Thursday, December 3, 2015

Разделба од далечина

4ти Декември, четврт ден од мирното заспивање
на дедо, денот на неговото легнување во гробот
и празник на Пресветата – Воведение Богородично.

Далеку од дедо, во Кармел, Калифорнија. 





Те сакам дедо!
Љубов и по смртта!





Сесвета Богородице, за време на мојот живот
не оставај ме, на човечко застапништво
не предавај ме. Но Ти самата застапи се и помилуј ме!




        “Блажен е оној кого си Го избрал и примил; он ќе живее во Твоите дворови; ќе се исполни со добрини од Твојот дом; а Твојот дом е свет и чудесен е во праведноста” Псалм 64,4.
Што сме ние? Земја ли сме? Битија кои дишат? Имаме душа која го надминува животот на земјата, животот во телото. Дали би тагувал денес, разбирајќи го ова?
Таква беше волјата на Создателот… Дојде денот да му пеам на дедо “вечнаја памјат.” Тоа утро, на 1-ри Декември ме потресе веста за неговото заминување. Како и секое утро, станав за да се спремам за на работа и да ги прочитам утринските молитви. Додека се подготвував, на телефонот стигна порака, а кога го зедов телефонот видов порака од тетка ми: “Стојанче, дедо ти почина вчера. Моли се за неговата душа!”.

По втор пат. Слично чувство доживеав и со другиот дедо. Тогаш, пред една година во истиот месец, наутро мајка ми ми напиша порака дека починал дедо, нејзиниот татко. Ете, и двајцата во период од една година заминаа; едниот на 11-ти декември 2014-то Лето Господово, а другиот на 1-ри декември ова 2015то Лето Господово. 


        Дедо Стојан мирно издивна, замина од овој свет. Името го добив по него и горд сум на тоа.
Пред да продолжам да ги нижам останатите зборови на тага ќе кажам дека пред речиси една година, во јануари кога бев во Македонија бев да го видам дедо. Тоа беше мојата последна средба со него и, како секогаш, набиена со емоции. Сфатив дека осаменоста ги јаде тие стари души. Секогаш кога ќе влезев во домот каде што живееше дедо, прво ме пресретнуваат десетиците погледи на старите кои што седнати зјапаат во мене како некој странец. Зјапаат тие, но ги гледам и јас и им се насмевнувам. Понатаму, има една жена, која ми се чини дека е глувонема, и секој пат кога ќе ме виде, ќе извикне:
  -  Еве, дојде внуков на Стојан. 

Или пак понекогаш ќе ме праша:
  -  Имаш ли девојку?

  -  Немам, и одговарав со насмевка. 

Додека да стигнам до собата на дедо, разни сцени ќе видам. Некоја стара бабичка не престанува да вика, друга заради својата неподвижност постојано лежи и сè и е креветот.
Додека бев во посета кај него, не можев да ги запрам солзите. Повеќе беше заради неговата болест на заборавеност. Зар не боли кога го гледаш својот сакан дедо, разговараш со него, а тој не знае кој си, односно во неговиот ум си некој млад човек кој дошол кај него? Зар не боли кога твојот дедо ти говори дека има внук кој што студира во САД и дека се надева некој ден на внукот да дојде и да го посети? Не само што боли, туку и пече. Со солзи во очите го пишувам ова, но што можам јас да сторам? Го молам Севишниот да го чува. Го прегрнав и плачев на неговите рамења. Патем, не знаејќи што да му одговорам, му реков:
   -  Јас сум другар на твојот внук. Тој не можеше да си дојде, ама рече да те поздравам, секогаш мисли на тебе и рече да ти кажам дека многу те сака.


   - Благодарам, ми одговори дедо. И вие поздравете го, па кога може нека дојде.


Не знам колку само моето срце тагуваше кога му го говорев сето ова, но немав избор. Ми се чинеше дека болката моја допираше до небесата. Во тој момент утехата ја барав во солзите.
      Додека бев во Македонија, јас бев негов чест гостин. Убаво ми беше кога одев кај него, особено во зимските периоди. По божествената литургија во Скопје ќе се качев во автобус за Куманово. Телесно се закрепнував кај него со што дал Бог. Потоа ќе дремнев неколку часа а тој си седеше на својот стол и чекаше да се разбудам. 

Последната средба!

     Тешка беше мојата последна разделба со него. Му реков “довидување” и стоев на вратата. Потоа скришум со гледав како седи на својот кревет и со тага излегов од домот. Таа разделба до овој момент ја носам во себе, а тогаш додека скришно го гледав, изустив:
- Те оставам во мир и љубов Божја!
Каков е нашиот живот? Животот понекогаш навистина знае да биде суров; кога некој од своите ќе замине, а ние сме далеку од нив. Често се прашувам дали оваа земја не прави ладни или причината е во нешто друго. Животот овде толку е стресен, интезивен. Постојано нешто се случува и едвај наоѓаме време за себе си. Всушност светот постана таков а ние бедните, постојано се сопнуваме и паѓаме во него. Уште повеќе печат спомените кога се потсетувам на моите средби и време поминати до дедо. Боли кога јас сум преку океанот, и никој од своите внуци не може да ја бакне раката од неговото мртво тело. Погребите носат со себе агонија на болка, но истовремено и нежност – надеж на живот вечен. Телото ќе легне во понорите на земјата и коските негови ќе го чекаат Второто доаѓање Христово за да воскресне. Во гробот телото нема да зборува, да мудрува. Насладата земна нема да ја всуси, во во ред е. Зошто? Затоа што ние човечките битија треба да го гледаме изворот, а не реката, почетокот на животот вечен, а не исходот. Во далечините, зад таа планина во утрото на новото будење ќе видиме ново изгревање на сонцето. Издигнување кон небото, враќање онаму каде што припаѓаме. Животот на човекот е како “трева, како полски свет,” кој денес е тука а утре го нема. И уште, “дрвјата потемнуваат со годините, луѓето бледеат. Ќе врне. Мирисот на р'ѓата ќе биде свеж и пријатен како мирисот на прилетните цутови. И секое зборување завршува со песна и секоја тишина завршува со вечност.”
Како да не речам дека не боли далечината, кога боли? Тагувам за дедо и покрај Божјата, другата утеха ми е океанот каде што сега сум и од неговиот звук се поучувам дека сѐ на овој свет е минливо. Минливо е. Научен сум да тагувам сам. Сум тагувал многупати, па и овој пак сам ќе ја лечам раната.


    Драг дедо, денес на твоето отпевание се молеа вака: Каков е нашиот живот? Навистина - како цвет и чад и утринска роса. Навистина, дојдете да погледнеме во гробовите отворено: кај е телесната убавина? Кај е младоста? Кај се очите? Кај е телесниот изглед? Се овена како трева, се се уништи. Со солзи дојдете да се приклониме кон Христа.
Не дочекав и јас да бидам таму на овој ден, кога ти ќе легнуваш со телото во гробот. Тоа ми беше големо желание но ете, животите наши не растргнаа на различни страни. Горчината на животот ја почувствував во својот живот, но ја почувствува и ти. Твојот син го промаши својот живот, растури се, не раздели, и од себе направи да биде идиот, но тука ниту ти не можеше ништо да сториш. Сите имаме слободна волја и тој избра да живее живот каков што нему му е пријатен, без да размислува да оние околу него.
Јас одамна заминав за САД, но тебе секогаш те носев во своето срце, на секоја литургија се молев за тебе, а од сега ќе те спомнувам во упокоените. Дали порано или подoцна, ова ќе се случеше зашто еден ден сите ќе издивнеме, но реалноста дека јас не сум таму, ме ранува.
Ми недостигаа и ќе ми не негостигаат твоите прегратки. Колку уживав кога на зимо те посетував, често ќе заспиев на твојот кревет, а ти со часеви седеше на столот и чекаше да се разбудам. Срцето ми се радуваше кога беше присутен на промоциите на моите книги и се радуваше со мене. Ти пред мене не ја искажуваше толку твојата радост за мене, но знам дека се радуваше, а истото денес оние кои те познаваа, ми го говорат тоа. Нашата разделба беше во 2013. Минатата година кога те посетив, ти веќе не ме познаваше. Тоа многу ми го рануваше срцето. Кога заминав од кај тебе ни самиот не знам колку плачев, а плачам и сега, кога го пишувам ова. Солзите понекогаш се полезни зашто се единствена утеха, по Божјата. Ја молам и Пресветата да ја ублажи мојата болка, но уште повеќе ја молам да Таа, Царицата Небесна, да го моли Троичниот Бог да ја насели твојата душа кај праведните. Денес, Мама ми дава утешение зашто ти ќе легнеш во гробот денес, на Нејзиниот празник – Воведение во храмот на Пресвета Богородица. Јас многу ја сакам Пресветата и знам дека Таа може многу да направи за нас. Друга и голема утеха ми се Светите Христови Тајни кои ги примив денес, на овој празник.
Што друго да ти кажам? Не можев лично, ниту пак телесно да бидам таму, но тоа толку не е важно колку што се важни молитвите. Јас ќе го молам Бога да дојде времето да се видиме и двајцата онаму. Овде, кратковечни сме сите по живот, но во другиот свет ќе биде поинаку Затоа Христос дојде и воскресна, за да ни отвори пат и да ни каже дека има воскресение и за нас, за тебе, за мене… 


     Љубовта е силна како смрт. Ти до твојата смрт ме љубеше. Дури и во последните две-три години кога не ме познаваше, знаеше дека имаш внук кој што студира во САД и се уште го чекаш (е) да се врати и да те види. И мојата љубов кон тебе ќе ја носам и однесам во својот гроб кога и јас ќе издивнам. Прости ми што не сум таму, што не те прегрнав, бакнав… Ако не друго, барем нека сведочат занавек овие зборови и истите ќе ги понесеш со себе, во гробот, во вечноста.
Ти пишувам од далеку, од Калифорнија, далеку преку океанот, и преку континентот. Овде утехата ми ја дава океанот. Сам сум, ги немам своите овде, освен солзите. Sвукот и брановите ми говорат дека “навистина се е како што е напишано во повелбата на Бога,” и на сите новопретставени им дава покој.
Ќе ми недостигаш многу. Не знам како да ти го кажам тоа. Малиот Стојан е овде, а големиот веќе ќе го нема. Ако навратам во Куманово, домот ќе биде еден спомен за мене во кој те наоѓав, а сега? Сега ќе биде пуст без тебе, а не знам дали ќе имам смелост да влезам во него кога ќе се вратам зашто спомените уште една рана ќе ми отворат. Но ќе го сторам тоа зашто спомените ми остануваат како единствена утеха за тебе. Во длабока старост Господ ја зема Твојата душа. Ќе биде чудо доколку ние, разгалените и острастените ги доживееме тие години. Која животна слабост останува без жалост? Секој ден, драг дедо, Бог уште повеќе ми покажува и ме учи да мислам на духовното зашто тоа не може да се спореди до земното, со страсната приврзаност, вревата, привременото… Сите сме предадени на распаѓање зашто соединети сме со смртта, но јас од тоа не се плашам зашто тоа распаѓање е за наше ново раѓање и воскресение на нашите души и тела. Чудно и несфатливо за мене е од далечина да се верува дека ова се случува, дека повеќе нема да те видам на овој свет. Ја мразам разделбата од далечина, но морам да ја прифатам. Единствена надеж ми е Христос, Црквата и молитвите со кои ќе се молам за твојата душа. Не сакам да ти кажам збогум, но морам.
Мил мој дедо, од далеку те гушкам. Ти сега легни во гробот и спиј до Второто доаѓање Христово. Јас нема да престанам да се молам за тебе. Човечки е да тагувам, но знам и верувм дека еден ден повторно ќе се сретнеме во другиот свет и таму ќе те гушнам. Сега морам да ги оставам созлите да се леат зашто така си спомнувам и се потсеќам на спомените за тебе. За мене е тешко да верувам дека повеќе нема да те видам повеѓу живите, но се покорувам на Божјата волја кој што посака да ја земе твојата душа. Твојата насмевка никогаш нема да ја заборавам. Ќе тагувам по неа, но барем ќе остане да живее во моите спомени.
Почивај, драг мој! Одмори се зашто се исполни времето твое. Милостивиот и милиот Христос да ти подари живот вечен. Ја молам Пресветата, на овој Нејзин празник и тебе да те воведе во храмот, во тие рајски населби. Нема ништо случајно. Легнуваш во гробот, на празникот на Нејзиното Воведение. Почивај, почивај драг дедо.
            Секогаш ќе те сакам!
                      Твојот внук, малиот Стојан...



Господи Исусе Христе, упокој ја душата на новопрествавениот Стојан!
       Затоа, Христе Боже, починатиот раб Твој упокој го како Човекољубец!


          По застапништвото на Пресветата, на чиј празник ти легна во гробот 






















Wednesday, September 2, 2015

Избор






Еден ден кога веќе нема да бидеш на оваа земја и кога ќе треба да се сретнеш со Творецот, Тој нема да те праша  “зошто не живееше како мене или Зошто не живееше како Мојсеј или како Робин Шарма?” Тој ќе те праша-Зошто не го живееше животот што требаше да го живееш?
Токму поради тоа, твоја морална обврска е да го победиш стравот!
Јас го победив својот страв. Одлучив да го живеам својот живот. Чекав, набљудував, слушав, учев...И ги одредив сопствените гледишта. Ги одмерив своите можности. Потоа без страв и со страст предаден на својата визија, ја донесов одлуката-денес ќе тргнам и нема да се вратам назад. 
Семоќниот има способност да направи чуда во твојот живот. Тој во тебе има всадено визија-да продолжиш.
Да чекаш, да се сомневаш, да бидеш неодлучен значи да не му се покоруваш на Бога.
Влегов со насмевка во мојот нов почеток, мојата нова пролет. Животната сила што тече во моите вени ме натера да одам нагоре и напред, подготвувајќи се за мојот успех. Долго во својот живот, уште од детството се соочував со препреки од оној облик- дали знаеш каде се наоѓаш? знаеш ли што си? Ти си необразован, ти си сиромашен. 
Ниедно од овие прашања не ме вознемируваше, единствено вистинско прашање за мене беше-дали знам каде сум се упатил? Реков-да, знам каде одам-пловам кон новиот свет. Јас имам одлучно срце. Бог ме надарил со здрав ум за да собирам сознанија и храброст да донесувам одлуки-наспроти другите кои за да донесат одлука за својот живот изјавуваат дека го чекаат Господ, јас сфаќам дека во повеќето случаи Господ ме чекал мене.
Прифаќајќи го моето минато, станав слободен да можам да напредувам кон посветлата иднина што ја избрав. Не се плашев да го следам својот сон.
Соништата со векови се користени  на луѓето да им се дадат упатства и правци. Бог ги употребуваше своите соништа за да го подготви Јосиф за неговата идна улога на водач на еден народ. На сон му го пушти планот за битката со Гедеон.
Јованка Орлеанка, Јаков, Џорџ Вашингтон, Марија Кири и апостол Павле-сите беа водени од своите соништа.
Со ова сваќање и сознание јас го пуштив првиот чекор кон мојот живот, кон мојот успех, кон мојот сон, оставајќи го моето минато зад себе- направив мојот живот да биде факт, а не правдање.
Почетокот и крајот-и двете точки на патувањето бараат вложување на многу страст. Страста која јас ја имам во срцето ми помага да го остварам мојот сон и да ги поминам непремостливите пречки.
Еден мудрец рекол: Патувањето од илјада милји започнува со еден чекор.
Станав свесен дека моите стапала долго биле во предизвик, влечејќи се лево и десно, некогаш повеќе назад отколку напред додека моето срце се рамнеше со ветрот. Меѓутоа, спознавајќи ја вистината на мудрецот го преземав мојот прв сигурен чекор-станав незапирлив.
Критиките и жалопојките ги однесе ветрот. Никогаш повеќе нема да чекорам назад и да се враќам во пристаништето на минатото.
Јас го открив своето победничко срце за кое можеби и незнаев дека живее во мене, го открив новиот Јас кој е способен да ги води луѓето кон нови светови-ја открив величенственоста. И научив дека најважно од се е да се запамети дека животот сам по себе е привилегија и треба исполнето да се живее-тоа е избор.
Благодарноста исто така е избор. Во минатото честопати ме обесхрабруваа одредени ситуации, но потоа направив споредба на условите во мојот живот со условите на други помалку среќни луѓе. И тогаш, мојот благороден дух го растера очајувањето како што ветрот ја расчистува загаденоста на воздухот. Често пати се молев како просјак и секогаш барајќи повеќе од другите, но потоа сфатив дека Бог ме надарил со многу таленти. Затоа никогаш повеќе нема да дозволам во моето благородно срце да се вкоренат ‘ркулци на очајот.
Научив да бидам благодарен за тоа што можам да гледам, да слушам и да дишам. И да се воодушевувам на убавите работи што животот ги носи. Открив дека одушевувањето е горивото што го движи светот. Мене ми претстои иднина, го поминав најлошиот период во мојот живот- ова е вистина во ограничен и себичен поглед. Јас ја извојував најупорната битка  во животот Ми се даде можност да се усовршувам и не ги запоставив моите должности. Бог бара од мене да се молам и да ги исполнувам моите должности а не да се молам и да чекам. Тој ги слуша моите молитви од каде и да доаѓаат. Досегнувањето кон Бога е можно само како индивидуален потфат, како лична авантура на поединецот. Длабоката вистина се состои во тоа дека животот не е бесмислен и апсурден туку дека понекогаш човекот се наоѓа во бесмислена состојба. Светот на смислата и слободата се открива во духовното искуство кое современите егзистенцијалисти го негираат. Потребно е да се види апсурдноста и бесмисленоста на светот во којшто живееме
 И воедно да се верува во духот со кој е поврзана слободата и смислата која ја победува бесмисленоста и преобразува. Нема ништо повисоко над потрагата по Вистината и љубовта кон неа. Интегралната, целовита вистина е Бог и спознавањето на Вистината значи влез во боженствениот живот. Луѓето пак секогаш се сомневаат и порекнуваат бидејќи нема гаранција за постоење на Бог. Бог не присилува на сопствено признавање како што тоа го прават материјалните предмети. Тој е свртен кон човековата слобода. Бог се раѓа во човекот и човекот со тоа се воздигнува и се обогатува. Никогаш слободата не се остварува со насилство, братството преку омразата ниту преку крвави раздори-‘рѓавите средства трујат. Есента на револуцијата никогаш не личи на нејзината пролет. 
На човечкиот род, освен на некои исклучоци му недостига вербата со која се постигнуваат величенствени нешта.
Мене мојата верба не ми дозволи да станам слабак и животните ситуации да владеат над мене. Разликите меѓу луѓето кога се во очај е тоа што некои луѓе дозволуваат секоја ситуација да ги сруши. Јас пак ги прифатив сите несреќни случки како поуки за да стекнам нови сознанија и мудрост за да досегнам кон посветла иднина.  Сфатив дека добив се што ми е потребно, дека не сум сам и дека никогаш нема да имам причина да ја изгубам вербата. Бог ми подари извонредна сила на мудрост и слободна волја да посеам мудрост  во мојот живот и да не ја занемарам оваа моќ за да не ја загубам иднината засекогаш.  
Станав посилен од мнозинството луѓе бидејќи внесов промени во својот живот што ќе траат засекогаш. 
 И запомнив: *Морнарот кој со страв ја гледа бурата на морето и ги фрла веслата, секогаш ќе се изгуби во морето, но мудрецот секогаш ќе го има на ум светилникот*

Бог, секако ги знаел намерите што ги има за мене кои ќе ме унапредуваат и ќе ми дадат надеж во иднината. Наградата за вербата е исполнувањето на иднината во која верував.




Tuesday, August 4, 2015

Исповеданието на Мартин Лутер за Православната вера



Во Јули, 1519, Мартин Лутер, основачот на Реформациите кој што најпосле го создаде она кое денес го нарекуваме протестантски цркви, се втурна во дебата со познатиот римокатолички апологет Јохан Ек во Лаипциг.
Ек бил папист, што значи бил благонаклонет и се залагал за догмата на римокатоличката црква, за првенството на папата врз сета Црква, догма која што била непозната на Раната Црква и никогаш не била прифатена од Православната Црква. Исто така, и Мартин Лутер бил против оваа догма, но за сосема различни причини. Како млад римокатолички монах, Лутер ставил под знак прашање неколку важни точки од Римокатоличките догми, вклучително и оние за индулгенциите, чиштилиштето и секако, папското првенство. За жал, единствена догма на која Лутер не се спротиставил била (за нас Православните) најпогрешна од сите, т.н. Филиокве, или происходот на Светиот Дух од Отецот и Синот, (наспроти Православното исповедање за происходот на Светиот Дух од Отецот), а која што тој ја прифатил и дури ја вклучил во неговото исповедање на верата, како она во Исповеданието од Аугсбург.
Дебатата помеѓу Лутер и Ек била сосредочена на многу вакви теми, особено за папскиот примат. Кога Ек аргументирал дека полнотата на Христијанската Црква се наоѓа во Рим под власта на папата, Лутер направил нешто кое што денес ќе ги изненади Евангелистите [и сите протестaнтските групи] и Православните. Тој се повикал на Православната Црква, како пример на вистинско Христијанство која постои веќе со векови. Тој, навистина се држел и повикувал на Православната Црква како извор на вистината за да покаже дека римокатоличката црква се отклонила од принципите на Раната Црква. Дури и Протоерејот Јосија Тренхам, во својата последна книга “Камен и песок,” го цитирал Лутер, говорејќи: “Вистината лежи со Грците” (односно со Православните).
За жал, и покрај оние неколку учтиви и пристојни размени помеѓу Православната Црква и  протестантските реформатори во подоцнежните децении, истите не биле спремни да се одречат од бројните иновации во верата кои што биле воведени во времето на реформацијата. Она кое е уште повеќе трагично е фактот дека самите реформи дале право на протестантите да ја толкуваат Библијата и верата на начин на кој што ним им одговара и со тоа отворија пат за безброј поделби меѓу протестантите. Заради ова, денес гледаме бескрајна листа на протестантски цркви како Лутеранската, Баптистичка и останатите во нашето општество. И покрај тоа што истите се појавиле во 16 век, реформациите кои што биле предводени од Мартин Лутер, безнадежно се поделени заради верата. Всушност, денес многу истакнати протестантски цркви (ќе) го сметаат Мартин Лутер за еретик или барем за погрешен водач затоа што тој се залагал за нешта како причестување со Телото и Крвта Христови, девственоста на Богородица и чистиот пример на светиите на Црквата. Повеќето современи протестанти никогаш не слушнале вакво учење на нивните собири.
Жалната иронија овде е дека Мартин Лутер се побунил против папскиот примат и всушност тој ја видел вистината на Светото Православние, но за жал, Лутер одлучил да ги направи сите папи [со други зборови, независни пастори и лидери] со тоа што истото тоа довело до уште поголема поделеност и конфузија.
За нас православните, едноставното прашање е доколку Мартин Лутер ја видел вистината на Светото Православие, би требало ли ние да бидеме под влијание на протестантизмот во работи како протестантски стил на музика и уметност? Или би требало ли да споделиме повеќе од вистината на Православнието со нашите жедни протестански браќа и сестри? Јас апсолутно верувам дека можно е уште еднаш да се има почитувачки дијалог со овие искрени добродушни луѓе кои што се жедни за вистината, но за да се направи тоа, ние, мораме да го разбереме нашиот идентитет како православни христијани, членови на Црквата која што го поседува преемството на Апостолската вера и полнотата на вистината.


Отец Мојсеј Саман
Преведено од англиски, АНДОВ

Без дозвола на преведувачот, 

овој текст не смее да се копира и објавува



Дополнување и забелешки на преведувачот:
Интересна статија за Мартин Лутер, кој по неговите реформи се појави протестантизмот.
Ова ме потсети да размислувам на ситуацијата во Америка. Почнал некој да ја чита Библијата и мисли дека може да биде пастор а по некој месец еве ти го на бина. Неодамна додека летав за Сан Франциско, седев до еден млад дечко, протестант. Дискутиравме три часа. Истиот тој од што често одел на тие протестантски собири, нивните "старци" го направиле да биде еден од нивните ученици и сега секоја недела тој им ја толкува Библијата на членовите од неговата заедница. За Апостолско преемство? Подобро да не почнам да пишувам. Како и да е, оваа статија добро објаснува (не многу, но доволно за да се разбере) што е протестантизмот. Секако, јас немам ништо против оние кои се членови на тие нивни протестантски собири, но сите треба да знаеме од каде се корењата на Црквата Христова. Не може секој да се чини како што сака или да создава христијанска заедница како што би кажале тие, "Светиот Дух говори во нас." Ме ранува кога гледам што се случува во светот. Згора на тоа, младиот дечко за кој што погоре напишав, неговата христијанска заедница го плаќа "дебело" за да ја толкува Библијата и да дели флаери по куќите. Но што да се чини, нели многумина извикуваат "Господи, Господи," но...

 Бог да не научи на љубов, за ние да се прибереме во ЕДНАТА, СВЕТА, СОБОРНА И АПОСТОЛСКА ЦРКВА. Амин!











Wednesday, July 1, 2015

ТОГАШ И ЈАС ЌЕ ОДАМ СО НИВ ВО КУЈНА!

Јули 27, 2014
во салата на Катедралната Црква
“Радост на сите ожалостени”



( Сите права се задржани од преведувачот и авторот.
 Без негова дозвола не смее да се копира или објавува на друго место овој текст! )





Сеќавања на Николај Лукијанов за
Свети Јован Шангајски и Сан Франциски







Како владика Петар, така и неговиот постар брат, Николај Лукијанов биле удостоени да го познаваат св. Јован и да црпи поученија од неговиот свет живот. Летото 2014то, додека бев во Сан Франциско, се сретнував со живите сведоци на св. Јован. На 21 Јули, 2014 Бог отвори пат да отидам во манастирот Св. Герман Аљаскикнски во Платина, каде што е гробот на отец Серафим Роуз. Претходно, имав силно желание да отидам, но немав можност затоа што дистанцата од Сан Франциско е голема. Отец Петар, кој што е свештеник во Катедралната црква посветена на Пресвета Богородица-Радост на Сите Ожалостени, знаеше за мојата желба. Во неделата на 20ти Јули, свештенодејствуваше божествена литургија со еден свештеник од Русија, отец Андреј, кој беше дојден да се поклони на светијовановите нетлени мошти. По литургијата, отец Петар се обрати кон народот и праша дали некој е со план да оди во Платина, или пак благоизволува, да го однесе гостинот од Русија на еден ден за да го посети манастирот и да се поклони на гробот на отец Серафим. Јас кога го слушнав ова, му реков на отец Петар доколку не најдат некого, можеме да рентаме автомобил и јас ќе го однесам. Истиот ден, попладне, отец Петар ми кажа дека Николај Лукијанов ќе го однесе и доколку сакам да одам со нив, да го прашам. Со нетрпение поитав во храмот, долу во салата каде што Николај се наоѓаше. Тогаш за прв пат го запознав и го прашав дали може и јас со нив да отидам. Добив потврден одговор.
Утредента, пред да тргнеме, додека се уште бев во соба, помислив дали тој го познавал св. Јован зашто отец Петар ми кажа дека тој му е брат на владика Петар кој што пак му беше ќелијник на св. Јован одредено време. Пред да тргнеме, го прашав на што тој ми рече: “О да, многу добро го познавав св. Јован.” Многу се израдував и му реков дека сакам да ми раскаже повеќе за своето искуство со владиката. Патем и отец Андреј му го постави истото прашаше и додека патувавме во автомобилот, со часеви тој ни раскажуваше за големиот чудотворец од нашите времиња, св. Јован.
Николај Лукијанов потекнува од семејство кое многу добро го познаваа св. Јован уште од Шангај и потоа во Сан Франциско. По падот на царска Русија и со завладувањето на комунизмот, неговите родители биле принудени да имигригаат во Шангај каде што беше создадена бројна руска колонија на емигранти. Роден е во Шангај, а кога неговото семејство се пресели од таму во Сан Франциско, тој беше на возраст од 5 години а кога св. Јован се упокои, Николај имал 26 години. Во Сан Франциско дошол со неговото семејство во неговата шест годишна возраст. Тој и неговото семејство беа една од групите кои не живееле на Тубабао, туку веднаш дошле во САД. Оние кои не можеле да дојдат, мораа да се евакуираат на Тубабао.
Тоа 2014 Лето Господови, по раната литургија1 се спуштивме долу, во салата каде што тој несебично одвои од своето време за да ги сподели своите спомени и сеќавања од владика Јован со македонскиот народ. Разговаравме долго и од неговата уста слушнав многу лични доживувања. Овие се дел од оние кои сметав дека треба да бидат објавени.
Долги години тој бил староста2 во катедралниот храм како и денес и тогаш, за време на неговата позиција во храмот, секоја недела пристигнувале многу писма, адресирани за св. Јован, за истите да бидат ставени под неговиот кивот. Едно од нив било од еден осуденик од затвор од Аризона:
Николај: Пред десет години примивме писмо во црквата, адресирано за св. Јован. Всушност, секоја недела стигнуваа многу писма, дваесет до триесет, дури и денес. Кога јас бев староста, доколку писмото беше адресирано до црквата, јас го отварав и го читав, а ако пак писмото беше адресирано до св. Јован, го отварав затоа што понекогаш луѓето испраќаат пари или имиња за молебен или за на проскомидија и ги вадам од плико. Но доколку во нив имаше лист со писмо, никогаш не го читав, туку го ставав под кивотот со моштите. Знаеш, долу под кивотот има простор каде што луѓето останаат записички3 и писма.
Едно писмо кое што пристигна, беше адресирано до владика Јован, така да не го читав, но што задржав беше пликото затоа што адресата од каде што беше испратено беше од затворот од Аризона со името на затвореникот и затворскиот број и ознака која означуваше дека тој затвореник наскоро ќе биде осуден на смрт. Сè беше во зависност кога ќе одлучат во судот. Понекогаш тој процес е дваесет до триесет години, барем во Калифорнија, колку што знам. Подоцна го прашав својот син да го побара тој затвореник на интернет и да види што се случува. Овој човек бил осуден за многу страшно злосторство: едно во Лос Анџелес и друго во Аризона каде што наводно се нашол виновен за измачување на две деца, машко и женско. Не знам точни детали. И потоа кога следниот пат повторно гледавме на интернет, неговиот случај бил обновен затоа што се појавиле нови докази од сведоци дека тој бил на некое друго место кога се случило злосторството. Очигледно кога ќе го најдат виновникот, многу луѓе се задоволни затоа што правдата е задоволена, но во овој случај ова се случи. Понатаму не знам.
Тој е православен – го прашав.
Николај: “Не, колку што знам не е православен, но напиша и испрати писмо на св. Јован.
Понатаму, кога се возевме со владика во автомобил, или го возевме, често му поставувавме различни прашања. Едно од нив кое го прашувавме повеќе пати беше: каква е иднината на Русија. Значи зборувам во времето 1955-1960, шеесет години наназад. До денес многу јасно ги паметам неговите зборови: 'Доколку Русија се покае и се врати кон православните корени, таа ќе востане во поголема слава од што била'.
Јас лично не сум го видел да седне и да чита весник или да гледа телевизија, но секогаш знаеше што се случува. Не велам дека не читал. Веројатно читал понекогаш, кога имал време, но јас го немав видено. Не се сеќавам да сум го видел надвор од црквата, освен да се моли, да посетува болни, на состаноци, или да биде со луѓе луѓе кои доаѓаа да го посетат. Овие се пет работи кои тој ги чинеше. Не се сеќавам да отишол на Russian River4 да одмори на неколку дена и сл.
С.А: Кога зборувавме, во автомобилот, вие рековте дека Св. Јован се упокои на седумдесет годишна возраст. До тогаш, никогаш не сум го виделе да одмара и сл?
Николај: Тоа е апсолутно вистина. Понекогаш сакам и јас да одморам, напијам една чашка вино, да се опуштам, гледам телевизија. Јас никогаш не го видов едно од овие нешта да ги прави. Дури е секој ден со состаноци, примање луѓе, јас би бил екстремно изморен. Нешто малку кога правам овде, се уморувам. Сето тоа за него беше човечка издржливост5, за она што можеше да го прави, дури и не спиеше во кревет. Поинаку не знам како кажам. Тоа е нeприродно- да се откажеш од тоа, да се победи себе си6 и да рече: 'ќе го сторам тоа'.
С.А: Неколку пати слушнав од луѓе кои зборуваат дека св. Јован со тоа што не носел обувки, бил јуродив, што тоа не е вистина. Вашиот брат, епископот Петар минатата година во Западна Вирџинија во манастирот на Светиот Крст го потврди истото. Прво, Св. Јован никогаш не спиел на кревет и заради тоа му се појавија проблеми на нозете, а не затоа што намеруваше да биде јуродив.
Николај: Апсолутно не. Тој како владика навистина го задржа својот ранг високо. Тој го почитуваше тој ранг и очекуваше останатите исто така да го почитуваат. Не се работеше на лично “јас”, туку за архиерејскиот ранг. Понекогаш луѓето тоа не го разбираат. Владика беше долу на земјата, обичен, едноставен7, и никогаш не прашуваше или бараше нешто посебно да јаде и сл. Едно нешто на кое се сеќавам, специјално кое што Владика побара беше топол чај. Ова е нешто кое не можев да го разберам: ќе побараше голема чашка чај, и беше премногу топол8. Но никогаш не рече 'сакам ова или сакам она'. Никогаш.
С.А: Вие прислужувавте во олтар со св. Јован често. Тој по литургија не зборувал веднаш, туку подоцна, по некое време. Може ли повеќе да ми кажете за ова?
Николај: Тој беше како во пламен. Му требаше да се смири, да се олади, ако може така да се изразам. Буквално cool off. Тој беше така многу во постојана молитва како...знаеш како малите деца кои седат во некој агол и не гледаат никого наоколу, занесени во својата детинетост. Исто беше со Владика. Кога тој се молеше, беше неверојатно да го видиш, но по литургијата, особено на крајот, му требаше време да се “олади” пред да го продолжи денот. Знаеш дека по литургијата не му приоѓаш и да го прашаш нешто. Ние кои прислужувавме, тоа го знаевме. Тоа беше неговиот начин на соземање9. Потатаму ќе се поклони и целива различни икони и по десет – петнаесет минути ќе го видиш како е, најдобро да се опише, “оладен”. Тој беше толку фокусиран и оддаден на литургијата, што отпосле му требаше време.
С.А: Потполно верувам во ова. Исто така, како прислужник во олтар, еднаш ми кажавте една интересна ситуација за време на ручеците по литургијата кога Св. Јован нема да седне се додека за вас не направат место.
Николај: О да, кога и да одевме на некој престолен празник10 во некој храм, ние како прислужници го придружувавме, како на пример во Сакраменто, Лос Анџелес, каде и да одеше. Три -четворица од нас одевме со него и типично на крајот на литургијата имаше пријом11 и секако, масите беа наместени и владиката пред да седне ќе прашаше и ќе погледнеше кое место беше за нас. Обично за нас немаше место и тој ќе стоеше сè додека некој не го прашеше: 'зошто не седнете? Тогаш владика ќе прашаше:' 'каде се јадат моите прислужници?'. Тие ќе му одговореа 'во кујна, во кујна.' Тој ќе им речеше: 'Тогаш и јас ќе одам со нив во кујна'. Ние уживавме во тоа и се правевме малку важни пред останатите. Тогаш сите ќе се растрчеа и ќе направеа место и за нас.
С.А: Владика, навистина немало за некој за кој што не се грижел. Исто така, дали знаете некоја посебна причина зошто св. Јован кога проповедал, секогаш прислужниците стоеле околу него?
Николај: За да го слушаат и бидат внимателни. Инаку ќе зборуваат во олтар и нема да се фокусираат на проповедта.
Исто така и Владика беше човек. Тој ја разбираше нашата младост и ни дозволуваше да се забавуваме. Многу пати во куќата св. Тихон каде што беше пријутот12 си правевме вечеринки. Дури Владика ни даваше негови пари за да купиме чипс и кока кола. Тој знаеше дека имавме игранка, но се додека беше петок, никако во саботи. Во сабота треба да бидеш во црква на бдение, или доколку во сабота беше некој празник, секако во петок бевме во црква. Но во обични петоци, знаеше дека долу имаше музика а тој беше горе. Нормално гледавме музиката да не биде гласна.
Владика сакаше да зборува со луѓето, но никогаш не сакаше да слушне озборувања на еден против друг. Доколку некој ќе дојдеше кај него и ќе му речеше што тој рекол против другиот и другиот против него, тогаш нема да те сослуша, туку и двајцата во исто време. Затоа што му кажуваш што ти си сторил и што другиот. Значи никако озборување.”





Работи добро, ова е моја соба!
Неодамна му кажував на еден од моите добри пријатели, со кој ги правевме оние училници под Соборот, за Усипалницата13. Усипалницата требаше да биде магацинска просторија. Знаеш каде се наоѓа, во најпоследното и најдолното место од храмот. Дури и личи на соба за магацин. Јас требаше од овде14, да срушам дел од ѕидот за да направам тунел каде што ќе може воздух да оди во таа просторија. Беше сабота и јас работев, рушејќи го ѕидот за да однесам воздух долу, во таа просторија. Целиот бев валкан и прашлив од рушењето на ѕидот, испотен и каков уште не. Значи, светло таму немаше, може ние донесовме едно за да се гледа додека работев. Владика дојде долу и...можеш да замислиш во каква состојба бев: испотен, темно, задушливо, уморен- сето ова и тој доаѓа. Значи, за да го разбереш Владика, мораш да се навикнеш зашто кога зборува, доколку не го следиш внимателно, не можеш се да го разбереш.
Владика дојде долу, и ми рече: 'Работи добро, ова е моја соба!' Прво, бев валкан, уморен, прашлив и веројатно жеднеев за вода и знаеш, Владика ми го кажува ова. Но тоа беше она кое го слушнал од него: 'Работај хорошо, ета моја комната.' “ Тоа беше истата година кога Владика се упокои. Послем тоа дојдов дома и ѝ реков на сопругата: 'не знам што ми рече Владика, т.е. што сакаше да каже со тоа.'
Сан Франциско нема гробишта. Не може да се погребуваат луѓе во градот. Последните гробишта беа, знаеш на Гери, надолу кога одиш кон центар. Денес таму е изградено мини трговски центар. Целиот тој дел беше гробишта наоколку. Се сеќавам кога останките на упокоените ги вадеа. Тогаш имав десет години. Тоа беше во 1950, отприлика тој период. Беше една од последните гробишта во Сан Франциско, од каде што ги вадеа останките. По ова, се градеа куќи и овие големи продавници. Целиот тој регион наоколу беше гробишта. По ова, веќе нема погребување во Сан Франциско.
Владика се упокои во сабота и во недела го донесовме овде. Во понеделникот и вторникот го сменивме државниот закон на Калифорнија и законот на градот. Значи законот на две: на државата и на градот што незамисливо и невидено е такво нешто да се направи за два дена. Едноставно невозможно е, но успеавме тоа да го направиме. Така телото на Владика беше во ковчег, а тој ковчег беше положен во тој “магацин” во бетонска кутија (ложа или саркофак). Тоа денес што го гледаш долу е бетонска кутија, а ковчегот беше положен во него. Но чудото е што две, државниот и градскиот, во два дена, закон беше сменет што е... сум работел на проекти и за да ми го одобрат ми одземало понекогаш две до три години. Јас завршив инжинерство и Владика ме стави да бидам дел од строителството15 на овој храм.”
С.А: Можете ли да ми раскажете за настанот кога пред да се упокои св. Јован и се јави на вашата сопруга?
Николај: “О да, секако. Беше петок вечер, 1ви Јули. Ние живееме околу еден час возење со автомобил од градот. Тој петок навечер, Владика се јави по телефон, не знам точно во колку часот. Да речеме беше околу шест попладне. Требаше да одиме некаде и малку доцневме со времето. Јас одговорив на телефон и прв зборував со Владика околу две до три минути и тој побара да зборува со мојата сопруга. Тој навистина многу ја љубеше мојата сопруга. Таа зборуваше со него и јас продолжив да и давам знаци дека треба да одиме. 'ајде завршувај, мора да одиме, доцниме.' Таа зборуваше со него околу шест, седум, може осум минути, не се сеќавам точно. Но убаво се сеќавам дека и давав знаци дека доцниме и треба да одиме. Следниот ден, тој се упокои. Тоа беше период кога мојата сопруга имаше некои болесни искушенија. Владика секогаш се интересираше за луѓето.
О да, друга работа која сакав да ти кажам е кога Владика Јован ќе дојдеше во руското училиште, особено на испитите по предметот “Закон Божји” [катихизис]. Она кое тој го очекуваше на испитите беше секој да го знае житието на својот покровител. Ако јас сум Николај, требаше да го знам житието на св. Николај Мирликијски, или мојата сопруга Валентина-житието на нејзината покровителка. Не беше толку заинтересиран за испитот, колку за децата да го знаат житието на својот заштитник. За Владика беше важно да знаеш по кој светител ти беше именуван и зошто тој е светител.”
С.А: Кога св. Јован се упокои, вие имавте дваесет и шест години. Дали тој Ве венчаше?
Николај: Тој го благослови нашиот брак, но не не венча. Пред да се венчаме, бевме кај него во канцеларија, т.е. во неговата ќелија во св. Тихон каде што прво чекавме во ред до еден на полноќ од толку многу луѓе, па не прими и разговаравме. Следниот ден мојата сопруга требаше да стане рано за на работа, а ние додека да си дојдеме дома беше многу доцна, но вредеше тоа што чекавме до доцна. Чекаш ли чекаш со часеви и гледаш десет луѓе пред тебе, но кога еднаш ќе дојдеш на ред и ќе влезеш кај него, поинаку се чувствуваш. Владика го крсти мојот најстар син, Петар. Познавам и други кои тој ги има крстено, како Миша Бордиков, Борис Масенкоф, синот на мојот најстар брат. Овие се четворица за кои знам, а уверен сум дека има уште многу други кои ги крстил. Владика секогаш се грижеше, особено за децата.
За ова јас не сум сведок, но ми имаат кажано, во Шангај, за време на бомбандирањето, Владика ќе оди во црква и луѓето ќе му кажат: 'Владика, опасно е да одиш во црква, има бомбандирање.' Владика одговори: 'Никој и никогаш не умрел одејќи во црква'16. Бомби ќе паѓаат, а тој ќе оди во црква. За него, беше толку јасно и немаше прашање 'има ли Господ', 'има ли светител'. Беше надвор од сето тоа. Дури и со својот личен пример, ти знаеше, ние знаевме, сите ние знаевме, не само јас дека тој беше светител. Немаше потреба да ти кажам дека ќе одиш да сретнеш светител17 додека се уште беше жив. Ќе дојдеш овде, ние ќе седиме овде и Владика. И знаеш дека со светител си овде – ете, така ти би рекол или некој друг доколку би се нашол во неговото присуство. Сите тоа го знаеја. Но, како што реков претходно, имаше и луѓе кои беа против него. Последното собрание кои го имавме за време на градењето на црквата, имавме доста проблеми. Денес, кога имаме годишно собрание, обично сме околу педесетина. Тогаш моравме да рентаме сала која е недалеку од црквата или подоцна во училиштето “Џорџ Вашингтон” каде што завршив средно. Имавме седумстотини до осумстотини луѓе кои дојдоа на тоа годишно собрание. Значи тоа беше време кога се појавија проблемите со градбата на храмот и луѓето се поделија на две групи. Тогаш сите ние ги броевме колкумина беа од наша страна, а колкумина беа од другата и беа против. Еден од нас ќе речеше: 'колкумина имаме? О, 350, а другите имаат 400. Значи мораме да најдеме повеќе.' Значи имаше толку многу луѓе, што моравме да го рентаме тој аудиториум. И последниот пат кога Владика дојде, некогаш не сум го видел да неговите раце му се тресат. Тој беше толку многу вознемирен (растревожен) од сето тоа што се случуваше и што луѓето го чинеа, што неговите раце му се тресеа. Никогаш го немав видено во таква состојба. Тоа беше последно собрание кои го имавме.
Во тој период, тој беше под голем притисок од овие проблеми, дури беше даден на суд. Но она кое сакав да го кажав овде е што повеќе луѓе го подржуваа до крајот на сиот спор. Имаше група која беше против него. Како што реков, ние дури ќе броевме колку луѓе се од спротивната страна и колкумина се на наша страна. Значи толку голем проблем се беше појавил.

С.А: Во една прилика спомнавте кога во Шангај било бомбандирањето, ниту една бомба не падна врз еден од храмовите или врз него.
Николај: Значи Шангај беше бомбандиран, но ниедна од тие бомби не падна врз него. Наоколку секаде ќе беше бомбандирано, на пример од спротивната страна на катедралната црква. Владика не стравуваше да оди од еден крај на друг, дури и покрај тоа што бомби паѓаа насекаде.
С.А: Децата од сиропиталиштето св. Тихон често доаѓаа во вашиот дом?
Николај: О да, тогаш ние живеевме на два блока од црквата, а детскиот дом беше на 15та авенија на улицата Балбоа. Тие често доаѓаа, спиеја и јадеа кај нас и ние како деца одевме таму. Владика, еднаш во месецот или на два месеци ќе дојдеше кај нас и ќе имаше вечера со моите родители.
Понатаму, кога некоја жена ќе дојдеше нашминкана во црква, Владика нема да и се развика, туку со љубов ќе ја поучи. На пример, на Велики Петок кога се изнесува плаштаницата, ние ќе застаневме од страна со салфетки, делејќи им пред да пристапат, или на причастие. Прво, со тоа не покажуваат респект и дел од карминот ќе им остане на лажицата со која причестуваат свештенослужителите. Понекогаш, тој ќе излезе од олтарот за време на службата и ќе им каже на хорот: 'пеете премногу оперски. Тоа не е начинот на кој што треба да се чини.' Или, како што мојот брат научи од него: пред Евхаристија, кога ќе излезе на амвонот до дикири и трикири18 и луѓето се уште палат свеќи, зборуваат и ќе им рече: 'сега не се палат свеќи, не треба да се движите низ храмот'. Значи ќе им објасни 'сега е најважниот момент.' Владика сакаше дисциплина во храмот, особено за време на службите, но кога така ќе излезеше немаше ништо персонално против некого. На пример, гледаш пет или десет луѓе се движат низ храмот и тој нема да рече 'еј, ти!', туку сеопфатно (генерално) ќе проговори: 'Ова не е време за да се чекори наоколу'19. Никогаш не беше лично кон некого. Кога го прекина хорот, не беше заради тоа што не му се допаѓаше диригентот туку заради тоа што начинот на кој што пееја не беше правилен. Овие настани за кои зборувам, беа во старата катедрална црква. Се сеќавам, луѓето малку ќе се зачудеа од тоа негово реагирање. Но друга работа беше тоа што Владика знаеше, тој беше авторитет на службите, за тоа како службите треба да се служат. Сите знаеја дека тој беше експерт за ова, вклучувајќи ги и архиереите. Доколку Владика кажеше дека ова или тоа не е правилно, Митрополитот знаеше дека тоа навистина не е правилно, или треба да се измени. Значи уште еднаш, немаше ништо 'јас.' Во олтар никако не смееше да се зборува или да се шета од едно место на друго. Сето тоа беше со со љубов. Многу пати, по крајот на службата, ќе не тапнеше (потчукне, допре) со својот посок20 и со љубов ќе ни укажеше на грешките кои сме ги сториле на служата: 'ти ова, ти тоа', но ти знаеше дека не треба следен пат така да правиш.

Секој, кој што го познаваше Владика, има различни искуства. Од моја перспектива, јас го паметам Владика од моите детски години, за време на мојот растеж. Тој имаше респект дури и кон најмладите и тој се грижеше за луѓето. Затоа Владика беше способен да стори и придонесе многу зашто направи многу за другите. Дали тој ќе ја посети твојата сопруга во болница, или ќе му постави прашање на твојот син во училиште, ти како родител го гледаш и чувствуваш како тој се грижи за нив. На еден начин или на друг, тој помогна на многу луѓе што кога тој ќе побараше или прашаше нешто, луѓето беа подготвени21 да сторат сè за него. Можеш да вообразиш (претставиш): болници, црковни активности, детски дом, сè - тој се грижеше за сè. Доколку ти имаш добра причина во САД, на пример да изградиш добротворен дом, или да почнеш некое богоугодно дело за луѓето од Македонија кои живеат овде, и имаш шест, седум луѓе кои ќе ти помагаат во работата, тој ќе дојде со тебе, дали еднаш во месецот или колку што ќе биде потребно. Ќе седне заедно со тебе и ти рече: 'што се случува? Како се се одвива? Зошто ова не го промениш. Ајде да се помолиме за ова'. Значи тој се грижеше за тебе и тоа те поттикнуваше да и ти помогнеш во нешто кога тој ќе побара и да направиш сè за него. Тоа е она што јас мислам. Тој беше необичен.22 Еднаш кога ќе го запознаеш, знаеше дека тој беше посебен.



1 Во Катедралниот храм каде што се нетлените мошти на св. Јован, во неделите и на дванаесетте Господови празници се служат две божествени литургии: рана и доцна. Раната започнува во осум часот наутро, а доцната во десет каде што речиси секоја недела чиноначалствува архиепископот Сан Франциски и Западно-Американски, Кирил.
2 Руското слово “староста” значи човек кој што е главен на одборот во еден храм. Тоа значи значи тој се грижи за административните работи на храмот и гледа редот дипциплината да бидат во свој ред.
3 Листови со имиња на луѓе за спомнување за нивно здравје, успех...
4Russian River е место кое се наоѓа помеѓу Сан Францисо и Сакраменто. Повеќе од 100 години е како едно посакувано место за овие градови. Таму се наоѓаат неколку винарии, и е на брегот на Пацификот. Природата на ова место плени со својата величественост.
5Human endurance
6To break himself and say “I will”
7 “He was plain”
8Boiling hot tea
9Cooling down
10Престолен празник е кога некој храм го празнува денот на светителот чиј храм е посветен.
11Ручек
12Детскиот дом за деца без родители
13Усипалницата е просторија која се наоѓа во најдолниот дел во храмот, зад него. Кога се упокои св. Јован, беше погребан таму во истата просторија беше создаден параклис кој што постои до денес.
14Разговорот ни беше под Катедралниот храм, во салата.
15Изградбата
16“Nobody ever dies going to church”
17Овде реферира на св. Јован
18Се мисли на делот кога архиерејот возгласува “благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух да биде со сите вас.”
19 “This is not a time to go around”
20Архиерејска патерица
21“They were willing.”

22“He was something special.”