Friday, May 23, 2014

Кога би знаел колку Ти ме љубиш...



Заради сето тоа што го примив како дар од Тебе, Тебе ти се предавам. Бидејќи преку Тебе се осветив во духот, со секој здив во тивкиот ветер, Тебе Те чувствувам. Природата говори за Тебе, за тоа колку сѐ премудро си создал, а сепак, најмногу сведоштва дава човекот на кој Ти дух му даде.
И јас сум еден од нив. Човек обичен, човек грешен. И знам, многупати Те нажалувам, се одрекувам од Тебе, Те предавам, Те распнувам. Човек сум обичен и грешен. Затоа од душава мачна молба ти праќам, Ти немој да го одвраќаш Лицето Свое од мене, бидејќи ми требаш. Иако многупати не сум свесен за тоа. Знам и чувствувам, ако Ти ме оставиш, во пропаст ќе тонам.
Што би бил јас без Тебе?
Цвет кој денес е полски украс, утре дувнат од ветерот исчезнат и заборавен, така што ниту местото негово нема да се познава.
Со сигурност, знам. Како и сите, и јас сум Твој. Кога и да се трудам да избегам, каде и да бегам, пак доаѓам кај Тебе и пак го повикувам Твоето Име Свето. Ти си секогаш овде за да ми помогнеш, да ме прегрнеш во Твоите Татковски Раце. И така прегрнувајќи ме, јас ја чувствувам Твојата љубов, зашто Ти си ЉУБОВ.
Колку ли пати бев отфрлен од ближните, а јас само роптав и се жалев, без при тоа да разберам дека Ти си во мене за да ме утешиш. Јас бев еден од твоите изгубени овци, а Ти иташе за да ме собереш во Твоето пастирство. Иако мислам дека се уште не сум научил да се потпрам за Твојата Десница која Ти ми ја подаваш, сепак учам сета моја надеж да ја полагам на Тебе! Тогаш, и силни реки од болки, и бури од искушенија да надојдат, јас нема да се плашам, ниту пак мојата куќа ќе се распадне.
Срцето свое сакам да го наклонам кон Тебе и да не заборавам дека сѐ доаѓа од Тебе: дождот и сонцето, радоста и тагата, искушенијата и простувањата, всушност сѐ...
Со Твојата благодат сум тоа што сум. Ме љубиш и ваков, жалостејќи Те во моите гревови. Колку ли само животните умеат да љубат. Тие не знаат да мразат, немаат душа, а сепак љубат. А колку сум далеку од нив јас, кој имам душа и пак не знам да љубам.
Постојано се потсетувам на стиховите кои Твојот Јован Евангелист ги запиша: Животот вечен е тоа, да те познаат Тебе, Единиот вистински Бог и испратениот од Тебе Исуса Христа”.
А јас? Се прашувам дали те познав во срцето свое? Ако речем ДА, ќе Те излажам зашто се уште не сум научил вистински да ги љубам браќата. Ако пак речам НЕ, пак ќе те излажам зашто сепак те познав уште од утробата на мојата мајка, во моментот кога ти ми даде дух, кога јас, растејќи во мајчината ми утроба, дојдов на овој свет.
Времето е толку кратко за да мразам, а многу долго за да љубам. Кога би знаел колку Ти ме љубиш, сѐ би оставил и би тргнал по Тебе!

  Тебе Ти го кажав она што ме тишти, сакам да почнам да ја живеам Твојата ЉУБОВ за да можам да преминам на втората скала од Духовното скалило!





No comments:

Post a Comment