Friday, July 21, 2017

Слово на матурски ручек од матурантите - 42 генерација


Од личната архива



     Ова утро поминував низ своите архиви и дојдов до овој матурски текст од нашата генерација кога дипломиравме во 2010 год., во Македонската православна богословија во Скопје. Како спомен, решив да го споделам текстот како и неколку фотографии. Истиот текст го напишавме јас и мојот соученик Александар при што го запечативме со останатите соученици. Беше прочитан од нас на официјалниот матурски ручек.


Слово
      Бог е љубов. Благодарение на љубовта и архипастирските молитви на нашите епархиски архиереи, синаповото зрно-вера која беше во нас кога се запишавме во Богословијата израсна во дрво, под чија сенка ќе се засолнуваат сите души кои што ќе чекорат по спасоносниот пат.
Овде научивме да љубиме, да другаруваме, да се жртвуваме, да плачеме со расплаканите и да се радуваме со радосните. Ја видовме вистинската светлина, го примивме Духот небесен. Ја најдовме верата вистинска, на Неразделната Троица и се поклонуваме, зашто таа не спаси нас. Научивме Која е вистинската Светлина, Која никогаш не заоѓа – Троичниот Бог: Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Нема да ги заборавиме и светиите, по чии молитви се спасуваме. Читајќи ги житијата, од нивниот пример научивме како да бидеме силни во верата, да се бориме за неа од еретиците и да ја чуваме Црквата од разни напасти.
Ваше блаженство, со длабока метанија ја изразуваме нашата благодарност за Вашите молитви архипастирски. Како што Вие и Вашите браќа архиереи сте столбовите на Црквата наша Македонска, така ќе ја изразиме нашата благодарност кон Вас за сè што имате направено, така што ќе бидеме последователи на Светиклиментовото слово. Со науката која овде ја примивме полесно ќе се справуваме со искушенијата и бремето на нашата паства.
Нашиот отец, неговото високопреосвештенство г. Агатангел со многу жртви, поттикнати од неговата родителска љубов придонесе за непречено образување на нашата вера и за тоа ќе му бидеме секогаш благодарни.
Го поздравуваме и Наставничкиот совет при оваа духовно научна институција и кон нив искажуваме ГОЛЕМА благодараност за науката која ни ја предадоа.
Нашата благодарност ја искажуваме кон нашиот класен раководител, проф. Момчило Павловиќ, како и до пратеникот, Неговото високопреподобие г. Нектариј.
Но нашето дело не завршува овде. Ветуваме дека со нашите сили ќе се надоградуваме во спасоностаната наука и ќе се покажеме достојни служители пред престолот Христов, каде достојно ќе ги подигнеме Светите дарови и ќе благодариме од од сите и за сè!
Благодарејќи Му на Бога за сè што ни дал да Му се обратиме со оваа молитва:
Боже,
направи да бидеме едно семејство
што живее во едно срце,
со една љубов,
како еден човек,
по предвечната Твоја промисла за првородениот Адам!
и

никогаш да не заборавиме дека нашиот брат е нашиот живот!


Monday, July 17, 2017

До сите Вас, Возљубени!


Драги мои возљубени,


     Ви пишувам јас, Стојан кој што го познавате и кој што секогаш ќе остане истиот. Со една искрена молба од срце која што тлее во мене и ме гори и сакам да ја пренесам таа љубов зашта со неа ќе најдеме милост пред Бога. Како и да е, да не должам многу. Денес длабоко размислував како да го почнам овој текст, оваа моја прозба, и дојдов до заклучот дека најдобро е тоа да го сторам јавно. И онака многумина кои што ќе го читаат овој тект, ме познаваат, така да нека биде вака.
        Ќе се потрудам да бидам краток. За мене лично, прекрасно е чувството кога помагаме на оние на кои што им е потребна нашата помош. Да Му служиме на Бога и да им помагаме на бедните е радост, блаженство… Сакам со Ваша помош да основаме (нека почне со движење – movement) организација под името “Свети Јован Шангајски и Сан Франциски,” во која што ќе придонесуваме и помагаме на оние на кои што им е потребна помош. Подетално, се работи за следново: Јас веќе, според своите сили подржувам неколку семејства (заради нивната нужда се осмелувам да нагласам дека “јас” им помагам), но јас не сум во Македонија и лично не можам да учествувам. Заради тоа, сакам Вас да Ве поврзам во ова. Конкретно, сум фокусиран на неколку семејства со дечиња. Мојата идеја е, за почеток, некои од Вас да почнат да се грижат за тие дечиња и семејства. Како? Еднаш во месецот да се прошетаат, да ги однесат на ручек, одвреме-навреме да им купак некои работи, да ги носат на Божествена литургија и сл. Да бидам јасен: Јас од Вас НЕ барам материјални средства како пари и сл, туку како така јас ќе се снаоѓам да снабдувам за оваа намена. Од Вас она кое го просам е Вашето време, пожртвуваност, волја и љубов. Сакам некој да биде со тие деца и семејства, да ги прегрне, да им каже дека не се сами, да стојат зад нив, да плачат во тагата нивна и да се радуваат на нивната радост.
         Многумина знаете дека јас пораснав во дом. Ќе Ви кажам нешто: таму имавме се материјално, но сепак имаше празнина во нас. Личната љубов, дали од родител или ближен беше отсутна, а на децата всушност тоа најмногу им е потребно. Им треба љубов, за да се почувствуваат љубени, а ќе научат кога постарите ќе им покажат љубов. Таа љубов на многумина таму им недостигаше. 
Со ова кажано, сакам Вие, моите ближни (кој е во можност), да застанеме зад нив и да им покажеме колку ги љубиме. Неодамна размислував за Св. Јован Шангајски и Сан Францисцки како тој основа детски дом и се грижеше за сираците и напуштените. Имало настани кога наоѓал бебиња во отпад на улиците и ги зимал при себе. Домот толку се полнел со сираци што оние кои му помагале негодувале да тој престане да носи деца зашто не можат да ги прехранат. Што правел тој? Се качувал на вториот спрат во својата ќелија, и како што ми раскажа еднаш една жена која порасна таму, “слушавме неколку пати бум, бум… Се молеше на Бога со метании да помогне и утредента помош пристигнуваше.” Неколку од нив кои бев сподобен да ги запознаам, буквално пораснаа со Св. Јован и како што тие ми велеа, тој им бил мајка и татко. 
       Возљубени познаници, само Бог знае колкаво желание таам во себе за оваа намера, да навистина дадеме сè од себе и да им подариме љубов на оние на кои им недостига.
        На крај, уште еднаш ќе напишам, Ви се обраќам на сите но Вие ги знаете своите сили. Доколку не можете, барам од Вас да се молите да Бог отвори пат и да успееме оваа идеја да стане реалност. Оние кои што се спремни за ова дело, Ви се обраќам да ми пишете приватно на Facebook, или на email. Понатаму јас ќе создадам приватна група каде што оние кои ќе учествуваат во ова, да бидат членови во истата и таму ќе развиваме идеи и начини како да им помагаме и љубиме.
          Се надевам дека правилно ќе бидам разбран од сите Вас!
                 Со многу љубов од далечната Калифорнија,
                                           Стојан Андов
                                        Кармел, Јули 2017


Email: Stojance91@yahoo.com