Friday, June 7, 2019

Времиња







прв дел од Времињата


Април 28, 2014,
во квечерината кога згрешив…


Ах таа сатанска препреденост. Што и нема крај, и нема. Но и јас сум виновен. Никој не ме тера
со сила да грешам. Па нели имам слободна волја? Имам, но кој да ја користи разумно.
Она земното повеќе привлекува, а на телото тоа му е удобно и си го тера она што го сака.
Сега ми дојде една мисла: “да се загубиш во просторот”. Лесно е да ја протолкувам:
Да се загубам во животот зашто не го правам она кое е потребно. Мостот помеѓу телото
и лукавиот е умот. Во тоа веќе се уверив со своите падови. Колку пати само ширум му ја
отворам вратата на тој лошиот! Колку само се прелажувам на неговите итроштини - не можам
ниту самиот да се изначувам. А кога ќе паднам, се чувствувам одвратно. И сè така истото па истото.
И да ветувам на Создателот дека нема да ги повторувам истите грешки, бадијала е,
зашто пак ќе се сопнам на истите. Сум леел солзи и леел и пак исти работи повторувам.
Да, сакам да помогам на луѓето колку што можам. Тоа ми е приоритет зашто за Бога го правам,
барем се трудам според силите. Кога такво нешто ќе сторам, луѓето ќе почнат со она
светското:” леле златно дете, паметно, мило…” и што се нема да изнакажат.
Е тогаш колку само лошиот ме стрела со пилисли на гордост, да се чудиш.
Нормално многу се борам против тие помисли, но колку и да ги бришам, не се бришат.
Мора некаде во мене скриени да останат, за кога ќе помислам дека сè стивнало,
тогаш како оган ќе се разгорат.
Во ситуации кога луѓето ќе почнат со нивните величанија за мене, јас си велам: “ее, мили мои,
колку само не ме знаете! Вие мислите дека сум ‘цвеќе за мирисање’ но кога би знаеле
само колку јас грешам…” Убаво и мудро напишал апостол Павле каде вели “јас нема со ништо
друго да се пофалам, освен со раните на мојот Христос.” не се сеќавам сега во кое послание беше,
но кога прв пак го прочитав, го запамтив и тешко да го заборавам. Со раните на Христос.
Далеку сум јас од ова. Не можам да помислам на тоа, а на пак да го исполнам.
Во мене нема веќе простор за опрадвување зашто нема промена, а ветувања без исполнување
не носат никаков плод. А каде одат таквите без плот?
Никој не ме тера со сила да грешам. Имам слободна волја, тој духовен закон.
Од тоа и ние луѓето се разликуваме од животните: тие немаат ум и се следат по инстинкт,
додека ние, создадените од Бога носиме негов печат за да станема богоподобни.
Ех, колку само посаувам еден ден таков да бидам!

втор дел од Времињата


Господ го уреди мојот живот. На денот на крштението, ми вети дека ќе биде со мене до
свршетокот на мојот живот. Но јас не сакам да бидам со Него само во овој живот.
Сакам со душата да бидам дел од светиите кон се на Небесата кој со нив ќе ја
пеам Трисветата песна на Пресвета Троица. И денес сум жив. Имам дихание.
Се уште пловам во водите на младоста. Таа ме научи дека годините не го прават човека зрел,
туку животниот подвиг не учи на тоа. Потта од челото го горчи јазикот за да каже дека
без работа нема леб и без добри дела нема спасение. Не чуствувам дека само еднаш бев посинет
од Отецот, туку дека деноноќно сум посинуван. Трае. Не престанува. Така тврдам зашто
така чувствувам.
Живеам во младост во која чекорите нечии ме смируваат, на чудните нешта се насладувам
без да ги одгатнувам, ударот од брановите го истрпувам, заветот на Љубовта го таам,
на парталавиот на улица му се насмевнувам, зашто мила ми е неговата насмевка,
и катадневно се радувам зашто Отечката посиновеност не престанува. Трае…

трет дел од Времињата


Многу Му благодарам на Отецот за моментите кога срцето се радува.
Таа радост само Нему Му е позната. Понекогаш чудни нешта ни се случуваат.
Таа чудност носи бројни прашања кои немаат одговор. А колку повеќе трчаме да ги одгатниме,
толку повеќе се заблудуваме. Се научив на таа чудност да и се радувам. Слатка е.
Бев таков што сакав сè да одгатнувам. Тогаш срцето ми кажа да престанам со тоа.
-“Зар не ти е доволно да се насладуваш? Ако продолжиш да испитуваш, ќе го изгубиш
и тоа што го имаш. Внимавај!” - ми рече.
Ударот на брановите честопати знае да биде несовладлив и посилен. Да се ужаснувам од тоа?
Нема да дозволам да бидам подвижен песок кој ќе биде носен од брановите. Животот, до денес,
ми покажа дека Бог е со мене и за сè Нему, похвала со светиите, треба да Му принесувам.
Тој беше со мене кога еден ден се враќав од училиште. Кога на улицата пред куќата се
прекрстив скришно за Он да ме заштити он она што ме очекуваше.
Ме чуваше од болести во моето детско време кога бев оставен на личната грижа.
Не се разболев кога недоволно облечен одев во зима, ниту кога бев валкан.
Не ме остави без радост во една Пасхална ноќ. На таа Пасха луѓето се враќаа од црква
со запалени свеќи во рацето. Таква е традицијата во мојот град. Јас стоев до прозорот и ги гледав.
Суштината на празникот не ја знаев, но кога ги гледав луѓето како се враќаа со запалени свеќи,
необична радост таев во себе. Ни тогаш Он не ме остави.
Он ја стави Својата Десница на мојата глава кога вратата од колата се отвори и јас излетав и паднав.
Не бев повреден. Ме чуваше.


четврт дел од Времињата


Реката на времето не може да ги намали деновите во кои сакам да бидам со мојот сладок Христос.
Не, тоа никако не сакам да се случи. Бурите од искушенија нема да запрат. Под ова сонце ќе има
луѓе кои ќе ме прават “забеган” по Христа. Моето желание е посилно од се!


петти дел од Времињата


Што е тоа, што ни го загрева срцето? Што е тоа што во душата чувствувам нечии чекори
од кои звучната сенка ме смирува, што е тоа? Го чувствувам, но не можам да го опишам.
Гори, гори од благодат. Помислите избезумено ми велат да го гаснам огнот. Што?
Да го гаснам она кон кое копнеам? Ќе ги гаснам помислите, а не благодатта. Огнот,
кој гори од благодат: ме гори на секоја литургија, на Епиклезата. Не можам да го видам
зашто нема тело, а и заради поробеноста ми во гревот во кој лежам. Но го чувствувам зашто
преку Христовите страдања бев посинет од Отецот. Посинувањето ја раскина завесата.
Болката на луѓето станува и Божја болка и страдањата на земјата ги допираат и Небесата.
На олимпискиот пантеон, паганите Зевс го имаа, но што, тој беше бог? Да тој беше бог, но не Бог.
Нашиот Бог не живее во ракотворни храмови и за Него нема место каде може да се засолни
на оваа земја. Во “наметка и крпа” Бог не посети, со изглед на “чудак” и скришно.
Колку посакував да се осоколам (наоружам) со молитвата и да умувам во краците
каде тече мед и млеко! Ќе собирам дела за да отидам таму.


шести дел од Времињата


Кој е тој кој ќе се осмели да ме одвои од Заветот на Љубовта со кој Христос ме откупи?
Неговата љубов беше до Самоодрекување, до Жртва и Смрт. Та нели имам слободоумие?
Да, и што? Никој не ме зауздил или, пак, заробил, но тоа не значи дека треба да збеснувам
со слободната волја. Ако скапо сум отплатен, со смирение ќе ја допирам Небесата за страдањето
на Синот Човечки да постане печат (образец) на мојот живот.
Рајот се добива и со една подадена наша рака на немоќниот, но може да се загуби и со еден
поглед со кој ќе поминеме покрај некој беден и лицето ќе го завртиме на другата страна.
Еден црноризец ми кажа распнатиот, за нас, Христос да го гледам во парталавиот кој стои
пред пазар; во старицата која секој ден седи на клупата во центар и зјапа по лицата
на убаво дотераните луѓе со надеж да добие некоја паричка; во дедото кој оди по улицата
натоварен со ќеси од пазар на кој рацете му поцрвенеле од тежината; во болниот кој лежи
дома и кука од мака што нема кој да го посети; во деведесет годишната слепа старица
која денот и поминува во собата и нема со кого да се насмее; во младенчето, кое кога
ќе го земеш во своите прегратки, ќе те прегрне и невино ќе ти се насмее.
И уште ми рече: “благодатта ќе ја почувствуваш и тогаш, кога во нивната рака ќе ставиш
парче симит погача, или паричка, а тие ќе ја заблагодарат со насмевка.
Знај дека таа насмевка е чиста.”


седми дел од Времињата


Март 4, 2014
во 23 година од раѓањето
Ти благодарам за сите Твои
добрини Господи, кон мене што
ги направи и што постојано ги прави.
Трпението Твое ме направи ревносен
за Твојата вистина.
Нека Ти е слава, Спасителу наш, сега
и во сите векови. Амин!



осми дел од Времињата


Низ младоста чекорев…


деветти дел од времињата


Октомври 24
6 наутро


Таа ноќ! Толку многу се трудев, но до доцна во ноќта, не можев. Нешто во мене вриеше,
нешто необјасниво, нешто што ниту самиот неможев да го разберам. А во исто време, пак,
сакав да останам буден за лукавиот да не почне да ме искушува. Ноќта, понекогаш знае да
биде многу сурова зашто силата на кнезот земски е во ноќнота доба. Силно држејќи
го крстот в раце, одвај потонав во сон.
Утрото се разбудив со необично чувство, не чувство на страв, ниту пак чувство на слабост.
Тоа беше необјасниво чувство кое горев од желба пред иконата да Му го пренесам
и да му благодарам на Бога за сè. Мислите на благодарност беа за сподобувањето Божјо кон мене
да се сочувам од грев. Добните ноќи, понекогаш, знаат да бидат тешки, но утрата, пак, покајнички.
Ова утро беше поинакво, различно од останатите!
Битијно чувствував радост и копнеж за благодарност на Севишниот, зашто Нему Му припаѓа
сета слава, чест и поклонение. Преголема возбуда “не е на арно”, зашто тогаш лесно се губи
она кое со солзи е собирано. И јас бев меѓу тие кои долго собирав и се уште собирам.
Јас да молчам не знам. Дали тоа е одраз на мојата релативно распламтена младост, Бог знае.
Доколку пак е, јас ќе си го оправдам тоа како сопствен период на созревање.
А знам дека нема човек кој не поминал низ тоа, начинувајќи од чедата на Адам да се до денес,
во време низ кое јас чекорам.
Сонцето, на тој плод во оваа моја младост, му дава светлина и топлина за да не овене и умре,
ветерот му носи свежина,  земјата го храни за да станам посилен. Мистичен не знам да бидам
зашто простотата е во тоа нештата да ги искажувам онака како што ги чувствувам.
Се молам, да не ми даде Бог да се гордеам, туку со смирено срце, за сите Негови добрини,
да Му благодарам зашто Господова е земјата и сè што е на неа.
Оваа моја “чудна” и блажена ноќ ми дозволи за миг да почувствувам дека кнезот
земски од овој свет има власт,  но онаа душа која љуби на Бога да Му служи,
војската ангелска ја штити за тие во благодатта на тивката ноќ да тихуваат.


десетти дел од Времињата


Се прашувам кое е задоволството од чинење на грев? Зар се исполнувам со некаков си мир,
или, пак, убавина? Ми чини задоволство за краток период, а понатаму мирот нема да ми го остави.
Како некоја сенка продолжува да ме следи. Гледам дека станав чедо на себеслужењето,
или на она кое луѓето го нарекуваат “јас”.
Која потреба ја имам јас за да се покажам повеќе одошто сум? Ниедна од сите оние
кои потенцијално би можеле да постојат. Ми се присторува, а мислам и дека е вистина,
како да секоја година, или поразбирливо кажано, во секоја нова етапа на моето созревање
како да фаќам поголеми корени кои се родија од гревот. Те празнословие, те осудување,
гнев, река од страсти… Кога малите деца би можеле да разберат за нивните години
што значи да си возрасен, веднаш би им кажал во постапките нивни нека не престануваат
да бидат деца, зашто така е подобро. Барем до некој степен ќе си ја зачуваат душичката, а и телото,
од творење на грев.
Не се сеќавам каков бев кога бев дете, но денес ги гледам младенците кои носат
дух на чистота која не знае за престап. Илјада пати посакував да сум таков, ама ете, не сум.
Телесното си е телесно, и нема да се остави. Гревот си е грев, и ќе си го продолжи своето.
Тоа е како некој да ти вели: “ти гледај си го своето, а јас ќе си го чинам моето”,
односно оној лошиот сака да ми каже “сега си во тело и ќе се препуштиш на телесните
наслажденија”. А што, зар духот не е дел од животот? Од каде го вдишувам воздухот?
Зар не преку духот кој Бог го оживотвори во телото?

Без него нема живот, а не без телото.