Thursday, December 3, 2015

Разделба од далечина

4ти Декември, четврт ден од мирното заспивање
на дедо, денот на неговото легнување во гробот
и празник на Пресветата – Воведение Богородично.

Далеку од дедо, во Кармел, Калифорнија. 





Те сакам дедо!
Љубов и по смртта!





Сесвета Богородице, за време на мојот живот
не оставај ме, на човечко застапништво
не предавај ме. Но Ти самата застапи се и помилуј ме!




        “Блажен е оној кого си Го избрал и примил; он ќе живее во Твоите дворови; ќе се исполни со добрини од Твојот дом; а Твојот дом е свет и чудесен е во праведноста” Псалм 64,4.
Што сме ние? Земја ли сме? Битија кои дишат? Имаме душа која го надминува животот на земјата, животот во телото. Дали би тагувал денес, разбирајќи го ова?
Таква беше волјата на Создателот… Дојде денот да му пеам на дедо “вечнаја памјат.” Тоа утро, на 1-ри Декември ме потресе веста за неговото заминување. Како и секое утро, станав за да се спремам за на работа и да ги прочитам утринските молитви. Додека се подготвував, на телефонот стигна порака, а кога го зедов телефонот видов порака од тетка ми: “Стојанче, дедо ти почина вчера. Моли се за неговата душа!”.

По втор пат. Слично чувство доживеав и со другиот дедо. Тогаш, пред една година во истиот месец, наутро мајка ми ми напиша порака дека починал дедо, нејзиниот татко. Ете, и двајцата во период од една година заминаа; едниот на 11-ти декември 2014-то Лето Господово, а другиот на 1-ри декември ова 2015то Лето Господово. 


        Дедо Стојан мирно издивна, замина од овој свет. Името го добив по него и горд сум на тоа.
Пред да продолжам да ги нижам останатите зборови на тага ќе кажам дека пред речиси една година, во јануари кога бев во Македонија бев да го видам дедо. Тоа беше мојата последна средба со него и, како секогаш, набиена со емоции. Сфатив дека осаменоста ги јаде тие стари души. Секогаш кога ќе влезев во домот каде што живееше дедо, прво ме пресретнуваат десетиците погледи на старите кои што седнати зјапаат во мене како некој странец. Зјапаат тие, но ги гледам и јас и им се насмевнувам. Понатаму, има една жена, која ми се чини дека е глувонема, и секој пат кога ќе ме виде, ќе извикне:
  -  Еве, дојде внуков на Стојан. 

Или пак понекогаш ќе ме праша:
  -  Имаш ли девојку?

  -  Немам, и одговарав со насмевка. 

Додека да стигнам до собата на дедо, разни сцени ќе видам. Некоја стара бабичка не престанува да вика, друга заради својата неподвижност постојано лежи и сè и е креветот.
Додека бев во посета кај него, не можев да ги запрам солзите. Повеќе беше заради неговата болест на заборавеност. Зар не боли кога го гледаш својот сакан дедо, разговараш со него, а тој не знае кој си, односно во неговиот ум си некој млад човек кој дошол кај него? Зар не боли кога твојот дедо ти говори дека има внук кој што студира во САД и дека се надева некој ден на внукот да дојде и да го посети? Не само што боли, туку и пече. Со солзи во очите го пишувам ова, но што можам јас да сторам? Го молам Севишниот да го чува. Го прегрнав и плачев на неговите рамења. Патем, не знаејќи што да му одговорам, му реков:
   -  Јас сум другар на твојот внук. Тој не можеше да си дојде, ама рече да те поздравам, секогаш мисли на тебе и рече да ти кажам дека многу те сака.


   - Благодарам, ми одговори дедо. И вие поздравете го, па кога може нека дојде.


Не знам колку само моето срце тагуваше кога му го говорев сето ова, но немав избор. Ми се чинеше дека болката моја допираше до небесата. Во тој момент утехата ја барав во солзите.
      Додека бев во Македонија, јас бев негов чест гостин. Убаво ми беше кога одев кај него, особено во зимските периоди. По божествената литургија во Скопје ќе се качев во автобус за Куманово. Телесно се закрепнував кај него со што дал Бог. Потоа ќе дремнев неколку часа а тој си седеше на својот стол и чекаше да се разбудам. 

Последната средба!

     Тешка беше мојата последна разделба со него. Му реков “довидување” и стоев на вратата. Потоа скришум со гледав како седи на својот кревет и со тага излегов од домот. Таа разделба до овој момент ја носам во себе, а тогаш додека скришно го гледав, изустив:
- Те оставам во мир и љубов Божја!
Каков е нашиот живот? Животот понекогаш навистина знае да биде суров; кога некој од своите ќе замине, а ние сме далеку од нив. Често се прашувам дали оваа земја не прави ладни или причината е во нешто друго. Животот овде толку е стресен, интезивен. Постојано нешто се случува и едвај наоѓаме време за себе си. Всушност светот постана таков а ние бедните, постојано се сопнуваме и паѓаме во него. Уште повеќе печат спомените кога се потсетувам на моите средби и време поминати до дедо. Боли кога јас сум преку океанот, и никој од своите внуци не може да ја бакне раката од неговото мртво тело. Погребите носат со себе агонија на болка, но истовремено и нежност – надеж на живот вечен. Телото ќе легне во понорите на земјата и коските негови ќе го чекаат Второто доаѓање Христово за да воскресне. Во гробот телото нема да зборува, да мудрува. Насладата земна нема да ја всуси, во во ред е. Зошто? Затоа што ние човечките битија треба да го гледаме изворот, а не реката, почетокот на животот вечен, а не исходот. Во далечините, зад таа планина во утрото на новото будење ќе видиме ново изгревање на сонцето. Издигнување кон небото, враќање онаму каде што припаѓаме. Животот на човекот е како “трева, како полски свет,” кој денес е тука а утре го нема. И уште, “дрвјата потемнуваат со годините, луѓето бледеат. Ќе врне. Мирисот на р'ѓата ќе биде свеж и пријатен како мирисот на прилетните цутови. И секое зборување завршува со песна и секоја тишина завршува со вечност.”
Како да не речам дека не боли далечината, кога боли? Тагувам за дедо и покрај Божјата, другата утеха ми е океанот каде што сега сум и од неговиот звук се поучувам дека сѐ на овој свет е минливо. Минливо е. Научен сум да тагувам сам. Сум тагувал многупати, па и овој пак сам ќе ја лечам раната.


    Драг дедо, денес на твоето отпевание се молеа вака: Каков е нашиот живот? Навистина - како цвет и чад и утринска роса. Навистина, дојдете да погледнеме во гробовите отворено: кај е телесната убавина? Кај е младоста? Кај се очите? Кај е телесниот изглед? Се овена како трева, се се уништи. Со солзи дојдете да се приклониме кон Христа.
Не дочекав и јас да бидам таму на овој ден, кога ти ќе легнуваш со телото во гробот. Тоа ми беше големо желание но ете, животите наши не растргнаа на различни страни. Горчината на животот ја почувствував во својот живот, но ја почувствува и ти. Твојот син го промаши својот живот, растури се, не раздели, и од себе направи да биде идиот, но тука ниту ти не можеше ништо да сториш. Сите имаме слободна волја и тој избра да живее живот каков што нему му е пријатен, без да размислува да оние околу него.
Јас одамна заминав за САД, но тебе секогаш те носев во своето срце, на секоја литургија се молев за тебе, а од сега ќе те спомнувам во упокоените. Дали порано или подoцна, ова ќе се случеше зашто еден ден сите ќе издивнеме, но реалноста дека јас не сум таму, ме ранува.
Ми недостигаа и ќе ми не негостигаат твоите прегратки. Колку уживав кога на зимо те посетував, често ќе заспиев на твојот кревет, а ти со часеви седеше на столот и чекаше да се разбудам. Срцето ми се радуваше кога беше присутен на промоциите на моите книги и се радуваше со мене. Ти пред мене не ја искажуваше толку твојата радост за мене, но знам дека се радуваше, а истото денес оние кои те познаваа, ми го говорат тоа. Нашата разделба беше во 2013. Минатата година кога те посетив, ти веќе не ме познаваше. Тоа многу ми го рануваше срцето. Кога заминав од кај тебе ни самиот не знам колку плачев, а плачам и сега, кога го пишувам ова. Солзите понекогаш се полезни зашто се единствена утеха, по Божјата. Ја молам и Пресветата да ја ублажи мојата болка, но уште повеќе ја молам да Таа, Царицата Небесна, да го моли Троичниот Бог да ја насели твојата душа кај праведните. Денес, Мама ми дава утешение зашто ти ќе легнеш во гробот денес, на Нејзиниот празник – Воведение во храмот на Пресвета Богородица. Јас многу ја сакам Пресветата и знам дека Таа може многу да направи за нас. Друга и голема утеха ми се Светите Христови Тајни кои ги примив денес, на овој празник.
Што друго да ти кажам? Не можев лично, ниту пак телесно да бидам таму, но тоа толку не е важно колку што се важни молитвите. Јас ќе го молам Бога да дојде времето да се видиме и двајцата онаму. Овде, кратковечни сме сите по живот, но во другиот свет ќе биде поинаку Затоа Христос дојде и воскресна, за да ни отвори пат и да ни каже дека има воскресение и за нас, за тебе, за мене… 


     Љубовта е силна како смрт. Ти до твојата смрт ме љубеше. Дури и во последните две-три години кога не ме познаваше, знаеше дека имаш внук кој што студира во САД и се уште го чекаш (е) да се врати и да те види. И мојата љубов кон тебе ќе ја носам и однесам во својот гроб кога и јас ќе издивнам. Прости ми што не сум таму, што не те прегрнав, бакнав… Ако не друго, барем нека сведочат занавек овие зборови и истите ќе ги понесеш со себе, во гробот, во вечноста.
Ти пишувам од далеку, од Калифорнија, далеку преку океанот, и преку континентот. Овде утехата ми ја дава океанот. Сам сум, ги немам своите овде, освен солзите. Sвукот и брановите ми говорат дека “навистина се е како што е напишано во повелбата на Бога,” и на сите новопретставени им дава покој.
Ќе ми недостигаш многу. Не знам како да ти го кажам тоа. Малиот Стојан е овде, а големиот веќе ќе го нема. Ако навратам во Куманово, домот ќе биде еден спомен за мене во кој те наоѓав, а сега? Сега ќе биде пуст без тебе, а не знам дали ќе имам смелост да влезам во него кога ќе се вратам зашто спомените уште една рана ќе ми отворат. Но ќе го сторам тоа зашто спомените ми остануваат како единствена утеха за тебе. Во длабока старост Господ ја зема Твојата душа. Ќе биде чудо доколку ние, разгалените и острастените ги доживееме тие години. Која животна слабост останува без жалост? Секој ден, драг дедо, Бог уште повеќе ми покажува и ме учи да мислам на духовното зашто тоа не може да се спореди до земното, со страсната приврзаност, вревата, привременото… Сите сме предадени на распаѓање зашто соединети сме со смртта, но јас од тоа не се плашам зашто тоа распаѓање е за наше ново раѓање и воскресение на нашите души и тела. Чудно и несфатливо за мене е од далечина да се верува дека ова се случува, дека повеќе нема да те видам на овој свет. Ја мразам разделбата од далечина, но морам да ја прифатам. Единствена надеж ми е Христос, Црквата и молитвите со кои ќе се молам за твојата душа. Не сакам да ти кажам збогум, но морам.
Мил мој дедо, од далеку те гушкам. Ти сега легни во гробот и спиј до Второто доаѓање Христово. Јас нема да престанам да се молам за тебе. Човечки е да тагувам, но знам и верувм дека еден ден повторно ќе се сретнеме во другиот свет и таму ќе те гушнам. Сега морам да ги оставам созлите да се леат зашто така си спомнувам и се потсеќам на спомените за тебе. За мене е тешко да верувам дека повеќе нема да те видам повеѓу живите, но се покорувам на Божјата волја кој што посака да ја земе твојата душа. Твојата насмевка никогаш нема да ја заборавам. Ќе тагувам по неа, но барем ќе остане да живее во моите спомени.
Почивај, драг мој! Одмори се зашто се исполни времето твое. Милостивиот и милиот Христос да ти подари живот вечен. Ја молам Пресветата, на овој Нејзин празник и тебе да те воведе во храмот, во тие рајски населби. Нема ништо случајно. Легнуваш во гробот, на празникот на Нејзиното Воведение. Почивај, почивај драг дедо.
            Секогаш ќе те сакам!
                      Твојот внук, малиот Стојан...



Господи Исусе Христе, упокој ја душата на новопрествавениот Стојан!
       Затоа, Христе Боже, починатиот раб Твој упокој го како Човекољубец!


          По застапништвото на Пресветата, на чиј празник ти легна во гробот