Wednesday, September 2, 2015

Избор






Еден ден кога веќе нема да бидеш на оваа земја и кога ќе треба да се сретнеш со Творецот, Тој нема да те праша  “зошто не живееше како мене или Зошто не живееше како Мојсеј или како Робин Шарма?” Тој ќе те праша-Зошто не го живееше животот што требаше да го живееш?
Токму поради тоа, твоја морална обврска е да го победиш стравот!
Јас го победив својот страв. Одлучив да го живеам својот живот. Чекав, набљудував, слушав, учев...И ги одредив сопствените гледишта. Ги одмерив своите можности. Потоа без страв и со страст предаден на својата визија, ја донесов одлуката-денес ќе тргнам и нема да се вратам назад. 
Семоќниот има способност да направи чуда во твојот живот. Тој во тебе има всадено визија-да продолжиш.
Да чекаш, да се сомневаш, да бидеш неодлучен значи да не му се покоруваш на Бога.
Влегов со насмевка во мојот нов почеток, мојата нова пролет. Животната сила што тече во моите вени ме натера да одам нагоре и напред, подготвувајќи се за мојот успех. Долго во својот живот, уште од детството се соочував со препреки од оној облик- дали знаеш каде се наоѓаш? знаеш ли што си? Ти си необразован, ти си сиромашен. 
Ниедно од овие прашања не ме вознемируваше, единствено вистинско прашање за мене беше-дали знам каде сум се упатил? Реков-да, знам каде одам-пловам кон новиот свет. Јас имам одлучно срце. Бог ме надарил со здрав ум за да собирам сознанија и храброст да донесувам одлуки-наспроти другите кои за да донесат одлука за својот живот изјавуваат дека го чекаат Господ, јас сфаќам дека во повеќето случаи Господ ме чекал мене.
Прифаќајќи го моето минато, станав слободен да можам да напредувам кон посветлата иднина што ја избрав. Не се плашев да го следам својот сон.
Соништата со векови се користени  на луѓето да им се дадат упатства и правци. Бог ги употребуваше своите соништа за да го подготви Јосиф за неговата идна улога на водач на еден народ. На сон му го пушти планот за битката со Гедеон.
Јованка Орлеанка, Јаков, Џорџ Вашингтон, Марија Кири и апостол Павле-сите беа водени од своите соништа.
Со ова сваќање и сознание јас го пуштив првиот чекор кон мојот живот, кон мојот успех, кон мојот сон, оставајќи го моето минато зад себе- направив мојот живот да биде факт, а не правдање.
Почетокот и крајот-и двете точки на патувањето бараат вложување на многу страст. Страста која јас ја имам во срцето ми помага да го остварам мојот сон и да ги поминам непремостливите пречки.
Еден мудрец рекол: Патувањето од илјада милји започнува со еден чекор.
Станав свесен дека моите стапала долго биле во предизвик, влечејќи се лево и десно, некогаш повеќе назад отколку напред додека моето срце се рамнеше со ветрот. Меѓутоа, спознавајќи ја вистината на мудрецот го преземав мојот прв сигурен чекор-станав незапирлив.
Критиките и жалопојките ги однесе ветрот. Никогаш повеќе нема да чекорам назад и да се враќам во пристаништето на минатото.
Јас го открив своето победничко срце за кое можеби и незнаев дека живее во мене, го открив новиот Јас кој е способен да ги води луѓето кон нови светови-ја открив величенственоста. И научив дека најважно од се е да се запамети дека животот сам по себе е привилегија и треба исполнето да се живее-тоа е избор.
Благодарноста исто така е избор. Во минатото честопати ме обесхрабруваа одредени ситуации, но потоа направив споредба на условите во мојот живот со условите на други помалку среќни луѓе. И тогаш, мојот благороден дух го растера очајувањето како што ветрот ја расчистува загаденоста на воздухот. Често пати се молев како просјак и секогаш барајќи повеќе од другите, но потоа сфатив дека Бог ме надарил со многу таленти. Затоа никогаш повеќе нема да дозволам во моето благородно срце да се вкоренат ‘ркулци на очајот.
Научив да бидам благодарен за тоа што можам да гледам, да слушам и да дишам. И да се воодушевувам на убавите работи што животот ги носи. Открив дека одушевувањето е горивото што го движи светот. Мене ми претстои иднина, го поминав најлошиот период во мојот живот- ова е вистина во ограничен и себичен поглед. Јас ја извојував најупорната битка  во животот Ми се даде можност да се усовршувам и не ги запоставив моите должности. Бог бара од мене да се молам и да ги исполнувам моите должности а не да се молам и да чекам. Тој ги слуша моите молитви од каде и да доаѓаат. Досегнувањето кон Бога е можно само како индивидуален потфат, како лична авантура на поединецот. Длабоката вистина се состои во тоа дека животот не е бесмислен и апсурден туку дека понекогаш човекот се наоѓа во бесмислена состојба. Светот на смислата и слободата се открива во духовното искуство кое современите егзистенцијалисти го негираат. Потребно е да се види апсурдноста и бесмисленоста на светот во којшто живееме
 И воедно да се верува во духот со кој е поврзана слободата и смислата која ја победува бесмисленоста и преобразува. Нема ништо повисоко над потрагата по Вистината и љубовта кон неа. Интегралната, целовита вистина е Бог и спознавањето на Вистината значи влез во боженствениот живот. Луѓето пак секогаш се сомневаат и порекнуваат бидејќи нема гаранција за постоење на Бог. Бог не присилува на сопствено признавање како што тоа го прават материјалните предмети. Тој е свртен кон човековата слобода. Бог се раѓа во човекот и човекот со тоа се воздигнува и се обогатува. Никогаш слободата не се остварува со насилство, братството преку омразата ниту преку крвави раздори-‘рѓавите средства трујат. Есента на револуцијата никогаш не личи на нејзината пролет. 
На човечкиот род, освен на некои исклучоци му недостига вербата со која се постигнуваат величенствени нешта.
Мене мојата верба не ми дозволи да станам слабак и животните ситуации да владеат над мене. Разликите меѓу луѓето кога се во очај е тоа што некои луѓе дозволуваат секоја ситуација да ги сруши. Јас пак ги прифатив сите несреќни случки како поуки за да стекнам нови сознанија и мудрост за да досегнам кон посветла иднина.  Сфатив дека добив се што ми е потребно, дека не сум сам и дека никогаш нема да имам причина да ја изгубам вербата. Бог ми подари извонредна сила на мудрост и слободна волја да посеам мудрост  во мојот живот и да не ја занемарам оваа моќ за да не ја загубам иднината засекогаш.  
Станав посилен од мнозинството луѓе бидејќи внесов промени во својот живот што ќе траат засекогаш. 
 И запомнив: *Морнарот кој со страв ја гледа бурата на морето и ги фрла веслата, секогаш ќе се изгуби во морето, но мудрецот секогаш ќе го има на ум светилникот*

Бог, секако ги знаел намерите што ги има за мене кои ќе ме унапредуваат и ќе ми дадат надеж во иднината. Наградата за вербата е исполнувањето на иднината во која верував.