Thursday, April 30, 2015

Каде е Црквата?

5ти Март, 2015
Од часот по Патрологија


Има многу суштински работи да се учат од Светите Отци. Ние не страдаме за верата како што страдаа тие. Да го земеме примерот на св. Максим исповедник. Зошто се нарекува исповедник. Неговото житие ни кажува колкав поборник бил за верата, но во исто време, колку пати бил измачуван од монофилитите и на крајот му беше отсечен јазикот и едната рака.
Денес, на часот по Патрологија го учевме овој свет исповедник за Православнието. Кој би помислил дека таков обичен монах ќе стане голем бранител на верата? Неговата поборност ги бодеше очите на огромната маса на монофилити, вклучувајќи го и самиот император Ираклиј, па потоа Констанц кој што и го мачеше.  Во една прилика, св. Максим бил запрашан од еретиците: “ кога сета вселенска црква би се држела за тоа учење, каде би бил тој?” Овој исповедник им го одговорил следното: “Дури и ако целата Црква е во општење со вас, јас нема да бидам.” Ова е една од неговите познати исповеди за верата. Овде ја гледаме неговата тврдост во верата. Ова го отвара прашањето што и каде е Црквата. Црквата е таму каде што се проповеда вистината. Ова е важно да се знае. Црквата е основана онаму каде што се проповеда вистината. Православието, како што ни говореше отец Лука, не е број или географски места. Православието е онаму каде што се чува верата. Дури и ако во еден храм има триесет верници со свештенослужител или пак архиереј, доволно е за зачувување на верата. Понатаму, тој истакна една работа кога ја чинат некои свештенослужители а е погрешно. Некои од нив, на големиот вход наместо да кажат “и сите вас православни христијани” како што е устроено, тие велат “вас и сите православни христијани.” Зборовите “сите православни христијани” ја определува полнотата на верата во таа црква, на таа служба. Не е потребно да ги вклучиме останатите, кога веќе имаме полнота во тој момент. Оние лаици кои што е присутни на таа литургија, се доволни за да се задржи полнотата на Православието, да се зачува. Црквата е вистинско тело, организм, а не институција.
Тоа се случи и со Св. Максим. Во тој период речиси сите беа во заблуда, а само тој ја држеше вистината. Во врска со верата, тој беше вистински борец и заштитник на истата. Неговиот збор носеше авторитет кај многумина свештенослужители. Кога отишол во Африка, повикал собор на кој го осудиле монофилитизмот. Истото се случи и кога отишол во Рим. Папата Мартин го подржувал во тоа. Како резултат на нивната будност во верата, биле гонети од останатите подржувачи на верата. Овие двајца ја држеа полнотата на Црквата. На крај што се покажа? Св. Максим се упокои во прогонство, во маки, а осумнаесет години по неговата смрт беше одржан Шестиот Вселенски Собор на кој што како начелно учење беше неговото, а монофилитизмот беше осуден.

Господ нема потреба од поседување на слободен избор. Едноставно Тој го има тоа. Ние сме тие кои што треба да одбереме да ја следиме волјата на Бога, на Црквата. Често ние луѓето правиме погрешни избори. Да го земеме примерот на Христос. Тој не говореше “јас” туку се повикуваше на Библијата, следејќи ја волјата на Отецот. Тој беше совршено послушен, дури до смрт. “Се можам преку Исус Христос, Кој ме крепи” (Фил. 4.13), апостол Павле се отповикува.
Отец Лука го заврши часот со следните зборови: “Ние Му служиме на Христа. Треба да гледаме во правец, што Тој сака, а не национални идеа и сл. А што сака Тој? Спасение на нашите души, а не да паднеме во пеколот. Ако ова не го имаме во предвид, тогаш сме во неволја.
"Ако ти го дадам ова (маркер) и ти кажам да го користиш," продолѓи да ни говори отец Лука, "треба да знаеш за која намена да го користиш, а не за се и сешто. Така и Христос ни дава нешта, но ние треба да бидеме мудри и да знаеме како да ги ползуваме.”

Tuesday, April 28, 2015

Нови тегоби

Април 26, 2015
Чудни периоди


   Долго се мислев дали да седнам и да пишувам. Решив да, да пишувам зашто полошо ќе биде доколку сите тегови си ги таложам на срцево. Колку што може и тоа носи, не смеам да дозволам да се прелее и да натежне.
   Како вчера да беше кога стигнав во Америка, а веќе се приближува крајот и на ова мое петгодишно патешествие. Поминав низ многу искушенија, кои ме научија да се борам.
   Познавајќи се себе си, се изненадив кога неодамна прочитав дека и пишувале на мајка ми дека јас многу сум се променил. Само не разбрав, дали на добро или на лошо., и, не разбрав што ги засега другите мојата ваква или таква промена? Се исчудив на човековата ситнодушност од сознанието дека парите ме направиле таков. Аха, си реков, каков? Му благодарам на Ајнштајн за реченото: „Само Универзумот и човековата глупост се бесконечни. Сепак, за Универзумот не сум сигурен“.
   Се нажалив кога ја прочитав таа лажовка, и се прашував зошто ли луѓето се заморуваат со туѓи маки, а не си ги гледаат своите?
  И еве, благодарение на природата која кај мене, за разлика од некои двоножни суштества, го развила чувството на еволуција јас не сум повеќе она деветнаесетгодишно момче кое замина од Македонија за да студира во САД. Сосема е нормално да се сменам. Грев ли е да се прилагодувам на средината за да опстојам, грев ли е во земја каде што никој близок не е до мене да научам уште повеќе сам да се борам во животот? Во изминативе години научив дека животот овде знае да биде суров многу повеќе отколку оној кој го проживеав во своите рани години. А, ни тој не беше послан со нитки од рози. Само оној што не го почувствувал и не поминал низ животна голгота, може да зборува без притоа да разбере.
   Никогаш не сметав дека физичкиот изглед го краси човекот, така што и сега не придавам значење на тоа како изгледам, ама затоа пак со сигурност знам како се чувствувам. Борбата во овие пет години беше голема “да се биде или не”. Не во смисла на шекспировиот “Хамлет”, туку во смисла и духовно и телесно да пораснам и бидам свој. Таа борба беше тешка, но за мене не е завршена.
   И додека некои мои колеги со нетрпение го очекуваат 24 Мај 2015 год., бидејќи тогаш ќе ги добиеме заслужените дипломи во рака, јас не се радувам. Јас се јадам бидејќи знам дека уште потешки периоди ќе го навјасаат моето кревко битие. И наместо олеснување што треба да го донесе дипломата во рака, мене ме чека уште потрнлива животна врвица, небаре до сега ми било лесно. Последниве два месеца многу ме тиштеше чудно сознание, кое што во досегашните мои дваесет и четири години не сум го осознал. Би го опишал како градација и постапност, во неколку недоумици. Веќе завршувам факултет, но што и каде по дипломирањето? Прашањево ме удри многу и, како и секој што е на раскрсница, се изгубив. За жал, се уште не научив да ја полагам сета моја надеж на Бога. Факт е дека Тој до сега не ме остави, и верувам дека и понатаму нема, но ете, со својата маловерност паѓам. Секогаш е истото и истото.
   Ако првата година од моето школување овде беше тешка поради невладеењето на англискиот јазик, оваа петтата, е габаритна заради многуте грижи кои ме надвладееја. Овде не говорам за очајание. Да не даде Господ такво нешто. Повеќе јас ова го гледам како стрес, што и е. Но пак, треба да поминам и низ ова зашто само така ќе го научам суштинското во животот и ќе знам да ги ценам нештата.
   Друг проблем кој ме мачи беше опаѓањето на косата, а во врска со тоа неколку пати разговарав со мајка ми на скајп. Како секој кој сака да ми каже дека физичкиот изглед е неважен, ќе ми кажеше: “паметна глава држи коса!” Ајде, ќе се сложам со неа па таа е поискусна од мене, нели? Честопати чинам дека наликуваме на малечки дечиња кои тукушто го прават својот прв чекор. Ќе почнат да чекорат насигурно, ќе паднат, ќе станат и сè така додека не почнат да се чувствуваат самоуверено и почнат цврсто да чекорат. Исто е и со секој од нас.
   Со годините поминати, осознав дека ништо во животот нема лесно. Што ќе постигнеме ако паднеме и седиме прелиени со очајание и лелек? Ништо. Сме паднале да. Но треба веднаш да станеме, продолжиме и се радуваме зашто сме ја надминале тегобата од претходно. Ваквите зборови ги нижам од искуство, кое ме направи опитен дека надежта во Бога е она без кое не можам ништо да направам. Вистина е и дека во моментите кога горделиво мислам дека можам сам, тогаш најмногу паѓам. И тогаш се сеќавам на реченото од Христос без Мене не можете ништо да направите. Повторно, Господ ме учи да паднам за да научам да станам, а јас сакам да верувам дека Тој ме љуби. И не само мене, туку и таквите како мене, оние на кои им треба помош кога паѓаат. Родителот кој што го кара својот син, значи го љуби. Се сеќавам на една случка од периодот кога учев средно богословско училиште во Скопје. Таму имаше еден професор по византиско пеење кој зеде една прачка на која беше напишана една мисла од книгите на цар Соломон: Кој ја жали прачката, го мрази сина си. Овие зборови од тогаш ми се врежаа во глава. Професорот доаѓаше кај секој од нас и ќе ни речеше: “Читај што пишува овде.” Ние читавме гласно, по што требаше да ја испружиме раката и добивавме удар од прачката. Секако, тоа не беше некое болно удирање, но актот како лекција ме научи многу. Тогаш не ја разбрав, но по неколку години пораката сама исплива од меморијата. И сега, кога го пишувам сето ова, работите низ кои што овој период минувам, овој настан ми ѕуни во глава и ми помага повеќе да ги разбирам нештата во својот живот. Имам уште многу да учам, вистина е. Но.
   Често си помислувам колку би било безгрижно кога во животот се би било како мед и млеко. Имав периоди кога не сакав да се соочам со проблемите, но признавам и ќе речам фала Му на Бога што ги има. Нека ги има зашто послатко е кога се јаде лебот заработен со својата пот, зар не? Има една изрека на англиски која што гласи вака: what doesn’t kill you, make you stronger. (Она што не те убива, те зајакнува). Како и во секоја народна изрека, и во оваа има многу вистина. Оти некој ја искусил маката. Еве пак, како јас сакам да ја разбирам. Во животот наидуваме на многу пречки, но ако ги победиме, тогаш стануваме посилни. За тоа има безброј примери:
  • Доколку луѓето те исмејуваат или си подигруваат со тебе, истовремено, развиваш “дебела кожа” и цврстина. Стануваш и си посилен.
  • Твојот љубеник те оставил заради некој/ја друг. Затоа пак, тоа искуство те учи за следен пат да користиш поголема пресуда и чекор. Значи стануваш посилен.
  • Твоите соработници те озборуваат зад грб. Со тоа учиш да се спротиставиш и да го изразиш твоето незадоволство во нивните незрели однесувања. Си научил да го користиш твојот глас. Стануваш посилен.
  • Се случил смртен случај во семејството. Се упокоил некој кој што ти бил многу близок и играл голем улога во твојот живот. Периодот низ кој што поминуваш те учи да чекориш понатаму и да го цениш твоето време додека си на Земјата. Бидуваш посилен со духот.
   Всушност, доколку некоја случка “ме убие” психички, иако физички не ме “убива”, ме тера да се борам за во иднина да станам посилен.
   И да се вратам на почетната инспирација за овој текст. Доколку за некого сум се изменил, јас ќе се погордеам со констатацијата. Точно, се изменив за да се борам повеќе во животот и да не очекувам премногу од синовите човечки кои катадневно грабат од човечката душа. Сепак, борбата која што ја поминав овој период беше профитабилна за мене.
   Во Македонија, при престојот во јануари 2015 год., разговарав со еден црноризец архимандрит кој што ми рече декаво младоста човекот живее од подвиг, а во староста од спомени. Таа благословена уста сега ме теши зашто неговите зборови ми покажаа дека патот по кој што врвам е трнлив и многупати боде. Таков за да не се возгордеам и да ги учам животните лекции и некогаш, да даде Бог, јас да ги пренесувам животните лекции на помлади. Инаку што би биле - ветрушки, би паѓале како пердуви.
   Слава тебе Господи. Во животот, и растев сам. Бев научен никогаш да не се потпирам на рамото на другите кога ми беше тешко. Други знаев да тешам, но мене не дека немаше кој, туку не мислев дека треба да барам и очекувам некој кој што би ме разбал целосно. Ова пак, ми отвори простор за нови слабости, но нека се редат и тие. Сите сме ја вкусиле суровоста на зимата, зимата на нашите гревови, тегоби, стресови, но затоа пак слатка е пролетта во животот. Кој би можел да го вкуси слаткото, а при тоа, да не знаејќи што е горчливо.
Пред две седмици, додека шетав покрај Онтариското Езеро во Торонто со едни мои драги пријатели, едниот од нив ми рече:Биди борбен. Не се разочарувај. Научи да ги познаваш луѓето!

Сепак, најважно од сè е човек да се спознае себеси.





Monday, April 13, 2015

Радост на треперливо изгревање!

Април 12, 2015
на празникот над празниците,
ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО!


      Во денот на Воскресението, нема делови од светот што не се озарени од светлина, туку сè, без исклучок, е исполнето со духовна светлина на Христовото Воскресение (Св. Никодим Светогорски).
     Браќа и сестри, роднини по крв и роднини по дух, кумашинчиња, духовни мајки, млади и старци и сите Вие кои ме љубите, а и оние кои зло ми чинат,
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
     Душата ми жеднеше да седнам и да нанижам неколку слова за деновите кога милиот Христос страдаше, или за Неговото славно воскресение, но ништо не ми доаѓаше во умот. Денес, во овој голем ден, самото утро ми кажа што да пишувам и решив да творам.
Ден на воскресение, ден на радост кога не само човекот, туку и природата сведочи дека навистина Христос воскресна. Чудо над чудата, таинство Божествено, радост неопишлива...
     Во овој ден сè е радосно. Многу го сакам Пасхалното утро. Пред неколку години, еден од духовниците во Светотроитскиот манастир во Џорданвил ми кажа дека на Пасха, кога изгрева сонцето, игра, или со други зборови, трепери - се радува на Воскресението Христово. Во мојот живот ова започна пред три години. Горев од желба да го видам тоа чудо. Во меѓувреме, во Џорданвил ја донесоа мироточивата икона на Богородица – Омекнување на злите срца (Седумстрелнаја). Истата беше кај нас до втор ден Велигден. Таа година се запознав со хранителот на мироточивата икона, брат Сергеј со кого што изградив силно и искрено пријателство кои, сполај Му на Бога, трае до денес. Му реков дека слушнав од еден монах дека сонцето на Пасха игра. Се договоривме да одиме на ридчето каде што се гробиштата и да видиме. Пасхалната литургија заврши кон четири и триесет наутро. Еден час одмориве и во шест, двајцата заминавме на брдото за да го дочекаме изгревањето на сонцето. Дојде и тој момент кога сонцето почна да се појавува. Полека почна да се појавува неговата форма. Тоа беше треперливо изгревање. Играше! Трепереше! Се радуваше! Сега, додека пишувам, морници ми го поминуваат телото, а додека го гледав тоа... да не зборувам колку. Двајцата со брат Сергеј се чудевме и благодарно се крстевме и пеевме “Христос Воскресе,” за она кое Бог не удостои да го видиме. Додека го гледавме неговото треперење, му кажав на брат Сергеј како јас го гледам и заклучивме дека и двајцата го гледаме играњето на сонцето на ист начин. Навистина е тешко да се опише овде. Тоа само се доживува. Сето трепереше, а во него имаше нешто уште посветло кое разиграно се движеше. Јас толку можам да напишам. Истиот ден, брат Сергеј му раскажа на нашиот игумен на Светотроитскиот манастир, отец Лука за овој настан. Игуменот му одговорил дека Господ ги удостојува православните да го видат ова чудо, особено оние кои преку целата година често се причестуваат. Згора на тоа тој ги додал следните зборови: “Владика Аверки со неколку семинаристи секоја година одеше да го гледа изгревањето на сонцето и велеше: гледаш како сонцето игра на денот на воскресението на нашиот Господ?
     Втората година, кога брат Сергеј дојде со мироточивата икона во Џорданвил, отидовме повторно на ридчето за да се радуваме со сонцето. И оваа трета година, Господ не удостои да го видиме треперењето (играњето) на сонцето. Пред да продолжам понатаму, сакам нешто друго да напишам. Оваа година, имавме многу долга и студена зима. За време на Велигденскиот пост беше сончево само два дена и тоа со облачност и студ. Сега, на Велики Петок, кога имавме литија околу црквата, дуваше силен ветар и почна да врне снег. Си реков во себе: “ќе го видам ли играњето на сонцето и оваа година? Со вакво време, мислам дека тоа нема да се случи.” Патем, неколку дена пред Пасха, зборувавме со брат Сергеј за ова и се договаравме да одиме. Јас му реков дека оваа година ќе ни биде трета по ред да го гледаме тоа чудо, а тој ми одговори: “нема ништо случајно. Бог љубит Троица.”
     Во саботата цел ден беше облачно. Сонце немаше и беше студено. Вечерта, пред да отидам во црква и да го дочекам Воскресението Христово, застанав пред својот иконостас и реков: “Господи, те молам сподоби не и оваа година да го видиме чудото со изгревањето на сонцето!”
Ова благословево Пасхално утро, традиционално, по трети пат брат Сергеј и јас отидовме да се насладуваме од радоста на треперливото изгревање на сонцето. Трета година по ред, тоа трепери на ист начин како и претходните две. Забележавме со брат Сергеј дека оваа година, поубаво и поголемо се гледаше сонцето додека изгреваше. Двајцата стоевме на крајот на гробиштата, на ридчето. Додека сонцето изгреваше, разновидните птици и канадските гуски го будеа Пасхалното утро.


  
     Мислам дека треба и ова да го запишам кое штотуку го видов. Во моментот патувам за Канада, која што е западно од Џорданвил. Денот веќе привршува. Седум навечер е. Автобусот се движи кон страната каде што заоѓа сонцето. Седејќи, се загледав во сонцето и тоа се уште трепери. Истото се гледа во оста форма како и ова утро, само сега е по светло. Еве го. Трепери. Овој пат неговото треперење и такво што каква што е неговата целосна светлина, во него има уште посветла линија која што се движи наоколу. Можеби за некого ќе звучам налудничав со сето ова кое го пишувам, но јас го запишувам она кое што го видов денес. Виновен и себичен ќе се чувствувам доколку сето ова го задржам за себе. Ако радоста за Воскресението Христово е за целиот род човечки, тогаш и ова треперење и играње на сонцето во текот на овој ден е за сведоштво за неверните дека Христос навистина Воскресна, а за нас православните утврдување во верата. Простете им на моете чувства, но јас навистина е можев да престанам да се восхитувам на оваа радост, особено кога и токму сега, кога тоа заоѓа, се уште трепери и човечкото око може цело да го види. Го гледам и посакувам да не престане оваа радост! Нека трае зашто душата моја се радува, а очите мои јасно гледаат нешто кое утре нема да го видат, туку само на следната Пасха, доколку се удостојам да бидам помеѓу живите.
     И ова утро брат Сергеј и јас го видовме треперењето и играњето на сонцето и сведочиме за истото! Колку е силно Воскресението! И природата Му воздава похвала на Воскреснатиот Христос.
       НАВИСТИНА ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
                Радувајте се!




Зајдисонце на Пасха!



Wednesday, April 1, 2015

Поука од Свети Климент Охридски



         Во една од проповедите на свети Климент Охридски за значењето и “просвешението” на постот даде еден пример кој што гласи: “Приказна за еден добар цар во некоја земја, кој еднакво се грижел за сите. Тој имал седум убави ќерки. Еден ден тој им наредил на сите луѓе, сакајќи да ги искуша, да дојдат и да им оддадат почит на неговите ќерки. Самите нив ги наредил по возраст: помладите ги ставил подалеку од себе, а повозрасните – поблизу до себе. Едни му оддале почит на сите ќерки еднакво, и тие му угодиле на царот, а други постапиле лошо со тоа што им оддале почит на помладите ќерки, а повозрасните ги одминале. Поради тоа царот се разгневил и таквите ги предал на мачители”.
Свети Климент во продолжение ја толкува приказната за оние што можеби не ја разбрале. “Царот е добриот наш за сите Бог. Земјата, пак, која изобилува со сите блага е Црквата... Душите на целиот свет се спасуваат во неа. Тука се законот и пророците и Самиот Господ, Кој заради нас слезе и стана подобен нам, се распна заради нас и умре... Потоа ги испрати своите апостоли. Преку нив нè повика во Царството Свое... А седумте ќерки се седумте недели од светиот пост, што Господ ни заповеда да ги почитуваме повеќе од сите денови во годината, со пост, молитва и милостина. Па, ако добро ѝ оддаваме почит на првата, и тоа најмалата, која е подалеку од Царот, како така едноставно ќе ги одминеме другите? Каков одговор ќе Му дадеме на Господа во денот на Страшниот суд, и како ќе се оправдаме што не сме сакале да ги запазиме чисти и другите посни денови?”
Ве молам, се обраќа свети Климент, не мудрувајте така велејќи дека не можете сето тоа така да го примите. Тоа е лошо оправдување и полно со вина. Ако ние, по прејадување и препивање, ја минавме по пост првата седмица, толку повеќе, откако сме свикнале на доброто, ќе можеме да го примиме целиот пост, да Му угодиме на Бога и да ги спасиме и осветиме своите души.
За нас е важно да знаеме дека свети Климент, по примерот на други пастири и духовници како него, не бара еднаков пост за сите: “Јас не ве принудувам, вели тој, да постите и да бдеете повеќе од своите можности, туку секој според своите сили. А најмногу воздржувајте се од животните грижи, од одење по кафеани и пијанство, од завист и клевети, од злопамтење, од блудствување, и од алчност, давајќи милостиња повеќе од другите денови, та со чиста совест да пристапиме кон Христовите тајни, и да го примите пречистото тело и вечен живот...