Monday, July 18, 2016

Иверско-Хавајската мироточива Икона на Пресвета Богородица, Историја и лични записи со Иконата


Мајка Божја и Чиста Дева!



Оваа мироточива Икона го посети Џорданвил неколку пати. Дел од текстот е пишуван низ годините во кои што пристигнуваше Иконата. Денес, истиот за прв пат е објавен.



Невозможно е за човечкиот ум да сфати што видов со очите на мојата душа, но исто така и со моите телесни очи. Со своите очи ја видов најубавата и света Мајка на Нашиот Господ Исус Христос… Тоа време за мене беше време на највозвишена [ненадмината] радост. Му благодарам на Севишниот и Многумилостивиот Господ и на Светата Дева.
Свети Дионисиј Аеропагитски, епископ Атински



Во 2010, на праздникот Покров на Пресвета Богородица,
кога брат Нектариј ја отворил Иконата, на стаклото, кое што сето било облеано со миро, ликот на Пресвета Богородица бил изобразен.
Оваа фотографија лично беше испратена на авторот за да се сподели со верниците.


Пред оваа Иверско-Хавајска мироточива Икона на Богородица, постоела друга, нарекувана Иверско-Монтреалска. Нејзин хранител бил брат Јосиф. Еден ден тој ја посетил Света Гора, поточно отишол во еден скит. Таму тој ја видел иконата на Мајката Божја – Иверска, рачно насликана. Што тој почувствувал кога ја видел иконата, не знаеме, но пред да замине од таму, отец Климент од истит скит го вратил назад и му рекол: “Пресветата Дева Богородица ќе замине со тебе.” Така тој ја добил истата Иверска икона. Подоцна на 24 Ноември 1982 истата икона почнала да мироточи. Оваа мироточива икона била наречена “Иверско-Монтреалска.” Брат Јосиф, како нејзин хранител  ја носел насекаде на поклонение. Ја имал при себе цели 15 години. На 30 Октомври, во Атина, тој брутално бил мачен во хотел, во неговата соба и убиен. Од тогаш никој не знае каде се наоѓа таа мироточива икона. Божја волја била да замине од нас. Брат Јосиф бил хранител на мироточивата икона 15 години. Загинал маченички за Мајката Божја. Погребан е на гробиштата во Џорданвил, Њујорк.





    Во 2008 година, по соединувањето на Руската Задгранична Црква со Москва, на Хаваи, во домот на еден верник, брат Нектариј протекла копија од иконата на Мајката Божја Иверска. Неговиот парохиски свештеник истата икона ја купил од Торонто, во Канада за 20 долари и му ја подарил нему. Истата таа почнала да мироточи. Светиот Синод на Руската Задгранична Црква ја прогласува Светата Икона за мироточива и одлучува хранител на истата да биде брат Нектариј. Многумина ова ново јавување со оваа мироточива Икона ја поистоветуваат со онаа на брат Јосиф. Всушност оваа икона Бог ни ја прати како утеха. Едната, на брат Јосиф, ја зема, но друга, иста Иверска благоволи да не утешува.
Оваа година (2012) е јубилејна за оваа мироточива света Икона. Се исполнуваат пет години откако започна да мироточи. Главниот јубилеј се одржа на почетокот на Октомври во Катедралниот храм во Сан Франциско, посветен на Мајката Божја- Радост на сите нажалени, каде што се наоѓаат нетлените мошти на свети Јован Шангајски и Сан Франциски. Низ тие три дена во тој храм се поклониле пет илјади луѓе пред мироточивата Икона. Брат Нектариј често патува низ цела Америка, носејќи ја мироточивата икона на поклонение. Овој пат дојде и кај нас во Џорданвил. Обично мироточивата икона доаѓа во Џорданвил на денот кога бил убиен брат Јосиф и на неговиот гроб служат панихида. И оваа година Митрополитот на Руската Задгранична Црква, господин Иларион отслужи панихида во присуство на мироточивата Икона.
     Кога пристигна автомобилот со иконата, брат Нектариј се уште не беше излезен од автомобилот, а веќе насекаде околку нас на гробиштата замириса на миро. Додека траеше панихидата тоа благоухание не престануваше. Јас навистина во својот живот до  тогаш немав видено мироточива икона на Мајката Божја како и толку многу да мироточи. На крајот, кога заврши панихидата, брат Нектариј ја отвори иконата и целото дрво околку иконата беше облеано со миро. Исто така сите забележавме на памукот кој стоеше под иконата, мирото на памукот беше како и обично во жолта боја, но на некој дел беше и светло црвена (или светло кафеава). На ова брат Нектариј рече дека многупати мирото од иконата ја менува бојата.


    
  Брат Нектариј, хранителот на оваа мироточива Икона напиша писмо каде што објаснува во детали како протече светата Икона. Текстот оригинално е напишан на англиски, но се потрудивме да го преведеме на македонски.


“Драги возљубени во Христа,
Со смирение и со голем трепет ќе се потрудам да опишам (пред да почнат да се појавуваат дезинформации), што всушност се случи и како протече Светата Икона. Многумина ме прашуваа да ги раскажам настаните кои што се случија со мироточењето на Светата Иверска Икона на Богородица во Руската Православна Црква во Ханалулу, Хаваи. За мене навистина е тешко да најдам точни зборови со кои ќе ги раскажам настаните кои се случија во мојот живот. Не можам да замислам како другите би реагирале доколку би биле на мое место. Само Господ знае. Се молам да Бог управува во мене како и со моето семејство, за да зборувам и да чинам правилно според Неговата волја. Ќе се потрудам да раскажам како овие две икони дојдоа и го променија мојот живот. Се она кое го пишувам е вистинито.
Се работи за две икони:
1. Едната од нив е испечатена икона, верувам изработена во црковната фабрика Софрино близу Москва. Таа е иста копија од Монтреалската Иверска мироточива икона на Богородица (оваа Иверско -Монтреалска беше чувана и носена на поклонение од брат Јосиф Мунос).
Иконата е мала, околку 7x9 инчи и еден инч дебела. Отец Анатоли, мојот парохиски свештеник ми ја подари за мојот именден (во 1997). Ми рече дека ја купил во црковната продавница во Торонто кога рускиот храм одбележувал педесет години од изградбата. Оваа икона од Софрино има карактеристичен стил со прекрасна свилена риза, вграден во неа. Така е дизајнирана и изработена за оние кои што не можат да си дозволат да купат убави и скапи икони, овие се изработени подекнавно убави од Софрино, за многу помала сума.






2. Втората икона е рачно насликата во форма на крст со распетието на нашиот Господ, иконографија изработена во Византиски стил. Истата е насликата од  грчки монах од Света Гора. Оваа икона е 8x9 инчи и дебела околу еден и половина. Купив две исти и едната ја подарив на мојот татко, а втората ја задржав за себе.


Пред да почнам да раскажувам за настаните и за историјата со иконите, дозволете ми да опишам како се започна:
  Пред повеќе од три месеци, некаде околу Мај или Јули, 2007 год., јас и мојата сопруга почнавме да насетуваме мирис на рози во нашиот апартман и околу иконите во нашата домашна црква. Нешто не натера да погледнеме на крстот и забележавме мала течност околу раните на Христос на крстот каде што "војниците го прободоа Неговато ребро со копје." Течноста мирисаше многу убаво, слатко, како миро. Моето искуство со миро е многу ограничено. Единствено имам добиено памук натопен со миро од мироточивата икона на Пресвета Богородица Иверско-Монтреалска како и неколку памукчиња од мироточивата икона на свети Николај Мирликијски. За овој настан никого не известивме, но продолживме да ја проверуваме иконата за да видиме дали истата ќе продолжи со миро. Капките со миро се исушија и ние речиси заборавивме на ова.


Во текот на последната недела од септември, јас почнав да забележувам неверојатно силен мирис на миро во својот дом, во автомобилот, па дури и на работа. Не можев да си го објаснам ова. Дали сето ова ми се причинуваше во глава? Ја прашав мојата сопруга дали таа чувствува мирис на миро но нејзиниот одговор беше дека нејзе ништо не и мириса (една од нив кога ја прашав исто така, беше и мојата кума и таа ми одговори дека ништо не мириса). Бев уверен во себе дека сето ова ми се причинува. Ова се случуваше на 27ми септември, на празникот Воздвижение на Чесниот Крст.
Понатаму, во првата недела од Октомври, јас и мојата сопруга бевме многу болни и не отидовме на вечерна богослужба. Обично, и двајцата не пропуштаме служби, па така убаво се сеќаваме на датата, 6ти Октомври (празник Зачнување на свети Јован Крстител). Истиот ден, околу 22:30, јас работев во својата канцеларија дома каде што во истата ни стојат иконите, нашата домашна црква. Мојата мачка влезе во оваа соба и почна да душка наоколу како нешто да му мириса. Мене ништо не ми мирисаше. Мачето почна да се доближува до иконите што мене малку ми беше чудно зашто тој никогаш не оди кај нив, како нешто да не му дава да се приближи до нив, но овој пат тој го стори тоа. Згора на тоа, се исправи на двете нозе и почна да душка наоколу за да види што му мириса. Мене се уште на ништо не ми мирисаше. Станав од столот за да го земам и тогаш и јас го забележав мирисот. Беше многу силен, дури премногу. Никогаш не сум помирисал вакво нешто во својот живот. Мирисаше како илјада рози да паднале во собата. Се прекрстив и почнав да си ја кажувам Исусовата молитва. Го спуштив мачето долу и отидов кон иконите. Признавам, имав малку страв да погледнан кон иконите. Конечно, дојдов до иконата на Светиот Крст и забележав капката миро до раните Христови се уште беше влажна а мирисот на рози беше дури уште посилен. Потоа погледнав подолу и мојата рака беше мокра - тоа беше миро. Како истото се најде овде? Иконата беше мокра? Тогаш забележав на левото колено од распетието на нашиот Христос се формираше капка миро, буквално пред моите очи. Ја повикав сопругата. Трчајќи, таа дојде и веднаш ја прашав дали истурила нешто на иконите на што ми одговори дека не. Таа се уште не се беше приближува до нив. И ја покажав иконата. Таа беше во шок. И реков дека мирисот и многу силен ѝ и реков да ми помогне да ги провериме и останатите икони. Во собата каде што е мојот кабинет, имам две полици со икони на која што горниот дел е со икони. Застанав на прсти за да достигнам до иконите кои што се на горната полица. Истото го стори и мојата сопруга. Конечно дојдов до Иверската икона на Богородица која што ми ја подари отец Анатоли. Сета икона беше мокра. И потоа, мирисот стануваше уште посилен.
Следниот ден, недела 7ми октомври, по долга дебата, ги оставивме иконите дома и заминавме во црква. По литургијата, зборувавме со нашата кума која што пак не посоветува да зборуваме веднаш со нашиот свештеник. Му раскажавме на отец Анатоли што се случи. Тој не ислуша трпеливо и ни рече: "Донесете ги иконите во црква." Се договоривме со свештеникот да ги донесеме иконите следната среда, на 10ти Октомври. До тогаш, иконите продолжуваа да мироточат и мирото го собиравме во памук и се молевме пред истите за мојата сестра која што беше болна како и за други луѓе. [Забелешка на отец Анатоли: следниот ден, неговата сестра се јави на татко и за да и каже дека нејзиниот доктор не може да објасни како, но панкреасот која што таа го имала комплетно застанал и почнал да фукционира нормално и нејзиниот дијабетис бил под контрола].
На 10ти октомври, ги донесовме иконите во црква и ги поставивме на два аналоја на средината во црквата. Отец Анатолиј ги провери, го избриша мирото со памук и започна да служи Акатист на Иверската Икона. По службата, иконите повторно беа избришани. Истите, за време на службата повточно почнаа да мироточат. Отец Анатоли ни потврди дека дефинитивно ова е миро и дека е чисто миро. Мирисот на рози го исполни сиот воздух наоколу. Го прашав што ќе правиме понатаму. Тој ни рече да ги оставиме иконите во црква за некое време. Никој не знаеше за овие икони. Истите беа безбедни во црква.
Недела, 14ти Октомври беше празник Покров на Пресвета Богородица и отец Анатоли ги откри мироточивите икони на луѓето. Иконите мироточеа во голема мера; имаше миро за сите. Оттогаш, истите продолжуваа да мироточат. Многумина дојдоа да ги видат овие мироточиви икони: руси, грци, срби, романци, католици, протестанти. Сите кои се приближија до иконата, ја почувствуваа Божјата благодат. Имаше денови кога иконите беа целосно суви, додека пак во други денови без облеани со миро. Сепак, без разлика дали мироточеа или не, истите продолжуваа да даваат исклучително силен мирис на рози. Навистина е големо чудо! Понекогаш се прашувам дали ова е некое предупредување.
Сега, кога гледам наназад, ми се чини дека  "откровението" е централна тема. За мирисот на иконите и откривме на нашата кума на празникот Воздвижение на Честиот Крст. Ги најдовме двете икони облеани со миро и за тоа му кажавме на свештеникот на празникот Зачнување на свети Јован Крстител. Тој беше човекот кој што го најавуваше доаѓањето на Христос во светот. Нашиот свештеник ги откри и најави мироточивите икона на луѓето на празникот Покров на Пресвета Богородица. Сето ова не може да биде случајност!
Нашата црква е посветена на оригиналната Мироточива Иверска икона, Икона која што никогаш не го посетила Хаваи. Брат Јосиф сакаше да дојде овде, но не успеа. Морам да ви признаам дека понекогаш чувствувам нашите православни браќа на главната земја [се мисли на американскиот континент] ја заборавија оваа мала црква, нашата мала православна црква. Живеејќи овде, на средината на Пацификот се бориме за да преживееме да плаќаме кирија за нашата црква. Понекогаш се прашувам кога ние овде ќе имаме своја црква? Зар Бог не заборавил? Засекогаш ли ќе се бориме? Го налутивме ли Бога со нешто? Како и да е, дали не заборавиле или не нашите клирици и правослваните браќа и сестри, едно е јасно: Пресветата Мајка Божја нѐ не заборави. Таа нѐ не напушти, ниту пак ќе не остави. Сега, преку овие икони имам надеж дека на крајот од тунелот има светлина. Дали ќе имаме своја црква или пак не, тоа веќе не е важно. Господ ни покажа дека нѐ не заборавил и тоа е она кое е важно. Господ ни се открива, ни кажува дека постои, дека Тој е вистинскиот Бог. Да го игнорираме ова откровение? Зар треба да свртиме грб на ова големо чудо? Треба ли да го заборавиме Христос? Ако тоа го сториме, Бог да ни прости! Да не даде Бог тоа да се случи!


Ипоѓакон Нектариј “



Последна модификација на податоци на мироточивата икона, Мај 2015


Во Јуну, 2008 год., мироточивата Иверско-Хавајска Икона на Пресвета Богородица беше официјално прогласена и признаена за чудотворна и мироточива Икона од Руската Задгранична Црква, и достојна за почитување. За истата беше даден благослов да патува во различни цркви и манастири низ православниот свет. Руската православна Црква, како првичен "сопственик," иконофорос/чувар на мироточивата икона го назначи ипоѓаконот Нектариј за тој да ја чува безбедно, да се грижи за оваа чудотворна икона на Христовата Црква.
По благодатта на Бога, Светиот Крст, престана да мироточи во изобилност како што на почетокот мироточеше. Сега мироточи во одредени прилики низ годината од кој што Велигден беше последно. Она што е утешително за верните е Светиот Крст продолжува да  го дава тоа благоухание на миро, без разлика дали мироточи или не. Додека пак, Иверско-Хавајската мироточива икона на Пресвета Богородица патува и ја носи Божјата благодат на различни места. Светиот Крст секогаш стои во Хаваи за да обезбедува заштита и за поклонение на верниците.
Од Јуни, 2008 год., мироточивата икона има посетено над 1000 цркви во Северна Америка и пред истата се имаат поклонето над еден милион луѓе низ Америка и Канада. Во многу градови, светата икона е носена од една црква во друга, пред која што се имаат поклонето многу православни клирици, помагајќи да ја закајнат верата кај православните. Неколку држави како Русија, Украина, Грција, Кипар, Јужна Америка, Европа, Светата Земја, Романија, Света Гора и Србија писмено побараа да мироточивата икона ги посети и да верниците се поклонат пред Нејзиниот свет лик. Кога во 2014, светата икона беше однесена во Грузија по барање на Патријархот Илија 2ри, преку милион верници се поклонија пред "Хавајската Богородица." Бројни чуда меѓу кои и исцеленија од рак, беа забележани од Грузиската патријаршија.
Многубројни чуда се припишуваат на Пресвета Богородица преку Нејзината "мала скромна икона," за кои што се знаат и се запишани. Физички и духовни исцеленија, исцелување на слепи, болни од рак, демоно-опседнати, луѓе со парализа, болести на бубрезите, хронично болни...
Згора на тоа, каде и да оди светата Икона, благодатта на нашиот Господ Исус Христос и Неговата Света Мајка, изобилуваат. Многумина кои што се имаат поклонето пред оваа света Икона, подоцна рекоа дека со тоа што само биле присутни до Иконата, почувствувале изобилство на љубов на радост. Тоа е навистина неописливо. Ние сме навистина благословени со тоа што Бог ја покажа Својата љубов кон нас, овозможувајќи ни мало воздржување од она кое што светителите го нарекуваа "вистински мирис на светоста." Вистинското значење на појавувањето на оваа света Икона е познато само на Бога. Времето ги открива сите нешта. Сепак, ова што го знаеме е Бог нè љуби. И тоа е сè она што е важно за нас… “


Лични записи



    Јас, лично доживеав неколку благодатни моменти од оваа Иверско-Хавајка мироточива икона. Кога прв пат дојде Иконата во Џорданвил, јас бев втора година на факлутет. Времето кога ја донесоа, беше по последниот викенд од месец Октомври. По тој повод неколку автобуси со поклоници доаѓаа во манастирот за да се поклонат. Доаѓаа и од Канада. Пред да дојде мироточивата икона, таа недела а и уште една пред неа ми беа тешки. Имав искушенија кои надвладеја над мене. Со нетрпение чекав да ја донесат иконата за да се поклонам пред Неа и да молам да ме заштити Царицата Небесна. Патем, како мала благодарност за хранителот, брат Нектариј, што ја донесе Иконата, препремав мал подарок: неколку икони и разгледници од Македонија. Дојде саботата кога мироточивата икона пристигна. Пречекот бече свечен. Јеромонасите со игуменот ја чекаат надвор, а манастирските ѕвона почнаа да бијат. Игуменот направи три метании пред Иконата, ја зема во рацете, ја издигна и пеејќи го нејзиниот тропар, ја внесе во црква. Се сеќавам колку само беше радосно! Како што поминуваше игуменот со Иконата во црква, веднаш почна да се шири благоухание од Неа. Просто насекаде мирисаше. Тоа многумина го почувствуваа. Кога немаше многу луѓе за да ја целиваат, јас пристапив, се поклонив и ја целивав. Господ и Пресвета Богородица само знаат какво олеснување почувствував во себе. Ја целивав и почнав многу да плачам. Не сакав останатите да ме гледаат, па се повлеков настрана, а солзите не престануваа да се леат по лицето. “Многу Ти благодарам Мамо што дојде овде и не посети со Твојата Икона!” - тивко и заблагодарив. Откако се смирив малку, му пристапив на брат Нектариј кој тогаш не го познавав. Му го дадов мојот мал подарок и му реков: “Ви благодарам што ја донесовте Иконата. Ова е мал подарок за Вас!” Тој ми се заблагодари и јас се повлеков на своето место. По неколку минути ми даде знак да пристапам кај него. Кога отидов при него, ми даде мало шишенце со миро од Иконата. Колку само тогаш се израдував! Ниту го прашав за тоа, ниту пак го знаев претходно.  
   Оваа икона обично доаѓа во Џорданвил еднаш во годината на два дена. Дојде и следната година. Тогаш јас бев трета година и во истата година положив за да возам во САД. Кога Иконата беше во манастирот, јас прислужував во олтар. За време на литургијата, на причасниот дел, брат Нектариј влезе во олтар. Дознав дека нема кој да го однесе до аеродром, па сакаше да го праша игуменот за да му најде некој да го вози. Откако завршија со разговор, јас веднаш му реков на игуменот да ми дозволи да го однесам на аеродром. Прво ми рече не, но јас почнав да го молам и му нагласив колку ја сакам оваа Икона. Ми даде благослов да го однесам брат Нектариј на аеродром. Во таа година имав личен контакт со брат Нектариј. По литургијата го прашав пред да одиме на аеродром, дали ќе има време да дојде во мојата соба со иконата на кратко. Ми рече дека секако ќе дојде. Тоа и се случи. Дојде со мироточивата Икона во мојата соба. Тоа за мене беше голем благослов. Патем разговаравме на многу теми. Го прашав дали е возможно во иднина да дојде со Иконата во Македонија. Тој ми рече дека би сакал да дојде. Му нагласив за проблемот низ кој МПЦ поминува, за тоа што не сме официјално признати и заради тоа му реков дека не сакам да му направиме проблеми. Тој ми рече дека политиката него не го интересира и сака да дојде, само ми рече, треба да добие писмо од нашите архиереи. Една друга работа која не ја спомнав е тоа што кога прв пат го запознав, му реков дека сум од Македонија и тој самиот ми рече: “Архиепископ Стефан”, на што пријатно ме изненади.
    Аеродромот е оддалечен од манастирот на час и половина, во градот Сираќуз. Во кола бевме неколку луѓе. Кога стигнавме на аеродром, му помогнав на брат Нектариј да ги однесе работите во хотел (летот за Хаваи му беше следното утро) и седнавме за да вечераме во еден мал ресторант. Што се случи овде? Седевме на една маса. Иконата беше затворена во својата футрола. Брат Нектариј ми даде да ја држам и да биде со мене. За радоста нема да зборувам. Го прашувавме брат Нектариј да ни раскаже како Иконата почна да мироточи. Покрај ова, ни раскажа за своето искуство со иконата, за одговрноста која ја носи. Исто така, ни рече дека кога отец Анатоли, парохискиот свештеник на Хаваи му рекол дека Иконата навистина е мироточива, му го рекол и ова: “Имам една добра и една лоша вест. Добрата е - имаш мироточива Икона, лошата е - од денес твојот живот сосема ќе се промени.” Со ова, отец Анатоли сакал да му каже за одговорноста која допрва ќе го следи. Не можев да поверувам кога ни рече дека покрај сите овие обврски и патувања со Иконата, има постојана работа. По професија е полициски инспектор.    
Додека седевме таму, се случи еден интересен настан. Келнерката почна да ги носи оброците. Мироточивата икона беше во мене. Истата таа жена во еден момент не праша: “Од каде мисира на рози?” Ние благо се насмеавме. Мислам дека не и објаснивме во потполност за Иконата зашто и онака немаше да разбере. Еден од нас и кажа на кратко. Мирисот на оваа икона е многу силен.
    Во Џорданвил, пет години учев во исти клас со еден студент - американец од Хаваи. Името му беше Јован. Ми раскажуваше како станал православен. Всушност, чудото со мироточивата икона придонесе за тој да почне да размислува за православието. Живее во истиот град каде што е иконата. Како студент отишол да го посети храмот и да ја види иконата. Кум на крштевањето му бил брат Нектариј, хранителот на иконата.
Понатаму, имав можност да се поклонам уште неколку пати пред Светата Икона. Во една година, која повторно дојде во Џорданвил, се сеќавам беше недела и се служеше божествена литургија. Пред да се причестам, обично пристапувам да ги целивам иконите и да земам благослов од светиите. Тогаш пристапив и пред мироточивата икона. Кога ја целивав и да допрев, долниот дел на истата буквално беше сета мокра. Толку беше влажна што успеав да ги навлажнам своите раце со миро и да се намачкам на лицето. Понатаму, во неколку прилики, брат Нектари ја отвори целата икона. Тоа е исто така посебно доживување!


На гости кај Иверско-Хавајската Света Икона во Ханалулу, Хаваи
(Март, 2016)



Оваа (2016) година беше благословена да повторно се поклонам пред Светата Икона. Се започна вака: отец Георги, парохискиот руски свештеник каде што се воцрковувам има ќерка која што живее со своето семејство на Хаваи, на островот каде што е Иконата. Всушност, кога истата протече, хранителот, брат Нектариј му ја даде Иконата на о. Георги на една недела за тој да и направи рамка. На почетокот од оваа година тој ми рече дека во март е во план да оди на Хаваи на една недела и ме покани и мене да одам со него. Со години имав големо желание да отидам таму, пред се заради Иконата зашто таму навистина православните имаат повеќе време да поминат со неа. Дојде и тој ден кога се качивме во авион и полетавме кон средината на Пафицификот, на Хаваи. Само што слетавме во Ханалулу, неопишлива радост го обли моето тело, се прекрстив и тивко изустив: “Мајко Божја, со добро Те најдов!” Едноставно, реалноста дека стапнав на копно каде што е Нејзиниот дом, ми даде многу радост. Во првите три дена имаше служби секој ден и секако, не ја пропуштивме можноста да бидеме во црква. А црквата? Мала, скромна просторија во градот Ханалулу, но богата со голема светиња. Тогаш си помислив: не мораш да имаш ѕидини од големи цркви за да се сместат светињите.
По неколку дена откако пристигнавме на Хаваи, му пристапив на брат Нектариј и го запрашав дали ќе ми дозволи да поминам некое време со Светата Икона. Долго размислував дали да го прашам или не зашто од безбедносни причини, Иконата е секогаш со него. Дури и кога оди на работа, ја носи со себе и таму има направено мал параклис каде што додека тој работи, Таа обитава таму. Го запрашав и ме рече ќе има во предвид. Во саботата беше крштевката на новородената внука на о. Георги од неговата ќерќа која живее таму. Нејзинито семејство се воцрковува во тој храм и многу добро по познаваат брат Нектариј. Всушнот, брат Нектариј и неговата сопруга беа кумови на крштевката. По крштевањето, имаше прием во куќата на ќерќата на о. Георги. Дојде и брат Нектариј со Иконата. Пред да си замине, ми рече дека ќе ја остави Иконата овде, а ние да ја донесеме вечерта во црква за на вечерна. Јас не го очекував тојј ден, а и останатите дома се изненадија и сите бевме радосни. О. Георги беше уморен и замина да одмори, а јас ја земав Иконата во мојата соба и ја положив на креветот. Од следниот ден немав смелот да спијам на креветот зашто местото каде што стоеше Иконата, се уште мирисаше на миро и спиев на земја.


Не знаев колку да се радувам. Го чекав тој момент за таа лична поврзаност со Светата Икона, со Мама. Го прочитав Нејзиниот Акатист и Канон. Тешко ми беше да поверувам дека ја имав таа можност да бидам со Светата мироточива Икона. Чудесна е Мајката Божја! Колку само ни дава љубов и не љуби… Овде ќе престанам да пишувам за тие неколку часа поминати со Неа. Само ќе откријам, ја молев да го чува нашиот народ и да не сплоти зашто постојано се разделуваме, гневиме, љубомориме еден на друг. Ја помолив да ја чува нашата Црква и побарав од Неа да еден ден Нејзината Света Икона да дојде во нашата земја, меѓу нашиот народ.
Тешко е ваквите настани да се опишат. Со сето мое срце ја љубам Пречистата, Преблагословена, Славна Владичица наша, Богородица. После Бога, Таа е наша застапничка, наша Мама.


Го напишав сето ова зашто телесно посведочив за оваа мироточива Света Икона на Мајката Божја, Иверско-Хавајска. Уште повеќе, сакам нашиот народ да се едуцира за историјата како и за светоста на оваа Икона за сите заедно да ја молиме Царицата Небесна да не посети во својата земја, зашто молитвата на повеќемина е посилна.


Мили браќа и сестри, јас многу ја сакам Богородица а верувам и Вие исто така. Таа е наша Мама, која што никогаш нè не остава. Ние сме нејзини мали деца кои што сме под Нејзината заштита. По Христа, Таа е светлина на нашите темни души. Таа е наша надеж, застапништво, засолниште, утешение и наша радост.
Заради тоа, сите да повикаме кон Неа со зборовите: Сета моја надеж ја полагам на Тебе, Мајко Божја. Чувај ме под Твојот покрив.

Пресвета Богородице спасе нè!














За време на посетата на Светата Икона во Грузија


Патријархот Грузијски се поклонува пред Иконата.



Мироточивата Икона на моштите на свети Герман Аљаскински.
Брат Нектариј ми раската Иконата положена и оставена на моштите 24 часа и кога следниот ден ја тргнале голема количина на миро имало околку истата, на моштите.














































No comments:

Post a Comment