2ри Јули, 2016,
Празник на св. Јован Шангајски и Сан Франциски.
50 години од неговото блажено упокојување и 120 години од неговото раѓање.
Напишано во Кармел, Калифорнија.
July 2nd, a feast of St. John of Shanghai and San Francisco,
50 years anniversary of his blessed repose and 120 years of his birth.
Written in Carmel, California.
This article is a report from the feast of St. John of Shanghai and San Francisco in Macedonian language. I wrote it for people in Macedonia so that by the details from the celebration and the photos, they can also see and feel the joy of the feast of our beloved St. John. For those who do not speak Macedonian, you can still see the photos and get а sense of the events that took place. Some of the photos are being borrowed from the photographer Ken Hogging.
Bless, dear and beloved Vladyka, St. John!
Благослови, Владика!
Благослови, Владика!
“Со што да ти возвратиме за радоста што ја почувствувавме, гледајќи во светиот храм на твоите свети мошти и славејќи го твојот свет спомен?” Потребно беше да се вратам дома, за да почнам да созерцавам, односно да размислувам на сето она кое се случуваше во последните три дена во Сан Франциско. Понекогаш словата наши не се доволни да ги опишат настаните. Благодатта, која што ја излива Милостивиот, е недопирлива, неопишлива, невидлива, но чувствителна. Што да изустам за празникот? Беше како Пасха во лето. Прославувајќи ги празниците на светителите на нашата православна црква, гледам дека секој еден од нив е различен, уникатен, но духот е ист зашто благодатта е една. Му благодарам на Бога што по Богородица, благослови неговиот избран сад, св. Јован да биде мој застапник пред Него и да ме чува од разни искушенија. Кога пристапувам кон неговите нетлени мошти, честопати ѕидините кои ги држат солзите напукнуваат, и истите почнуваат да се леат по лицето. Пред да се оддалечам од кивотот, секогаш му велам: "те сакам многу!"
- Како да не го љубам оној кој во истата година, преку една од своите сирачиња од детскиот дом од Шангај, ми даде Нов Завет каде што е неговиот потпис?
- Како да не го љубам оној кој во следната 2013 год. во доцната доба во ноќта на празникот на св. Василиј, додека и читав Акатист на Мама, ме удостои да го слушнам звукот на кадењето од неговите свети раце?
- Зар да не го љубам оној кој во благословенна 2014 год.благослови да бидам покрај него цело лето, да го добивам неговиот благослов секој ден и да бидам присутен на денот на неговиот празник?
Сега потполно ги разбрав неговите зборови "Иако умрев, сепак сум жив," кои ги изусти неколку дена пред да се упокои.
Не можам да го премолчам она кое го доживеав зашто виновен ќе се чувствувам.
Оваа година се исполнија педесет години од блаженото упокоение на свети Јован. По поводот на овој голем јубилеј, многу активности се случуваа во Сан Франциско. Почетокот на прославата започна на 30 Јуни. Нетлените мошти на свети Јован беа поставени на средината на храмот и пред нив се отслужи и испеа неговиот акатист. По завршувањето на истиот, официјално се отвори симпозиумот посветен на св. Јован и продолжи во текот на следниот ден. Зборуваа луѓе кои што лично го познаваа св. Јован. Владика Петар (архиереј на руската задгранична црква) ја имал таа привилегија не само да го знае св. Јован, туку и да му биде личен прислужник. Утредента, зборуваа уште неколкумина од кои едната од нив, Лидија Ионин порасна во детскиот дом на св. Јован. Буквално, таа со нејзината сестра Тамара, пораснаа со светителот. На крајот, која ја прашаа Лидија што би кажала за крај како познаник на св. Јован и од своето искуство со неgo, таа без размислување, одговори: "Go to church and love each other." "Одете во црква и имајте љубов помеѓу вас."
Симпозиумот се затвори со пеење на величанието на св, Јован и во шест попладне започна сеноќното бдение (вечерна со утрена).
Во петокот (1ви Јули), наутро се отслужи божествена литургија. Во овој храм, посветен на Мајката Божја – Радост на сите Нажалени, се служи литургија секој ден. Нема исклучоци. Тој е единствен храм на Руската Задгранична Црква (како за градска црква) каде што се литургисува ежедневно. Ја задржаа и ја следат традицијата на св. Јован кој што секој ден на Бога му принесуваше бескрва жртва и му благодареше за сите и за сè!
Вечерта, пред да започне бдението, официјално беше пречекана чудотворната Курско-Коренска Света Икона на Богородица. Истата беше со нас за време на празникот на св. Јован. Всушност, во далечната 1966, св. Јован се упокои пред оваа Света Икона. Истата била со него, во ќелијата во Сиетл. Денес, на неговиот педесет-годишниот јубилеј, повторно беше присутна.
На утрената се испеа неговото величаие. Начинот на кој во руската традиција ја служат утрената се разликува од нашата. Овде, во рускатата практика на полиелејниот псалм свештенослужителите излегуваат од олтар и застануваат на средина на храмот пред празничната икона. Кога хорот ќе заврши со стиховите “Раби Господа, Алилија”, тогаш клирот почнува да го пее Величанието. Мелодијата со која го пеат е навистина торжествена. Во саботата навечер, на полиелејниот псалм пет архиереи, вклучувајќи го и Митрополитот Иларион, со бројно свештенство и многу диакони, излегоа на средината на храмот на полиелејниот дел од утрената. Во еден момент сите почнаат да пеат “Те величаме, светителу, оче Јоване, и го почитуваме светиот твој спомен, зашто се молиш за нас на Христа, нашиот Бог.” Ми се чинеше дека храмот од земја се подигна и почна да се вознесува. Тогаш сè торжествуваше, сè се радуваше, химнословуваше и достојно го прославуваше споменот на големиот светител од Западот.
По прочитаното Евангелие на утрената, Митрополитот Иларион го миропомаза богољубивиот народ и почна да се чита канонот на св. Јован со припевите “светителу оче Јоване, моли го Бога за нас!”
Оваа година, заради јубилејот, имаше божествена литургија на полноќ. Јас одлучив да одам на таа полноќна литургија. Посебно ги доживувам тие вечерни литургии, а и знаев дека следното утро ќе има многу луѓе, па сакав да бидам на “мистичната.” Овој храм има три олтари. Литургијата се отслужи на десниот престол, возглавена од отец Петар со неколку свештеници и ѓакони. На клирот пееше женски хор. Навистина беше прекрасно!
Утредента, на 2ри Јули, на празникот на свети Јован Шангајски и Сан Франциски, се отслужи божествена литургија која што беше возглавена од Првиот Ерахр на Руската Задгранична Црква, Иларион. Богослужеа десет архиереи со многу свештеници. Храмот беше полн со верници од американскиот континент, Канада, а некои и од Европа. По литургијата, се отслужи молебен кон св. Јован со вход околу храмот. Воедно, се освети и новиот мозаик на св. Јован кој што беше поставен пред неколку дена од левата страна на храмот. Прекрасен и огромен мозаик!
И уште да продолжам да пишувам за св. Јован, нема да биде доволно да ги искажам сите настани од неговиот јубилеен празник како и мојата љубов и благодарност кон него. Бог е неизмерно милостив и каде и да сме, секогаш ни праќа Свој слуга кој што ќе не заштитува.
Неколкумина до сега ме прашаа од каде се роди таа моја љубов кон св. Јован. Јас им реков: “Не знам. Едноставно многу го сакам.” Некои работи во животот не се објаснуваат, туку се чувствуваат. Всушност една работа која што ме поттикна уште повеќе да го љубам св. Јован, е моето растење во детскиот дом. Св. Јован многу ги љубел децата, а особено оние во детскиот дом. За нив тој секогаш наоѓал време, а и тие многу ги љубеле. Додека интервјуирав некои од тие личности, кои што пораснаа во домот, не можам да Ви опишам со какви емоции говореа. Нивната љубов кон св. Јован се гледаше во нивните очи и солзи. Владика бил нивни татко, татко на сите деца во домот. Децата го сакале многу. Животот ми покажа дека не се учи како да се љуби, туку едноставно се љуби. Љубовта е јазик кој што сите го зборуваат, но се разбира само со срцето. Сето ова дополни да јас уште повеќе го љубам св. Јован.
Досега пишував, а и се уште ќе пишувам за св. Јован, зашто од него добив многу љубов и грижа во својот живот овде во САД, каде што злобното беснило се зацарува. Милиот св. Јован ги слуша воздишките на збунетата младина од нашето изопачено време; ја слушаше и се уште ја слуша мојата збунета младост и милостиво погледнува на нашата потиштеност. Само Бог знае колку го љубам овој чудотворец! Тоа е силно-впишана љубов во своето срце и таму ќе остане.
Белите листови неуморно ги впиваат моите зборови. Ги впиваат и солзите што капат врз напишано зашто се плод на љубовта кон мојот мил св. Јован, јеромонахот Битолски, а подоцна Архиепископот Шангајски и Сан Франциски!
Сиот од Бога осветен преку свештенодејствието на Пречистите Тајни, секогаш со нив укрепуван, си брзај кон страдалниците, исцелителу најсветол. Побрзај сега да ни помогнеш и нам, кои со сето срце те почитуваме.
Ти благодарам Владико за сè и Те сакам многу!
Благослови...
Четврток, 30 Јуни
нетлените мошти беа преместени на средината на храмот и се пееше неговиот Акатист
Петок, 1ви Јули, наутро божествена литургија и Симпозиум во чест
на свети Јован.
2ри Јули, празник на св. Јован Шангајски и Сан Франциски
Божествена литургија
На полноќната литургија.
2ри Јули, вход околу храмот и осветување на новиот мозаик
на св. Јован.
Величание на св. Јован на утрената
Magnification to St. John
Вход околу храмот и осветување на мовиот мозаик
на св. Јован Шангајски и Сан Франциски.
No comments:
Post a Comment