Wednesday, April 1, 2015

Поука од Свети Климент Охридски



         Во една од проповедите на свети Климент Охридски за значењето и “просвешението” на постот даде еден пример кој што гласи: “Приказна за еден добар цар во некоја земја, кој еднакво се грижел за сите. Тој имал седум убави ќерки. Еден ден тој им наредил на сите луѓе, сакајќи да ги искуша, да дојдат и да им оддадат почит на неговите ќерки. Самите нив ги наредил по возраст: помладите ги ставил подалеку од себе, а повозрасните – поблизу до себе. Едни му оддале почит на сите ќерки еднакво, и тие му угодиле на царот, а други постапиле лошо со тоа што им оддале почит на помладите ќерки, а повозрасните ги одминале. Поради тоа царот се разгневил и таквите ги предал на мачители”.
Свети Климент во продолжение ја толкува приказната за оние што можеби не ја разбрале. “Царот е добриот наш за сите Бог. Земјата, пак, која изобилува со сите блага е Црквата... Душите на целиот свет се спасуваат во неа. Тука се законот и пророците и Самиот Господ, Кој заради нас слезе и стана подобен нам, се распна заради нас и умре... Потоа ги испрати своите апостоли. Преку нив нè повика во Царството Свое... А седумте ќерки се седумте недели од светиот пост, што Господ ни заповеда да ги почитуваме повеќе од сите денови во годината, со пост, молитва и милостина. Па, ако добро ѝ оддаваме почит на првата, и тоа најмалата, која е подалеку од Царот, како така едноставно ќе ги одминеме другите? Каков одговор ќе Му дадеме на Господа во денот на Страшниот суд, и како ќе се оправдаме што не сме сакале да ги запазиме чисти и другите посни денови?”
Ве молам, се обраќа свети Климент, не мудрувајте така велејќи дека не можете сето тоа така да го примите. Тоа е лошо оправдување и полно со вина. Ако ние, по прејадување и препивање, ја минавме по пост првата седмица, толку повеќе, откако сме свикнале на доброто, ќе можеме да го примиме целиот пост, да Му угодиме на Бога и да ги спасиме и осветиме своите души.
За нас е важно да знаеме дека свети Климент, по примерот на други пастири и духовници како него, не бара еднаков пост за сите: “Јас не ве принудувам, вели тој, да постите и да бдеете повеќе од своите можности, туку секој според своите сили. А најмногу воздржувајте се од животните грижи, од одење по кафеани и пијанство, од завист и клевети, од злопамтење, од блудствување, и од алчност, давајќи милостиња повеќе од другите денови, та со чиста совест да пристапиме кон Христовите тајни, и да го примите пречистото тело и вечен живот...


No comments:

Post a Comment