Јули 15, 2014
лични записи од Сан Франциско
I
Доаѓам овде покрај океанот и се некои мисли ми навираат, чудни? Веќе подолго сум овде па така сите на факлутет научија дека многу сакам да зборувам, т.е. да објаснувам долго и при тоа, во стилот на брзозборка. На ист начин и пишувам бидејќи сакам да бидам разбран од соговорникот кој чита. Сепак, си велам, не сум некој оратор, имам уште многу да учам. Знам, брзо зборувам и не секогаш убаво објаснувам. И тоа знам, катадневно треба да учам и читам, знам неук сум, но тоа не ме плаши. Утеха си наоѓам во тоа што имам волја да ги искористам најполезно што знам способностите да пишувам. Фала му на Бога, што ни дал јазик за да зборуваме, та ни дал и азбука да си пишуваме. И знае Тој, балансот да го внесе во секого. Ако во едното сме слаби, во другото да сме подобри.
Се фаќам себеси во мачнина, кога многу говорам и кога ќе согледам колку сум себичен и горд. Да, сум зашто мислам само на себеси и затоа кога некој ќе ми рече дека сум горд, се срдам. А за смирение пак, да не зборувам. Како што велат нашите "треба фурни леб да изедам" за да стигнам до мудроста на смирението.
Се прашувам, седејќи покрај океанот, дали само јас или пак и останатите се горделиви и дали тоа е порок. Или не? Дали е доблест? Или не?, Често ме гонат мисли дали сум успешен, дали повеќе се очекува од мене, што следува натаму, дали блажените моменти кои досега ги доживеав беа чуда од Бога? Со овие помисли видов колку сум неверен: неверен кон Бога, кон својата душа, кон животот... Зарем треба да очекувам во животот да ми тече само со мед и млеко. Навистина не знам што сакам, а толку многу размислувам, се борам во мислите. Верувам дека тоа е плод на мојата младост низ која се уште пливам. Некако ми се присторува долга, но знам дека ќе ја поминам. А некогаш, некогаш по многу години со возбуда ќе се сеќавам на секој нејзин ден. Младост. Ќе ја повикувам од овие редови, од фотографиите, од лицата што ми се при срце, од Бога.
Тетеравејќи се по животниот пат, си велам дека се уште имам оправдување за своите падови, но ќе дојде време кога тоа ќе помине и оправдувања ќе нема. Некој еднаш ми кажа кога сме мали во верата, тогаш благодатта целосно не покрива, но како што растиме, пополека Бог ја одзема благодатта за да се учиме сами да се бориме, а не цел живот да зависиме од нешто и некого. Отпрвин, кога го слушнав ова се исплашив и си реков: “зар Бог ќе ја земе благодатта од мене? Што ќе правам? Целосно ќе пропаднам!” Се охрабрив брзо зашто помислив на своето минато и на тоа колку Бог ме чуваше, да не речам во стаклено ѕвоно. До сега беше со мене, па зар сега ќе ме остави?
Во последно време ми одекнуваат зборовите на Св. Апостол Павле "кротоста ваша нека и биде позната на сите луѓе." Не се сеќавам кое точно послание беше. Како што растам и го читам Новиот Завет, гледам дека се она што е напишано, особено Господовите слова, сè се исполнува во нашиот секојдневен живот. Неколку од истите ги вкусив и затоа се осмелувам да говорам.
Многумина од оние кои ме љубат, моите ближни, ми кажуваат колку сум добар или пак дека сум "Божјо дете." Ех бре луѓе, си велам во себе, ме гледате од надвор и зборувате. Тоа што сум донел свети мошти или пак тоа што сум се посветил на Бога од млади години, не ме чини Божјо дете. Многу пати дозволувам сонцето да зајде со мојот гнев. Сè додека се гневам и осудувам не сум достоен да се нарекувам таков. Овде да осознавам милоста на Севишниот и колку Тој ме љуби. Не ме наказува до смрт за своите безаконија, туку го чека моето обраќање и солзата на покајанието.
II
Сан Франциско, лето 2014
лични записи
Во животот секој сака да биде љубен. Ретки се оние кои не сакаат да љубат, не затоа што не знаат туку не сакаат. Е сега како секој индивидуално ја разбира љубовта, тоа е друго прашање.
На празникот Педесетница по литургијата отидов да шетам на моето "омилено" место покрај океанот и да читам. Тој неделен ден беше првиот сончев, откако пристигнав во Сан Франциско. За време на претходните две седмици никако сонцето не огреа, само студ и магла од океанот, како што велат кај нас тмурно.
Колку многу се израдував на светлината и млаката топлина на сонцето, така долго време се немав израдувано. А беше и голем ден - Педесетница. Буквално се наоколу воскликнуваше: океанот беше тивок, водата светла, сонцето скржаво но светло, а ветарот дуваше како и секогаш. И, на секои 10 секунди сирената за бродовите пиштеше од мостот Golden Gate. Тој ден сè беше прекрасно. Мојот најомилен град во САД бездруго е Сан Франциско, поради Св. Јован Шангајски и Сан Франциски, чии нетлени мошти се наоѓаат во овој град и второ заради времето. Таму сè и свежо и чисто.
Од понеделник до петок бев премногу зафатен со факлутетот, па време за прошетка немаше. Затоа си зададов себеси задача, барем еднаш во викендите да одам таму, покрај океанот макар и на кратко.
И во неделата на торжествената Педесетница бев таму. На моето "омилено" место каде што океанот пленеше со своето пространство, седнав на една клупа која што беше под сенка. Пред мене седна една жена , а и јас до неа. Секој си ја гледаше својата работа: таа си чепкаше низ својот ајфон, а јас читав.
По некое време, не знам како и од каде, протече разговор. Кога ќе слушнат Американците дека си од друга земја пријатно им е да слушнат повеќе за тебе, за твојата историја, за културата. Така се случи и со мене. Но овој пат мојата историја повеќе беше поврзана со верата, зашто таква тема отворивме. Кога видов дека ја интересира, нормално продолжив. Накратко и кажав како црквата Христова беше основана на овој ден на денот на Педесетница. Ѝ објаснив како се случи големиот раскол во 1054 помеѓу Запад и Исток, а по нешто и за останатите религии.
Понатаму полемизиравме за слободата т.е. давањето на премногу слободи и права. Зборнавме и за истополовите бракови, зарем тие не се грев? И некако нашите ставови се подудруваа, а јас бев изнанаден што го слушнав ова во Сан Франциско, во градот каде што владее целосен либерализам. Згора на тоа, не смееш никако јавно да зборуваш против истополовните бракови и други „слободи“. Како и да е, ми беше драго што имав прилика да разговарам со таа жена, бидејќи денес и овде, ретко можеш да најдеш вакви битија кои ја чуваат традицијата. Нашата средба не беше долга, но корисна.
Убав е животот. Кога ќе се научиме да се радуваме на него, и да уживаме во нашите од Бога дадени денови, тогаш нема да лелекаме. Нема да најдеме место каде што ќе тече мед и млеко, но доколку средината каде што живееме, ја претвориме да биде мед и млеко, блажени ќе бидеме во овој и во идниот вечен живот, особено кога животот живот раѓа.
No comments:
Post a Comment