Tuesday, July 1, 2014

Запис од 20 годишниот јубилеј од канонизацијата на големиот чудотворец, св. Јован Шангајски и Сан Франциски

Јули 2, 2014
Сан Франциско


Владико, благослови!


Journal about 20 years anniversary of the glorification of the great wonderworker, St. John of Shangai and San Francisco. 
The text was written on Macedonian language. I'll work on English translation so that you (English speakers) would be able to read. 




           Долго го чекав овој ден! Низ годините наназад горев од желба за еден ден да се удостојам да бидам присутен на светијовановиот ден покрај неговите нетлени мошти. И тоа желание св. Јован ми го исполни. Сподобен бев да бидам во Сан Франциско во благословената година кога Руската Задгранична Црква прославува 20 години јубилеј од неговата канонизација (1994-2014).
Што уште да барам од св. Јован. Ми даде сè!
Бев присутен на неговиот празник, живеам на место каде што дистанцата помеѓу храмот и мојот апартмен е триесет секунди. Пред да одам на факлутет, секое утро, прво навраќам во храмот, пред неговите нетлени мошти и му велам: "Владико, благослови! па продолжувам со своите секојдневни активности.
Не можам да најдам експлицитни зборови со кои можам своите искуства со Св. Јован да ги опишам.

        Имам две причини за кои сакав да бидам во Сан Франциско: првата е заради Св. Јован, за да бидам поблиску до него. Втората е да ги земам летните часеви на факлутетот каде што студирам. Барем знам доколку имам искушенија или недоумици, овде е владика (свети) Јован на кого можам да му се обратам и барам помош во своите нужди. Животните тегоби знаат да бидат сурови, но кога сум овде во Сан Франциско, не ме застрашуваат зашто чувствувам како големиот чудотворец ме чуда. За тоа многу Му благодарам на Семилостивиот Бог. Му благодарам и за тоа што благослови неговиот избран сад, св. Јован биде мој застапник пред Него и да ме чува од разни искушенија.
Кога пристапувам кон неговите нетлени мошти, честопати ѕидините кои ги држат солзите напукнуваат, и истите почнуваат да се леат по лицето. Пред да се оддалечам од кивотот, секогаш му велам: "те сакам многу!" За некои кои го читаат ова можеби е налудничаво, или пак забеганост, но за мене е радост.
Како да не го љубам оној кој во првата година од моето поклоничко патување ми даде бесплатна авионска карта од Њујорк до Сан Франциско?
Како да не го љубам оној кој во истата година, преку една од своите сирачиња од детскиот дом од Шангај, ми даде Нов Завет каде што е неговиот потпис?
Како да не го љубам оној кој во следната 2013 год. во доцната доба во ноќта на празникот на св. Василиј, додека и читав Акатист на Мама, ме удостои да го слушнам звукот на кадењето од неговите свети раце?
Зар да не го љубам оној кој и оваа 2014 год.благослови да бидам покрај него цело лето, да го добивам неговиот благослов секој ден и да бидам присутен на денот на неговиот празник?
Сега потполно ги разбрав неговите зборови "Иако умрев, сепак сум жив," кои ги изусти неколку дена пред да се упокои.
Срцето ги почуствува и ги доживеа горенапишаните нешта, и јас не можам да го премолчам тоа. Пред Бога виновен ќе се чувствувам.



         Сега да преминам на големата дваесет годишна јубилејна прослава која се одржа овој викенд.
Последната недела пред неговиот празник бев возбуден. При секоја помисла дека неговиот ден наближува, а јас сум во Сан Франциско, духовно се возбудував. Често го слушав ЦД-то со стихирите на неговиот празник. Особено посветував внимание на првата стихира на вечерната која гласи: “ Да го воспееме Јована, светителот Христов, нам даровениот молитвеник од Бога, кој предавајќи се на непрестајна молитва и укрепуван преку служењето Литургии и причестувањето со Светите Тајни, неуморно одеше во извршување на своите обврски, итајќи во домовите на страдалните и во болничките соби кај безнадежните; затоа покажувајќи се како осветен и милостив, со исцелувачки и пророчки дар се здоби од висините, и сега, на небесата, со смелост се моли за спасение на нашите души." Често си велев во себе: “ Кога ќе дојде тоа време и ден да јас бидам покрај неговите мошти и да му пеам со сите: 'да го воспееме Јована'?”
Оваа 2014то лето Господово, тоа прашање доби не само одговор, туку и реалност.




Се започна со Акатист на св. Јован каде што сите му пееја. Прво кивотот со неговите нетлени мошти ги пренесовме на средина на храмот. Кивотот доста тежеше, но помислата дека во него лежи нетленото тело на св. Јован, не ми даваше простор да размислувам на тоа.


Откако го преместивме кивотот, почна Молебниот со Акатист кој беше возглавен од Првиот Иерарх на Руската Задгранична Црква, Иларион со неколку архимандрити и свештеници.



Во тој петок на 27 Јуни, во приквечерината, храмот беше полн во лаици и речиси сите му пееја: “Радувај се, ги заштитуваше чедата свои со непрестајна молитва;
Радувај се, твојата љубов не знаеше за разлика меѓу народите;
Радувај се, покажа најголема грижа за децата и болните”
И навистина таму беа неколкумина од неговите сирачиња на кој тој татко им стана, а по смртта своја не си остави. Јас, морам да признаам, бев многу возбуден и толку возбуда, се препотував. Не знам што се случуваше со мене, но потта не застануваше. За време на пеењето на Акатистот, беше присутна и чудотворната иконата на Мајката Божја Курско-Коренска, Знамение. Пред неа, во летото 1966, големиот светилник св. Јован се упокои.
По завршувањето на Акатистот, сиот народ иташе да се поклони пред чудотворната икона на Мама и пред нетлените мошти на св. Јован. Кој со метании, кој со солзи со очите...сите како знаеја и умееја ја искажуваа својата вера и почит кон св. Јован.


      На крајот на похвалната служба, влегов во олтарот и пристапив до Митрополитот на Руската Задгранична Црква Иларион и му реков: “Многу радости, владико!” Нешто од внатре ми говореше да му го речам тоа и го сторив. А тој... му се воодушевувам на неговата смиреност!
Во саботата наутро се отслужи божествена литургија. Во овој храм, посветен на Мајката Божја – Радост на сите Нажалени, се служи литургија секој ден. Нема исклучоци. Тој е единствен храм во Руската Задгранична Црква (како за градска црква) каде што се литургисува ежедневно. Ја задржаа и ја следат традицијата на св. Јован кој што секој ден на Бога му принесуваше бескрва жртва и му благодареше за сите и за сè!
По повод јубилејната прослава за св. Јован, нашиот архимандрит од Џорданвил, отец Лука дојде во Сан Франциско. Во саботата наутро го прашав дали сака да го прошетам до паркот кој е покрај океанот и да се насладува од таа убавина.


 Се согласи и тргнавме. Додека пешачевме, зборувавме на разни теми. Една од тие беше за св. Јован. Каде можам јас да не ја отворам таа тема. Едноставно не можам. Додека починувавме крај едно дрво, а пред нас беше пространиот океан, отец Лука ми кажа дека во 1994 кога ги преместуваа светијовановите нетлени мошти од ковчегот во новиот кивот, тој бил таму и го држел св. Јован во своите раце. “Блазе Ви отче што имавте таква можност” - му реков. Понатаму отец Лука ми раскажуваше како тој сето тоа го доживеал и на крај ми рече: “тоа за мене беше едно од најубавите моменти во својот живот!”
Јас воздивнав од радост и продолживме да пешачиме.

       Во саботата навечер започна главната прослава за св. Јован. Во 4:30 попладне свечено се пречека чудотворната Курско-Коренска икона на Мама. Архиепископот на Западно-Американската епархија, Кирил стоеше во нартексот, облечен во својата мандија, и чекаше да пристигне Иконата. Надвор стоеја неколку млади со цвеќиња во своите кошници. Стигна автомобилот во кој беше Иконата. Отец Сергеј излезе со Неа во своите раце, ја издигна високо над својата глава и додека чекореше кон архиепископот, младите фрлаа цвеќиња над чудотворната икона. 


      Отец Сергеј му ја предаде Иконата на Архиепископот Кирил и додека тој ја носеше до олтарот, хорот го пееше тропарот. Глетката наликуваше како цар кога свечено влегува во своето царство, пречекан од своите. Такво торжество и беше приредено на Царицата Небесна!


Пред да започне службата, се одржа чинот наречение на новоизбраниот епископ Менхетенски, Николај. Воден од двајца архимандрити, отец Лука и отец Иринеј, архимандрит Николај се поклони пред нетлените мошти на св. Јован кои стоеја на средина на храмот и ја целиваше десницата на сите архиереи. Стоејќи пред светијовановите мошти, со поглед кон сите архиереи и народот, започна да ја раскажува својата животна биографија во која ја потврди својата Православна вера и го исповеда Бог – света Троица, Отец, Син и Свети Дух.



       Се служеше сеноќно бдение составено од вечерна и утрена каде што се пееја стихирите на големиот чудотворец, св. Јован. Имаше два хора кои химнословеа: едниот беше составен од младичи а другиот беше од редовните во тој катедрален храм. Кога ја слушнав првата стихира на св. Јован “да го воспееме Јована” се насмеав и тивко проговорив: ти благодарам владико за оваа радост!

Додека бев во Њујорк, често на YouTube ја гледав канонизацијата на св. Јован од 1994, односно делот кога за прв пат на сред црква го отвараат кивотот и сите почнуваат да го пеат Величанието. Од тогаш во мисла ми беше “ќе се удостојам ли и јас, еден ден да му пеам на св. Јован Величание на неговиот ден со останатите во храмот како што му пееја во далечната 1994?” Не само што Бог ме удостои, туку тоа се случи на во годината (Јуни 28, 2014) кога се исполнуваат дваесет години од неговата канонизација. Некои од оние кои беа присутни во таа 1994 ми раскажуваа дека неговата канонизација наликуваше на Пасха во лето.



Начинот на кој во руската традиција ја служат утрената се разликува од нашата. Овде, во рускатата практика на полиелејниот псалм свештенослужитете излегуваат од олтар и застануваат на средина на храмот пред празничната икона. Кога хорот ќе заврши со стиховите “Раби Господа, Алилија”, тогаш клирот почнува да го пее Величанието. Мелодијата со која го пеат е навистина торжествена.


Во саботата навечер, на полиелејниот псалм тројца архиереи, вклучувајќи го и Митрополитот Иларион со бројно свештенство и многу диакони, излегоа на средината на храмот на полиелејниот дел од утрената. Во еден момент сите почнаат да пеат “Те величаме, светителу, оче Јоване, и го почитуваме светиот твој спомен, зашто се молиш за нас на Христа, нашиот Бог.” Ми се чинеше дека храмот од земја се подигна и почна да се вознесува.
Тогаш сè торжествуваше,
                                 сè се радуваше,
                                                    химнословуваше
и достојно го прославуваше споменот на големиот светител од Западот.


       По прочитаното воскресно Евангелие, Митрополитот Иларион го миропомаза богољубивиот народ и почна да се чита канонот на св. Јован со припевите “светителу оче Јоане, моли го Бога за нас!”
Во 1994, на канонизацијата на владика Јован се служеа три литургии: првата на полноќ, втората наутро во седум и третата во девет и триесет со сите архереи. Секоја недела, во овој храм се служат две литургии: рана и доцна литургија.
Оваа година, заради јубилејот, имаше божествена литургија на полноќ. Јас одлучив да одам на таа полноќна литургија. Посебно ги доживувам тие вечерни литургијаа, а и знаев дека следното утро ќе има многу луѓе, па сакав да бидам на “мистичната.” Овој храм има три олтари. Литургијата се отслужи на десниот престол, возглавена од отец Петар со неколку свештеници и ѓакони. На клирот пееше женски хор. Навистина беше прекрасно! Пред да почне литургијата, си земав позиција на една страна. Чувствував големи болки во нозете заради долгото стоење, но си реков “ќе издржам без да седнам, па колку сакаат нозете нека ме болат.” Патем, бев во сандали, па им давав простор на петиците да здивнат.
Во еден момент дојде отец Петар и ме праша дали ќе можам да прислужувам зашто имаат само еден во олтар, но тој нема доволно искуство. Не бев во план да прислужувам, но ниту пак имав намера да му одговорам “не”. Кога излегов од олтарот со просфорите за да ги однесам назад, почувствував како нешто “чудно” се случуваше. Надвор беше мрак, храмот беше полуосветлен, речиси повеќето верници стоеја од десната страна каде што се служеше литургијата, а хорот го пееше првиот антифон “Благословувај го душо моја Господа...” со византиски распев. Сето тоа беше една атмосфера која беше исполнета со благодат. Навистина беше! Во тој момент кога се враќав во олтарот, поминав покрај моштите на св. Јован и помислив: “знам дека тој е вечерва овде и се моли со нас.” Просто, сè беше убаво!
        На крајот од литургијата, отец Петар одржа проповед од која мал дел ќе издвојам. Тој ни глаголаше за св. Јован како навечер не спиел, туку се молел и малку ќе дремнел на својата фотелја. Отец Петар го поврза тоа со полноќната литургија како што св. Јован се молел во длабоките часеви на ноќта, така и ние вечерва на Бога му принесувавме молитви.
Утрото отидов во храмот за да ја видам хиротонијата на новиот епископ Николај и се вратив назад зашто истиот ден бев на полноќната литургија.


Толку многу радости се случуваа последниот викенд (Јуни 27, 28 и 29) што дури по завршувањето на сета прослава можев да ги соберам своите мисли на едно место и да резимирам каде бев и што се случуваше. И уште да продолжам да пишувам за св. Јован, нема да биде доволно да ја искажам мојата љубов и благодарност кон него. Бог е неизмерно милостив и каде и да сме, секогаш ни праќа Свој слуга кој што ќе не заштитува. Преку неговите светии, гледаме колку е Он Дивен.


      Неколкумина до сега ме прашаа од каде се роди таа моја љубов кон св. Јован. Јас им одговарав: “да знаев, па да ти кажам, но не знам. Едноставно многу го сакам.” Некои работи во животот не се објаснуваат, туку се чувствуваат. Животот ми покажа дека не се учи како да се љуби, туку едноставно се љуби. Љубовта е јазик кој што сите го зборуваат, но се разбира само со срцето.
Оној кој што ме познава, знам дека ќе го разбере овој текст и мојата експресија која ја напишав.


Досега пишував, а и се уште ќе пишувам за св. Јован, зашто од него добив многу љубов и грижа во својот живот овде во САД, каде што злобното беснило се зацарува. Милиот св. Јован ги слуша воздишките на збунетата младина од нашето изопачено време; ја слушаше и се уште ја слуша мојата збунета младост и милостиво погледнува на нашата потиштеност. Само Бог знае колку го љубам овој чудотворец! Тоа е силно- впишана љубов во своето срце и таму ќе остане.

Белите листови неуморно ги впиваат моите зборови. Ги впиваат и солзите што капат врз напишано зашто се плод на љубовта кон мојот мил св. Јован, јеромонахот Битолски, а подоцна Архиепископот Шангајски и Сан Франциски!
Сиот од Бога осветен преку свештенодејствието на Пречистите Тајни, секогаш со нив укрепуван, си брзај кон страдалниците, исцелителу најсветол. Побрзај сега да ни помогнеш и нам, кои со сето срце те почитуваме.
                             Ти благодарам владико за сè и те сакам многу!
                                                                                        Благослови...














































No comments:

Post a Comment