Friday, April 3, 2020

Поткрепа


Јануари 26, 2014







Прекрасен ден во ладната зима. А што со мене? Имам ли јас чувства за да љубам? Некоја чудна збунетост ме држи. Не сакам да бидам себичен и само за себе да мислам. Речено е дека човекот пред женидба е како половина од своето тело и наоѓајќи ја својата втора половина, станува потполен. Да, има вистина во кажаното. Нели и бракот е од Бога благословен. Во Светото Писмо пипува дека “двајцата ќе бидат едно тело.” 
Многу чуден страв ме јаде. Страв, кој што не ми дава да тргнам по “Јана,” или по “Пана.” Него ајде многу да не зборувам за “Пана,” зашто не сум за тоа. А за “Јана?” Некако се плашам, но зошто? Од што? Да имам жена и да живеам брачен живот? Помислите ми велат: “Ајде, ајде, не биди како мало дете.” Па и така е. Ако во животот не знам што сакам, кој друг треба да знае? Даниел, кој живее со соседната соба? Секако дека не. Често двајцата разговаравме на оваа тема и тој ќе ми речеше:
  • Ти Стојан не си за монах, барем јас така мислам. Ти ќе се ожениш и ќе бидеш добар татко на твоите деца. 
  • Никогаш не знаме што животот ќе ни донесе, му одговорив. А за деца да, многу сакам деца. 
Овој саботен ден беше студен, но прекрасен. Отидов во град на ручек со Маргарита, девојката која што ја запознав пред неколку недели. Постара е три години од мене, но тоа не е важно. До душа не ми е девојка за да внимавам толку многу на разликата во годините. Се заљубив во неа, дури и во лице тоа и го реков, но се договривме да си дадеме време, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. А колку пак се само топли нејзините прегратки! Се чувствувам како дете кога ќе ја гушнам. Вечерва, пред да си замине со мајка и од служба, пак се гушнавме. Таа стоеше до колата и ме поздрави со зборовите:
  • До завтра.
  • Само толку, и велам?
  • Знам, вели таа, дека сакаш да ме гушнеш.
  • Е знаеш што сакам јас, смеејќи се и одговорив.
И така со гушка се испративме. Како е да е, да се вратам назад, на пладневното време во град. Отидовме на ручек во Applebee's. Таа беше малку тажна зашто вчера имала непријатна ситуација во нејзиниот апартман со нејзините цимерки, но беше во добро расположение, како што би рекле американците, “in a good mood.” 
Ручекот го плати таа. Се засрамив од нејзината настојчивост.
  • Не, те молам, и велам.
  • Ајде престани, таа ми вели и дополнува: мисли како ти да си платил. Денес сакам јас да платам.
  • Барем јас ќе оставам тип, и возвратив. 
  • Договорено.
Прошетавме малку наоколу и ја однесов со колата до нејзиниот колеџ. Не знам зошто, но на моменти како да се опијанував од нејзиното присуство. Вечерва, за време на службата, стоев од десната страна во храмот, со бројаницата во рака, и во неа зјапав.
  • Престани да гледаш во неа, на служба си, се прекорував себе си.
Ако треба нешто да биде со нас двајцата, ќе биде.
  • Господи, си велев во себе, барем оваа девојка е воцрковена, верува во Тебе, се труди на оди на служби и да живее побожен живот. Сепак, Ти најдобро знаеш што е најдобро за мене.
Важно е својот дел од брачниот живот, човек да го помине со личност со која што ќе има разбирање. Познавам пријатели каде што мажот е против црквата, додека пак жената е побожна. За таквата жена, овој овој е тежок, но тоа е нејзиниот крст и треба да го носи. Никогаш не знаеме, како што пишува големиот црквоградител, св. Павле, дека преку верата на жената ќе се спаси мажот кој што е неверник и обратно. Бог промислува за сите нас!

II

А Снешка штипјанката… таа што ме сака како свој син и во искушенијата додека поминував, ми помагаше, ме мислела цел ден. Немав време да ја проверам електронската пошта и дури вечерта го сторив тоа. Имав неколку емејлови од неа. Во едниот ми напишала: “Не мора да ми одговараш, барем еден извичник да ми пратеше. “ Во последно време јас пак на секоја реченица и ставав извичник и сега ме закачкаше со тие извичници. “Те нема ни на фб да се вклучиш. Ме загрижи, цел ден те нема. Знаеш дека те имам на мисла. Каде отиде, што направи? Господ и Богородица со тебе!” Вака заврши нејзиниот емаил. А да, пред овој, добив уште еден емаил каде што пишуваше: “Каде се изгуби ти? Да не се врати пак на спиење? Знам дека си спанко, ама до то колку. :) А да не отиде накај Маргарита? (непоправлива лошотија сум, знам :) ) “ Оваа Снешка ме лови како некој вешт ловец. Mе знаe како дишам. Штом ќе дојде некој празник или некој интересен настан, поврзан со мене, веднаш добивам емаил со некоја фотографија од мене од пред неколку години, или некој линк на Преминпортал од некоја стара објава од моите.
       Секогаш и за сѐ го погодува вистинското време и точниот момент. Наутро се будам со емаил од неа и денот завршува на исти начин. Златна е! Многу се грижи за мене. Навистина е убаво кога човек знае дека некој мисли на него. Ако и пишам дека сум тажен, или пак дека имам некакви искушенија, до следниот ден таа ќе “копа” на интернет и ќе најде нешто поучно од Светите Отци, соодветно на мојот проблем, и ќе ми го испрати. На пример, попладнево денес, во 12:45 ми го напиша следниот емаил: “Читај го псалм 142 - смирена молитва на страдалник, а ова е извадок од псалм 137: кога ќе се најдам во неволја - Ти живот ми даваш, ја пружаш раката и Твојата десница ме спасува. Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не оставај ги. Нашите вака би рекле во оваа ситуација. “Те читам како селски буквар.” Снешка ме чита и тоа како само…
Уште ова морам да го напишам, која таа ми го напиша денес а поврзано е со чувствата. И кажував дека имам измешани чувства и понекогаш ме совладуваат. Пак ме разбра што ме мачи, се разбуричкала во црковната ризница и еве што најде и ми испрати: “Живеејќи според чувствата, ние личиме на човек кој по цел ден оди по туѓите куќи, а само навечер се враќа во својата куќа за спиење. И така, својата будност ја посветува на смртта, а спиењето на бесмртноста. Ние доаѓаме кон себе, се враќаме во себе си само во сонот. Но и нашиот сон го сонува нашето јаве. т.е. и кога сме во својата куќа во бесвесна состојба ние ги сонуваме туѓите куќи: нашите се сетивни затоа што и ншето јаве е сетивно. И така, ние сме во туѓина, и туѓи сме и најаве и на сон. Ние сме непрестано надвор од себе. А Господ сака да нѐ врати во нас самите, во својот дом и во својата татковина.” 
Упс, ова болеше и ми дојде неочекувано. Првите мисли кои ми дојдоа откако го прочитав ова, беа: 
  • Се жалиш многу? Еве ти и молчи! 
Ме докрајчува Снешка со ваквите поуки а јас одлучив да почнам да ги запишувам и да ги препрочитувам. Некои текстови треба да се повторат и по втор пат. Сега ми одекнуваат во глава зборовите на Михаил Ренџов, кога еднаш ми рече: “поезијата не се чита, поезијата се препрочитува.” А јас уште и ќе додадам: “Повторувањето е мајка на знаењето.” 
“Славете Го Господа зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова. Алилуја.” Моментално оваа црковна химна ја слушам на мојот iPad. Прекрасен псалм. Колку само ме опушта...Многу се насладувам!
“Кога некоја демонска помисла не напаѓа во нашето срце, не барај во твојата молитва едно или друго, туку мечот на солзите изостри го протов непријателот. Откако ќе настапиме против демоните со ваквото силно оружје, ќе ги натераме брзо да отстапат од нас,.”
  • Еее, те дотепав, ама ова сега го прочитав и морав да ти го пратам. Од преподобен Нил Синајски е. -  Снешка го прати својот последен емаил за денес.

Friday, January 3, 2020

Борба и Благослов





Создадени сме според ликот и подобието на Бога, а Тој нѐ љуби како свои чеда. Божјата волја не нѐ носи онаму каде што Неговата благодат нема да нѐ заштити.
Ние, битијата човечки сме имаме слабости и телото се стреми да го чини она што сака. Како и дали можеме да најдеме баланс меѓу нашите согрешенја и подобноста од Неговата љубов? Тегобно е. Така, понекогаш доаѓам до момент каде што не можам да се борам повеќе, мислам дека ја немам потребната сила и паѓам. Едноставно не го гледам крајот на таа борба и паднатост. 
Да избегам ли од светот? Мислам дека тоа не е решение затоа што од својот ум и помисли не се бега. Истовремено, чувствувам дека ја користам Божјата љубов и истата од Пресветата. Го слушам гласот на мојот владика, кој ми рече: “Чувај си ја душичката од злото на овој свет.” А јас, го испуштив тој воз и сега трчам да го стигнам. Но, тоа речиси е невозможно. Не научив да ја игнорирам минливоста и да ја искористам златната можност. Неретко, бегам од љубовта и благодатта Божја која ме штити и постојано ме закрилува.
Благослов ли е да се биде човек? Ако е така, тогаш зошто е така лесно да се изгуби вечниот живот? Зошто слабоста на телото е пречка за тој живот вечен? Благослов е да се љуби Бога, но во исто време се стремам да служам на двајца господари и тоа не е добро. Ако Бог не создаде да бидеме Негови возљубени, како да се отгрнам од оние помисли и дејства на слабоста на телото? Да се молам? Да постам? Да одам во црква? Сетоа тоа го чинам и пак, паѓам кога искушението ќе тропне на врата. Иако не знам што да чинам повеќе, знам само дека не сакам да го изгубам Бог во мојот живот. Тоа би било најголемата болка која што би ја болувал и најгорчливата чаша пијалок што би го испил. Дали сега теологизирам или пак филозофирам, не знам, но верувам дека кога станува збор за Бога, нема компромис. Како во светот на математиката: или одговорот ти е точен или погрешен. Благослов ли е да се биде човек? Кога верувам, ја артикулирам својата вера. Во исто време, кога грешам, пак ги живеам тие дела. Зошто е тоа така? Ми се чини, се фокусираме на погрешни работи и избираме да правиме погрешни нешта и да останеме подалеку од Бога. Такви сме ние, паднатите, паднатите битија кои не сакаат да станат, туку да останат во калта. Говорејќи како човек, како некој со слабости и полн со прегрешенија, не секогаш знам кој сум, но во текот на годините како што чекорам, се осознавам. Во моментот, најдоброто што можам да го сторам е да созеревам за она кој сум бил во минатото и да споредам со тоа кој сакам да бидам во иднина. По овие две - ќе ја осознаам разликата ќе знам кој да бидам сега. Да се битисува значи навистина да се живее со промена. Во повозвишен свет можеби е различно, но овде, да се живее значи промена и надеж на подобра и катадневна промена. Ако мојот живот ја изгуби својата убавина, тоа е заради тоа веројатно заради тоа што не се радувам доволно во него. Честопати заборавам да го славам големиот дар од Бога. Мојот живот треба да биде радост и прослава за сиот дар кој што мојот сладок Господ ми го има дадено. И кога сум во страв и се кријам, Тој ме бара со многу трпение и љубов и кога ќе паднам, таа Љубов ме подига. Ова не нештата кои ги гледам и уште не ја воспримам својата лекција. Размислувајќи за сето ова како и за слабоста на моето тело и беззаконијата, на ум ми доаѓа првиот стих од евенгелието на св. Јован: Во почетокот беше Словото, а Словото беше со Бога и Бог беше Словото. Христос беше словото, Тој што се откри себе си во тело и остана Бог. Тој се даде себе си на парчиња за јас да разберам и почувствувам кој е Тој. Денес, после сите мои безаконија, непослушание и слабости, Тој продолжува да ја открива и шири Неговата љубов и долготрпение. Заради Него и преку Неговиот пример, човечкиот дух може да се издигне над секоја трагедија. Секогаш, која и да претрпиме лична ноќ на тага, Божјата љубов сјае во темнина. Надежта може да ја излечи повредената душа. Добро е со мојата душа! Сè што гледаме денес околу нас и во нас самите - длабоко во нашите срца, истоте тие нешта не биде секогаш такви исти. Сегашноста ни говори за минаттото, или со други слова, сегашноста е клучот на минатото. Редоследот на минатото кое се имаат случено во нашите животи со чисти или калливи дејствија нè имаат сторено да сме тоа што сме денес како индивидуи или нештат околу нас. Ако минатото е клучот за сегашноста (Uniformitarianism), тогаш иднината е клучот кон кој треба да се стремиме да бидеме; да го задржиме ликот и подобието Божјо. 
Во една од македонските народни приказни се вели дека човек не знае кога, каде и колку ќе згреши и затоа е најдобро да не греши. Благослов ли е да се биде човек? Мојот живот треба да биде радост и прослава за сиот дар кој што мојот сладок Господ ми го има дадено. Низ годините во животот научив дека борбата и благословот не одат еден без друг. Така е, благослов е!