изглед е неважен, ќе ми кажеше: “паметна глава држи коса!” Ајде, ќе се сложам со неа па таа е поискусна од мене, нели? Честопати чинам дека наликуваме на малечки дечиња кои тукушто го прават својот прв чекор. Ќе почнат да чекорат насигурно, ќе паднат, ќе станат и сè така додека не почнат да се чувствуваат самоуверено и почнат цврсто да чекорат. Исто е и со секој од нас.
   Со годините поминати, осознав дека ништо во животот нема лесно. Што ќе постигнеме ако паднеме и седиме прелиени со очајание и лелек? Ништо. Сме паднале да. Но треба веднаш да станеме, продолжиме и се радуваме зашто сме ја надминале тегобата од претходно. Ваквите зборови ги нижам од искуство, кое ме направи опитен дека надежта во Бога е она без кое не можам ништо да направам. Вистина е и дека во моментите кога горделиво мислам дека можам сам, тогаш најмногу паѓам. И тогаш се сеќавам на реченото од Христос без Мене не можете ништо да направите. Повторно, Господ ме учи да паднам за да научам да станам, а јас сакам да верувам дека Тој ме љуби. И не само мене, туку и таквите како мене, оние на кои им треба помош кога паѓаат. Родителот кој што го кара својот син, значи го љуби. Се сеќавам на една случка од периодот кога учев средно богословско училиште во Скопје. Таму имаше еден професор по византиско пеење кој зеде една прачка на која беше напишана една мисла од книгите на цар Соломон: Кој ја жали прачката, го мрази сина си. Овие зборови од тогаш ми се врежаа во глава. Професорот доаѓаше кај секој од нас и ќе ни речеше: “Читај што пишува овде.” Ние читавме гласно, по што требаше да ја испружиме раката и добивавме удар од прачката. Секако, тоа не беше некое болно удирање, но актот како лекција ме научи многу. Тогаш не ја разбрав, но по неколку години пораката сама исплива од меморијата. И сега, кога го пишувам сето ова, работите низ кои што овој период минувам, овој настан ми ѕуни во глава и ми помага повеќе да ги разбирам нештата во својот живот. Имам уште многу да учам, вистина е. Но.
   Често си помислувам колку би било безгрижно кога во животот се би било како мед и млеко. Имав периоди кога не сакав да се соочам со проблемите, но признавам и ќе речам фала Му на Бога што ги има. Нека ги има зашто послатко е кога се јаде лебот заработен со својата пот, зар не? Има една изрека на англиски која што гласи вака: what doesn’t kill you, make you stronger. (Она што не те убива, те зајакнува). Како и во секоја народна изрека, и во оваа има многу вистина. Оти некој ја искусил маката. Еве пак, како јас сакам да ја разбирам. Во животот наидуваме на многу пречки, но ако ги победиме, тогаш стануваме посилни. За тоа има безброј примери:
  • Доколку луѓето те исмејуваат или си подигруваат со тебе, истовремено, развиваш “дебела кожа” и цврстина. Стануваш и си посилен.
  • Твојот љубеник те оставил заради некој/ја друг. Затоа пак, тоа искуство те учи за следен пат да користиш поголема пресуда и чекор. Значи стануваш посилен.
  • Твоите соработници те озборуваат зад грб. Со тоа учиш да се спротиставиш и да го изразиш твоето незадоволство во нивните незрели однесувања. Си научил да го користиш твојот глас. Стануваш посилен.
  • Се случил смртен случај во семејството. Се упокоил некој кој што ти бил многу близок и играл голем улога во твојот живот. Периодот низ кој што поминуваш те учи да чекориш понатаму и да го цениш твоето време додека си на Земјата. Бидуваш посилен со духот.
   Всушност, доколку некоја случка “ме убие” психички, иако физички не ме “убива”, ме тера да се борам за во иднина да станам посилен.
   И да се вратам на почетната инспирација за овој текст. Доколку за некого сум се изменил, јас ќе се погордеам со констатацијата. Точно, се изменив за да се борам повеќе во животот и да не очекувам премногу од синовите човечки кои катадневно грабат од човечката душа. Сепак, борбата која што ја поминав овој период беше профитабилна за мене.
   Во Македонија, при престојот во јануари 2015 год., разговарав со еден црноризец архимандрит кој што ми рече декаво младоста човекот живее од подвиг, а во староста од спомени. Таа благословена уста сега ме теши зашто неговите зборови ми покажаа дека патот по кој што врвам е трнлив и многупати боде. Таков за да не се возгордеам и да ги учам животните лекции и некогаш, да даде Бог, јас да ги пренесувам животните лекции на помлади. Инаку што би биле - ветрушки, би паѓале како пердуви.
   Слава тебе Господи. Во животот, и растев сам. Бев научен никогаш да не се потпирам на рамото на другите кога ми беше тешко. Други знаев да тешам, но мене не дека немаше кој, туку не мислев дека треба да барам и очекувам некој кој што би ме разбал целосно. Ова пак, ми отвори простор за нови слабости, но нека се редат и тие. Сите сме ја вкусиле суровоста на зимата, зимата на нашите гревови, тегоби, стресови, но затоа пак слатка е пролетта во животот. Кој би можел да го вкуси слаткото, а при тоа, да не знаејќи што е горчливо.
Пред две седмици, додека шетав покрај Онтариското Езеро во Торонто со едни мои драги пријатели, едниот од нив ми рече:Биди борбен. Не се разочарувај. Научи да ги познаваш луѓето!

Сепак, најважно од сè е човек да се спознае себеси.





No comments:

Post a Comment